Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Пронаоѓајте се себеси во љубовта. Кој има во постот чиста љубов во себе кон сè и секого, тој навистина е чедо Божјо. Бог нè поучува дека само преку делата на љубовта ние ќе се спасиме. Впрочем, Богочовекот Исус Христос е нашиот принцип, нашиот пример, нашата цел, од Него се поучуваме, во Него се огледаме, во Него се пронаоѓаме. Тој ни го покажа чистиот пример на љубовта, затоа што Тој се жртвуваше за сите луѓе. За сите човечки созданија Тој единствено постана прв пример и сè за наше спасение. Тој го жртвуваше Својот живот, Своето Тело и Својата Крв, за да постанат животворни дарови со кои луѓето ќе бидат спасени.
Спасението не се остварува автоматски, допирајќи се или само формално примајќи ги поменатите Свети Дарови. Доколку човекот е нечист и валкан со гревови во својата душа, тој и доколку ги прими светите дарови, нема да му влијаат автоматски, „по дифолт“. Богочовекот Исус Христос, експлицитно нè подучува во Светото Евангелие, дека, на спасението му претходат покајанието, милоста и љубовта. Тој беше милостив и полн со љубов. Тој е самата вечна љубов, затоа што, секоја вечна, позитивна, добра и совршена категорија, принадлежи и е во власт единствено во Господа, во Света Троица.
Тој е вечна правда, па следствено, оној кој нема чисто срце, и чиста душа, таков нема да биде примен во Царството Божјо. Оној кој само пости од храната, а не ја очистил душата од злото, таков човек не е достоен за во Царството Божјо. Оној кој во своето срце ја чува змијата на лукавството, таков човек не е достоен за Царството Божјо, иако формално пости.
Постот е постојано воздржување, како телесно, така и духовно. Едното од другото никогаш не може да се одвои. Кога постиме, кога се воздржуваме, ние секогаш тоа го правиме свесно, борејќи се против себе, против своите страсти и нагони, потпомагајќи си воздржувајќи се од храната, со мислите насочени кон Господа. Постиме за повеќе да љубиме, постиме за повеќе да милуваме, постиме за повеќе да сочувствуваме, постиме за повеќе да правиме секакво добро, кон секого, кон секој еден човек, кон целокупната природа. Од нас зависи што ќе креираме, затоа што ние лично сме креатори на нашиот живот, ние лично одиме по патиштата на животот, и од нас се очекува да покажеме какви сме како луѓе, какви перцепции имаме. Дали ќе се осветиме преку добротата, или ќе се самосудиме во злото и ништавилото.
Постиме од злото, постиме од сите негативни помисли, постапки и дела, а се присоединуваме со Господа, со Неговата совршеност. Постиме за да здобиеме доброта, за да здобиеме совршена љубов. Постиме со својата слободна волја, за да се поврземе во светата заедница со Бог. Постот е средство за изразување на вистинската и добра волја. Постиме за да ја докажеме својата слободна волја дека сакаме да бидеме во заедница со Господа. Послушни сме на Господа, како синови кон својот Отец и Создател.
Непослушноста кон Господа, Адама и Ева ги осуди и протера од Рајот. Непослушноста кон воздржувањето нашите прародители ги истера од вечната прекрасна слобода, за да постанат робови на гревот. Самоволието, дрскоста и гордоста, го уништија вечниот бенефит на нашите прародители, пресекувајќи ја животворната нитка со Творецот.
Господ слободно љуби, и тоа го докажува постојано! И човекот треба слободно да љуби и да докаже! Љубов без дела, не е љубов! Постот е дело на љубовта!
Денеска браќа и сестри, првата Недела од великиот пост, посветена е на Православието. Денеска се сеќаваме на иконоборството во историјата на светата црква Божја. Жално е пак, доколку кажеме дека и денеска постои тој дух на сомнеж и на негативност кон светите икони. Во историјата пак, борбата против светите икони била агресивно уништувачка. Почитувачите на светите икони биле обвинувани дека се обожувачи на идоли, дека се идолатри.
Безбожништвото создава нетолерантен и агресивен дух кон доброто и мирно богослужење. Отпадништвото од Бога, создава компулсивно опсесивно, монструозен личносен однос кон животот, против образот Божји. Образот Божји кој се пројавува во светоста, во обоженоста на личноста, постанува чиста совест, постанува пример, постанува опозит на оттуѓеноста, на злото. Но оттуѓеноста која во себе нема ништо добро, затоа што го нема Бога во себе, таа произведува деструкција и уништување. Малициозноста кон животот и кон светот се пројавува кај оние кои немаат чиста совест, та постануваат противници Божји. Општата пизма во светот на хипокризијата всушност е автоматска појава на богоотстапништвото.
