Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Денес е роденденот на Црквата Божја, како што многумина восхитено говорат. Навистина денес е денот кога Светата Црква се остварува. Луѓето помеѓу себе сплотени, во еднобитие, во едномислие, во молитва, и пред сè и над сè, сплотени во љубовта, ја формираат Светата Црква. Црквата е собор на сите луѓе, сплотени во едната вера, во едноверието, во едното Тело Божјо. Сите различни луѓе, различни личности, во различна старосна етапа, насекаде во светот, со различна расна и етничка припадност, сите причестувајќи се со Едниот Син Божји Исус Христос го сочинуваат Телото Негово. Кој го јаде Исусовото Тело, и ја пие Неговата Крв, тој станува дел на еднобитието, и го остварува ова мистично Тело Божјо. Господ Бог Отецот благоизволи и го конципира тајниот Божји домострој на спасението, Синот Исус Христос го остварува планот на Својот Отец преку неговото директно учество во светот, а Светиот Дух содејствува и го формира духовно Телото Божјо.
Светиот Дух ја формира заедницата. Светиот Дух ја создава Црквата преку соединувањето на сите во Едното Тело. Светиот Дух има исклучителна функција на сплотување помеѓу сите различни луѓе, и сплотување на целата материја, на целиот свет. Светата Троица во својот бескрајно, совршен љубовен однос на постоењето во вечноста, заедно го остварува единството на човечкото собрание во заедница на љубовта. Светата Троица, вечната љубовна заедница, ја создава Црквата во светот. Црквата која постои во времето, во историјата, но исто така, во секој момент постои и во есхатонот (во вечноста). Црквата Божја е есхатолошка икона на Царството Божјо. Денес во времето на своето постоење во историјата, Црквата ја претставува иконата на Царството Божјо кое ќе се оствари конечно во својата полнота на совршенството во иднината, во вечноста, во осмиот ден, во новото време.
Во Стариот Завет, човечките собранија во старозаветната вера во Соломоновиот храм беа во сенката на познанието. Луѓето тогаш Му служеа на Бога Творецот, но секако далеку беа од познанието и откровението кое ни се даде нам во денешницата, во Новиот Завет. Откровението Божјо сега е конкретно во Црквата Божја, во Евхаристијата. Во Светата Евхаристија која ја принесуваме како благодарење Божјо, учествува целата Света Троица. Полнотата Божја во Своето едносуштие, учествува во Светата Литургија преку различните дејства на Трите Личности Божји. Бог Отецот началото и почетокот благоизволи, Синот Божји конкретно и реално остварува, во содејство со Светиот Дух Кој прави сè да биде поврзано, осветено и преобразено.
Светиот Дух ја преобразува смртната и несовршена наша природа и ја прави бесмртна. Од стара и несовршена твар, смртна и пропадлива материја, Светиот Дух прави природата на создадениот свет да постане нова твар, нова материја, преобразена. Во Христовото Воскресение, исто така учествувала полнотата на Светата Троица, па така учествувајќи сите Три Лица, прават да воскресне смртната природа и да биде преобразена и вечно жива. Учеството и учинокот на Светиот Дух е постојано еднаков со другите две личности на Светата Троица.
Делувањето на Светиот Дух во светот е единствено во пројавувањето на совршената љубов Божја. Преку осветувањето и преобразувањето на Светите Тајни во Светата Литургија, преку учеството на сите луѓе во Светата Литургија во едномислие, едно благообразие, едно вероисповедање, едно глаголење, преку пеењето и позитивното одговарање во службата, светотаински и мистично Светиот Дух ја остварува полнотата на Светата Црква, иконата на Царството Божјо. Сите луѓе насекаде во светот, каде и да се наоѓаат, сплотени се во својот дух преку Светиот Дух. Мистичноста на Едното Тело Божјо, на Светата Црква Божја, на сплотеноста, ја остварува Светиот Дух преку заедницата на љубовниот однос со Отецот и Синот. Црквата е Една во Духот Божји.
