Недела на светите Отци од првиот Вселенски Собор

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска ги прославуваме 318-те свети отци кои се собрале на Првиот вселенски собор во градот Никеја, во областа Витинија, во Мала Азија, 325-та година. Овој собор бил од исклучителна важност во тоа време, во време кога се појавила ариевата ерес, ерес која го изопачувала учењето на Црквата. Го потресувала и загрозувала единството на Црквата, го валкала вистинското догматско учење за Христовата личност. Ерес која претендирала да ја унижи личноста Божја. Овој собор се нарекува вселенски, поради вселенскиот карактер во решавањето на проблемот, кои здобил широки, вселенски, размери, поради важноста од донесувањето на непогрешните постулати на нашата вера.

Овој собор ги поставил темелните поимања и согледувања за непроменливата содржина на христијанската вера и Црква до ден денеска, и се до самиот крај на историјата на светот, до второто Христово пришествие. На овој собор се поставени основните верски догми, учења, кои ја формулираат нашата вера и нашата црква. На овој собор е поставена првата основна форма на Символот на верата, кој подоцна во следните векови, е комплетно составен и прецизно оформен, како свето учење на христијанската Црква. Овој прв вселенски собор е постулатот на следните вселенски собори кои го потврдувале секој претходен вселенски собор. Секој нов собор, го потврдувал учењето на претходниот, со кои се создавал континуитетот на светата Божја Црква од самиот почеток со Христос, преку собирањето на Христовите ученици и апостоли, во продолжение со светите отци и учители на Црквата во вековите на нејзиното постоење во историјата на светот.

Овој собор е остварен поради кривото и еретичко учење на свештенослужителот Ариј од Александрија, кои говорел дека Исус Христос, Синот Божји не е предвечен Бог, рамен по суштина и по природа со Бог Отецот, туку дека е создаден во времето. Светите отци го осудиле ова учење и тогаш ги постулирале догмите за вистинското учење. А дрскиот и грешен Ариј го осудиле, анатемисале и протерале од римското царство.

Светите отци ја составиле догмата на нашата вера, и заедно со нив и ние веруваме и исповедаме вака: Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало.

Светите отци се облагодатени и обожени архијереи, и свештенослужители, кои сведочејќи ја својата вера во себе, преку делата на верата, се докажале како живи икони Божји. Тие претставуваат садови на Божјата благодат која Бог им ја дарува од Себе, та и нивниот живот е живо сведочење на Божјата икономија во светот. Бог се пројавува во светот на разни начини, но сепак, Бог секогаш на чудесен начин се пројавува во личноста со која го остварува слободно спасението. Бог е Личност, та Неговиот Нов Завет на спасението се остварува во меѓусебна заедница со личноста на човекот, која слободно пристапува кон светиот сојуз на Новиот Завет, верувајќи во Богочовекот Исус Христос.

Црквата не е само формална заедница во која номинално учествуваат луѓето во некаква одредена и проста содржина, преку разни обичаи, традиции и ритуални форми, впрочем, Црквата е заедница или собор на луѓето кои се фундаментално, темелно поврзани во директниот личносен однос со Господ. Во црквата Божја, човекот базично, есенцијално и темелно се поврзува со живиот Бог кои ни се открива во историјата на светот, раѓајќи се, очовечувајќи се и исполнувајќи ја сета следствена историја на Неговата мисија. Мисија за спасението на светот!

Црковниот етос го подразбира севкупниот однос кон Господ, а тоа значи дека нашиот личносен однос во нашата вера кон Господ, го изградуваме поради основната потреба од создавање на директна духовно-телесна поврзаност со својот Творец, и создавање на егзистенцијална   фундаментална заедница помеѓу нас на земјата, со Света Троица на Небесата, и со сите светии во есхатонот Божји. Та нашиот личен живот, во светата заедница, ќе биде постојано пример на вистинската намена поради која сме создадени во светот, а тоа е, за да бидеме обожени и охристовени во црквата Божја, во Телото Божјо на Богочовекот Исус Христос.

О колку се големи и несфатливи Тајните Божји. Вечниот Господ Го создава светот по Својата идеа за да Го принесе во таа Своја вечност. Господ не е самољубив туку сака да ја подели Својата бескрајна љубов со Своите созданија. Луѓето тешко ја сфаќаат таа неограничена, безвременска љубов Божја. Од дамнина луѓето ја подаруваат љубовта помеѓу себе по заслуга, ја подаруваат во количина, ја подарува поради личниот интерес. Но дали навистина ваквиот начин на изразување на љубовта, може да е навистина права љубов?

