Недела на Мироносиците

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска ги прославуваме светите жени Мироносици, кои постојано беа покрај Господа Исуса Христа секаде, каде и да одеше Тој. Му прислужуваа и покрај Него беа постојано пред распнувањето, но и за време на распнувањето. Тие беа покрај Господа и кога Тој умре на крстот и кога Јосиф од Ариматеја Го погребуваше во гробот. Тие Го оплакуваа заедно со Богородица прекрасниот и безгрешен Господ Исус Христос. Тие видоа каде и во крој гроб Го положија Телото Божјо, и се вратија во своите домови, да подготват прекрасни мириси, за да се вратат и да го помазаат телото Божјо. Мироносиците беа постојани свидетели на целиот Божји живот во светот, свидетели на целокупниот Негов живот; тие беа свидетели на Евангелието Божјо, на чудата Божји, на љубовната наука Божја. Тие се свидетели на верата, свидетели на милоста, свидетели на добротата, свидетели на спасението, тие се најхрабрите апостоли на вистината.

Сите апостоли се разбегаа и Го оставија Господа да виси и да умира на крстот, од страв се сокрија за и тие да не го искусат истото зло, додека пак, жените не се сокрија, не побегнаа, не се уплашија, тие храбро чекореа и Го следеа Господа секаде, дури и до самиот Негов гроб. Жените Мироносици веруваа, жените Го љубеа Господа, жените не се откажаа од Господа ниту во најтешките Негови мигови, а сепак најтешки и опасни мигови и за нив како следбеници Божји, кои можеа да ја искусат истата судбина. Впрочем нивната храброст е огромна, тие ја имаа силната вера, вера која не се колеба, вера која не се сомнева, вера која не се предава, вера која љуби, која сострадува, тие не беа рамнодушни, туку духовно и душевно учествувале во страдањето на Богочовекот Исус Христос.

Тие, жените Мироносици, се духовни горостаси, кои вистински ја докажувале својата вера кон Господа. Тие својот тропос како однос кон Господа, го поврзале во онтолошка смисла со вистинска љубов, сострадувајќи со Господа, длабоко во себе ја вкорениле и милоста, и како човечки логоси, се поврзале егзистенцијално и со својот извор, со Синот Божји, со Логосот Божји. Нашата вера исчекува дека секој еден од нас, ќе се поистовети со Господ Исус Христос, во Неговите спасителни страдања и во Неговите спасителни дејства, за да може и реално да ја здобие милоста Божја и да воскресне во радоста и спасението во конечниот и последен ден на Страшниот Суд.

Мироносиците внатрешно во своите души и срца, поточно во целото свое битие, учествувале во страшната болка на Исус Христос, спремни да му помогнат во било кој момент, или барем да бидат присутни и со тоа присуство да му ја искажат својата вера и љубов кон Него, љубов која што се изразува преку сострадување и милосрдие.

Љубовта, милоста и сострадувањето не се одвоени и самостојни поими, туку меѓусебно се испреплетуваат во една духовна целина. Љубовта е основата на верата, преку љубовта ние се даруваме кон другиот, ние сме спремни за вистински личносен однос со другиот. Мироносиците, со својата вистинска љубов се поврзале со Господа на начин како што тоа всушност треба и ние денеска да правиме во Црквата Божја, да се поврземе со Господа, но и не само со Господа, туку, еден со друг, сите заедно во Телото Божјо.

Милоста е движење кон љубовта, кон другиот човек кој е наш ближен. Милоста е делотворна тогаш кога се смирува и скрушува кон слабоста на другиот, таа себе се дарува, не бара ништо за возврат, таа сè простува. Делувањето на милоста е прекрасна добродетел, прекрасна емоција со која се поврзуваме со Господа, и во Него, ја доживуваме вистинската Божја милост кон нас, и на тој начин и ние ја шириме истата таа бесконечна милост кон секој еден околу нас, во Црквата Божја.

