Недела на блудниот син

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Полека се подготвуваме за големиот пост, тоа значи дека сме во подготвителниот период од неколку недели. Оваа недела е посветена на евангелската парабола за блудниот син. Оваа парабола, која Богочовекот Исус Христос лично ја кажува, е основното согледување на односот Божји кон Своите деца, односот на Неговите деца кон Него, личносниот однос на децата помеѓу себе, и на овој начин ја согледуваме вистинската суштина за сите нас.

И оваа недела, светата Православна Црква, во подготвителниот период кон великиот пост, ја посветува целата недела на Христовата порака и поука. Тој ни објаснува на овој начин какви сме ние луѓето, и што всушност се очекува од нас во верата. Во оваа парабола ја согледуваме и Божјата љубов кон луѓето.

Луѓето се Божја творба создадени поради Неговата љубов, и Тој вечно ги љуби луѓето какви и да се. Таа величествена и безгранична Божја љубов не значи дека ги оправдува луѓето во нивните грешни животи, туку Тој, како совршен Отец, љуби вечно поради Својата единствена вечна идеја, во која сите луѓе кои Тој ги создава, ги создава со единствена цел да постанат Негови синови. Негово вечно дејство на совршената љубов, постојано еманира кон нас, без престан, во полнотата на совршеноста, бескрајно.

Синовството наше е дар Божји, единствено поради Неговата љубов. Тој нè љуби, и Тој исчекува и од нас слободно да се оствариме како вистински и искрени синови, но не по суштина, туку по Благодатта која Тој ќе ни ја даде. Секако дека нашата волја е пресудна за да постанеме она што Бог посакува и исчекува од нас. Никако Господ нема на сила да нè присоедини во Неговата прегратка, во Неговата заедница. Ние треба да ја согледаме, поимиме, и да ја прифатиме оваа вечна Божја идеја, да постанеме Негови синови, икони Божји.

Оттука, пак, последователно, сфаќаме дека не е доволно само да посакаме и да исповедаме дека тоа го очекуваме. Впрочем, доколку немаме љубов кон нашиот Создател, нема да можеме да се поврземе и да ја оствариме спасителната заедница. Потребно е да ја докажеме нашата љубов кон Господа, на сличен начин како што ја докажуваме вистинската љубов кон своите родители. Љубовта без дела е мртва и не е вистинска.

Вистинската љубов е видлива, дејствена, јасна, конкретна, постојана, без предрасуди, без интерес. Преку начинот на нашето лично однесување во верата, ние ќе ја покажеме својата вистинска суштина. Доколку сакаме, ќе се трудиме да бидеме постојани и конкретни во тоа.

Воздржувањето е основната мерка на доброто однесување. Сепак, не се воздржуваме од страв поради осуда, туку се воздржуваме од љубов кон Господа и кон луѓето, запазувајќи се од лошо однесување, од лоши помисли, од лоши постапки, воопшто од грев, а сето тоа го правиме поради таа вечна љубов која нè ослободува од робувањето на гревот. Па така, во постот преку интроспективното внимание во нашата душа, посилно се поврзуваме со Богочовекот Исус Христос и во таа прекрасна љубовна заедница со Господа, ние постануваме слободни битија, ослободени од гревот. Бог ни ја дарува Неговата љубов, и ние возвраќаме со нашата дејствена љубов.

Љубовната заедница на Господ и светот, се остварува во слободна, вистинска љубов, без интерес, во делата на љубовта. Преку делата се препознаваме. Таму каде што има безусловна љубов, тука е Божјата вистина. Секако дека постот не е единствената и крајна цел во нашиот живот, постот е само помошно средство кон целта, а целта е духовно и телесно причестување со нашиот Спасител Исус Христос.

Параболата за блудниот син, треба подетално да ја анализираме. Толкувајќи ја, сфаќаме дека сите ние со нашето однесување сме блиски до едниот или до другиот син. Во сите нас се крие дуалноста на личната свест, и тоа најдобро се согледува во слободниот избор. Впрочем, личнос која се одликува со слободен избор, прави одлука на припадност. Секој еден од нас се соочува со правото на избор и тука е впрочем моментот на нашето формирање. Дали ќе одбереме да бидеме покајници, свесни за своите гревови, свесни за својата несовршеност, или пак, ќе бидеме формалисти, егоцентрични, себељубиви, алчни, несвесни за својата несовршеност.

Едниот син бил тврдоглав, своеглав, самостоен, блудник, развратник, расипник. Сите лоши особини ги пројавил во еден момент. Се откажал од вечниот бенефит, од вечната радост на заедницата со својот татко, од убавината и раскошот на татковската љубов и на материјалната стабилност, го расфрил и уништил богатството кое го добил од својот татко.

Другиот син бил, умерен, послушен, трудољубив, вреден, формален, традиционалист, прецизен во исполнувањето на сите задачи. Навидум имал добри особини и бил внимателен кон својот дом. Тој на својот татко му вели, во лутина, дека му служи толку многу години и ниту една татковска заповест не прекршил, за разлика од својот брат.

