Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денешната недела е посветена на жената Самарјанка, жена која се одликувала со чисто срце и со искрена вера во Бога. Неделава е посветена на чистото и нелукаво срце, кое е подготвено постојано за Божјото Откровение. Во тоа време, Самарјаните имале нечиста вера, вера полна со разни додатоци од другите култури и религии со кои живееле на истиот простор. Но сепак, пред сè, едно нешто е фундаментално важно пред лицето Божјо, а тоа е чистото срце, срце исполнето со добрина и милост. Самарјаните како народ биле маргинализирани од страната на Јудејците, отфрлени од Јудејската синагога, отфрлени од нивното општество, обележани и деградирани, но сепак тие се истакнувале со кротост и смирение.
Смирението кај човекот во светот често се пројавува тогаш кога е понижен и отфрлен од општеството, или пак доколку има некаква своја мака и искушение, доколку страда на некој начин. Но сепак, вистинското смирение секогаш треба да биде постојано во перцепцијата и тогаш кога сè е добро, кога е пројавено во искрената вера; та таквото смирение е вистинско пред Господ, и ќе се пројави како исклучителна добродетел.
Смирението не смее да биде некакво трпение и исчекување за одмазда, или исчекување на животна благосостојба во материјализмот, тоа не е смирение. Смирението подразбира да го прифатиме животот онаков каков е, пред сè со сите радости, но и со сето она што се случува, постојано кротко, благодарно и молитвено. Смирениот човек смирено, кротко, верува постојано во секој момент, благодарејќи Му на Бога за сè, благословувајќи Го Господа во секој момент. И кога е радосен, тој смирено ја прима радоста и Му благодари на Бога за тоа. Смирението е велика добродетел на верата во Богочовекот Исус Христос. Смирението е нашиот темел во личносниот однос кој го креираме во заедницата со Бога.
Во овој контекст на вистинското смирение, Самарјаните биле смирени, иако деградирани, верувале во Господа, исполнувајќи го Божјиот Закон со љубов кон секого.
Христос дошол со Своите ученици на Јакововиот извор, во Самарјанскиот град Сихар; кога пак учениците негови отишле во град да купат храна, останал сам, и тогаш дошла добрата Самарјанка Фотина, со која Тој прв започнал разговор.
Тој и вели: „Дај Ми да пијам!“ (Јован 4,7).
Таа била изненадена од Христовата смелост и слобода кон неа за да разговара, затоа што тој Јудеец, по правилата на Јудејскиот закон, никако не смеел да стапува во било каков личносен однос со Самарјаните, ниту пак да стапнува на нивната земја. Таа кротка и културна, го прашува како тоа да бара од нејзе вода. Таа била кротка и смирена, внимателна, знаејќи ги правилата, се чудела на Христовата храброст да разговара со неа.
Христовата мисија да ја шири Божјата наука била насочена кон сите народи, кон сите луѓе кои ќе поверуваат во Бога со чисто и мирно срце. Христос неретко ги истакнувал Самарјаните како вистински луѓе во кого има емпатија и сочувство, во кои има искрена вера, во кого има чиста љубов. Тој многу пати директно им контрирал на Јудејците така што ги истакнувал како лицемери, злобни и расипани. Тие кои себе се сметале за праведни и добри, Господ ги отфрлил, додека пак тие понижените и отфрлените во светот, Господ ги воздигнал и ги утешил.
Христос суштината на верата ја постулирал како пример во однесувањето на Самарјаните. Неговите суштински беседи и поуки биле втемелени во искрената човечност на Самарјаните. Експлицитно за тоа како нив ги согледувал е директниот пример кога Тој Самиот Себеси се претставил како милостив Самарјанин, во една од најважните Негови параболи, кога го подучува народот за тоа што е најважно да прават едни кон други. Богочовекот Исус Христос нè поучувал дека, пред сè, во нашата вера, најважно е да имаме чисто, облагородено срце, полно со милост и добрина, полно со вера и љубов. Впрочем Тој Самиот е прекрасното срце, љубовта, милоста, добротата, сочувството, емпатијата, сострадањето, помошта…
Светата Самарјанка Фотина е претставничката на добрата вера, нејзината душа е добра почва, во која Христос го посеал семето на благодатта. Во неа тоа семе, веднаш изникнало и дало видливи плодови. Преку нејзе поверувале и многумина други и дошле на изворот да Го видат Исуса Христа, Месијата, Синот Божји.
„И мнозина Самарјани од оној град поверуваа во Него поради зборовите на жената која сведочеше: Ми кажа сè што сум направила. Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена“ (Јован 4, 39-40).
Жената откако видела дека Тој е Пророк, го посведочила како пророк, поради тоа што Тој ѝ го открил нејзиниот живот. Но, го прашала и едно многу важно нешто, имено, на кое место треба да се поклонуваме и да принесуваме дарови кон Бог. Дали треба тоа да го правиме на планината Геризим каде што бил изграден древниот храм, или пак тоа треба да го правиме во Ерусалим.
