Недела сиропусна, Прочка

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска сме на самиот праг од почетокот на постот. Од утре започнува воскресенскиот пост, кој се нарекува и велигденски пост. За постот браќа и сестри, многу пати пишувавме и зборувавме. Верувам дека до сега многу нешта ви се јасни по повод значењето на постот. Она што е најважно во контекст на постот, е да сфатиме дека постот е комплетно воздржување, како телесно, така и душевно. Во постот се воздржуваме, или пак, внимаваме не само да не консумираме блажна храна, туку, се пазиме од лошите дела, постапки, помисли, изразувања… Внимаваме како се однесуваме и како го перцепираме светот околу нас.

Впрочем, со какви помисли сме исполнети, таква душевна состојба и ќе зрачиме. Личноста наша треба да биде позитивна, за да зрачиме само позитивност околу себе. Доколку имаме во себе негативност, тогаш негативност ќе шириме околу нас. Храната не ја обликува нашата свест, туку нашата свест се формира по нашата лична слободна волја, која ни е подарена во животот. Ние самите одговараме за себе и за своите поимања.

Постиме за да постанеме уште подобри во добрите дела. Самиот пост е едно добро дело, а преку постот, постануваме повнимателни, посконцентрирани на себе, на своето однесување и на своите помисли, за да креираме, создадеме и оствариме, уште повеќе добри дела. Подвигот кој ќе го започнеме треба да биде комплетен во сè. Добрите дела со кои се докажуваме пред вечноста, треба постојано да бидат наши украси. Добрите дела треба да бидат блескави ѕвезди со кои ќе се украсуваме, блескави бесценети украси кои вечно ќе ја красат нашата душа.

Никогаш не смееме да ги бараме и пронаоѓаме грешките на другите луѓе. Господ вели дека ние не сме судии, дека ние кои сме грешни и минливи, несовршени и непостојани, ние треба единствено на себе да внимаваме и да се бориме единствено против своите гревови. За да постанеме свети и непорочни, мораме да се бориме против своите страсти, нагони и гревови. Од нас се очекува да бидеме кротки и добри, полни со милост и љубов кон другите. Постот подразбира љубов кон другите. Постиме за да љубиме сè околу себе.

Впрочем, постиме љубејќи Го Господа, исчекувајќи го Божјиот спасоносен,  егзистенцијален, вечен сојуз на спасението. Постиме за да се припремиме да се соединиме со Богочовекот Исус Христос на Светата Божествена Литургија. Господ Исус Христос е нашиот онтолошки, фундаментален концепт на постоењето. Постот е средство преку кое се припремаме за соединувањето со Вечниот Живот, со Синот Божји. Целта е Господ, а постот е нашиот личносен израз.

Денеска се сеќаваме и на адамовото прогонство од Рајот. Тоа е трагедија на човечката личност. Тоа прогонство е всушност оправдана консеквенца заради слободната човечка грешна волја и, последователно, лична човечка постапка. Вечната правда е совршена и нема промена во таа совршеност, логично е дека доколку некој погреши, ќе биде казнет. Вечната љубов е исто така вечна совршена Божја категорија, и доколку човекот лично ја одбие љубовта Божја која му се дарува, тогаш консеквенцата за него ќе биде трагична. Вечноста во Бога подразбира убавина, а без Бога, ништо не е убаво и сè е изопачено. Па така, кога не сме поврзани со Бога, тогаш нашиот личен живот, потпаѓа во бездната на ништото, во бездната на безживотот.   

Човекот е создаден за да биде жител на рајот. Тоа Господ го докажал, со создавањето на Адам, поставувајќи го во рајот. Човекот, како смртно битие, има возможност да биде жител во Божјата убавина, делејќи ја таа убавина заедно со Бога, затоа што Бог така благоизволува. Човекот може да живее во рајот само доколку тоа го сака, само доколку лично ја прифаќа таа Божја одлука. Доколку човекот внимава на својот личносен однос со Бог, и доколку има само и единствено позитивен љубовен однос со својот Животодарител и Творец.

Доколку човекот ја изрази својата негативна одлука да не биде во слободна љубовна заедница со Бога, тогаш преку гревот, преку прекратувањето на таа животворна врска со која претходно бил поврзан, ќе отпадне од изворот на животот. И како цвет или гранче кое било претходно поврзано со гранката, со лозата, патем поради гревот кој самиот го остварил, поради болеста која самиот лично ја активирал, ќе отпадне и ќе се исуши. Грешниот човек не може да живее во рајот на доброто. Доброто и убавото, во себе не може да контемплираат зло. Злото е отсуство на доброто, и затоа грешниот и лош човек, отпаѓа од рајот. Адам и Ева се истерани од рајот поради личните гревови и непокајаноста.

