Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри,
полека го започнуваме подготвителниот период за големиот велигденски пост. Постот го дефинира и нашиот личносен однос кон Творецот, кон луѓето и кон целокупниот свет. Постот е нашето основно оружје против видливите и невидливите непријатели. Но пред сè, постот како воздржание е насочен единствено кон себе, за себе, против своите лични нагони, страсти, мисли, постапки, чувства и сето она, што извира од нас и се пројавува од нас како лично делување во нашиот живот. Секако дека зборуваме за лошите мисли, постапки и дела, кои често ни се случуваат. Со својата лична слободна волја се воздржуваме, внимаваме во своето лично однесување, внимавајќи во својот личен интерен аспект во согледувањето на целокупниот живот и односот кон него, и пред сè, внимаваме во личносниот однос кон Творецот. Но секако, исклучително важен сегмент е надворешниот аспект на соживотот со сите други, потполно внимавајќи на однесувањето кон целокупниот свет околу нас.
Црквата Божја е небоземна заедница на љубовта, и во неа сите сме едно во Бога. Сите живееме за да постанеме едно со Богочовекот Исус Христос, та затоа сите сме едно тело, соединети во љубовта Божја. Постот не е целта, постот е средство со кое се припремаме за да се соединиме со Господ. Целта е соединувањето со Богочовекот Исус Христос, во светата Црква. Постиме за да се подготвиме, се каеме за да се промениме. Сепак, од Господа е спасението, и во Него е одлуката за нашето спасение.
Воздржувањето, постот, како оружје на вниманието, треба да нè насочува кон вистината, кон вистинската фундаментална потреба. Единствената егзистенцијална онтолошка философија за човечкото битие е неговиот Творец. Творецот, пак, нам ни се откри во Синот Божји Исус Христос, Кој се вочовечи и постана еден од нас. Нашиот Закон е Тој, и нашата животна егзистенција е Тој, Богочовекот Исус Христос.
На денешната Света Литургија, во второто послание на светиот апостол Павле до Тимотеј, слушнавме дека светиот апостол говори за неговиот апостолски подвиг и за сведоштвото на неговата вера кое насекаде го докажувал, но пред сè, го докажувал во трпението, прогонствата, во добрите и вистински добродетели. Тој нè поучува дека кога ни е најтешко, кога страдаме, тогаш треба да ја докажеме својата вера. Светиот Павле добродетелите ги докажувал во неговото постојано лично страдање кое го трпел секаде, каде и да одел, и на ваков начин тој ја докажувал својата пламена вера, вера која вистински се докажува само во огнот на искушенијата.
Во историјата на светот, постојано се појавуваат тешките времиња за кои говори светиот апостол Павле во посланието. Тој сведочи за своите прогонства кои ги трпел само затоа што е верник, затоа што ја проповедал прекрасната, мирољубива, спасителна вера, вера која е пред сè и над сè, е исполнета со љубов, љубов кон сите и за сè. Тој Го проповедал Господа Кој му се открил на чудесен начин, во неземниот момент на Откровението Божјо. Тој го проповедал Богочовекот Исус Христос, Кој има неограничена љубов кон сите, та и кон него, како кон грешен прогонител, Господ ја пројавил Својата бесконечна љубов безусловно. Навистина, со каква благодарност светиот Павле ја проповедал таа љубовна вера кон сите други, сведочејќи ја љубовта Божја и кон грешниците. Таа љубов и милост која ја добил од Господа, тој ја ширел и раздавал насекаде околу себе, кон сите.
Господ ги љуби сите и нема никаква препрека во Неговата бескрајна љубов. Не постои непростлив грев за Господа, затоа што совршеноста нема граница и Господ делува од таа совршеност. Не постои човек кој може да биде отфрлен од Бога, затоа што Господ ги создава Своите созданија поради совршената љубов, безусловно.
Но, светот кој отпаднал од Бога, постанал грешен и извитоперен, и така обезбожен и демонизиран поради злото кое владее во него, постојано го мрази својот Создател. Постојано во историјата, светот се бори против Бога, постојано светот „се рита како против бодило“, по светите зборови на Богочовекот Исус Христос, Кој Му ги кажува на Савле на патот кон Дамаск, додека уште бил грешен. Господ му го поставува прашањето на Савле: „Зошто Ме гониш?“ Впрочем, Господ Го поставува ова прашање и на целиот свет.
„А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети“ (2.Тим. 3, 12). И навистина е така, барем така се покажува низ историјата на светот. Богочовекот Исус Христос беше убиен од луѓето, без причина, без вина, поточно го убија поради злото кое владее. Светот во демонизираноста, во својата малициозност, во својата психопатија, во општата пизма кон животот, во меѓусебниот антагонизам, во општата хипокризија, во опсесивно компулсивното лудило, дистрактивно го расфрла своето човечко достоинство. Конспиративно организиран, латентно демнее со својата ксенофобија, спремен инфламативно да го разгори пламенот на злото, и да го уништи секој еден пример на Божјото добро.
Господ е со нас постојано, до крајот на векот. Кој верува во Бог, ќе ја има во себе и силата Божја, и ќе биде храбар, затоа што храброста ќе ја добие како дар Божји. Господ е со нас постојано во Црквата Божја. Пристапете сите со страв Божји, вера и љубов, да се соедините со Богочовекот, за да постанете достојни луѓе, да постанете добри луѓе. Квалитетот на доброто ќе го примиме во себе, преку причестувањето со нашиот Спасител Исус Христос.
