Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
На овој празник го чествуваме формирањето на светата Божја Црква, тогаш кога е сплотена и продуховена заедницата на следбениците Христови, заедницата на Неговите верни чеда, преку силата и моќта на Бог Светиот Дух. На денешниот ден се сеќаваме кога Светиот Дух во видот на огнени пламени јазици слезе врз главите на светите ученици и апостоли, кои ја формираа првата света Црква во Ерусалим, мајката на сите други Цркви во светот.
Богочовекот Исус Христос поучувајќи ги светите апостоли после Неговото славно Воскресение и утврдувајќи ги во верата, им рече да бидат постојано сите заедно во Ерусалим, исчекувајќи Го Духот Божји, Духот на Вистината, кои ќе ги сплоти во една света и соборна заедница на спасението.
Имено, Христос им вели непосредно пред самото Негово Вознесение: „И ете јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24, 49).
„Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. Им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“ (Дела 2, 2-3-4).
Црквата Божја е заедница која е исполнета со Духот на вистината. Бог Пресвета Троица нè соединува во светата заедница во еднобитие, едномислие, постанувајќи еднотелесни, сплотувајќи нè во еден Свет Дух, остварувајќи нè во Телото Божјо во кое сме сите заедно делови на целокупното спасително Христово Тело. Богочовекот Исус Христос ни го подарува Своето свето и безгрешно Тело, заедно со Неговата света и безгрешна Крв, та преку тие свети дарови, како залог за вечен живот, за да нè присоедини во Себе. Но тоа присоединување, нема да биде слевање со Неговата вечна Личност, во која ќе бидеме впиени, втопени, разнебитувани или уништени; не, напротив, Тој ни ја дарува можноста да бидеме сопричесници со Него, во вечноста.
Нашите личности се вечни и ќе бидеме вечни сопостоејќи со Христос, во безвременската и совршена Божја радост, коегзистирајќи со Пресвета Троица. Како богодолични личности, можеме да се оствариме единствено во Христа и преку Него. Ние не можеме да бидеме вечни личности без Христос. Христос е нашата суштина и нашиот темел, Тој е нашиот живот и единствената смисла поради која сме создадени. Единствено во Него ќе се оствариме како вистински луѓе во светот, и ќе ја доживееме совршената вечност само тогаш кога ќе постанеме дел од најпозитивната заедница, дел на единствената заедница која нè остварува како слободни, вечни и позитивни битија, а тоа е светата Божја Црква.
Примајќи ги пресветите Божји дарови, ние се осветуваме, обожуваме и охристовуваме, та на тој начин ја остваруваме иконата на Царството Божјо на светата Литургија, преку Божјата сила и моќ, преку вечните енергии Божји кои струјат непрестајно во светата и спасоносна црковна заедница, во која учествува целокупниот свет, во личносниот однос со Богочовекот Исус Христос.
Светата Црква Божја е делотворна полнота на Благодатта Божја, и во неа учествува постојано потполно Света Троица. Бог Отецот е началото и почетокот во Кого е идејата за целокупниот домострој на спасението; Синот Божји во Кого и преку Кого е создаден светот и Кој благоизволува да пристапи кон остварување на идејата на Својот Отец Небесен, делувајќи преку Божјата икономија во светот, остварувајќи ја светата заедница на спасението; Светиот Дух со Своето делотворно својство на љубовта, ја инспирира, облагодатува, осветува, формира, и ја остварува Божјата Црква.
Трите Личности на Света Троица, постојано, потполно, заедно, соработувајќи во личносната меѓусебна здруженост, во совршениот однос на љубовта, кохезивно и обединето, дејствуваат активно во процесот на создавањето на целокупниот онтолошки идентитет на секој човек во црквата Божја. Единствено само во Црквата Божја, битието се остварува како вистинско и свето битие, битие кое можеме да го наречеме вистински човек, со суштинското теолошко значење за една вистинска и права личност, која го остварува во себе концептот на севкупните вредности кои треба да ги поседува во својата душа; личност која е создадена со преднамената да биде обожена и охристовена икона Божја.
