Недела по Рождество, на светите Богоотци

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Овие денови се денови на духовна радост, затоа што и понатаму го прославуваме Рождеството Христово. И понатаму, нашата духовна радост е велика сеќавајќи се постојано на милоста Божја, дека Самиот Тој дојде во светот, и постана еден од нас. Се роди, за да живее со нас, да ги теши луѓето, да ги исцелува, да ги воскреснува, но исто така, и од луѓето, да биде постојано третиран со презир и со осуда.

Демонизираноста на луѓето е честа појава поради гревот кој владее во човечките души. Поради гревот и оддалечувањето на душата од животворниот извор, таа иста болна и пропадната душа, го мрази својот Создател и Добротвор. Замислете пак, доколку Господ реагира импулсивно гневно исто како и демонизираните луѓе во светот, да им возврати на луѓето поради нивниот грев? Тогаш светот одамна веќе не би постоел.

Бог е милостив и човекољубив, а тоа значи дека Бог, со Својата безгранична чиста љубов, слободно посакува и понатаму да ги љуби Своите созданија, и покрај тоа што тие не Го љубат и му Го вртат својот грб. Господ ја допушта слободната и грешна човечка волја, која секако дека, во еден момент, во моментот на смртта, ќе ја добие својата наплата, и ќе ги согледа консеквенците на својот грешен избор, та ќе го добие своето заслужено место во вечноста.

Господ никогаш не ја посакува смртта на грешникот. Тој го создал човекот како личност со слободна волја, и Тој ја почитува Својата одлука да го остави човечкиот слободен избор како негова лична своина. Но секако, вечната правда ќе биде една те иста за сите, па сите ќе се исправиме пред неа, и целиот наш живот ќе биде беспрекорно и праведно согледан.

Во денешното послание на светиот апостол Павле до Галатјаните, слушнавме како апостолот сведочи за Евангелието кое го проповеда, но сведочи и за себе дека некогаш бил грешник, а сега покајник. Имено, свети Павле вели дека она што го проповеда не го научил, не го читал, не ја користел својата интелигенција за да запамети некакво религиско учење, или некаков систем на дефиниции. Впрочем, апостолот сведочи дека светото Евангелие кое го проповеда го здобил во својот ум на чудесен, тајновит, мистичен начин.

Тајните Божји и мудроста Божја, ние можеме да ги контемплираме единствено преку Божјото откровение кое му се случило и на свети Павле. Некогаш Савле, гонител на светата Божја Црква, а после откровението и крштевањето во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, тој постанува ревнител Павле, проповедник, застапник за истата таа вера која ја гонел.

Свети Павле сведочи дека преку благодатта на Светиот Дух, во тајновитоста на Божјиот примрак, во екстазата на својот ум, егзалтирајќи во душата своја, на чудесен начин, обземен во чудесната, неземна, нетварна светлост Божја, го здобил Евангелието во својот ум. Такво чудесно Евангелие проповеда и сведочи, знаење кое е здобиено преку благодатта на Светиот Дух.

Во денешното свето Евангелие по Матеј, се зборуваше за бегството Христово во Египет, со Својата мајка и со праведниот Јосиф. Еве се сеќаваме на тие демонски случувања во она време, во времето на историската радост, кога се родил Исус Христос. Во тој историски и безвременски период на раѓањето Божјо во Тело, во тие небоземени моменти на радост, во времето на историската и вечна посета на Синот Божји во свет, отелотворен како човек, во тоа прекрасно дело, дело на љубовта; злото го подигнува својот бунт и го започнува своето демонско дело, дело на омразата.

Имено, царот Ирод, на кого името не му е достојно за спомнување, чие име е синоним за зло, наредува да бидат погубени сите деца во Витлеем и во целата негова околина до две години. Злото посакува да го елиминира доброто од светот, да го сузбие и уништи планот за евентуалното човечко спасение. Злото се подигнува против доброто, за да го уништи Божјиот план. Злото царува во светот, па сака засекогаш да ја држи својата власт.

Ангел Господов му се јавил на праведниот Јосиф во сон велејќи му: „Земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет“ (Матеј 2, 13).

Ангелот Господов, му се обраќа на Јосиф, како старател, како нивни чувар, како заштитник, па му вели да Го земе Младенецот и Неговата мајка. Тука јасно и недвосмислено се потврдува од ангелот Божји, дека Младенецот нема телесен татко, дека Јосиф не му е татко. Додека пак, Марија е Неговата биолошка мајка.

Оттука ја согледуваме теологијата која се однесува за Личноста на Исус Христос, и за Неговата мајка Марија. Вечната личност на Синот Божји се вочовечува, така што се оваплотува во утробата на Својата мајка, преку силата и моќта на Светиот Дух, на потполно сокриен, чудесен, мистичен и превозвишен начин. Самото зачнување е преку осенувањето на Светиот Дух. Марија потполно човек, а својот плод во утробата е потполна Божја личност. Но Синот Божји со Својата единствена и непроменлива личност се вселува во утробата на Марија, земајќи на Себе и материјална природа од Својата мајка. Па така во ист момент, Синот Божји е семоќен Бог со својата натсуштествена, несфатлива и Божествена природа, а сега веќе, и во заедничка коегзистенција со земната природа.

Еден е Синот Божји, и во Себе, со една божествена природа и една земна природа, потполно Бог и потполно човек. Но, човек со една разлика од сите други луѓе, човек без грев, а тоа пак значи, човечка природа обожена и осветена, обезгрешена во личноста Божја на Синот Божји.

Контекстот на бегството во Египет, треба да го согледаме во еден аспект преку кој Бог го пројавува Својот план на спасението, но со постепено остварување на сета Божја икономија, остварувајќи чекор по чекор, до самата кулминација на самиот крај. Бог постанал човек, и како човек бега и се крие, но не пак поради стравот дека е беспомошен, не никако, туку, времето за страдање, или времето за исполнување на искупителниот крај, уште не било исполнето.

Синот Божји не се роди како величествен, семоќен Бог, туку, се роди во пештера, смирено, кротко, нечујно, полека исполнувајќи ги пророштвата, и полека остварувајќи го целокупниот план на спасението, со самиот крај на крстот, како чин на човечкото откупување од гревот, ѓаволот и смртта. Спасителот полека го исполнувал времето, исполнувајќи го целокупниот Божји план, а секако Неговото страдање било неизбежно. Впрочем, Синот Божји доаѓа во светот со целта за да пострада и преку тоа Неговото страдање, да го спаси човештвото.

Браќа и сестри, оваа Недела е посветена и на светите Богоотци и ние денеска на нив им се молиме, да бидат наши застапници пред Господа.

По молитвите на светите отци наши, Господе Исусе Христе Боже наш, спаси нè. Амин.