По зборовите на великиот апостол Павле, тој говори во својата химна во посланието дека љубовта нема граница, љубовта трпи сè, љубовта е бесконечна, љубовта се жртвува. Доколку не се појави жртвата како мерило и доказ, тогаш не можеме да говориме за правата и вистинска љубов. Додека не покажеме љубов со делото на закрилата, како мајка која го штити своето чедо, до тогаш не можеме да ја поимиме на прав начин љубовта. Љубовта Божја е вечна категорија на совршенството. Како пак ние грешните луѓе можеме да ја исполнуваме вечната љубов, кога не ја перцепираме вечноста на прав начин?

Вечноста е Божји атрибут. Вечноста е Божја категорија на совршеноста. Совршеноста е Бог, сè што е Бог е бескрајно совршено. Тоа значи дека доколку ние пребиваме во Бога, доколку Бог пребива во нас, тогаш ние ќе ја изразуваме таа бесконечна љубов која не познава интерес. Но за жал, човештвото во своето историско однесување, покажува потполна спротивност, сатанизам. Сатанизмот е категорија на несовршенство и на сè она што е искривена вечна вистина. Животот создаден од Бога ја подразбира хармонијата. Во хармонијата сè е складно и убаво. Сатанизмот ја искривува убавата и хармонична Божја идеа, та преку суптилно и перфидно вметнување на лагата во Божјата вистината, преку користењето на една скроена половична вистина, манипулативно ја создава деструкцијата.

Паднатиот ангел, лажливецот, се труди да ја искриви вистината и на манипулативен начин ја претставува пред светот. Лажливецот пак не е вечен и спротивен принцип на совршениот Бог. Совршеноста е единствен и бескраен принцип кои се пројавува како вечен Божји атрибут. Бог е вечен и нема ништо друго надвор од Него во вечноста. Нема друга вечност, нема друг пример. Примерот е Еден, а тоа е Бог. Бог е Еден, Бог Света Троица.

Да напоменеме, цврсто да нагласиме, дека злото нема онтолошко постоење. Злото не е спротивен принцип на Бог во бесконечноста. Бог е Единствениот Принцип во вечноста. Злото не постои само по себе како некакво битие. Злото е само отсуство на доброто. Како што и темнината е отсуство на светлината. Во вечноста од секогаш постои само Бог, а во Бог не постои ништо што е спротивно од совршеноста. Доколку постои некаква негација, некаков сомнеж или копнеж, тогаш тоа не е совршенство. Злото пак, постои само како отсуство на совршеноста.

Бог е живата вода, та кога сме далеку од изворот на водата, ќе се исушиме и ќе умреме. Нема друг извор на животот. Животот е најпозитивната категорија на сè што постои. Човекот како битие, во себе подразбира дека е создаден со тело и дух. Таа двојна природа телесно-духовна, е нашата стварност. За да живее човекот, за да биде живо битие, не е единствено потребна само телесната храна со која го одржуваме своето тело во живот, туку и Божјата моќна енергија, која е потребна за да живее нашата душа, заедно со нашето тело.

Доколку не ја контемплираме Божјата благодат во нашето тело и душа, тогаш душата ќе постане расипана и телото ќе се расипе. За да биде човекот добар човек потребно е да живее во светотаинскиот живот на Црквата. За да биде човекот жива душа, потребно е да се напојува од благодатната Божја енергија за да постане, осветена и благородна душа. Благородноста подразбира убавина, складност, хармоничност, а сите овие епитети му принадлежат единствено на вечниот Бог Кој е совршен.

Да ја возљубиме светата Црква Божја во која учествуваме. Но како што рековме, да не учествуваме самостојно, лично, формално без остварувањето на меѓусебната љубовна заедница. Во Црквата Божја сите сме дел од Телото Христово. Кога пее певницата на светата Литургија, да пријдеме за да се причестиме со Телото Христово, тоа значи дека секој кој ќе го прими Божјото Христово Тело, тој постанува свет затоа што Бог е свет. Телото на нашиот Господ Исус Христос нè осветува и преобразува и ја остварува тајната Божја за која зборуваме. Тајната на црковното Божјо Тело, е таа кога сите ние заедно постануваме еднотелесни во единомислие и еднобитие. Ова е велика тајна Божја која ни се дарува на сите нас, за наше спасение.

Да се радуваме и веселиме браќа и сестри, затоа што Бог е со нас!