Црквата не е светска и општествена институција. Црквата не е одреден број на клирици кои водат некаква структура во општествениот живот. Црквата не е социјална установа. Црквата не е политичка структура на системот. Црквата е над сето ова. Црквата е наднационална, надполитичка, надетничка, надрасна, надисториска. Црквата е земно-небесна заедница, таа е есхатолошка, поради тоа што постои сега тука на земјата, во својата историска конотација, но во исто време е поврзана чудесно и мистично со вечноста. Во Црквата постојано земаат учество минатото, сегашноста и вечноста. Сите упокоени луѓе учествуваат во Светата Црква. Никој од починатите не го изгубил своето постоење, сите се живи во вечноста со својот дух, со својата конкретна личност. Црквата е една затоа што во мистичноста на своето постоење, денес во сегашноста во полнотата на заедницата на сите луѓе во едната вера која ја исповедаат, во учеството на претставените луѓе од овој свет, и во постојаното учество на Светата Троица и на сите светители Божји, ја остварува својата единственост во светотаинската мистичност на своето постоење. Таа, Црквата Божја го иконизира Царството Божјо, кое уште не е остварено, но конечно ќе се случи после вториот суд Божји, кога повторно ќе дојде Синот Божји на земјата во Својата Слава да им суди на сите живи и упокоени луѓе кои ќе ги воскресне во нивните преобразени тела.
Иако постојат навидум многу различни Цркви на различните етнички припадности, или пак во различните национални држави, сепак, во Црквата Божја нема разлики. Црквата не е универзална и светска со своето делување како некаква политичка, идеолошка унификација во институционален контекст на делување. Кога треба да дадеме дефиниција на тоа што е Црква, тогаш тоа ќе биде во сеопфатен контекст. Сепак Црквата е животот на сите верници во едното вероисповедање, сплотени во заедницата преку Духот Божји. Да повториме и нагласиме, дека, сите тие разлики на постоењето ќе бидат сплотени во единственото вероисповедање на верниците и членовите на славното Тело Божјо. Разликите престануваат да постојат и биваат неважни, во слободното учество и исповедање на жртвата Божја, во крстовоскреснатиот Богочовек Исус Христос. Причестувајќи се со Него, со Бога, со Синот Божји, разликите престануваат да постојат. Тогаш започнува да постои во секоја осветена и облагодатена човечка душа Бог Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух. Еден Господ Исус Христос, една Црква, различни луѓе, го сочинуваат Телото Божјо. Ова е Тајна голема. Ова е чудесна теологија. Создадената природа на овој празник, денес, постанува симбол и заедница на љубовта. Разликите исчезнуваат и започнува постоењето на есхатолошкото еднобитие.
Во денешното Свето Евангелие, Исус вели: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие!“ (Јован 7, 37). Исус е изворот на животот. Тој е постојаниот и вечен живот. Бог е вечноста. Христос вели дека секој кој е жеден за вистината – ќе ја пронајде во Него. Кој е жеден за доброто и убавината – Тој е Принципот. Кој е жеден за мудрост – Тој ја има во Себе. Сè добро, вистинско, прекрасно – се наоѓа во Него. Тој ги повикува луѓето на обилна благодат Божја која ќе му ја подари на секого кој ја посакува.
Понатаму во Евангелието Исус вели, дека кој ќе поверува во Него како што е речено во Писмото, преку него ќе протече жива вода. Секој кој ќе поверува во Синот Божји, но како што е напишано во Стариот Завет, тој ќе се здобие со благодатта на Светиот Дух. Човекот исполнет со благодат ќе биде носител на вечноста. Сепак, прецизира Господ за верата на секој човек. Не вели дека секој кој ќе поверува во чудата кој ги врши, туку во напишаното од дамнина, дека Тој е Месијата. Значи дека Тој е остварувањето на Законот Божји. Тој е Оној Кого Го чекаа луѓето. Верувајќи во тие напишани пророчки најави, луѓето ќе бидат наградени. Светиот Дух ќе го исполни човекот со благодат и ќе го прочисти.