Оваа Недела е посветена на митарот и фарисејот, та затоа и денеска на светата Литургија го прочитавме делот од светото Евангелие, каде што се споменува параболата за митарот и фарисејот, изговорена од Богочовекот Исус Христос, Кој постојано ги поучувал луѓето преку параболи индиректно, или по некогаш и директно укорувајќи ги.
Оваа парабола е од исклучително значење за сите нас. Сите ние треба добро да ја анализираме, за да се пронајдеме во која група припаѓаме, дали во групата на митарот или во групата на фарисејот. Во оваа парабола се пронаоѓа суштината на нашата перцепција кон верата. Имено, луѓето се делат на благодарни, смирени, кротки, исполнети со покајание, и на неблагодарни, горди, осудувачи, критичари, без покајание. Впрочем, оваа парабола го прикажува човечкиот однос кон Господа, и ги истакнува човечките принципи во верата.
Фарисејот горд, себељубив, егоист, критичар, но, во оваа парабола тој му благодари на Бога. Оттука ќе помислиме дека тој е всушност добар човек штом тој знае да Му благодари на Бога. Но, веднаш потоа, после благодарноста која ја искажува, согледуваме впрочем зошто тој Му благодари на Бога. Тој по сопствениот критериум вели дека е добар човек, и уште благодари што не е како сите други грешни луѓе, нагласувајќи ги сите лоши особини на другите луѓе. Фарисејот ги нагласува пред Господа лошите особини на другите луѓе, како судија кои ги открил сите недостатоци, и ги предочува пред Господа како факти и докази поради кои е убеден, дека Господ сигурно ќе ја заземе неговата страна како добра и совршена. Тој себе се воздигнува пред Господа, и ја докажува со факти својата „чистота“ во животот, а со тоа тој бара она што му следува, она што тој треба да го добие од Бога како плата за неговиот добар и чист живот.
Митарот – цариникот, пак, понизен, кроток, смирен, во покајание се удираше в гради како израз на искрено покајание, велејќи: „Боже, биди милостив спрема мене, грешниот“. Тој немал што да каже, немал смелост да разговара со Господа, немал ништо со што можел да се пофали пред Господа, освен да се кае за својот грешен живот, смирувајќи се пред бесконечната совршена величина Божја. Господ е совршена правда и пред таа правда, овој цариник, немал никакво оправдување за својот грешен живот, освен да моли за прошка. Понизен, смирен и кроток, паднат на колена поред фарисејот, без да ги подигне очите кон небото, во себе тивко се молел за опростување на гревовите.
Господ вели: „Секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен“ (Лука 18, 14).
Господ е Тој Кој го гледа срцето на човекот, Тој ги гледа помислите на човекот, чувствата ги знае, сè знае. Тој е Бог и ништо не е сокриено пред Него. Тој е асполутна моќ, која подразбира сè возможно. Господ го исчекува смирението на човекот, го исчекува покајанието на човекот, ја исчекува слободната трезвеноумна свест, да признае дека е несовршено и нестабилно битие, и дека неговата единствена онтолошка егзистенција е во Бога. Со Бога човекот ќе биде добро битие, без Бога човекот ќе биде лошо битие.
Доколку човекот смета дека може самостојно со своите сили да го условува Бога за своето спасение, тогаш тој полудел во својата свест. Доколку смета човекот дека осудувајќи ги другите, ќе може да напредува пред Бога, и тоа е нечиста свест. Кога човекот ќе помисли во себе дека го исполнува критериумот за спасение, та започне да сугерира на Господа за да ја добие својата заслужена плата, тогаш тој човек навистина греши. Никогаш нема да бидеме толерирани пред Господа кога ќе ги осудуваме другите луѓе во нивните грешки. Затоа што од нас се бара единствено само смирение, трпение и покајание. Од нас не се бара критика, туку се бара понизност и смиреноумие.
Браќа и сестри, Господ нè повикува во оваа парабола да ја согледаме вистината и она што се бара од нас. Од нас се бара кротост и покајание, за да можеме да бидеме добри луѓе. Од нас се исчекува потполно смиреноумие, со кое никогаш нема да се превознесуваме и нема да се поставиме на некаков пиедестал. Ние треба да го држиме својот ум во пеколот, и да не очајуваме со вера во Бог, како што вели еден познат светогорски светител, светиот Силуан Атонски.
Да бидеме свесни дека нашите гревови се тешки пред совршената величина Божја и да не очајуваме, да имаме вера, да имаме покајание, но не да имаме дрскост со која ќе можеме да ги осудуваме другите, па какви и да се тие. Ние треба да се молиме и да не очајуваме зашто сме грешни и ништо повеќе од тоа. Да, грешни!
Секој од нас треба да вели постојано: Јас знам дека јас сум грешен, но не знам каков е другиот, не знам, и за другиот не ме интересира! Сите други се подобри од мене! Да, подобри се! Господи опрости ми на мене грешниот! А сите други, Господи, награди ги со Твојата велика милост!
Нашиот живот со нашите дела е лично наш и секој лично ќе одговара пред Господа. Никој нема да одговара за другиот, и никој не е повикан да одговара за другиот, ниту пак ние можеме како грешни и нестабилни, несовршени и смртни, да Му сугерираме на Господа во Неговиот совршено праведен Суд.
Господ нека нè вразуми и благослови. Амин.
