Недела на Самарјанката

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа Воскреснатиот, браќа и сестри.

Денеска светата Црква Божја ја посветува оваа недела на светата Фотина Самарјанката, која ја докажала својата искрена вера кон Господа кога разговарала со Синот Божји. Денеска, експлицитно се прославува името на Самарјаните како народ. Тие биле искрени во срцето, искрени во душата, имале вистинска љубов кон другите луѓе, а всушност, тоа Господ го исчекува кај секој еден од нас.

Господ исчекува од нас љубов кон другиот човек. Та затоа Господ, многу пати, Ги истакнувал Самарјаните во своите поуки поради милоста и љубовта со кои се одликувале, за разлика од Јудејците. Но секако, тука веднаш мораме да нагласиме дека, Господ не ја оправдувал искривената вера на Самарјаните, никако. Тоа што Тој како народ ги истакнувал, само сакал да нагласи дека, тие иако биле отфрлени и презрени од „чистите Јудејци“, Тој нив не ги отфрлал. Јудејците пак биле формалисти во Божјиот Закон. Тие ги осудувале сите луѓе кои не припаѓале во Јудејството, со истакнат и експлицитен анимозитет, нивната вера не била вистинска љубовна вера, затоа што во неа немало љубов кон другиот човек како кон чедо Божјо. Тие отворено ги мразеле луѓето. Поради ова, Господ постојано им велел на Јудејците дека се празни лицемери, кои само формално и бесчувствено ја практикувале верата, како некаква празна религија.

Во педесеттиот покајнички и молитвен Давидов псалм, се вели: „Создај чисто срце во мене, Боже, и прав дух стави во мене“ (Пс. 50, 10). Ова е многу важен стих од целиот псалм, затоа што на ова место се потврдува каква треба да биде нашата вера, дека таа не треба да биде формална, ладна, празна, или пак практикувана поради страв од Божја казна. Верата треба да биде покајничка, полна со љубов и чисто срце, или враќање преку преумувањето на човекот во прекрасната љубовна заедница со Господа, и секако дека се подразбира и воедно, во прекрасна љубовна заедница и со луѓето.

Самарјаните, пак, практикувале Јудејска вера, но со примеси на разни други различни религии, кои постоеле во нивната околина, превземено од кај другите народи. За подобро да ја сфатиме таа Самарјанска вера, ќе предложиме пример од денешницата. И ние денеска ја искривуваме вистинската вера, и додаваме разни други примеси од разни други религии. Додаваме разни суеверија, кои во превод значат празноверија, додаваме разни лоши ритуали, постануваме пагани и всушност, длабоко ни се вкоренува во душата еден незабележлив и перфиден сатанизам. На сите страни се повеќе, се искривува правата православна вера, и се исповеда некаков синкретизам на различни религии, философии, култури, идеи, традиции…

Ние пак верниците, чеда Божји, никогаш не ги исклучуваме другите луѓе од нашето секојдневие, кои припаѓаат на други религиски практики, или пак и тие кои воопшто немаат вера, ние никогаш не смееме да ги мразиме, како што тоа се случува постојано во историјата на човештвото. Силната пизма како уништувачка енергија го руши животот, та ваква појава никогаш не смее да се вгнезди во верникот. Ние во своите лични молитви кон Господа треба задолжително да ги спомнуваме и согледуваме сите луѓе подеднакво исто, во својата вистинска љубов, која треба да ја истакнуваме, впрочем, ние постојано треба да се молиме еден за друг, да се молиме за секого, и да љубиме секого во светот. Нашата вера е длабоко фундаментално вкоренета во љубовта, затоа што Бог е Љубов. Доколку пак, Бога Го љубиме, тогаш Бог постанува дел од нас, затоа што Тој нè осветува и вистински нè облагородува со Својата бесконечна љубов. Следствено, доколку Неговата љубов е бесконечна, од тој бесконечен аспект, се подразбира дека таа иста совршена љубов ќе ни биде дарувана и нам, на неговите чеда.

Од овој теолошки аспект, како икони Божји, ние ја сведочиме љубовта Божја во светот, кон секој еден друг човек. Љубовта е совршена токму кога се дарува, кога се шири, кога се раздава, кога се сведочи без предрасуди, бескомпромисно, без интерес. Во овој прекрасен православен контекст, ние како сведоци Божји имаме совршена мисија и одговорност пред Господа, да ги љубиме луѓето, да им се даруваме себе, исто како што Господ се дарува на светот. Затоа што, кој го љуби другиот, Го љуби Бога.

Самарјанката света Фотина, се одликувала со искрена вера, се одликувала со вера која била проткаена со предзнаење на светоотечкото предание. Таа разговарала со Богочовекот Исус Христос, со почит и уважување како кон странец, кого таа не Го познавала, но во кого насетувала чистота. Таа сфатила дека Исус Христос е Евреин и дека ја исповеда Јудејската вера, чистата вера на праотецот Авраам, на Мојсеј, и на сите други пророци, кои биле гласници Божји, и кои го најавувале Спасителот на светот.

