Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Денеска го празнуваме овој голем празник, посветен на двата Апостоли Првоврховни, Светите Петар и Павле. Тие се големи примери на благодатта Божја. Тие со својот живот кој Му го доверија на Господ, проповедајќи ја Божјата наука на човекољубието, се покажаа како примери на непоколебливост. Цврсти, истрајни, храбри, одлучни, трудољубиви во секоја добродетел. Му ја покажаа на светот својата искрена вера. Верата, и одлучноста во храброста. Храбро и решително ја ширеа Божјата наука, преку служењето на сите луѓе. Тие го проповедаа Христовиот живот секому и насекаде. Тие ја ширеа Црквата Божја, тие беа вистински ловци на луѓе.
Луѓето во светот живеат обременети од разни животни искушенија. Тие ги ловеа во своите мрежи сите обременети и намачени луѓе од разбрануваното море, и ги спасуваа водејќи ги кон пристаништето на спасението. Не ги спасуваа само намачените луѓе, туку и учените луѓе кои беа во заблудата на земските науки, тие им ги отвораа духовните очи, просветувајќи ги, ги просветлуваа и осветуваа. Повеќе од две илјади години, тие двајцата исклучителни Апостоли, постојано ги инспирираат луѓето. Ги инспирираат и интелектуалците кои ја бараат вистината. Но, и творејќи чуда ја покажуваа Божјата моќ и го докажуваа Божјиот покров кои го имаа врз себе. И после нивната телесна смрт, тие се присутни во светот, во светоста своја, преку Духот Божји. Тие како светители и понатаму делуваат преку Бога, и на сите им го покажуваат патот на спасението. Проповедаа одлучно и пострадаа храбро преку радоста во Бога. Тие покажаа колку многу Го возљубиле Христа Бога, та примија маченичка смрт за Господа Бога, непоколебливо сведочејќи.
Тие двајцата се исклучителни Апостоли кои имаа исклучителни мисии во создавањето на древните Цркви во светот. Тие ги собираа верните луѓе, втемелувајќи ја фундаменталната вера и вистина во секого од нив, преку крштевањето и проповедањето. Тие пишуваа посланија до своите ученици и до древните Цркви објаснувајќи ја верата и принципите на новиот живот во новата Црква. Посланијата кои ги пишуваа се боговдахновени текстови. Нивните текстови претставуваат основна теолошка доктрина која ќе биде, следствено, и фундаментот на целата наша теологија. Тие ги поучувале Црквите кои ги создале во духот на љубовта. Нивната грижа била пастирска, педагошка, славословејќи го Бога. Ја втемелувале и соборноста на Црквата Божја преку принципите на љубовта. Сите последователни свети отци на нашата прекрасна Црква ја изразувале својата вера, и своето поимање во верата го презентирале, преку теолошките поставки на овие двајца Првоврховни Апостоли.
Тие прославени Апостоли, големите Петар и Павле, ја пренесуваа благодатта на Светиот Дух преку директното ракополагање на свештениците и Епископите насекаде во светот. Сите последователни Епископи на светата Црква го имаат Апостолското преемство на благодатниот чин на ракополагањето во светата Евхаристија. На овој начин, преку традицијата на преемството, светата Црква го докажува својот континуитет со нив, а преку нив со Господа Исуса Христа. Преемството е светотаински чин на Светиот Дух, Кој осветува и делува во светата Православна Црква, преку Кого се запазува вистинското наследство.
Светата Црква е светотаинска, есхатолошка заедница која постои денес во историјата, а живее за иднината во Есхатонот. Светотаински Црквата е есхатолошка, затоа што сега е временска, историска, во светот, а во истиот момент е и неземна Црква која е поврзана со вечноста, со трансцедентноста. Светата Црква е соборноста на сите верници, во светата Евхаристија, која, пак, во моментот на сегашноста, во времето, се принесува на Наднебесниот Жртвеник во вечноста, во трансцедентноста на Светата Троица. Во Светата Црква Божја учествува и минатото преку сите телесно упокоени луѓе кои живееле во светот и биле дел од светата Црква. Тие, упокоените, бестелесно учествуваат со својот вечен дух и со својата личност. Впрочем, и светите Апостоли телесно претставени од овој свет, но духовно бескрајно, вечно се живи и се присутни на светата Евхаристија и во нашите животи, кога невидливо нè водат во животот и ни помагаат.
