Недела по Воздвижение на Чесниот Крст

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Бесконечната вредност на нашиот живот и личносниот однос кон целокупниот живот е наша исклучителна одговорност пред Бога. Човекот треба да биде одговорен кон својот живот, затоа што животот му е дар Божји. Вредноста на тој Божји дар е бесценета, нема мерка со која може да се измери количината на Божјата волја за тој безграничен и бесценет дар. Затоа што, Господ кога подарува, Тој подарува од совршеноста и бесконечноста, та Неговиот дар е неограничен.

Ние живееме минлив живот, затоа треба да живееме трезвеноумно и животот треба да го вреднуваме со неограничениот квалитет на вечноста. Животот, како дар Божји, е вечен квалитет, та и нашето поимање на животот ќе биде преку тој принцип. Бог е вечен живот, и Тој лично подарува. Вредноста за која зборуваме го контемплира и собира во себе совршеното добро, а впрочем системот на сите добри и вечни квалитети е Самиот Бог. Та кога ќе го имаме овој вредносен систем во себе, тогаш ние ќе постанеме и вечни квалитетни битија кои се остваруваат во својата вечна Божја намена. Денеска ќе живееме одговорно, за да го наследиме во иднина Царството Божјо кое ќе ни биде подарено како дар поради одговорноста.

Секако човечкиот живот во себе ја подразбира несовршеноста, а таа несовршеност е во разни аспекти. Секако најважниот аспект е гревот. Човекот е грешно битие, затоа што во својата слобода постојано се бори со самиот себе и со правото на избор. Но, за да ја покажеме својата вредност и за да ја докажеме својата човечност, ние се бориме со таа своја несовршеност. Та со таа своја несовршеност, преку темелот на вечниот вредносен систем кој ќе го прифатиме и примиме во себе, ќе се докажуваме во својата слобода дека сакаме да живееме квалитетно. Примајќи го слободно и свесно во себе Божјиот вредносен систем, ние ќе се самоконтролираме во своето изразување како луѓе.

Човекот е крстообразно, крстолично битие, кое го пројавува крстот со својот физички, телесен изглед. Но секако, човекот треба да го прифати својот духовен крст на спасението. Човекот треба самосвесно да се распне во својот живот, поточно, треба да се впушти во вистинска борба со гревот и со сите лични маани кои ја оптоваруваат неговата душа. На крстот се страда, на крстот се умира, но страдањето и смртта се животворни поради жртвата која ја принесуваме. Исус Христос се принесе Себе си на крстот и таа Негова смрт не беше за вечен траур, впрочем, крстовоскресната Божја жртва е вечен живот. Крстот е нашиот симбол на спасението во нашата вера. Исус Христос пострада на крстот поради нас и со крстот ги победи гревот, ѓаволот и смртта. Со крстот Тој ги спаси сите.

Човекот преку својата жртва во својата лична борба со своите страсти и гревови, ќе ја доживее својата лична преобразба, со Божјата помош, преку неговите одрекувања кон сето тоа што го обезличува. Гревот е деструктивен и тој го обезличува човекот, та од богодолично прекрасно битие, човекот постанува нечовек во гревот и ја стекнува вечната смрт.

Распнувајќи се себеси, човекот, го зема својот крст како симбол на својата животна патека, како свој темел, со Божја помош, соединувајќи се со Христа преку лично покајание, во заедница на светата Црква, одговорно и побожно ќе го живее својот живот. Благодарноста која ќе ја изразуваме кон Господа, треба да биде постојана. Нашиот личен духовен крст е нашиот благословен пат на самоодрекување од своите гревови, самоодрекувајќи се од злото. Умирајќи на својот крст во својата лична борба, оживуваме со Благодатта Божја која се дарува поради покајанието и борбата. Та живеејќи одговорно пред лицето Божјо, подражавајќи го Богочовекот Исус Христос, Причестувајќи се со Неговите животворни свети Дарови, постојано свесно престојувајќи во покајание, ние ќе постанеме вистински икони Божји.

Крстот можеме да го согледаме и преку една друга димензија во човечкиот контекст. Човекот физички крстообразно го сведочи спасителниот крст; со широко раширените раце, растегнати од едниот крај кон другиот, ја прикажува својата намена за прегрнување на целокупниот свет. Ние сме битија кои се остваруваме како вистински и добри, единствено само во заедницата на меѓусебниот личносен љубовен однос со сите и со сè. Човекот како битие на заедницата, та неговите раширени раце се создадени со единствената намена, да го прегрнуваат светот, да ги прегрнуваат луѓето. Со нозете пак стабилно стоејќи на земјата, чекорејќи по неа, од која е создаден, живее на неа со исклучителна одговорност, остварувајќи се во заедницата со сите создадени битија во меѓусебниот позитивен личносен однос, почитувајќи ја целокупната природа. Со главата исправен кон небото, гледајќи кон него, благословен и осветен од Небескиот Бог, оживотворен од земниот прав, престојувајќи на земјата, докажувајќи се пред вечниот Творец, копнеејќи за небесното Царство Божјо, во кое ќе коегзистира со Света Троица.

