Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска светата Црква го празнува Господовиот празник Христово Обрезание. Денеска се сеќаваме на тој свет чин за Евреите, а кој им го оставил прататкото и пророк Авраам, основоположникот на тврдата и непоколебива вера, како благослов Божји. Имено, Авраам разговарајќи со Господа, го прима од Господа и овој конкретен благослов, кој бил исклучително важен за верниот Еврејски народ, како знак на заедничкиот меѓусебен завет.
Господ му вели: „Ти, пак, чувај го заветот Мој, ти и потомството твое по тебе во нивните родови! Ова е заветот Мој меѓу Мене и вас и потомците твои (и по тебе со нивните поколенија), што ќе го чувате: секое машко од вас нека биде обрезано. А ќе обрезувате крајче од телото свое; тоа ќе биде знак на заветот меѓу Мене и вас“ (Битие 17, 9/10/11).
Сите богоотци, старозаветни пророци, ја продолжиле оваа света традиција која била дадена како заповед Божја на старозаветниот отец Авраам. Последователно и пророк Мојсеј Боговидец, го дообликува старозаветниот Закон Божји, во своето свето служење кон својот Господ, кој го здобил од Бога како голема мудрост и сила со која тој се истакнувал, сведочејќи ја силата Божја преку разни чуда; пренесувајќи го Законот на луѓето, кој патем постанал и основен сојуз помеѓу Господ и народот Божји. Господ ги одбирал Своите пророци, за да ја пренесуваат Неговата Света волја кон Неговиот Израилски народ. Пророк Мојсеј пак, со Десетте Божји Заповеди, кој ги добива во чудесниот разговор со Господа на планината Синај, постанува и клучна личност за Јудејската вера.
Мојсеј го пренесува Божјиот Закон, кој го здобил во својот ум, како директно учење и просветување од Господа, преку откровението кое го имал на планината, гледајќи ја онаа капина која горела и не согорувала, и разговарајќи со Господа Седржителот. Мојсеевиот Закон кој е директно даден од Господа, постанува всушност основен формален сојуз на Еврејскиот народ со својот Господ, Кој чинел безброј пати чуда за да го спаси својот народ. Меѓу другото, обрезувањето на машките деца како задолжителна и непроменлива форма, бил знакот со кој Еврејскиот народ конкретно и директно остварувал телесен белег, со цел, да ја докаже и конкретно својата припадност во Божјата заедница.
Како што и тогаш пророкот Мојсеј на чудесен начин разговарал со Господа, така исто и многу други, меѓу кои и светиот апостол Павле, разговара во еден свештен и тајновит момент со Господа Исуса Христа, одејќи на патот кон Дамаск. Но и сите светители и просветени Божји луѓе, на ист начин и денеска, ја стекнуваат мудроста Божја. Моментот на Божјото откривање е мистичен и духовен момент на милоста Божја, со која Господ се пројавува кон Своите луѓе, за да ги освети и умудри, како би го пренесувале последователно Божјиот збор кон народот Божји.
Стариот Завет го имал во себе Мојсеевиот Закон и верата на сите старозаветни богоотци, кој бил основна форма за Еврејскиот народ во остварувањето на својот старозаветен сојуз со Великиот Бог, Кој постојано докажувал велика милост кон Својот народ.
Синот Божји доаѓа во светот, за да оствари нов сојуз со Својот народ. Имено, во Својата икономија кон светот, конкретно и директно откривајќи се, отелотворувајќи се, Тој веќе и лично доаѓа да ја каже Својата волја на Својот народ. Конкретно откривајќи се во Својата Божествена личност, вочовечен, роден од пресветата приснодева Марија, Богородица, започнувајќи го новиот процес кон остварување на новиот свештен и спасителен сојуз помеѓу Него и луѓето.
Господ Исус Христос, внимателно ги исполнувал сите пророштва од Стариот Завет, кои биле наменети за Него, но и не само тие конкретни делови кои се однесуваат стриктно за Него, впрочем, Исус Христос, како Евреин, го исполнувал целокупниот Мојсеев Закон кој рековме дека бил света форма на припадност. Луѓето во Стариот Закон, преку формалноста ја исполнувале својата вера докажувајќи ја својата припадност кон Господа, додека пак, во Новиот Завет, Господ ја облагородува и осветува таа врска помеѓу Него и луѓето, та светиот сојуз помеѓу Него и човекот, се остварува во срцата и душите на луѓето, во исполнувањето на чистата и Божја љубов, и пред сè, примајќи ги конкретно светите Божји Дарови на Телото и Крвта Божји во себе.
Новиот Завет е конкретен закон во верата кон личноста Божја на Синот Божји Кој се раѓа во светот, страда за светот и воскреснува за да го спаси светот. Новиот Завет е спасителен закон во името на Исус Христос, Кој е нашиот Сотер – Спасител.
Господ се раѓа во светот, живеејќи во него, ги исполнува сите пророштва од Стариот Завет, исполнувајќи го и целокупниот Закон кој се однесувал општо за сите луѓе, во Јудејската вера. Па така, и овој денешен свет чин на Неговото обрезување, Господ Исус Христос, сака да го оствари како благословена формална врска, докажувајќи ја Својата посветеност како човек живеејќи помеѓу Евреите, комплетно истакнувајќи Го Своето свето и Божјо дело преку кое го докажува целокупниот Домострој на Божјото спасение. Господ дошол во светот, постанал човек, внимателно исполнувајќи го сето тоа што било формирано претходно, исполнувајќи го сето тоа претходно постулирано, без исклучок во нешто.
Господ Исус Христос вели: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто вистина ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка и црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“ (Матеј 5, 17/18).
Исполнувајќи сè претходно, ја остварува целокупно Божјата волја, а патем, ја продолжува Својата мисија, кон остварувањето на Новиот Завет, со сето она последователно кое го дава и остава на луѓето, како нов сојуз, како нов начин на спасение.
Господ Исус Христос, како човек, докажува дека е навистина еден од нас и дека сето она што е наменето за нас, е наменето и за Него и дека Тој исто така, лично го исполнува она што Господ им го објавил на Своите свети слуги, на Богоотците и пророците.
Секако дека, последователно, во Новиот Завет, формалното телесно обрезание ја губи својата вредност, затоа што новиот сојуз со Господ, не е веќе само формален на таков телесен начин, впрочем, доколку пак денеска говориме за чинот на обрезанието од православен аспект, ќе напоменеме, дека сите ние верниците се обрезуваме во еден специфичен контекст, а тоа е во духовна форма, во својот ум, во своите срца. Духовно го пресекуваме стариот грешен човек од себе, ги отсекуваме своите страсти од себе, го отстрануваме гревот од себе, и пристапуваме кон Господ со својата добра волја докажувајќи дека сакаме преку искреното покајание, да започнеме со исполнувањето на Новиот Завет. Денеска ние, духовно се обрезуваме, отфрлајќи го гревот, како вишок и како отпад, кој ни смета и ни ја загрозува вечната иднина.
Новиот Завет е светата Божја Црква, конкретно остварена во светата Литургија, каде што директно го примаме Воскреснатиот наш Господ Исус Христос во светата причест, како залог за вечен живот. Господ Исус Христос дојде во светот, исполнувајќи сè претходно наменето за сите луѓе, а подоцна, остварувајќи нов светотаински и спасителен сојуз помеѓу Него и луѓето, а тоа е светата Божја Црква.
Браќа и сестри, нека биде честит денешниот празник и милостивиот Господ да нè благослови од сега и до века. Амин.
