Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа.
Денешната недела е посветена на човекот кој бил слепороден, и кој со Божјата сила и моќ, прогледал. Богочовекот Исус Христос правел чуда кои не можеле да се објаснат со земното искуство. И ова чудо кое што Тој го направил е несфатливо, затоа што навистина нашиот земен живот го темелиме на земските стекнати знаења и практики, додека пак во нашиот практичен живот, со опитот во целокупната историја на човештвото, вакви чудесни пројави се натприродни, и не се возможни по логиката на постоењето во нашиот физички свет.
„Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден“ (Јован 9, 32).
Навистина во ова Евангелие се сведочи за чудотворната моќ која пребивала во личноста на Богочовекот Исус Христос. За Господ е возможно и само со еден збор да го сотвори чудото, како што Тој докажал воскреснувајќи ги мртвите, само со еден збор. Но понекогаш чудата ги правел вклучувајќи го и учеството на природата. Со Неговата света волја слободно благоизволевал на кој начин ќе ја покаже Својата голема милост кон другиот. Тој докажувал дека преку Него, изливајќи ја Благодатта Божја, самата природа постанува облагодатена и осветена.
Синот Божји се отелотворува, ја зема грешната и смртна природа, ја осветува во Себе и ја преобразува од грешна и смртна, во света и вечна. Тој постанува дел од природата. Можеме да кажеме и дека Тој постанува природа, земајќи ја на Себе човечката природа; та преку човечката природа, Тој ја зема целокупната земна материја, и природата постанува дел од Неговата предвечна, совршена личност. За да се осветиме ние треба тоа да го направиме преку Него, причестувајќи се со Него, со таа нова преобразена и совршена природа. Та затоа можеме да кажеме дека Тој е нова природа. Та причестувајќи се со таа нова преобразена, осветена, обожена природа, примајќи ја во себе, постануваме дел од нејзе. Причестувајќи се, нашата природа фундаментално се редефинира, по волјата Божја, преку благодатта Божја. Ова е прекрасна чест за нас луѓето! Та Вечниот Бог толку совршено нè возљуби, та нè присвои, всушност, Самиот Тој постана еден од нас, љубејќи нè, посинувајќи нè.
Во контекст на чудото од Евангелието кое денеска го прочитавме, сакаме да кажеме, дека Христос, земајќи земен прав, со Својата плунка, направил чудо. Неговото тело, кое е дел од истата создадена земска природа, тоа е тело кое е исто како и нашите тела. Тоа Негово тело, осветено е со Божјата вечна личност на Синот Божји, та тоа тело, е преобразено и преосветено во негнилежно тело на Божјата личност. Неговото тело ја има Божјата моќ на животворноста, моќта на бесконечноста, моќта на создавањето, моќта на семоќта. Та од него, на разни начини се излева благодатта Божја, на начин на кој што Тој Самиот ќе го посака. Овој пат, преку Неговата плунка се остварува чудото, всушност преку осветената природа на Божјото тело, се осветува и земскиот прав, и чудотворно делува на слепородениот.
Христовото тело е животворно и моќно, тело кое подарува бесмртност. Со телото Христово се причестуваме на светата Литургија, за осветување на нашите тела; се причестуваме со залогот за вечен живот. Ние ја осветуваме својата природа преку Богочовекот Исус Христос во црквата Божја. Та причестувајќи се, постануваме сопричесници со Неговото тело. Ова е тајна велика и несознаена за нас луѓето. Господ ни подарува возможност да постанеме Негови чеда.
„Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1, 3).
Бог е изворот на светот. Тој Кој создава, Тој е бесконечен. Та сè што е создадено, создадено е преку личноста Божја, спремено за да биде обожено во истата личност Божја, во Синот Божји, во Логосот Божји, во Богочовекот Исус Христос. Та создадената видлива природа, треба да се иконизира во личноста Божја на Богочовекот Исус Христос, за да продолжи да живее бесконечно.
„Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати“ (Јован 1, 5).
Бог е светлината, а таа светлина е нестворена и нематеријална. И пред да бидат создадени сонцето, месечината и ѕвездите, светлината постои во Бог и Тој сјае со вечната незалезна светлина. Небеските тела се создадени и вештествени, тие се дел од материјата, па така нивната светлост е материјална светлост, та и нивната светлост е минлива. Додека Господ е Lumen Supernatural, светлост која не е од овој свет. Светлост која го надминува нашето поимање за светлината. Светлост која е метафизичка и не подлегнува под видливата природа. Светлост која го осветлува умот на човекот и го преумува, та човекот стекнува просветување и метаноја на својот ум.