Покајанието е основна фундаментална состојба во душата на човекот, заедно соединета со постот. Постот како средство, заедно со покајанието преку кое чекориме кон Господа, со единствената и силна желба да се поврземе повторно со Господ, поради тоа што отпаднавме од Него. Постојано нам ни се дарува и отвара прилика за повторно соединување со Господ. Господ нè исчекува, нè љуби, и во секој еден прекрасен момент на нашето трезвеноумно позитивно остварување на сите добри и основни принципи, Тој ќе нè поддржи и ќе нè прими назад во Својата прегратка. Во постот сме радосни и среќни што имаме прилика да се докажеме во доброто делање, во добрите особености со кои ќе се оствариме повторно како вистински Божји созданија.

Господ ни вели во Евангелието: „Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки“ (Матеј 6, 15). Ете чујте што вели Господ. Тој експлицитно нам ни се обраќа со оваа Заповед, да бидеме милостиви кон сите. Никако не ни рекол да бидеме судии и да бидеме адвокати или обвинители кон сè и секого. Господ ни благословува да бидеме полни со милост и љубов кон секого, за и Бог Отецот да биде милостив и човекољубив кон нас. Даруваме љубов, за да здобиеме љубов, тоа е реципрочно, но сепак, прво ние треба да подариме, за да можеме да добиеме. Господ ги гледа нашите постапки, мисли и желби, и последователно ќе ја добиеме наградата.

Сепак, доколку помислиме дека постојано ние треба прво да се докажеме, за да добиеме, тука повторно грешиме. Секогаш да имаме пред себе, во својата свест, дека Господ го создаде човекот поради љубовта, и го постави директно, автоматски во Рајот, без претходно да се докажува. Господ првоначелно дарува и овозможува, милува и благоизволува, а од нас потоа зависи дали таа доверба ќе ја оправдаме. Љубовта се докажува, таа само преку личните дела директно се пројавува. Ние, како разумски битија, одговараме позитивно или негативно на самата идеја Божја, заради која постоиме. Адам имаше и не знаеше што има, додека тоа што го имаше, не го изгуби. Адам иако беше создаден како биолошки возрасна единка, тој сепак беше дете во животот, дете кое учеше преку своите постапки.

Мудроста се здобива од Бога, тоа е Божји дар. Мудроста е вечна категорија која му припаѓа на Бога, и таа му се дарува на човекот во благодатта Божја. Мудар човек е единствено свет и обожен човек. Сепак во мудроста, можеме да го втемелиме и животниот опит, животното искуство, кое согледувајќи го има некакво минорно значење за човекот.

„А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 17-18).

Ова е втора Христова Заповед која се однесува за постот. Денешното Свето Евангелие кое го читавме на Светата Литургија, изобилува со поуки за нашето однесување во постот. Господ ни укажува дека постот е единствено потребен поради личносниот однос кон Господа. Со постот само и единствено се претставуваме пред Господа, за Тој да нè препознае како Негови чеда, и Тој да нè награди. Но сепак, да не живееме единствено со помислата дека ќе добиеме некаква материјална награда која ќе ни биде корисна во овој свет. Да не ја материјализираме љубовта Божја единствено во земните скапоцености.

Овдека се зборува за вечната совршена награда на чистата љубовна и вечна Божја прегратка и заедницата помеѓу Бог и човекот. Во вечното Царство Божјо не постои систем на материјални вредности како во земниот живот на светот. Впрочем, вечната вредност е Самиот Бог. Наградата е љубовта Божја!

Браќа и сестри, нека ни биде благословен почетокот на постот, да се трудиме на правилен и добар начин да го издржиме до крај. Денеска е Прочка и сите помеѓу себе си простуваме. Секој му ги проштева грешките на другиот човек, кој и да било тој. Затоа бидете полни со милост кон сите околу вас.

И јас ви простувам на сите сето она што евентуално сте го сториле со дело и со помисла кон мене. Опростете ми ги и вие сите мои грешки кои сум ви ги сторил на сите вас, се покајувам за сите мои лоши постапки кон сите во светот. Господ да биде милостив кон мене грешниот.

Господи, им ги простив сите грешки на своите должници, опрости ми ги и ти на мене моите гревови! Амин!