Ова прашање на Самарјанката, и сите други луѓе го поставуваат, и тоа е прашање на личното перцепирање и правилното исполнување на верата; исчекувајќи го одговорот од Господ за конкретното централно место на нашето поклонување пред Него. Исус Христос во Својот одговор ни ја објаснува суштината на нашата вера и начинот на принесувањето на нашата молитва кон Бог, во секое време. Тој и објаснува на Самарјанката, дека човечкото поклонување кон вечниот Бог нема да биде кон некое земно место, или во некаков Божји земен центар каде што Тој само таму пребива. Нема да биде служењето кон Бог формално. Впрочем, нашето лично славословие кон Господ ќе биде првенствено во нашите души. Затоа што Бог е Дух и ние во своите души, првоначелно и суштински духовно Му се поклонуваме.
Првенствено ние треба да Го препознаеме својот Творец во своите души. Во нашата душа се остварува личносниот контакт со Бог; во нашата душа се остварува Новиот Завет со Богочовекот Исус Христос. Верата е во нас, и во нас се изразува, прво интерно, внатрешно во себе, во својата тивка и лична молитва.
Нашето тело е всушност нашиот личен храм Божји. Бог ја создал целокупната материја, целокупната природа, та од таа материја, од истата природа, од земниот прав, Господ го создал телото на Адам и го нарекол „Адамах“, а тој збор на хебрејски значи земја. Печатот Божји на Неговото креативно создавање е во нашата природа, во нашето тело. Тој е прекрасен уметник Кој нè создал вакви по Неговата Пресвета волја и по Неговата вечна идеја. Во нашето тело се принесува нашата лична молитва и се врши молитвената служба кон Господ. Нашата слободна волја го принесува своето целокупно човечко битие во својот храм Божји, во своето тело, додека во душата која е всушност олтарот на храмот, свесно и слободно со својата волја го остваруваме личносниот однос со Бог, и го формираме заедничкиот сојуз на Новиот Завет.
Нашата душа е првоначалното наше место на верата, молитвено разговарајќи со Бог, докажувајќи се пред Господа. Господ ги гледа нашите души и нашите срца. Доколку ние во себе Го примиме Духот Божји, тогаш ние каде и да бидеме, ќе го сведочиме образот Божји. Облагодатени од внатре, во нашите души, ние ќе се осветиме. Треба да тежнееме внатре во себе да се осветиме, за да нè препознае Бог како Негови икони, и да нè признае како Негови чеда.
Чистото срце и добрата вера на светата Фотина Самарјанка, облагодатена со Божјата благодат, се покажала како плодоносна смоква која веднаш родила прекрасни плодови. Таа се вратила во град после разговорот со Христос, сведочела на луѓето и Го објавила долгоочекуваниот Месија. Па преку нејзе поверувале многу луѓе и дошле со неа повторно кај Христос и тие да се уверат. Плодот на верата се распламтил и преку неа стасале и други плодови во нивата Господова за да се жнеат. Света Фотина била спремна за Господа во својата душа, но и многу други Самарјани биле спремни за прифаќање на Божјото спасение. Навидум тие луѓе кои биле отрфлени и одлачени од Јудејската синагога, поради нечистотијата на верата, тие всушност биле восприемчиви за Божјото Откровение. Додека пак Јудејците, кои себе си се сметале за безгрешни и свети, тие биле не свети пред Господа.
Господ им говори во парабола на апостолите дека стасале нивите за жнеење, мислејќи за искрената вера на Самарјаните, кои поверувале во Синот Божји, и дарот на љубовта Божја кон тој народ, се пројавила веднаш како чист и созреан плод во нивната искрена вера. Додека Јудејците биле тврди како камен во срцата нивни, другите биле полни со милост. Додека Јудејците постојано внимавале формално на исполнувањето на законот, биле далеку со срцето од Бог. Додека пак Самарјаните со милостивото срце, биле прави исполнители на Божјиот закон. Јудејците бесчувствително се однесувале кон луѓето, та затоа Бог ги укорува и ги нарекува гробови варосани. Додека пак, Самарјаните со вистинската љубов кон луѓето, се докажуваат како синови Божји.
Браќа и сестри, да бегаме од празната формалност, да бегаме од безчувствителноста. Формата е секако нашиот патоказ во верата за да не застраниме, но во рамката на Законот, мораме да пристапиме со чисто срце, со искрена емоција, со многу љубов. Нашата суштина е љубовта, Бог е љубовта. Та ние во Богочовекот Исус Христос постануваме еднакви, преку Него постануваме Едно Тело, Негово Тело; постануваме преку Него Тело Божјо. Со Духот Божји се сплотуваме сите помеѓу себе и во Духот Божји се препознаваме помеѓу себе. Христос е во нас, и ние сме сите Христови, та сите сме едно во Него. Затоа да се љубиме еден со друг и да немаме помеѓу себе раздор и непријателство. Христос за нас се роди во овој свет, страдаше поради нас, умре поради нас и воскресна поради нас. Љубовта е својството Божјо и Неговото дело. Да имаме љубов помеѓу себе.
Господ да нè благослови. За многу години.