Недела пред Рождество Христово, на светите отци

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Денеска е недела пред Христовото Рождество, неколку дена пред големиот Господов празник. Денеска веќе полека навлегуваме во нашата радост поради објавената тајна Божја, во радоста на онаа вечна тајна која Господ ја пројавил во беспочетокот на Своето постоење, како чиста идеја за Домостројот на спасението на светот. Полека се доближуваме кон великиот Господов празник, кој е велико откровение за светот.

Господ нè создал не за да нè остави во самотија, не за да нè заборави, не за да нè отфрли како што тоа знаат да го направат сите други созданија на земјата, меѓу кои и самите луѓе. Господ нè создал од ништо, не од нешто, туку од потполно ништо ја создал материјата, со единствена и конечна цел, да ја воздигне таа материја во Себе. Тој ја создава целокупната материја, и на самиот крај од создавањето, Господ ја создава последната Своја креација, човекот. Го благословува да биде негувател на целокупната Негова креација, што го подразбира целокупниот создаден свет. Човекот, пак, иако и самиот е креација, го добил благословот да биде негувател на светот, со огромна чест и одговорност кон сè што е создадено. Човекот е создаден за рајот, та затоа и веднаш бил населен во прекрасниот рај, заедно со сето создание. Сепак, човекот со својата природа, создаден е како несовршен, кој треба самостојно да се изрази, позитивно да биде во заедница со Господа, за да постане добро и совршено битие во иднина.

Господ во самиот почеток на беспочетокот, во Неговата вечна идеја, нè возљубил, за да нè усоврши од минливи и несовршени, во вечно подобни на Него, коегзистирајќи со Него, сопостоејќи со Него. Впрочем, Синот Божји со Своето Раѓање во светот, ја присоединува самата минлива материја со Себе, во Себе. Па така, Оној Кој нè материјализирал, Оној Кој нè создал, започнува нов процес, процес на едно ново „пресоздавање“, нов начин за да нè оствари во Него, како нови созданија. Овој нов начин на ново човечко раѓање, е преку благодатта на Светиот Дух, во телото на Синот Божји, во личноста на Богочовекот Исус Христос. Тој е новото создание, онакво какво што е конципирано во вечната Божја идеја во беспочетокот на вечноста.

На денешната Света Литургија го слушнавме посланието на светиот апостол Павле до Евреите. Ова послание изобилува со поука за верата на христијаните. Впрочем, ова послание е наменето за христијанизираните Евреи, кои започнале да се колебаат во својата вера. Па така, светиот Павле Евреин и Јудеец по вероисповедување во минатото, сега сака да им објасни на верниците, дека верата мора да им биде цврста и непоколеблива. Та затоа, во ова денешно послание кое го прочитавме, но и во целото интегрално послание до Евреите, кое е напишано во тринаесет глави, светиот Павле им ја сведочи верата на светите праотци. Спомнува како сите свети пророци со цврста вера сведочеа и непоколебливо живееја, верувајќи цврсто во Единиот Бог Кој правеше чуда за нив. Ги спомнува сите велики чуда, за да им ја докаже таа светоотечка цврста и непоколеблива вера.

Додека сега, во Новиот Завет, апостолот им објаснува дека Исус Христос е долгоочекуваното спасение кое со вера постојано го очекувавме. И сите тие старозаветни пророци, впрочем, Го очекуваа Овој Месија, Кој ги соедини во Себе сите пророштва, сите чуда кои беа направени уште во Стариот Завет, за да се зацврсти верата кај народот Божји.

Верата мора да биде непоколеблива, за да можеме навистина да постанеме чеда Божји. Но верата не смее да познава никогаш лабилност во карактерот и смалување во убеденоста, никако не смееме да му дозволуваме на сомнежот да се шири, да се храни, да се развива и да расте. Цврстата вера е пресудна за спасението, додека пак постојаната варијабилност е слабост. Како е возможно да имаме вера во чистата Божја вистина, и одеднаш да се сомневаме во Божјата вистина. Треба секогаш да се бориме против човечката слабост со молитва и со пост, за да можеме да принесеме достоен плод на верата, да принесеме искрена жртва во борбата со себе, за да постанеме победници против себе, против своите слабости. Впрочем, ние христијаните треба да бидеме единствено борци против себе, да бидеме постојани протагонисти во себе, за да го победиме злото на колебливоста, злото на страстите и нагоните.

Во денешното свето Евангелие по Матеј, кое го прочитавме на светата Литургија, го слушнавме родословот на Господ Исус Христос. И преку денешното свето Евангелие се наговестува Раѓањето на нашиот Спасител. Свети Матеј им се обраќа на реципиентите кои го слушаат ова Евангелие и им ја сведочи директната родна врска на Исус Христос со великиот пророк на верата, со светиот Авраам. Спомнувајќи ги сите од Авраама до Исуса Христа, поврзувајќи го името на великиот Божји Спасител со сите оние кои го пророкувале, го докажува несомненото доаѓање на Месијата.

Сите народи го исчекувале вечното спасение, додека во еврејскиот род било пророкувано за прецизното раѓање на великиот избраник Божји. Па така, на овој начин, со првата глава од Евангелието по Матеј, со започнување на Христовиот родослов, започнува впрочем и целокупниот Нов Завет. Јасно и недвосмислено, го гледаме подготвувањето за доаѓањето на великиот Спасител, од дамнина, па сè до самата нова ера, до моментот на остварувањето.

Браќа и сестри, и ние треба постојано да се подготвуваме за доаѓањето на Спасителот во нашата душа. Постојано треба да бдееме над сопствениот живот, внимавајќи и претпазувајќи се себе си од грев, и доколку се случи такво нешто, треба брзо да се исправиме од падот и со покајание да чекориме напред, кон вистината. Сепак треба да нагласиме дека, нашата смисла во верата не е во стравот, не е во агонијата на вниманието, не е во грчот од законот и правилата. Нашата вера треба да биде полна со љубов кон Господа. Љубовта која ја чувствуваме кон Господа, ќе ни донесе вечна слобода. Божјата слобода е бескрајна и таа го ослободува човекот од стравот. Слободата на верата е нашата смисла. Господ слободно нè љуби, Тој нè возљубил уште и пред да нè создаде, како вечна идеја нè конципирал во својата прегратка.

Слободата Божја, која Тој ќе ни ја подари, ќе нè избави од рамката на ограниченоста во секој поглед и ќе нè оствари како вистински добри битија. Ние треба слободно да веруваме во својата вера, и слободно да Го љубиме нашиот Господ. Никогаш стравот, агонијата, сомнежот, колебливоста, не можат да донесат вечна слобода, овие состојби донесуваат ропство на несовршеноста. Никогаш законот не може да донесе слободна вера и вечно љубовно спасение. Единствено, љубовта пројавува љубов, и во љубовта сè е прекрасно и вистински слободно.

Љубовта подразбира слобода, затоа што љубовта се жртвува и таа жртва е во слободната волја. Па така, значи, да тежнееме кон љубовта Божја, која потполно нè ослободува од оковите на грешноста и нè преобликува во слободни, вечни, совршени, обожени битија. Господ Исус Христос е нашето спасение, нашата животна егзистенција, нашата слободна и љубовна смисла.