Недела на Слепиот

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Денеска светата Православна Црква, оваа недела ја посветува на слепиот човек. Овој човек бил слеп од раѓање, и ова негово слепило било неизлечиво. Медицината како наука во тоа време, која постојано, како и денеска, ги темели своите достигнувања на темелот на опитното искуство, немала возможност, нити знаење, како би можело слеп човек да прогледа.

Тешките неизлечливи болести не може да се излечат доколку навистина се фактички потврдени дека се неизлечливи од медицината. Тоа што е фактички докажано, тоа е потврдна состојба и непроменлива вистина која е недвосмислена. Па во таков еден непроменлив став и во една определена медицинска дијагноза, ништо не може да изврши промена, или да направи пресврт во непроменливоста на опитната искуствена медицина.

Божјата сила и моќ се бескрајни, Бог е бескраен и единствено Тој може да оствари чудо за нас. Чудата се нелогични нешта за опитното земно искуство, несфатливи се поради промената на физичките закони во светот. Тоа што ќе се случи како чудо во името Божјо за нас е необјасниво и нелогично, та од ваков аспект Бог е навистина несфатлив, нелогичен, несознаен… Всушност, апофатичкиот начин на теолошкото изразување е најадекватен начин за да го пројавиме чудото кое што се случило. Апофатичката теологија е начин да го осознаеме Бога преку негирањето на концептот, затоа што никој не може да ја поими Божјата суштина и од тој основен аспект, ние можеме само да го одрекуваме она што не го поимаме, што не го осознаваме, преку еден одречен став, став кој негира логика.

Ваков одречен аспект, ваков начин на пристапување отклонува секакво човечко ограничување, и секаков поим преку кој Го ограничуваме Бога. Наместо преку катафатиката, како теолошки начин на дефинирање, на сведување и ограничување, апофатиката води кон молчание. Секако дека двата начини на изразување не се во конфронтација, туку се надополнуваат во христијанското теолошко искуство. Во апофатичкиот теолошки начин, преку негирањето на она што не е еднакво со нас, ние всушност, Го прославуваме Бога како Оној Кој не е исто тоа што сме и ние.

Бог не е конечно битие – Тој е бесконечен, Бог нема почеток ниту крај – Тој е вечен, Бог не е материјален – Тој е духовен, Бог не може да се сфати со човечкиот ум – Тој е несфатлив, Бог не е ограничен од просторот – Тој е сеприсутен.

Секако дека пак Бог нам ни се дарува и ни се открива во Неговата икономија, реално раѓајќи се од Пресветата Богородица Марија. И во овој откровенски контекст, повторно можеме да ја вклучиме апофатиката и да кажеме дека Бог необјасниво, несфатливо за нас, надумно, тајновито и мистично се роди во светот. Зачна на надумен таинствен начин и во целокупниот Негов живот, ни покажа таинствени необјасниви чуда. Сето ова е секако нелогично за нас во светот, каде што живееме по законите на природата, кои со Божјата промисла биваат променети и скршени.

Од досега кажаното, сакаме да објасниме и нагласиме дека чудата кои ги остварува Бог постојано до ден денешен, навистина не се логични за светот. Впрочем Бога можеме само на еден неконвенционален начин да Го определиме во одречниот збор „не“, и затоа пак во една нетипична формула можеме да го изразиме Божјото делување помеѓу зборот логика кој ќе го напишеме два пати, едно по друго, каде што ќе вметнеме едно големо „не“; логика нелогика.

На ваков начин, сакаме да го објасниме чудото со слепородениот, затоа што тој бил слеп од раѓање и тоа е логично за сите кои го познавале, и од тогашната наука било потврдено, а пак во еден момент, силата Божја го остварува чудото и тој прогледува како да никаков проблем претходно не постоел. И сега веќе кога тој е исцелен, тоа е повторно потврдено и тоа е повторно логично дека сега веќе тој слепиот гледа нормално.

Секој ќе се запраша каде е логиката во тоа да слепородениот прогледал, и тука е одговорот дека никој не знае како тоа се случило. Впрочем, Бог е токму во тоа „не“ затоа што Тој е необјаснив, Тој е Творец, Тој е Живот, Тој е вечност, Тој е бесконечност, Тој е сè.

Ова споменато слепило на човекот од Евангелието во теолошки контекст, го одредува и духовното помрачување на Јудејците во нивното исполнување на Законот Божји. Нивното однесување во верата било потполно промашување и било само формално, ритуално служење кон Господа. Срцето и душата им биле слепи, умот им бил помрачен, впрочем, Богочовекот Исус Христос често ги критикувал, и ги укорувал велејќи им: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“ (Мт. 23, 27-28).

Така и денеска, сите кои се надвор од Црквата се духовно слепи. Та исто така и оние кои Го одрекуваат Бога и кои сметаат дека го добиле својот живот поради некаков случаен универзален поредок, и тие се духовно слепи. Сепак можеме и себе критички да анализираме и да сфатиме дека сме биле духовно слепи или дека и понатаму сме слепи, неможејќи да ги согледаме вистинските насоки кои ни ги дава Богочовекот Исус Христос во светата Црква, а за нашето спасение.

Богочовекот Исус Христос е нашата онтолошка суштина за нашиот живот. Исус Христос е нашата животворна егзистенција, затоа што Тој е патот, животот и вистината. Неговата благодат се дарува во светот во светата Негова Црква, која ја создал како фундаментална заедница на луѓето со Бога. Светот е создаден за да постане Црква Божја, и човекот за да битисува на вистински начин, треба да постане икона Божја во Црквата Божја.

Црквата Божја е Телото Божјо на Синот Божји Исус Христос. Духовно поврзани во Светиот Дух, телесно сплотени со Богочовекот Исус Христос, ние прогледуваме. Исус Христос како што тогаш го излекувал телесното и духовно слепило на човекот, така до ден денеска, Исус Христос во Неговата заедница, во Неговата прегратка, во црквата Божја, ни ја дарува вечната перспектива да прогледаме духовно уште сега и да се насочиме кон вистинската вечна цел, кон Него, кон Господа.

Господ остварил чудесно исцелување на слепородениот, а пак Јудејците полни со анимозитет кон Господа, наместо да се радуваат за тоа несфатливо и надумно чудо, тие сè повеќе се озлобувале и го мразеле Синот Божји. И денеска исто така, колку повеќе се пројавува Благодатта на Светиот Дух во Црквата Божја во светот, толку повеќе ѓаволот ги активира своите служители да Го мразат Бога. И тогаш без причина Го мразеа Бога и денеска без причина Го мразат.

Браќа и сестри, молете се на Господа да ви ги отвори духовните очи и да ги сфатите Божјите Заповеди на прав начин. Сепак и од нас зависи личното просветлување, дали сакаме или пак не сакаме. Благодатта Божја ќе делува поради нашата лична позитивна одлука дека сакаме духовно да прогледаме.

Господ нека ве благослови сите во вечни векови.