Првиот син бил дрзок и самоволен, па се обратил кон својот татко со желба да го добие својот дел од татковскиот имот и да си оди од своето семејно гнездо, да го оствари својот живот по своја волја. Тој сметал дека неговиот семеен дел од материјалното богатство на татко му, е потполно негова своина која може да ја земе и да ја користи по сопствен критериум. Така и било. Татко му, со голема жал и тага поради оваа синовска желба, но сепак милостив и полн со љубов, ја исполнува желбата на својот син и му го подарува неговиот дел.

Доколку ја толкуваме оваа парабола актуелизирајќи ја во историјата на светот, и доколку го согледуваме овој син како и секој еден човек во светот, ќе видиме дека човекот постојано се конфонтира со Бога, сметајќи дека материјалниот свет му припаѓа како стекнато право. Впрочем, човекот и светот се создадени од иста материја, минливи се и не се постојани. Оттука, можеме да сфатиме дека на човекот ништо не му припаѓа, затоа што ништо не стекнал од тоа што го добил на дар, впрочем, човечкиот живот е дар Божји и воопшто животот и душата на светот се дар Божји. Па сфаќаме дека човекот во својата грешност потполно ја искривува својата свест и затоа го бара она што не е негово.

А другиот син, навидум добар, смирен, и послушен, прецизен исполнувач на татковскиот закон, нема никаква емоција кон својот брат и кон својот татко. Тој формално го исполнува законот на семејната заедница, но воопшто нема љубовни чувства кон брат му и кон татко му. Тој со татко му спори, декларативно му напоменува се што досега работел, и го обвинува дека татко му никогаш ништо не му дал за да се провесели со своите другари.

Овој син, овој човек, постојано формално и традиционално го исполнува законот на Црквата, но во тоа исполнување нема никаква емоција, нема никаков чист љубовен однос кон Господа и кон луѓето, туку има исчекување на Божјата награда поради послушноста во Законот. Тоа значи дека, овој човек немал искрена љубовна вера во Господа, немал послушност поради љубов, единствено имал робовски однос.

Можеме да констатираме дека и двајцата синови, и двете групи на луѓето, не се совршени, не се без грешки. Едните се грешни развратници, другите се формалисти, лицемери, безобразни; совршени луѓе нема. Но сепак, разликата кај двата типа на луѓе е во моментот на крајниот исход. Во момент на искушението, во момент на непријатната ситуација, во момент на провокација, тука се пројавува и новиот момент во свеста на човекот.

Господ исчекува од нас постојано покајание, и единствено со искрено и вистинско покајание, ние ќе постанеме Негови прави синови по благодат. Сите луѓе се грешни, но покајанието е основна добродетел преку која започнуваме да се будиме од грешноста и да се поправаме за да чекориме како деца кон својот родител, да викаме уште од далеку кон својот родител, да се молиме уште од далеку кон својот родител, да плачеме поради тоа што сме го оставиле својот родител грешејќи. Да се каеме што дистрактивно сме го поминале својот живот, расфрлувајќи ја благодатта Божја која сме ја добиле на дар од Бога, а преку покајанието ние ќе егзалтираме повторно кон небеските височини, ширејќи ги своите грешни раце кон бесценетиот и прекрасен наш Родител, Кој нè исчекува со Својата бесконечна љубов, да се преумиме и да сфатиме дека сме погрешиле.

Оној кој има постојано покајание во себе, тој е човек кој тежнее кон доброто. Оној кој има постојано покајание е човек кој е свесен за своите слабости и смиреноумно се моли постојано во себе кон Господа со кратка реченица: Господи, опрости ми на мене грешниот!

Блудниот и грешен син, кој го потрошил татковското богатство во параболата, еднаков е реално со секој еден грешен човек, кој го девастира своето достоинство, ја губи благодатта Божја од себе, во дефицит од животот, започнува да пропаѓа. Но, се пројавува покајанието во него и започнува нов процес на воздигнување од недостоинството во кое што западнал. Со покајанието тој повторно, со солзи, сокрушен, пристапува кон својот дом, молејќи го својот татко, молејќи Го Господа, да се врати повторно во домот, но не како Негов син, туку како еден од наемниците. Неговото покајание, го возрадувало Господа, та го примил повторно во претходното достоинство затоа што понизно пристапил. Без покајание, неможеме да го здобиеме Царството Божјо.

Додека, пак, другиот, бесчувствителен син, формално исправен во Законот, дрско му се спротивставил на својот татко, дрско Му се спротивставил на Господа заради Неговата пројавена милост кон грешникот, кон Својот син, и кон неговиот брат. Така лицемерите постојано постапуваат во Црквата Божја и денеска. Бога Го сакаат само за себе и немаат никакво позитивно чувство кон луѓето. Егоисти и самобендисани, спорат со Господа заради милоста кон грешниците. Впрочем и демоните ги мразат луѓето, затоа што Бог е милостив кон своите сокрушени синови, кои се каат за своите гревови.

Браќа и сестри, запомните дека Господ од нас исчекува покајание за своите лични гревови. Сите сме грешни и тука нема дилема. Нема човек без грев. Ова не значи дека ние треба слободно да грешиме, не, никако. Треба да се согледуваме колку сме нестабилни, и постојано молитвено и покајно, трезвеноумно и смиреноумно, да пристапуваме кон Господа.

Господ да нè благослови.