Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Денешниот ден е празникот на надежта и радоста. Господ Света Троица ни се објавува и ни се открива преку чудесното Христово Преображение. Господ Отецот Го сведочи Својот Син, Синот се објавува и се обзнанува во Својата Божја Слава и Светиот Дух ја излева благодатта Божја врз Апостолите кои биле со Него. Овој денешен Господов празник е еден од важните и големи Господови празници кои ние ги прославуваме во Светата Црква. Во овој денешен празник се открива вистината Божја, се открива концептот Божји на нашето спасение, се открива и учеството на створената природа во Божјата Слава. Многу аспекти на нашата вера се откриваат во овој денешен празник.
Денешниот дел на Апостолот кој што го читавме на светата Литургија, е определен за посланието на светиот апостол Петар. Петар е очевидецот на ова славно Христово Преображение. Тој непоколебиво го сведочел ова чудо постојано во својот живот. И во ова негово послание, го нагласува тоа што го видел и доживеал на гората Тавор. Тој ја сведочи Божјата Слава. Петар е пример на добра вера. Пример на покајание. Пример на Божјата милост. Тој бил како човек слаб и колеблив. Но, сепак бил скрушен покајник и затоа Господ го подига од неговата страшливост и од падот кога трипати го издал Господа. Поради својот пад, тој горко се каел, сепак бил човек и како човек згрешил. Но, и како човек покајник се каел до крајот на својот живот. И како човек покајник бива воздигнат од Бога во светотаинското достоинство на Светоста.
Сепак тој имал вера која треба да биде цврста и силна како карпа, та неговото име Петар, во превод значи „камен“. И пред крајот на својот живот, тој ја сведочел својата вера во Исуса Христа храбро и бестрашно. Во своите писма кон древните Цркви од првиот век, тој ја сведочи својата вера во својот Учител и ја претставува боговдахнато на сите луѓе. Тој вели: „принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов“ (2. Петар 1, 5-7).
Петар нè подучува како треба постепено да стекнуваме добродетели. Добродетелите треба да станат наш живот и треба да ги нижеме правејќи невенлив венец, та со тој венец да бидеме украсени. Човекот станува суптилно битие само тогаш кога е исполнет со доблести. Доблестите прават човекот да биде осведочен како добар и квалитетен. Добротата подразбира доблест. Совршеноста е во Господа, но секако дека ние треба да се насочуваме кон совршеноста, кон Господа.
Во денешното празнично Евангелие, читаме дека Исус со Себе земал само тројца Свои ученици и со нив тргнал да се качува на гората Тавор. Ги повел со Себе Петар, Јаков и Јован љубениот Свој ученик. Исус често одел на молитва на тајна места што подалеку од народот. Постојано го следел голем народ и затоа Тој се осамувал во Својата молитва. Така и ние. Кога се молиме на Господа, се осамуваме, се сокриваме од светот. Во молитвата се молиме скрушено и со полно покајание. Секако дека молитвата е таен разговор со Бога. Господа го пронаоѓаме секогаш во својата душа, во тајноста на својата психа. Својот ум го возвисуваме во сокриените тајни места на менталната перцепција.
Понатаму во денешното празнично Евангелие читаме дека, додека се молеше Исус на гората, лицето Негово стана посветло и потполно поразлично од претходно вообичаениот Негов човечки изглед. И облеката му постана блескава како молња. И додека се молеше, покрај Него застанале пророците Мојсеј и Илија и разговарале со Него. Двата големи пророци на храброста, трудољубивоста и непоколебливоста во верата. И двата пророци биле стожерите на Јудејската вера. Тие двајца светители Го посетиле Синот Божји, Богочовекот Христос. Пророците Го сведочеле избраникот Божји, Го сведочеле Месијата. Тие покажале дека Тој не е противник на Божјиот Закон, туку дека Тој го исполнува и надополнува. Тој е самиот Закон. Тој е Праведноста. Тој Го остварува Новиот Закон во Себе. Тој, пак, со пророците разговарал за Неговото страдање кое требало да се случи.