Состраданието е најдлабок израз на сочувство, затоа што ти ја претвораш туѓата болка во своја, ти се поистоветуваш на духовен начин со страдалникот, ти ја сведочиш духовно болката која другиот реално ја има. Ти учествуваш во болката и маката со другиот, а впрочем, тоа е вистинскиот начин, на кој ти навистина ќе ја докажеш својата искрена љубов со оној кој страда, дека и ти навистина сочувствуваш со неговата болка. На ваков духовен, мистичен и тајновит начин, треба да биде и нашиот личносен однос во верата кон Господа, токму преку љубовта, милоста и состраданието.  Само на овој начин ќе го оствариме својот вистински начин на битисување.

Сочувството е способност да ја разбереш и почувствуваш состојбата на другиот, та и во најпрекрасните мигови на другиот човек, туѓата радост треба да ја претвориме во своја, а не само туѓата болка како своја. Темелот на сочувството е љубовта, та кога е права и вистинска, таа не го одделува другиот од себе, туку го доближува до себе, го прима во своето срце. На тој начин другиот човек сум јас во сите негови животни моменти. Впрочем тоа е вистинската човечност, така прави вистинскиот човек.

Често луѓето воопшто не сакаат да ги почувствуваат во себе туѓите моменти на радост и тага. Тоа е појава на бесчувствителност, на егоизам, на самољубие, на самобендисаност, и жално е и мизерно кога пак вакви лоши појави има помеѓу нас, дури и помеѓу верниците. Туѓата болка да се почувствува како своја, не значи дека тоа е самоволно уништување и разорување на психата, или самосвесно бесцелно душевно измачување. Впрочем, вистинската љубов е дар Божји, таа облагородува, таа ја усовршува душата. Човекот постанува икона Божја, само тогаш кога во себе има многу љубов кон сè и секого околу себе.

Делото на Мироносиците постанало основа за верата, основа за радоста, затоа што преку нивното дело се осознава и Воскресението. Тие жените, први слушнаа за воскресението Божјо, тие први Го видоа Воскреснатиот Христос. Тие први се сведоци на радоста, и на победата. Тие себе се прочистија преку подвигот на љубовта, во подвигот на храброста, сострадувајќи во духовната аскеза, први ја слушнаа веста за Воскресението. Нивниот пат на сочувство, милост, сострадание, ги водел до откровение, до Воскресението.

Љубовта која е делотворна, служи до крај, тој крај не е крај, впрочем, нема крај, во бескрајот на совршеноста, бескрај во вечната љубов Божја.

Имињата на некои од жените Мироносици кои донесоа миро за да го помазат Господа во гробот се: Марија Магдалина, Марија, мајката на Јаков, Марија, жена на Клеопа, Марта и Марија Витаниски, сестрите на четвородневниот воскреснат Лазар, Јоана, Саломија, Сузана.

Браќа и сестри, ете, постулиран е патот на спасението, тоа е патот на Мироносиците, та и ние да го следиме нивниот пример на храброст и непоколебливост, со полно љубов, за да ја докажеме вистинската вера кон Господа. Патот не е фикција, патот на спасението не е теорија, патот не е некаква приказна, патот на спасението е реален доблестен, добродетелен начин на живот, исполнет со голема вера, голема милост, и голема љубов. Се додека не се докажеме во добротата кон сè и секого, нема да го пронајдеме Рајот. Добротата втемелена во Богочовекот Исус Христос, е прав начин во кој треба да постоиме.

Денеска овој ден, можеме да го посветиме и на сите жени, кои трудољубиво и постојано се во светата Црква Божја, кои помагаат во своите црковни заедници, кои се трудат во благолепието на својата Црква, кои имаат љубов кон сите во црковните заедници каде што припаѓаат, и каде што се подвизуваат со прекрасниот подвиг на севкупната грижа, втемелени во добрата вера, љубејќи го Богочовекот Исус Христос.

Христос Воскресна.

Навистина Воскресна.