Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа Воскреснатиот, браќа и сестри.
Четвртата недела после тридневното Воскресение Господово, светата Божја Црква, ја посветува на Раслабениот човек, кој триесет и осум години лежеше неподвижен, во бањата Витезда, очекувајќи го своето исцеление, очекувајќи ја милоста Божја, но пред сè, очекувајќи ја човечката милост на луѓето околу себе, на луѓето со кои го делел истиот животен простор, со сограѓаните кои, секако, ги познавал, за да му помогнат да влезе во чудотворната вода. Тој во бањата Витезда бил опкружен со луѓе, но истите луѓе не сакале да му помогнат. Луѓето кога свесно немаат милост и сочувство, постануваат нелуѓе. Постојано сме опкружени со два типа на луѓе, на оние кои прават добро и на оние кои прават зло. Гревот е деструктивна свесна волја на човекот, кој поради тоа, го девастира својот живот и поттикнува болест.
Сите ние сме раслабени поради гревот кој владее во нас. Раслабеноста воедно го напаѓа целокупно човекот, и телесно и духовно. Гревот ја девастира нашата материјална природа и ги пројавува телесните болести. Поради првородниот грев, создадената материја постанала смртна, и пропадлива. Поради гревот природата сè повеќе ја губи својата сила и пропаѓа во аномалиите кои се создаваат како резултат на злото. Болестите кои се пројавуваат во светот се одраз на паднатата човечка природа, која се повеќе врши насилство кон самата себе.
Колку повеќе се истакнува гревот во светот, толку повеќе природата ги пројавува автоимуните болести и состојби, преку кои автодеструктивно самата себе се уништува. Овие нарушувања исто така пројавуваат и хронични болести кои се шират во светот. Она што ние постојано не сакаме да си признаеме е дека целиот свет е една и иста материја. А таа наша заедничка природа е органски систем, биолошки поврзан во целина, општо организиран, динамички функционирајќи во една заедничка енергија, регулациски и комплексно поврзан, со заедничкиот живот во светот. Сите ние сме дел од едниот и ист жив организам (природа), во светот. Природата е еднаква за сите и тогаш кога и мал дел од природата страда, тогаш и целиот организам страда, поточно, целиот организам се разболува. Кога умира и мал дел од природата, тоа е загуба за целокупната природа, затоа што умира впрочем таа самата.
Никогаш не смееме природата да ја гледаме како нешто што е самостојно од нас, поразлично и туѓо од нас. Природата не е некаква засебна материја, која е поразлична од некакви други паралелни природи кои сопостојат еднакво во ист момент. Природата е една и иста во светот, една и иста за сите, и за сè.
Природата е создадена за да биде возглавена или поточно, да биде оплеменета со душата која како свесна духовна енергија, ќе ја одржува во живот. Но во каков живот? Секако, достоинствено, благородно, чесно, чисто… на ваков начин, душата треба да ја носи својата природа и да се грижи за неа. Природата е создадена како Божји дар, и разумната душа е создадена за да биде свесен и достоинствен нејзин носител. Природата е создадена за да сопостои со животната самосвесна, разумна душа, за да биде и самата природа учесник на добротата, учесник во вечниот живот.
Достоинственото однесување на свесната душа подразбира самопочит, чест, мир и внатрешна стабилност, без понижување, без поништување, без губење на морален вечен квалитетен став. Благородноста подразбира однесување со добрина, великодушност, човекољубивост, позитивен и прекрасен однос кон сè околу себе, низ жртва, милост и сочувство.
Оттука пак можеме да заклучиме дека етиката како философска наука за моралот, која го проучува човекот со неговите личносни однесувања, таа го подразбира единствено, неговото добро и чесно однесување. Човекот, со својата подарена личност, како разумно битие, ја има исклучителната улога во светот, да се грижи на нај добар можен начин за светот, за целокупната природа. Во овој контекст, секако го подразбираме високото моралното однесување низ чесноста и сочувството.
Од теолошки аспект согледувајќи ги нештата за кои говориме, достоинството произлегува од тоа што човекот е создаден „по образот и подобието Божјо“. Оттука веќе нештата ги согледуваме во контекст на Божјиот дар кој се остварува единствено поради бесконечната и совршена Божја љубов. Божјата љубов е изворот на доброто, а всушност, самиот извор е совршениот Бог. Тука веќе, сфаќаме дека Бог е нашиот извор, и примерот за нашиот живот. Бог е нашиот животен принцип.