Двајцата Апостоли како луѓе, во почетокот не беа совршени, имаа човечки падови, како што, впрочем, и сите ние имаме човечки падови. Павле – ревносен верник, со пламена вера во Едниот Бог, ги гонеше Христовите следбеници поради Јудејската заблуда во која пребиваше. Петар, пак, три пати се одрече од Христа пред петелот да запее. Но, тие двајцата, се освестија, откако горко се покајаа, и трезвено се каеја целиот свој живот заради својата заблуда. Ги споменуваме нивните падови, не затоа што сакаме да го намалиме нивното дело, нити да ја намалиме почитта кон нив, туку сакаме да Го прославиме Господа Кој е бескрајно човекољубив и бесконечно милостив. Тие навистина ја сведочеа милоста Божја која се излива врз покајникот. Тие беа пример на милоста Божја. Господ не ги остави, туку ја виде нивната искрена вера и поради тоа ги награди за својата ревност која ја изразуваа. Господ исчекува секој од нас да се покае, и исто како што го прими покајанието нивно, Господ ќе го прими секое покајание. Нема за Господа грев кој не може да биде простен. Не може гревот и злото да бидат поголеми и посилни од бесконечната и совршена Божја љубов. Господ е бескрајно добар! Но, од нас зависи дали ќе се покаеме, по примерот на личното покајание на овие двајца вселенски примери на Божјата милост.
Господ Исус Христос по Воскресението, откако јадеше заедно со Своите ученици пред да се вознесе на небото, го праша Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ (Јован 21, 15). Господ го испитува Петар поради Петровите грешки кои ги направил, за да ја докаже својата вера во Него. Петар потврдно Му одговара на Господа, дека навистина Исус знае колку многу го љуби. Петар потврдно трипати одговара дека Го љуби Исуса. Трипати се одрече од Него, а сега трипати ја потврдува својата вера. На Петровата вера Господ ја втемелува Црквата Божја. Господ му вели: „Ти си Петар, и на тој камен ќе ја соѕидам Црквата Моја“ (Матеј 16, 18). Господ го назначува Петар за носител на верата во Неговата Црква, поставувајќи го за Архипастир кој ќе ја раководи заедницата на љубовта. Но, Исус исто така му вели дека во староста ќе претрпи мачеништво, дека поради Него ќе биде убиен. Ќе биде препашан и насилно воден, дека ќе доживее крсна смрт и така ќе ја посведочи, конечно, верата во Него, од кого трипати се одрече поради страв. Тогаш уплашен, а подоцна ќе биде бестрашен. Петар бил во апостолскиот собор секогаш прв и се истакнувал со својата ревност кон Него. Па затоа Христос го поставува за пастир на сите.
Кога Исус Христос ги прашал учениците Апостолите, за кого Го мислат луѓето, Тој сакал да го чуе мислењето на Апостолите за Него. Како и секогаш, Апостолот Петар, како темпераментен и храбар, прв, пред другите, исповедал дека Исус Христос е Месијата, Синот Божји. Христос го нарекува Петар блажен, затоа што го исповедал тоа. Затоа што, вели Исус, дека тоа му го открил Неговиот Отец Небесен. Секое учење за Бога е тајна Божја. Тајната ја открива Светиот Дух. Тајните Божји се откриваат преку богосозерцувањето. Тие кои ја контемплираат Божјата енергија, тие кои ги согледуваат Тајните Божји се наречени богослови.
Господ го благословува Петар со големи благослови. Дека ќе му ги даде клучевите од Рајот и дека сè што сврзе на земјата или, пак, разреши, истото ќе се прифати и на Небесата. Но, сепак благословите кои се истакнуваат за Апостолот Петар се однесуваат и на останатите ученици. Црквата е втемелена како цврста и неуништлива. Вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Црквата е оазата во светот. Светот е пустина поради гревот кој владее. Во пустината животот е ужасен, поради лудилото на злото кое што владее. Човечките души се исушуваат поради злото и патат во својата агонија на заблудата. Црквата е местото каде што стануваме вистински луѓе. Црквата, пак, го напојува секој човек кој е жеден. Во Црквата е живата вода на вечноста. Благодатта на Светата Троица е во Светата Црква.