Господ го просветлил слепородениот со Себе. Преку Себе Тој го исцелил, и во Себе му ја покажал вистинската светлина, која го озарила и која го исцелила. Тој од раѓање слеп, бил телесно слеп, но и духовно слеп. Телесните очи не влијаат на човекот за тој да постане квалитетно битие, затоа што и со своите очи, обезбожениот човек, единствено телесно ја согледува реалноста на светот. За таквиот човек, телесниот материјализам е реалноста во кој што тој живее, и ништо повеќе од таа видлива материјалност не е важно, за обезбожениот човек. Обезбожениот и грешен човек живее единствено само за видливата реалност во овој свет.
Човекот треба духовно да прогледа, за да ги поима нештата на добар начин, за да се преуми. Ние треба да прогледаме духовно со чисто око. А нашето вистинско око е нашиот ум преку кого ги поимаме нештата. Доколку нашиот ум биде обременет со грешни помисли, ние ќе отпаднеме од преднамената да бидеме синови Божји. Доколку го очистиме нашиот духовен вид од грешноста, нашето поимање ќе биде свето и чисто, тогаш Господ ќе дојде кај нас за да нè освети.
Слепилото на овој маченик било претешко за него во неговиот живот. Но времето кое што тој го поминал како слеп е ништовно во поглед од аспект на вечноста. Господ му дарил и телесно и духовно да прогледа. Ова прекрасно чудо треба и на нас да ни биде пример за да го анализираме сопственото слепило кое што го имаме. Навидум верници и големи почитувачи на обичаите и традицијата, но сето тоа често се пројавува само како формално исполнување на номиналната припадност. Со телесните очи гледаме, но ништо не гледаме за да сфатиме. Ако навистина гледаме, ќе го видиме светот во својата мака. Ако навистина гледаме, нема да можеме бесчувствително и неодговорно да бидеме и ние дел на егоизмот. Луѓето ги имаат телесните сетила со кои живеат самољубиво и го користат својот живот единствено само за да ја искористат сегашната прилика на своето постоење, како би го проживеале животот во удобноста и хедонизмот. Додека пак и оние луѓе кои немаат материјална возможност за удобен и скап начин на живот, целата своја енергија, желба и надеж, ја насочуваат кон стекнувањето на ова видливото, на ова материјалното, на ова пропадливото и минливото. Никој не се труди да прогледа вистински духовно, за да ја поими вечната вистина.
„Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати“ (Јован 1, 4-5).
Христос е нашата надеж. Исто како што го исцели слепородениот, така и сите ние ќе прогледаме духовно и ќе ја спознаеме вистината. А вистината е прекрасна, светла и животворна. Христос нè оживотворува, и нè просветлува. Тој е незалезното сонце кое светли. Светлина која никогаш нема да престане да светли, светлина која е посветла и поблескава од создадената светлина.
На сета радост која ја примил слепородениот, на сета таа милост која ја пројавил Господ Бог кон него, на сета таа негова среќа која ја имал, злобните и лукави Јудејци му замериле и го понижувале. Јудејците пак постојано првенствено му забележувале на Богочовекот Исус Христос, поради Неговата милост кон луѓето и тоа што Тој ја покажувал Својата доброта и љубов во саботниот ден. Како да тој саботен ден требало да биде денот на бескомпромисното бесчувствие кон светот. Мојсеевиот Закон тие го примиле како залог на бескомпромисен формализам преку кој ќе бидат автоматски примени во прегратката Божја.
Тие ја заборавиле основната форма поради која е создаден светот и човекот. Тие духовни слепци, со својот ум никако не сакале да ја поимат Божјата Волја. Тие лукави и безобзирни, го критикувале Господ за Неговото делување, а делувањето Божјо е во љубовта, затоа што тоа е Неговото својство. Го критикувале и слепородениот затоа што прифатил да биде исцелен во саботен ден.
Колкава искривеност на перцепцијата, кога во светиот и беспрекорен закон, ги втемелуваш безчувстителноста и грубоста. Колкава омраза кон животот, кога го мразиш оној кој пати, кој е деградиран, кој има некаков недостаток, кон кого е створено чудото; чудо преку кое истиот човек постанува достоинствен и еднаков со тие кои се без недостаток.
Недостатокот на нечовечноста е најголемиот недостаток од секогаш во светот. Кога човекот ќе постане не човек, тогаш тоа е ужас кои создава аномалии. Слободно можеме да кажеме дека нечовечноста го деградира битието, од благородно во неблагородно битие. Битие во кое Го нема вечното Битие, Го нема Творецот, Го нема Животот, Го нема Духот Божји.
Возљубени во Господа браќа и сестри, да внимаваме на лично изразување на својата вера, да се покажеме и докажеме како вистински чеда Божји. А докажувањето е преку човечноста. Да нема осуда во нас. Да нема злоба и омраза во нас. Да нема лицемерие во нас. Да нема бесчувствителност во нас. Да се сакаме еден со друг и во единомислие, да ја исповедаме својата православна вера. Да се причестуваме браќа и сестри постојано, секојдневно со љубовта, затоа што таа ќе нè посведочи денеска и утре во иднината.
Бидете благословени во вечни векови. Амин.