Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Православната наша вера е конципирана во фундаменталното заедништво, пред сè, во личносниот небоземен и нај позитивен сојуз помеѓу Бог и човекот, а потоа, во заедницата на Црквата со Бог. Црквата е, впрочем, самото Тело Божјо, та секој кој се причестува со Телото Божјо, постанува и дел од целокупното единство на сите членови кои ја формираат светата Црква. Тоа единство не ги укинува биолошките наши разлики, ниту пак менува национална, етничка или расна припадност. Заедницата ги контемплира разликите во себе, та сите земски разлики, постануваат ирелевантни, во единството со Бог.
Црквата е наднационална, надетничка и надрасна заедница. Разликите наши, секако дека се нашиот украс во земската конотација, тие се нашиот земен идентитет, исто како и надворешниот изглед, но сепак, егзистенцијалниот наш духовно-душевен идентитет, како фундаментална определба, припадност и намена поради која сме создадени, е во Бог. Нашата Црква е соборна заедница и сите ние верниците, членови, учествувајќи активно во животот на црквата, добиваме можност за спасение. Тоа значи дека, човекот онтолошки себе се препознава и остварува како вечно битие, единствено во лоното на спасителната црковна заедница, во директната заедница со Бог.
Денеска се празнува победата на нашето православно исповедање на нашата прекрасна вера. Денеска се празнуваат светите отци собрани на шестиот Вселенски Собор, кои биле вистински исповедници на нашето православно учење. Овие свети отци кои денеска ги празнуваме, се бореле против две ереси кои тогаш во седмиот век, го возмутувале лоното на светата црква. Имено, моноенергизмот и монотелитството како криви учења, ја валкале црквата Божја. Еретиците го валкале образот на Синот Божји, Кој ја возглавува Својата прекрасна Црква. Ја валкале Личноста на Синот Божји Кој се овоплотил и постанал човек на таинствен и несознаен начин за нас луѓето, раѓајќи се во времето, во историјата, та воедно делувајќи во светот физички и надвор од светот метафизички, во исто време, во Богочовечката Личност на Исус Христос, со Своите две различни и неслиени природи. Во Црквата Божја преку делувањето на Божјата благодат и со откровението Божјо, ни се пројавуваат и откриваат прекрасните тајни Божји на Божјата икономија.
Двете еретички, криви и расипани учења, директно се насочени против вистината кон Синот Божји. Овие две Христолошки ереси, го искривувале вистинското и право поимање кон Богочовекот Исус Христос, и ги валкале догматските вистини за Неговото Богочовечко Битие.
Догматските вистини на нашата вера, како постулати на верата, се донесуваат во заедницата, во лоното, во единството на светата Црква, светотаински остварена, преку наитието на Светиот Дух, Кој во заедницата на соборноста ги инспирира и облагодатува светителите, нашите застапници. Светата наша Црква е облагодатена и осветена од Светиот Дух, оформена и отелотворена од нашиот Бог Исус Христос, создадена во времето поради самата вечна Божја идеја, која се пројавува во Господ Бог Отецот, во беспочетокот на вечноста. Целата Света Троица преизобилно, совршено и потполно е присутна во светата Црква во историјата на своето постоење, од создавањето во времето па сè до свршетокот на векот. Светата Црква е светотаинска структура на небоземното Тело Божјо, сплотена во Телото Христово, постојано харизматично инспирирана од Светиот Дух, вечно постоечка во идејата на Бог Отецот.
Светите отци ги поставиле темелите на православното учење во Богочовечката Личност на Исус Христос. Имено, ереста на моноенергизмот говори за една енергија во Исус Христос. Едно дејствување на една и единствена енергија која се излива од Богочовекот Исус Христос. Додека пак, вистината е друга, православното учење кое го формулирале и постулирале светите славни отци на шестиот Вселенски Собор, вели: Богочовекот Исус Христос има две енергии, две сили во Себе, неслиени, делувајќи одвоено и подеднакво во Личноста на Исус Христос Кој е совршен Бог, и совршен човек, Кој има две енергии, две дејства, една Божја и друга човечка.
Другата ерес на монотелитството говори дека Христос во Себе има само една волја. Многумина не прифаќале дека во Христос постојат две природи, та поради тоа, Патриархот Сергиј I, инсистирал на некакво преодно решение во кое тој истакнува во својата ерес дека Христос има две природи, но една волја. Сепак, православното вистинско догматско и непогрешно учење вели: Исус Христос во Себе има две природи и две волји. Тој е совршен Бог со Својата Сепремудра Волја и совршен човек со Својата човечка волја. Делувањето и дејствувањето на двете разлики, во Богочовекот Исус Христос се во единството на Неговото небоземно Битије, Битије кое има две природи, две дејства, две сили, и две волји неслиени во Неговата Пресвета Личност. Една Богочовечка Личност која ги поддржува и штити, негува и прифаќа, остварува и осмислува во Себе, не укинувајќи ништо од двете природи, со сите целокупни својства, со одвоени карактеристики. Тој делува како Бог, но исто така, делува и постои како вистински, потполн човек.