Таа ги познавала писмата, пак затоа и разговара со Богочовекот Исус Христос, прашувајќи го за совет за местото на поклонувањето кон Господа. Таа сака да добие поука од непознатиот странец, но од мистичниот свет и прозорлив човек, кој и посведочил дека навистина имала многу мажи, но ниту еден, не и бил вистински сопруг. Таа Го посведочила непознатиот странец, како вистински Божји човек, затоа што Тој и го погодил животот, Тој и го открил она што воопшто никако неможел да го знае, освен доколку, Божјата сила не му го открила. Таа пак вчудоневидена, потресена, изненадена, не се налутила, не се разгневила, не се посрамила, туку, согледувајќи го тој чудотворен момент, таа Го признала и потврдила Исуса Христа за пророк и за Божји човек. 

Самарјанката сака да знае каде е вистинското место на сретението со Господа, каде е местото на заедницата со Бога, каде е мистичното и тајновито место, каде што ќе ја доживееме вечната вистина. Таа Го прашува Исуса Христа, да ѝ ја открие вистината за точното место на Божјиот олтар, да ѝ ја разреши дилемата. Всушност, токму ова е најважниот момент за доживувањето на верата кај секој еден човек, и впрочем, ова е прашањето кое е важно за сите нас и денеска во исповедањето на верата и патем, сознанието за вистинското место на нашето сретение со Господа.

Отсекогаш луѓето талкале низ светот, по земјата, барајќи го срцето на светот, средиштето на светот, олтарот на светот, поточно, вратата на рајот. Живеејќи во материјалниот свет, бараме материјално место кое го најавува и открива преминот кон вечноста. Бараме материјални окултни симболи и знаци, врзувајќи се единствено во земскиот свет, а всушност, го истражуваме невидливиот вечен свет. Го бараме Бога се некаде далеку далеку, што подалеку од нас, небаре таму далеку, на другиот крај на светот, кај некои други луѓе, постои тоа место. А доколку пак ја промениме страната, и бидеме ние на тоа замислено и далечно место, повторно ќе ја замислуваме спротивната страна на светот. И се така во бескрајност, бараме и ништо не наоѓаме, затоа што бараме нешто материјално, и бараме нешто што воопшто не го поимаме на прав начин.

Исус Христос ни ја растерува дилемата, одговарајќи и на Самарјанката: „Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат во дух и вистина“ (Јован 4, 23-24).

Сите ние денеска се поклонуваме на Отецот и Синот и Светиот Дух во Црквата Божја, на Светата Литургија. Насекаде во светот, на разни места, се служи света Литургија, каде што вистински реално присуствува Господ, материјално во светите Божји Дарови, во Неговите Тело и Крв. Сите ние пристапуваме во секој еден свет храм, на секоја една Света Литургија, на вистинското небоземно место, каде што се сретнува историјата на светот, со вечноста. На светата Литургија се остварува за нас есхатолошкиот вечен момент на Божествената бескрајност. На светата Литургија, соединети во Духот Божји, целата Црква Божја, сите луѓе соединети еднодушно, сплотени и соединети еднотелесно со Богочовекот Исус Христос, ја здобиваме вечната перспектива за своето спасение.

Вечниот бенефит се здобива насекаде во светот, каде што се служи светата Божествена Литургија, која претставува една и иста порта за нашето сретение со Господа. Светата црква Божја е една и иста за сите во светот, а се остварува како единствена во моментот на светите Литургии, преку силата и дејството на Светиот Дух, сплотувајќи се во една света заедница, во една света Божја Црква. Светата Божја Црква е извор, вруток на Благодатта Божја која се излева од вечноста за нас во светот.

Пред сè, Господа го среќаваме во нашите души, во духовниот олтар, во кого ги принесуваме своите лични молитви кон Него. Тој нè препознава уште во нашиот личен храм, во неракотвореното наше материјално тело, и во неракотворената нематеријална наша душа. Нашата душа е првото место на сретението со вечниот Бог. Не мораме да талкаме и да мислиме дека Бог е далеку и далеку од нас. Не.

Бог е во нас, Тој сака да биде дел од нас, да постане наш Спасител, да постане наш бедем, наш столб, наш патеводител низ земниот живот, водејќи нè до целта, до вистината.

Исус Христос ѝ вели на Самарјанката: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4, 13-14). Исус Христос ѝ зборува за Себе како жива вечна вода, за Неговата сила и власт, за Неговите Божји енергии, кои се излеваат од Него, и сите ние преку Него, ќе ги примиме во себе, во своите души. Богочовекот Исус Христос е Син Божји, Логосот Божји Кој нè создава за Него, за да постоиме и да се обожиме преку Него, во Него. Тој е нашиот Животодарител. Тој ќе дојде во нас и ќе ни ја подари Благодатта на Светиот Дух, Која ќе нè освети и обожи.

Причестувајќи се со Него, на светата Божја Литургија, ние го восприемаме нашиот Господ во себе, и се среќаваме со Него во нас. Во нас самите е местото каде што се поклонуваме на Господа, и каде што Му служиме. Богочовекот Исус Христос е онтолошкиот наш живот.

Браќа и сестри, Господ да нѐ благослови од сега и до века.

Христос воскресна. Навистина воскресна.