Светите икони се богообразни прикази (слики), на светителите, на обожените човечки души. Традицијата на светите икони е од самиот почеток на христијанството, започнувајќи од Убрусот Божји, па до насликувањето на светиот образ на мајката Божја од раката на светиот апостол и евангелист Лука, а тогаш Пресвета Богородица, го благословила делото на светиот Лука.
Светите икони се изобразувања на светиот Божји образ Кој се пројавува во секој еден свој светител, во секој еден осветен и обожен човек. Сите ние сме создадени по ликот и по образот Божји. Тоа значи дека, сите ние го имаме дарот Божји и печатот на Светиот Дух во нашата душа, како жиг во душата; жиг на животот. Но пак, од нас зависи дали тој печат ќе го истакнеме и ќе постанеме чисти личности, со чисти желби.
Светите икони се чудотворни и животворни, поради благодатта Божја која се излева од ликот на образот Божји, од вечноста. Пристапувајќи пред светата икона, целивајќи ја, ние го целиваме ликот и личноста на изобразениот образ Божји. Секако дека материјата на самата икона за нас, нема никаква засебна и општа вредност, сама по себе. За нас единствено, личноста има вредност. Личноста е столбот на животот, личноста е животот.
Господ е Личност, Господ е Света Троица, Три Личности, Еден Бог, Едносуштен Бог. Личноста на Отецот Небесен е извор на вечното Божество, Кој вечно Го раѓа Својот Син, Кој е засебна и единствена Личност, Син Едносуштен со Својот Отец. Светиот Дух Бог, е третата Личност, Кој вечно исходи од Отецот.
Личноста е носителот на совршеноството.
Светата икона се осветува од личноста Божја. Природата, материјата е создадена од Господа, и не е совршена, но сепак е по Божја волја, а како вечна идеја Божја, самата материја е создадена за да биде и она принесена во вечноста, во Царството Божјо, во трансцедентноста, преку личноста на Богочовекот Исус Христос.
Исус Христос, ја зема на Себе и во Себе природата на светот, и од несовршена и грешна, со совршената Своја сила, ја преобразува во совршена и вечна. Личноста на Богочовекот Исус Христос, ја преобразува природата во Себе и ја принесува во вечноста, во Својата слава, воздигнувајќи ја на совршениот пиедестал, заедно во кохезија со природата Божја. Богочовекот Исус Христос, вечно ја почитува и слави создадената природа во Себе, во заедницата на Света Троица, но не слиено со Божествената натсуштествена и надумна природа Божја, туку, паралелно да сопостои.
Оттука концизно поимаме дека и самата материја се осветува поради благодатта Божја. За Бога сè е возможно, затоа што Тој е Создател, Тој е Креатор, и никаква форма или рамка не може да го вклопи или ограничи неограничениот и совршен Господ. Никаков концепт на правила и закони не може да го ограничи неограничениот Господ. Никакви правила и философии не можат да ја ограничат и променат непроменливата совршена и чудотворна Божја моќ, која се излева од Неговата пресвета лична волја. Она што е нелогично за луѓето, за Бога е бесконечен потенцијал.
Светите Дарови, Телото и Крвта Божји се материјални, свети и вечни дарови, Кои ни се даруваат нам, за наше спасение. Светите Дарови во нивното конкретно остварување, во самиот активен процес на мистичното претворање, се предлагаат во почетокот, припремени од несовршената материја, принесени на жртвеникот Божји во олтарот Божји, предложени на Господа, во видот на материјалните природни дарови на самата природа, на Светата Литургија осветени во епиклезата, во таинствениот молитвен чин на Светата Евхаристија, со силата и моќта на Светиот Дух, претворени, преостварени, од материјални природни дарови, во Божествени Тело и Крв. Тоа е чудо над чудата, тајна над тајните! Несовршената природа, се усовршува и преостварува во вечна и непропадлива и непроменлива!
И природата учествува во спасението, впрочем, личноста ја принесува и самата природа во вечноста. Човекот е духовно-телесно битие и целокупно ќе биде спасено. Во конечноста, во второто Христово пришествие, сите ќе добиеме нова и прекрасна, преобразена тела. Природата потполно ќе учествува во вечноста.
Иконите се Божји дар, и знак за позитивна Божја волја. Почитувајќи ги иконите Божји, ние го почитуваме светото Православие. Благоговејно почитувајќи ги светите икони, ние го почитуваме Господа.
Браќа и сестри, да се почитуваме помеѓу себе како икони Божји. Сите сме чеда Божји, во Црквата Божја, сите сме осветени делови на Едното заедничко Тело Божјо. Сите сме еднакви помеѓу себе. Сите сме еднакво љубени од Едниот Господ Бог Творец. Тој ја излева Својата љубов кон сите, и секогаш подеднакво за сите. Затоа, нашата должност е сите да се почитуваме помеѓу себе, а пак, светите икони да ги почитуваме како свети Божји образи преку кои еманира Божјата Благодат од вечноста.
За многу години.