„А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Него” (Јован 7, 39). Ова што го рекол Христос се однесува на Светиот Дух Кој ќе дојде по Неговото Славно Вознесение. Ете, денес, на Светата Педесетница, педесет денови по Воскресението, Светиот Дух во вид на огнени јазици слегува врз главите на светите Апостоли и на луѓето во Црквата. Светиот Дух требало во изобилство да ја излее Благодатта Божја врз оние кои поверувале, кои ја чекале утехата, кои го чекале Царството Божјо. Претходно силата и моќта Божја делувала кај пророците во Стариот Завет, но не во изобилство. Делувала и преку апостолите, но сепак Апостолите твореле чуда конкретно во името Христово, Исус им давал власт. А сега веќе, Светиот Дух се излива на верниците, и тие се здобиваат со разни дарови Божји, прославувајќи Го Господа. Едни се пророци, други се чудотворци, трети се миротворци, четврти говорат разни јазици. Светиот Дух штедро се излива врз верниците. Секој добива дар Божји како утеха за верата. А Црквата Божја станува славна и прекрасна. Прекрасен е Нашиот Бог и сите во Него и преку Него ќе станеме прекрасни.
Живата Вода ја напојува пустата земја. И пустата и сува земја ќе стане оаза на животот. Ете, така, и Црквата е оаза на животот во пустиот и огревовен свет, исушен од грешноста. На Светата Педесетница Апостолите, луѓето, станаа носители на вечното достоинство, и станаа садови полни со животворна вода. Од денот на симнувањето на Светиот Дух врз Апостолите, започнаа да течат непресушните реки на благодатта во Црквата, во сите светители. Во Црквата Божја е спасението и само преку Црквата ќе се спасиме.
Во тоа време, свештениците, фарисеите, народните учители, биле зависни и љубоморни на Христа што вршел разна чуда. Замислете ја злобата на луѓето, кога гледаат бесплатни чуда на излекување на разни неизлечиви болести, воскреснување од мртви, та наместо да станат милостиви и да се им радуваат на тие збиднувања, тие, учителите, се озлобувале уште повеќе. Кога човекот не е искрен, тогаш, извитоперената, тајна, скриена страна од личноста се открива во вистинската злоба. За нив овие чуда биле за осуда. Тие учителите, го изучувале Законот Божји, но немало ништо повеќе од изучување. Тие не верувале во Бога со срцето. Затоа Исус им говорел дека се како варосани гробови. Тие Го мразеле Исуса Христа. Тие сакале да Го фатат Исуса и да Го осудат. Да Го уништат, да ја елиминираат нивната закана. Бидејќи Исус бил милостив и полн со утеха за секого, им пречел со Неговата наука, зошто го возбудил народот. А уште посилно ја сведочел Својата наука со чудата, и така народот се повеќе Му верувал.
Народот, пак, Го славел Исуса, едни Го славеле како пророк, други како Месија. Дури и слугите на првосвештениците ја сведочеле силата на зборовите Христови. Ја сведочеле моќта и власта која извирала од Исуса. А првосвештениците, горди и суетни, егоцентрични и злобни, им велат на своите слуги, дека Тој за Кого тие говорат е лажливец. Дека никој од началниците не верува во Него. Тие како претставници на еврејската вера, себеси се сметале за авторитети. Та говорат дека сигурно би знаеле доколку Тој навистина е пророк. Ете, сè е исто отсекогаш. И тогаш и сега, лошите себеси се сметаат за добри и така се претставуваат пред светот. Светот, пак, гревовен во себе, во сржта нема како да сфати и да ја препознае лагата. Колку повеќе човекот е валкан, толку повеќе чистата перцепција е невозможна. Но, Бога не можеме да Го поимиме со интелигенцијата, со количината на стекнатото образование. Бога Го доживуваме во срцето, во душата.
Учителите народни во својата омраза биле многу злобни. Тие го колнеле и својот народ затоа што не го познавал Законот Божји. Тие го презирале народот затоа што народот поверувал во Месијата. Месијата дојде унижено, кротко како јагне делаше, твореше милост и добрина, и тие, народните учители, не Го сакаа, Го мразеа. И денес, милоста се мрази, а љубовта скоро и да ја нема. Благодатта се подарува бесплатно, но без поседувањето на милост и добротољубие тешко може некој да ја добие.