Светиот Апостол Павле бил исклучителен верник, ревносен Јудеец кој го почитувал Мојсеовиот закон. Но, еден ден, одејќи на патот за Дамаск за да ги гони христијаните, одеднаш го обзела светлина од небото и тој паднал на земјата. Христовиот глас разговарал со него, говорејќи му дека не треба да се рита против бодило. Савле ослепе од нетварната светлина, но го послуша гласот Божји. Го послуша Исуса Христа и така се стекна со благословот Божји. Ананија, ученикот Христов, по Божји благослов, го крсти Савле и тој повторно прогледа. Савле, наречен Павле, започна да ја сведочи својата заблуда и да го проповеда Христа насекаде. Поради својата нова ревност во Господа, тој беше постојано во опасност од Јудејците кои сакаа да го убијат.
Павле во својот нов живот, просветлувајќи се, ги создаваше првите основи на теологијата. Патувајќи насекаде, се трудеше да го проповеда Христа и да ја сведочи откровенската Тајна Божја. Тајната на Христовиот живот. Тајната на Божијот домострој на спасението. Тајната на Христовата личност. Тој го сведочел Христа како ехатолошка личност. Богочовечка Личност која живеела во светот, но исто така е присутна во Есхатонот на трансцедентноста, седејќи оддесно на Отецот. Дека Богочовекот Христос повторно ќе дојде во Својата слава, за да го изврши конечниот суд над творбата и да го оствари конечниот план Божји. Павле ја создавал и основата на еклисиологијата на Црквата Божја.
Тој делувал пастирски кон сите, секако и педагошки, објаснувајќи ја суштината. Црквата Божја во своите гонења, искушенија, проблеми, имала потреба од пастир кој ќе биде покровител, чувар на верата. Апостолот Павле е навистина многу заслужен преку неговите писма, посланија и текстови кои ги пишувал и наменувал за Светите древни Цркви кои ги формирал. Господ го наградил со исклучителна благодатна моќ, со која правел исклучителни чуда. Дури и неговата сенка била чудотворна и лековита. Но, сепак, Господ му оставил искушение кое му пречело во неговиот живот. Трнот на маката кои не го оставал да биде спокоен. Покрај толку голема благодат Божја, човекот како несовршено и варијабилно битие, може да застрани, и тој можел и да помисли дека моќта која ја има е лично негова. Но, благодатта Божја се подарува на покајаните грешници, на луѓето кои секогаш и понатаму се борат со своите лични искушенија. Се подразбира дека борбата никогаш нема да престане додека сме живи.
Парадоксот во нашата вера е токму борбата. Велики светители, а и понатаму луѓе со својата човечка стварност. Борбата е доказот на нашата волја за решителност. Доколку се бориме, ние докажуваме дека Го љубиме Бога и дека сакаме да ја задржиме добиената благодат. Доколку ја изгубиме борбата, ние ќе ја изгубиме и благодатта. Борбата со својата личност е тешка и бескрупулозна. Борбата нè држи будни и свесни дека сè што добиваме од Бога, го добиваме како исклучителна милост Божја, а не како совршено безгрешни луѓе. Ништо нам не ни припаѓа, ништо не можеме да добиеме по заслуга. Ние сме несовршени и грешни, кои единствено преку постојан труд, борејќи се со својата волја, ја докажуваме нашата љубов кон Господа.
Двајцата Првоврховни Апостоли Петар и Павле, се исклучителни примери, докази за Божјата човекољубивост. По нивните светителски молитви, нека ни дари Господ согледување на нашите гревови. Да се отрезниме и да сфатиме, дека сме грешни и несовршени. По примерите на овие две светлозарни небесни ѕвезди, да го согледаме нивниот живот, да бидат тие за нас инспирација, за да започнеме да се будиме од бунилото и сонот во кои живееме. Сонот наш е апатијата. Ние заспавме во рамнодушноста и незаинтересираноста кон светот, а најпрво кон другите луѓе. Ние веќе себеси не се согледуваме во контекст на човечноста. Сè повеќе ни се наметнува теоријата за личната индивидуална среќа. А заблудата е во тоа дека среќата се остварува во самотијата на личноста. Напротив, радоста и среќата се остваруваат во заедницата на луѓето. Заедницата на љубовта е среќа и радост.