Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
На светата Литургија, го прочитавме посланието на светиот апостол Павле, во кое слушнавме дека на луѓето им ја толкува верата во Господа Исуса Христа. Тој како исклучителен научник во Јудејската вера, познат помеѓу Евреите во своето време, подоцна и теолог кој ја здобил новата Божја наука, преку Личноста на Богочовекот Исус Христос, на еден тајновит начин, откровенски стекната, постанува одличен педагог, поучувајќи ги верниците ширум христијанската екумена. Тој пишува, зборува, сведочи и поучува, за разни аспекти од животот на верниците, и секако ја истакнува улогата на црквата Божја. Ја формира и постулира платформата на Христовата црква, со основните фундаментални столбови на верата.
Денеска, го прочитавме апостолското послание напишано од светиот апостол Павле, наменето конкретно за Ефесјаните, но патем, првобитно напишаните негови посланија до конкретните адресати, последователно во историјата се прошируваат до сите останати верски центри со своите спасителни заедници на црквата Божја, па така и сè до денеска. Во канонот на Новиот Завет, денеска спаѓаат четирите Евангелија и сите други останати напишани делови во него. Светата Црква Божја, на своите свети вселенски собори, одредува да бидат поставени и павловите посланија во Новиот Завет, како безвременски квалитет.
На овој начин, и денеска ги слушаме Павловите пораки напишани и наменети за верниците, неговите пораки се наменети до сите реципиенти кои се дел од едната света Црква Божја, во целиот свет. Светиот Павле е безвременски симбол на вредноста, затоа што тој својот живот го посветил во служењето на Господа и на Неговата света Црква.
„А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“ (Ефес. 4, 7).
Секој од нас, браќа и сестри, првенствено има добиено живот од Бога. Нашиот живот е дар Божји и тоа е најпрекрасниот дар кој го создава и дарува Творецот. Нашиот живот Господ го создава поради Неговата вечна љубов која има тенденција да се шири и распространува. Но љубовта е права тогаш, кога се подарува на друга личност, кога се подарува без предрасуда и безгранично. Господ го создава човекот како Негова лична креација, да личи на Својот Создател по ликот и подобието Божјо. Тоа пак значи, дека човекот е разумна личност. Личносната карактеристика на човекот, овозможува да ја поими, почувствува, осознае љубовта Божја. Господ нè создал со слободната Негова волја, со вечното и единствено дејство на Својата совршена љубов, за да ни ја дари истата бесконечна љубов. Та и ние, слободно треба да возвратиме, безинтересно, да го љубиме Својот Создател.
Следствено, во нашиот подарен живот, во светоста, во обожувањето, во охристовувањето, секој од нас, добива конкретен дар Божји. Господ нè наградува со разни Благодатни дарови во Црквата Божја, и со разни служби. Секако дека сите служби во Црквата Божја, се поврзани со Богочовекот Исус Христос, но наменети за служење кон другите луѓе. Припадноста во Црквата Божја ја поимаме вистински во служењето еден кон друг. Првенствено, љубовта постанува вистинска и дејствителна, само тогаш кога се подарува на другиот. Човекот, исто така, постанува вистински човек единствено во љубовната личносна хармонија со другиот човек. Човекот всушност постанува вистински добар и позитивен човек, тогаш кога го гледа другиот човек како себеси.
Имено, даровите кои ги добиваме од Господа Исуса Христа се подарок за заедницата, во заедницата. Индивидуалноста не припаѓа во заедницата, всушност, заедницата подразбира хармонија на меѓусебна сплотеност во духот Божји и во еднотелесност помеѓу сите нас, во Едното Тело Христово. Затоа и даровите се даваат поради љубовната поврзаност помеѓу сите во Едниот Господ Исус Христос.
„Тој постави една за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители“ (Ефес. 4, 11).
Наградите се различни за сите нас. Но ние не се натпреваруваме помеѓу себе за престижот поради една со друга служба, туку, сите служби се еднакви пред Господа. Сите луѓе се еднакви пред Господа. Всушност, сите ние треба да се трудиме во пожртвованоста да служиме на луѓето што повеќе, безрезервно и бескрајно. Нашата улога е да бидеме полни со добрина и со љубов кон сите без разлика, дали некого познаваме, всушност, кај секого пред сè, треба да го препознаеме дарот Божји на животот кој Тој го дарува. Печатот Божји на силата Божја иманентно се препознава во сè создадено, а конкретно најмногу во луѓето, во секој еден човек, без разлика на различностите кај луѓето.
На денешната света Литургија, го прочитавме текстот од светото Евангелие по Матеј. Новиот Завет е наша света книга, во која се поучуваме на мудрост. Но, мудроста не доаѓа читајќи го Евангелието само со својот разум, впрочем, мудроста е Божји дар, кој се здобива преку Благодатта на Светиот Дух. Светиот Дух нè инспирира читајќи ги текстовите со голема вера, и конкретно преку Божјото тајновито мистично делување, откривајќи ни ја мудроста.
„Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4, 17).
И Господ Исус Христос, продолжува по стапките на светиот пророк Јован да проповеда за Царството Божјо. Богочовекот Исус Христос е самото тоа Царство. Тој е полнотата на Божјата наука, Тој ја репрезентира Света Троица во светот. Благодатта Божја е во Него и дејствува од Него. Па така, Тој проповедајќи за царството Божјо, всушност, проповеда за Божјото раѓање, за Неговото раѓање и остварувањето на Новиот Завет. Секој кој ќе се приближи вистински, духовно кон Него, ќе го почувствува царството Божјо. Тој проповеда дека Бог се јавил во светот, и дека живее во светот, дека Бог е меѓу луѓето, се приближил кон созданијата, постанал еден од нив.
И светителите носители на Духот Божји, се носители на благодатта Божја во себе, а тоа пак значи дека царството Божјо е во нив. Затоа пак често ја сведочиме Божјата енергија во душата на светителите, чувствувајќи ја благодатта Божја која се шири од нив, приближувајќи се физички блиску до нив. Царството Божјо присуствува во душата на човекот и тогаш, човекот е репрезент Божји. Ние треба сите да тежнееме кон здобивањето на тоа царство во нас. Верата е пресудна за здобивањето на царството, но без делата на љубовта, верата е празна. Душата верува, но таа вера ја докажува преку позитивното и љубовно дејствувањето на слободната волја.
Браќа и сестри, внимавајте на своите дела, да бидат свети и добри, за да ги препознае Господ во вечноста и да ги вреднува, за да здобиеме од Бога награда за тоа. Добрите дела се свети и блескави, а лошите дела се темни, лукави и злобни.
Царството Божјо во нас, ќе биде доказ за нашиот добар и примерен живот.