Светоста човечка, се остварува во пресекот на неговото тело, во срцето, каде што ќе го смести Синот Божји. Центарот на човечкото битие е Исус Христос, Логосот Божји, архетипот човечки. Срцето на човекот е пресекот во кој се остварува иконата Божја. На тој начин, човекот постанува христоличен и христоцентричен. Крстот на своето тело треба да га поимиме на светотаински начин, во суштинската крстовоскресна жртва на Богочовекот Исус Христос Кој ни го покажа патот на спасението. Крстот на спасението е тајна Божја преку која се остварува Домостројот на спасението Божјо.

Великиот апостол Павле во своите посланија нè подучува што треба да правиме за да бидеме достојни Божји чеда. Вели, да не бараме лажна слава во овој свет. Вели да не си завидуваме помеѓу себе. Вели доколку некој падне во некаков грев, духовните, тие исполнетите со Божја благодат, да го поправаат паднатиот, грешниот, со кротоста своја и со љубовта своја. Да го поднесуваме товарот еден со друг со милосрдие, со сочувство, со емпатија, за на тој начин да го исполниме вистински, делатно законот Божји.

„Зошто оној, кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе“ (Гал. 6, 3). А што сме ние луѓето пред Бога? Што сме ние луѓето согледувајќи нè од вечноста? Ние сме создадени, несовршени, минливи, варијабилни – непостојани, колебливи… Овие наши состојби го покажуваат нашето несовршенство. Па затоа и кога некој ќе помисли за себе дека е нешто посебно, тоа значи дека тој е во бунило, во измама.

Ние не можеме да постанеме „нешто“ кое што би подразбирало некаква специјална посебност во специфичен аспект, посовршен од она што сме, а тоа е дека сме смртни и минливи. Но секако дека можеме да постанеме „нешто“ со потенцијалот кој ни е даден од Бога. Со потенцијалот кој што го имаме во создавањето, та согледувајќи ја целта, трезвеноумно, слободно насочувајќи се кон Господа, Причестувајќи се со Благодатта Божја, ние ќе постанеме благодатни примери. На овој начин, ние можеме себе да се принесеме преку својата лична волја, во прегратката Божја, во трансцедентноста Божја. Но секако дека ние не можеме самостојно и единствено со својата сила да го стекнеме совршенството. Бог е совршенството и во негова власт е Тој да го дарува.

Светиот апостол Павле, како прв исклучителен теолог на Божјата наука вели: „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14). Тој себеси се укорува и унижува, но јасно ни соопштува дека суштината на нашата вера треба да биде во смиреноумието. Доколку бидеме смиреноумни, поточно, доколку себе се унижуваме и самоиспразнуваме од светскиот дух на гордоста, тогаш ние ќе можеме да Го препознаеме Христос и да ја препознаеме Неговата наука на смирението, со која дошол во светот. Апостолот вели дека Христос е распнат за светот, за сите луѓе, поради жртвата на спасението. Та и самиот апостол ја подражава таа Христова жртва.

Светиот Павле вели дека на себе ги носи белезите од раните Христови, и целата жртва Христова е темелот на неговиот живот. Живеејќи за Христа и со Христа, Свети Павле ни укажува дека живее сораспнат со Него, но не само спекулативно, туку реално страдајќи, подражавајќи ја Неговата жртва, која постојано се актуелизира во секој момент. Апостол Павле вели дека суштината на верата е да ја подражаваме крстната мака, која е во суштина радост за вечност. Свети Павле не се жали меланхолично дека страда и дека му е тешко, туку напротив вели, дека целиот живот го посветил на Бог и целата Христова мака, постанала и негова мака. Крстот му постанал симбол на животот. Радоста на Павле е крстовоскресната жртва Божја.

Оваа жртва е навистина тешка за човекот во денешницата на модерниот свет, кој постои во искривената слобода. Денеска слободата се изразува единствено преку личната корист. Она што е лично и корисно, тоа е добро. Обезвреднувањето на животот денеска е генерална појава во светот, која пак сведочи дека човекот е далеку од заедницата со Бог. Незаинтересираноста кон другиот и кон светот, не воведува во општа апатија, која пак вечно ќе нѐ умртви. Онтолошката смисла на човечкото битие се искривува во генералните извитоперени мислења на обезбоженоста.

Браќа и сестри, да го прифатиме со благодарност својот личен духовен крст, и да чекориме одговорно во својот живот, благодарејќи му на Бога за возможноста да имаме прилика да се докажеме.

За многу години.