На крајот од Евангелието е спомнат и почитуваниот Никодим, еден од угледните јудејски старешини, кој поверувал и бил таен ученик. Ете, сепак, некој старешина поверувал, затоа што искрено верувал во Бога и го почитувал Законот на прав начин. Блажениот Никодим забележува и ги прашува другите во синедрионот, членовите на клирот во заедницата, дали може да се осуди некој без да биде сослушан. Никодим ги укорил со тоа прашање, затоа што навистина е нечовечно и бездушно да осудиш некого, без тој да има достоинствено право да се брани. И во Законот било определено дека при судењето, обвинетиот може и треба да се брани, да го изнесе своето мислење. Но, тие, „мудрите и безгрешни Јудејци“ веднаш го нападнале Никодим со прашањето дали можеби и тој поверувал. Тие како лажни учители, не го исполнувале искрено Законот, па затоа и Го осудиле Христа незаконски. И денес, како и секогаш, неморалот го осудува моралот. Тие кои се најмногу неморални, го напаѓаат оној кој е трудољубив и внимателен. Историјата се повторува. Луѓето се исти отсекогаш. Нема различни луѓе, има само ново време.
На денешниот ден, Црквата се радува за оваа благодат која ја добива. На собраните Апостоли во името Божјо, слегол Светиот Дух во вид на огнени јазици и одеднаш Апостолите се исполниле со небесна сила и моќ. Почнале да проповедаат на сите јазици за Месијата Христос. Во тоа време, околу Апостолите имало насобрано 3000 луѓе од разни краеви далечни, разни странци. Секој од странците ја слушал проповедта на Апостолите на својот јазик. Тоа е дело на Светиот Дух, Кој ја правел беседата јасна и потполно чисто разбирлива во ушите на сите луѓе. Секој со своите уши го слушал својот јазик и она што го говореле Апостолите. Тоа е навистина чудесно и е дело на Светиот Дух. Апостолите говореле на својот јазик, но преку Светиот Дух, чудесно, странците ја слушале проповедта на свој, разбирлив, начин. После проповедта на Апостолите, присутните луѓе се крстиле во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Господ секогаш им говори на луѓето во нивната интима, во нивната душа. Човекот Го поима Бога во интимниот простор на своето срце. Секој од нас Го перципира Господа на суптилен и чудесен начин. Секој човек разговара со Бога на својот роден јазик. Колку е прекрасно и неискажливо чудесно, тоа дека Господ говори со луѓето на нивниот јазик. Што е, пак, јазикот пред Господа? Господ го создал светот. Господ го вметнал потенцијалот во светот. Човекот, кој е создаден од Господа, и го има во себе Божјото вдахновение, тој има потенцијал да создава и креира јазици. Но, ништо што создал човекот, не може да претставува непознатост за Господа. Господ е насекаде, пребива во сè и во секого. Господ е нашиот најдобар пријател, Тој нè познава суштински, до секој ситен детал од нашето битие. Тој нè познава уште од самото зачнување. Тој е нашиот Господ уште додека бевме во утробите на нашите мајки. Величествени се делата Господова. Никој не е во состојба да ги сфати делата Божја.
Ти благодариме Господи што нè исчекуваш да се покаеме и да пристапиме кон Твојата милост. Ти си ни го ветил неискажливото достоинство да бидеме Твои синови. Извикуваме и Те славиме во својата земна ништожност. Те пееме, Те благословуваме, Ти благодариме и Те молиме. Како што тогаш си Го испратил Светиот Дух врз Апостолите, дојди и сега при нас, испрати ни Го и нам. Освети нè, обожи нè, усоврши нè. Немој да ја одземеш милоста Твоја од нас грешните. Ние сме грешни, но се каеме за својот гревовен живот, а Ти дојди снисходливо, милостиво и човекољубиво, та подари ни ја Твојата бесконечна милост, како што си им правел на луѓето безброј пати.