Сите луѓе заедно ја сочинуваат цивилизацијата на човештвото. Нашето постоење е условено во заедницата со другите луѓе. Доколку пак човекот нема позитивен однос со другите луѓе, тој престанува да биде добро човечко битие. Да истакнеме дека, човекот за да се оствари како човек, тоа може да го исполни единствено преку заедницата со другите луѓе. Но, треба да оствари единствено позитивна заедница со другите луѓе. Човекот е човек и единствено се огледа како таков, во другиот човек, признавајќи го секого за рамен со себе, а тоа секако се постигнува во љубовта.
Огледало на секој човек е другиот човек. Човекот се осознава како човек во личносниот однос со другиот човек. Позитивниот однос со целиот свет е нашата фундаментална определба. Имено, човекот за да постои како добро битие, треба да учествува во позитивниот собор во светот, со сите други луѓе. Секој човек е дел од другиот човек во истата земска природа. Сите луѓе се иста материја, еднакви со сета целокупна материја во светот. Сите заедно, соборувајќи на земјата, ја остваруваме вистинската намена. Наменети сме да живееме во соборот со сите други во светот, и наменети сме да живееме во вечноста во Рајот, сите заедно во совршената, позитивна заедница со Света Троица.
Господ го создава човекот наменски, со Неговата вечна идеја, за да го оствари позитивното, доброто, светотаинското заедничарење помеѓу луѓето во светот, со целокупната материја, соборствувајќи во светата Црква. Црквата Божја е вечната Божја идеа, преку која сите луѓе ќе имаат прилика да се спасат. Светата Црква е нашата вистинска заедница преку која единствено ќе можеме да ја исполниме Божјата света волја.
Во Светата Црква учествуваме самостојно, слободно, смиреноумно, пристапувајќи во светата заедница. Како што веќе напоменавме, светата Црква е света заедница, поради заедницата која ја остварува со Вечниот Творец.
Синот Божји е началник и глава на светата заедница помеѓу Него и луѓето – верниците. Господ Исус Христос е првиот Архијереј и Пример на сите луѓе во светата Црква. Тој е нашиот вечен Праобраз. Тој е новиот Адам. Тој е добриот Пастир Кој ја полага Својата душа за спасение на Своите созданија.
Богочовекот Христос, Праобразот на сите луѓе, ја формира новозаветната Црква, уште на самиот почеток, кога ги повикува Петар и брат му Андреј. Тогаш кога Тој ги повикува првите апостоли, да ги направи ловци на луѓе. Петар пак, е храбриот Христов следбеник. Тој со својата храброст и одважност, се докажува пред сите во заедницата. Петар пак, ги повикува и своите другари, да му помогнат во извлекување на мрежите со кои уловиле на чудесен начин толку многу риба, што почнале мрежите да се кинат. Со доаѓањето на другите Петрови пријатели – рибари, со слободното нивно доаѓање да му помогнат на Петар во извлекувањето на мрежите, се создава праобразот на Светата Црква.
Светата православна Црква го има апостолското наследство – преемство да биде поврзана од самиот почеток со Богочовекот Исус Христос, Кој ги повикува Петар и брат му Андреј, ги благословува да бидат рибари во светот, да бидат пастири на словесните овци. А пак Петар ги повикува и своите другари, поточно тоа се и сите последователни следбеници, трудољупци, во верата Христова.
Светата православна Црква е соборна заедница. Светата Црква е соборна структура. Во светата Црква, сите одлуки, сите закони и сите принципи, се донесуваат на светотаински соборен начин, помеѓу членовите на истата. Таа претставува една, света, соборна, апостолска Црква. Таа е икона на Царството Божјо. Светата Црква е Телото Божјо. Светата Црква е Невестата Христова. Светата Црква е заедницата на спасението.