Нашата вера која ќе ја пројавуваме со голема верност и доверба кон Господа, ќе ја пројавува всушност, нашата добра и чиста одговорност кон сè околу нас. Благородноста како пројава на љубовта, ќе се истакнува во милоста, жртвата и сочувството кон целокупната природа. Човекот нема да живее саможиво со себе, во себе, туку, ќе се дарува на другиот човек, на другите луѓе и на целата природа. Високиот морален кодекс, всушност, ќе биде единствено чист љубовен однос кон сè и секого. Тоа е прекрасната љубов Божја која ќе се пројавува од него, од човекот, како од вистинска жива икона Божја, и ќе се прославува и велича Божјата љубов, агапе.
Достоинството е вечен однос, онтолошка основа на човекот поврзан со Господа, впрочем, достоинството го рефлектира Божјиот вечен дар за човечкото создавање и постоење. Благородноста е етичка норма на егзистенцијалниот однос кон Господа, и преку таквиот однос, рефлективно, одразно, кон целокупниот свет. Нашиот тропос како севкупен личносен однос кон Господа, како битисување, ќе се одликува во светоста и ќе се пројавува во добротољубивоста кон светот. За да се оствариме како вистински луѓе, треба да го синтезираме вистинскиот богољубив начин на живот во добротољубието, како тропос на нашето битисување, со дарот Божји кој сме го добиле како логосни битија, за да се поврземе вечно со единствениот и совршен Логос Божји, со Богочовекот Исус Христос. На овој начин ќе постанеме вистински икони Божји.
Раслабеноста, пак, на нашите души и тела поради гревот кој владее со нас, ја лечиме денеска во нашата бања Витезда, а тоа е нашата света Црква Божја. Преку светата тајна покајание, во светата Црква Божја, ние пристапуваме кон целебниот извор, кон егзистенцијалниот наш извор, а тоа е Воскреснатиот Господ Исус Христос. Светата Црква Божја е изворот на постојаните енергии Божји кои се изливаат, еманираат од вечниот Бог кон светот, пројавени во врутокот (врелото) на лечилиштето, во црквата Божја. Светата Црква Божја е самото Тело Божјо, та секој кој ги вкусува светите тајни Божји, светите Богочовечки Тело и Крв, тој ја има таа привилегија да биде вечно, постојано во самиот извор на спасението.
Господ го исцелува болниот и неподвижен човек и му вели, а преку него воедно, и нам Господ ни вели: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ (Јован 5, 14).
Секој еден грешен и раслабен човек, кој самосвесно пристапува со покајание во светата Божја Црква, тој со искрена вера пристапува кон прекрасното лечилиште, каде што пристапуваат грешните и болни луѓе, а за да добијат уште веднаш вечно спасение. Светата Црква Божја е светотаинска заедница помеѓу Богочовекот Исус Христос и луѓето. Црковната заедница се остварува во еднотелесноста помеѓу сите тие кои го исповедаат Господа Исуса Христа и ја љубат Божјата света Црква, впрочем, ги љубат сите членови на таа света заедница, но и уште повеќе и уште пошироко ја пројавуваат својата љубов, та го љубат и целиот свет.
Во Црквата Божја пристапуваме со голема љубов кон секој еден кој е дел на светата заедница. Во светата црква, нашиот пристап е личен, но пак, пристапуваме со единствената намера, да ја оствариме спасителната животворна заедница со Господа, пристапувајќи во заедницата и со сите други луѓе, кон сите, затоа што всушност, заедницата вистински и чисто, ја пројавува љубовта во која сме сплотени, а тоа е Благодатта Божја. Спасението не е единствено и засебно, тајно или привилегирано кон единката надвор од целокупноста, туку, нашето спасение е во љубовната заедница, и се огледа во онтолошкиот однос кон Господа, и кон сите. Нашето квалитетно битисување всушност, треба да ја одразува нашата онтолошка посветеност во егзистенцијалниот Богочовечки организам.
Браќа и сестри, Богочовечкиот организам е една и единствена, сплотена, светотаинска заедница. Богочовечкиот организам е чудотворната бања Витезда. Сите заедно, во Црквата Божја сме едно Тело Божјо, Кое е едно за сите. Сите заедно во љубовниот однос се претставуваме пред Господа. Љубовта Божја мора да се посведочи, а ја сведочиме не за себе, и кон себе, туку, ја сведочиме кон другиот, за другите, внимавајќи еден кон друг, однесувајќи се со бескрајна љубов и почит помеѓу нас. Нашиот личносен однос да биде полн со љубов, за да ја докажеме нашата вистинска вера. Верата во Господа се докажува само преку љубовта кон Господа, но и кон секој еден друг во светот.
Бидете благословени од сега и до века.
Христос воскресна.
Навистина воскресна.