Совршениот Бог во Себе прима и додава нова човечка материјална природа која сопостои како сопричесна на Неговата Божја природа, но неслиено една во друга, подеднакво исто; почитувајќи ја смртната природа, воздигнувајќи ја од несовршена во совршена, додавајќи ја во Себе, единствено поради љубовта која ја има во Себе, преку која создава и преку која делува. Љубовта од Себе несебично ја подарува и кон светот, излевајќи ја.
Богочовекот Исус Христос има две природи, со подеднакво различно делување на тие две природи, две енергии и две различни волји во една личност. Та ова е тајна велика, која единствено се остварува во Бог и преку Бог. Бог ја возљуби Својата творба и ја создаде со единствената Своја намера, за да ја направи сопричесна во Него, вечно да коегзистира со Него. На Бог не Му треба дополнување поради некаков недостаток, впрочем, Бог е сесовршен и апсолутен. Неговата апсолутна љубов нема граница и нема ограничување, та тоа што е безгранично има единствено својство да се шири и прелива преку Него кон созданието, кон творбата.
Творбата е вечно во Бог, во Неговата вечна идеја, прототипно формирана во Синот Божји, а создадена во светот во времето и историјата. Светот, творбата, материјата која иманентно сведочи за Својот Творец, богословски се конципира во тој меѓусебен однос, во таа меѓусебна заедничка корелација на Божјата Волја и човечката волја. Бог не е зависен од човекот, додека, пак, човекот е зависен од својот Творец. Човекот е смртен и несовршен, но создаден и повикан од Бог, за слободно да прифати да сопостои со Него во вечноста. Следствено, за да биде вистински обожена човечката природа, тоа мора вистински потполн човек да посака и да го прифати Домостројот на Божјото спасение, за да биде спасението вистинско. Бог се отелотворува, вочовечува, постанува истоветен со секој човек, потполн со сите човечки карактеристики, со слободна човечка волја, и со човечка сила и енергија. Тој е една личност, која контемплира во Себе и едно и друго, подеднакво, неограничено, неслиено, невпиено, потполно одвоено и совршено.
Догматиката како теолошка наука, ја пројавува во себе вечната суштина, спекулирајќи ги теориите за вистината во која веруваме. За нас верниците Божјата вистина е фундаменталната вредност која онтолошки нè доведува до спознанието на нашето егзистенциално постоење. Господ е нашиот Творец, та вистината која извира во Него, ја восприемаме на чудесен, светотаински и откровенски начин, преку Благодатта на Светиот Дух, озарувајќи нè, умудрувајќи нè, во заедницата на едната, соборна, апостолска и светоотечка црква.
Светите отци се стожерите на Црквата. Преку нив, во нивните дела и учења, ние ја согледуваме вистината, та секако дека, истата таа вистина и нас нè озарува, нè просветува, за да можеме да ја контемплираме. Доколку ние не бидеме озарени од Благодатта Божја, тогаш нема да можеме самоволно, со својата ограничена човечка сила, да ја спознаеме вистината.
Колку и да се трудиме, дури и да имаме највисок коефициент на интелигенција, сепак само со нашето ограничено поимање, нема да успееме да се приближиме до Божјата семудрост и Божјата семоќ. Та поради гордоста мајката на сите зла, превознесувајќи се единствено со својата сила, но не совршена сила, мала и бедна, ќе западнеме во криви учења, во ереси и во сатански контемплации.
Соборноста е нашата суштина во која се остваруваме како чесни, добри и прави луѓе. Прав човек е тој кој е исполнет со Благодатта на Светиот Дух, та ја шири таа Благодат кон сите и кон сè. Љубовта нè облагородува и љубовта нè соединува. Соборноста на нашата Црква е нашата спасителна заедница. Единствено во заедница на светата Црква ќе се спасиме. Секако дека Богочовекот нè спасува, Тој е нашиот Спасител, Тој е во Неговата црква со Своето Тело и секој кој Го прима тоа Тело, постанува вистински дел на тоа Божјо Тело и на тој начин, Црквата Божја нè спасува.
Светите отци на светата апостолска, соборна, и Божја црква, ги поставуваат темелите на вистината, соборувајќи во Светата Литургија која го иконизира и претставува Царството Божјо. Светата Литургија е откровенска, светотаинска заедница на небоземниот сојуз. Бог несебично ја подава Својата бесценета рака кон светот, а творбата со потполна доверба го прифаќа тој бесценет дар; ја прифаќа таа велика и чудесна награда, награда која не е стекната, и не се стекнува автоматски. Впрочем, личната волја на Бог и личната волја на човекот, го создаваат спасителниот сојуз. Бог подарува, а човекот посакува, трудољубиво докажувајќи се, го восприема дарот.
Браќа и сестри, нека ни е честит денешниот ден, нека ни биде на здравје и спасение светото Причестување со нашиот Господ, та сите кои учествуваат во молитвите на Светата Литургија, нека бидат благословени. Амин.