Светата Црква е есхатолошка заедница, таа е небоземна заедница. Светата Црква е сојузот на луѓето со Господ, и во неа се остварува спасението. Светата Црква свештенодејствено Го принесува Господ Исус Христос, Богочовекот, на својот земен жртвеник – во олтарот, Кој се принесува во истиот момент во вечноста, во наднебесниот жртвеник. Затоа Црквата е постојано поврзана метафизички со трансцедентноста – со вечноста.
Истакнуваме и напоменуваме дека, основната карактеристика на Црквата е нејзината соборност. Црквата постои единствено во својата светотаинска соборност, и во неа, сè се остварува преку светотаинското дејство на Света Троица. Благодатта Божја се излева од вечноста, во светот, богато, како Божји подарок. Господ делува во светот, единствено преку љубовта. Па затоа светата Божја Црква е заедницата на љубовта. Сите во црквата Божја, го образуваме Телото Божјо и сите сме соединети во љубовната Божја заедница. Односот помеѓу луѓето во Црквата, постојано се остварува во соединението на љубовта.
Сите членови во светата Црква, сите верници, се причестуваат со телото Божјо, со Телото на Богочовекот Исус Христос. Причестувајќи се со Господа, верниците во целиот свет, ја формираат заедницата на Божјото Тело. Црквата Божја е Божјиот организам. Па следствено со оваа констатација, сите верници и сопричесници со Телото Божјо, постануваат делови на Тоа Тело и го создаваат живиот организам. Светото Тело Божјо е Богочовечко, та заедницата на Црквата Божја е Богочовечки организам.
Светата Црква е соборно ткиво Божјо во светот, но не е некаква светска институција. Црквата не е системска државна вредност во светот на општествата. Црквата е надинституционална светска организација, и не претставува национално – етничка институција, и таа не е универзална кодификација на општествените норми.
Во светот во некаков посебен карактерен контекст постојат национални Цркви, делови на Црквата кои се именувани по етничката припадност на народите. Тие Цркви ги нарекуваме: автокефални православни Цркви.
Овие разлики во едната Црква, воопшто не се суштински. Ова навидум делење на ткивото на светата Црква, воопшто не ја разнебитува соборноста на светата Црква. Впрочем, разликите се поради различните културолошки, идентитетски, традиции и разлики кај народите. Разликите се, поради самото постоење на национално – остварените држави во светот.
Тие идентитетски разлики престануваат да постојат во заедницата на Телото Божјо. Црквата како соборна е содржана од различностите. Секој човек е потполно различен во својата личност, потполно различен во својот изглед, потполно различен во своите потреби како организам. Сите тие навидум различни Цркви, ја пројавуваат својата единственост, во светотаинскиот живот на соборното Тело Божјо. Светата Божја Црква е единствено соборна и компактна во Духот Божји.
Сите разлики на етносите исчезнуваат во Светиот Дух. Светиот Дух ја остварува и сплотува светата Црква, која бива во кохезија со Света Троица. Сите различни етноси во светот, се соединуваат во еднобитието, причестувајќи се со Богочовекот Исус Христос, сплотени помеѓу себе со посредството на Светиот Дух, признаени од Небесниот Бог Отец за синови Божји. Ова е тајна над тајните. Ова е прекрасна фундаментална доктрина (учење), на едната, света, соборна Црква.
За да биде светата православна Црква единствена, сплотена и остварена, мора да го покаже своето учење во реалното, активно заедничарење. Сите помесни, православни, автокефални цркви, заедничарат помеѓу себе, во светата Литургија. Светата Литургија е надземна заедница. Безвременската заедница која го остварува Царството Божјо е светата Литургија. Светата Божја Литургија се остварува во историјата на светот, во сегашноста, а впрочем, светата Литургија во истиот момент е есхатолошко-еклисиолошка заедница. Есхатолошки е поврзана со транседентноста, додека пак, еклисиолошки е поврзана во севкупната заедница на единствената соборна Црква во светот.
Божјиот благослов нека биде со сите вас од сега, и засекогаш. За многу години празникот.