Таа Божја Слава што ја виделе Светите Апостоли, не била воопшто симболична светлост. Таа светлина е Божјата неземна, нетварна енергија. Оваа светлина го најавува и второто Христово пришествие кое ќе се случи во иднината, но тогаш потполно откриено во Славата Божја. Светителите ја нарекуваат оваа Христова светлина „предвосхит на второто пришествие.“ Господовата светлост е образот на преобразбата на човечката душа. Душата преку аскезата, прочистувајќи се преку покајанието заедно со телесниот подвиг, се стреми кон небесната неземнка, трансцедентна Божја благодат. Господ, позитивно одговарајќи на човечката волја да пристапи кон Него, го поврзува земниот човек со небесната благодатна енергија.
Тројцата Апостоли ги претставуваат трите основни и најважни добродетели преку кои се насочуваме кон Небесната Светлина, а тие добродетели се: силната вера, непоколебивата надеж и огнената љубов. Преку добродетелниот живот, делајќи во трудољубието, човекот моли за заедничкиот личносен однос, а сепак Господ е Тој Кој одговара и прифаќа, за конечно и позитивно да го оствари заедничкиот меѓусебен однос.
Понатаму во Евангелието читаме дека алиштата на Исуса Христа засветлиле и како да биле едно со Неговото тело, а лицето засветлило како сонце. Ова е славата на победата. Победата за човекот е кога Тој ќе стане богодоличен, богоосветен, богопреобразен… Целта на човекот е да стане осветена и прекрасна облагодатена икона Божја. Та Христос им покажал на учениците во каква слава ќе блескаат оние кои ќе бидат прегрнати од Божјата љубов во вечноста. Оваа светлина е натприродна светлина. Светлина која постои и пред сонцето. Впрочем, сонцето и ѕвездите се создадени небесни тела во целиот создаден Космос и тие тварни и силни енергии кои постојат во природниот видлив свет се создадена тварна материја и енергија. Додека Божјата светлина е нетварна, вечна, несоздадена енергија која е посилна од сè она што е видливо и од сè она што ние можеме да го замислиме како луѓе, кои го перцепираат животот од нашето емпириско искуство.
Понатаму, Христос разговара со пророците Мојсеј и Илија како Владика и Господ. Тие Му се потчинуваат и Го потврдуваат за Господ. Тука ја согледуваме пораката која ни покажува дека големите пророци се слуги на Синот Божји. А другата, пак, порака ја согледуваме кога сфаќаме дека Исус Христос Го исполнува законот Божји, дека Тој не го укинува Законот кој го втемелиле точно овие два пророци.
Светлиот облак е благодатта на Светиот Дух Кој нè осенува и закрилува. Исто така и во Светата Црква Божја, благодатта на Светиот Дух ја остварува заедницата и ја преобразува материјата. Облакот на благодатта Божја го заштитува она што е добро и го остварува како свето. Благодатта Божја, пак, се дава во Христа и преку Христа и се излева во Телото Божјо. Гласот на Отецот го сведочи Својот Син токму тогаш кога Синот Божји останува сам со Своите Апостоли. Та откако заминуваат пророците после заедничкиот разговор, после тоа гледаме дека благодатта се излева на Светата Црква преку Исуса Христа. Господ несомнено ја покажува оваа вистина и оваа важна порака. Дека Христос е Единствениот Месија и Спасителот на светот!
Секој верник кој ќе живее вежбајќи се себеси во трудољубивиот подвиг на исполнувањето на што повеќе добродетели, тој секако ќе го насочува својот ум во духовното мисловно, ментално вежбање на поимањето во нашата вера. Менталниот наш труд треба да биде насочен кон богосозерцувањето. Да се обратиме кон тоа свесно вежбање на нашиот дух. А секако дека ние ќе очекуваме и позитивно прифаќање на нашиот труд од Бога.
Учениците, пак, гледаме дека биле уморни и слаби, заспале и не биле свесни на почетокот за она што започнало да се случува со Христос. Кога се разбудиле, ја виделе славата Божја. Така и ние, слаби во своите човечки животи, често паѓаме во умор и немаме истрајност во молитвата. Молитвата е умствена активност. Таа е вежба. Вежба на личната волја. Молитвата е духовната нишка на поврзаноста наша со Бог. Енергијата Божја слегува на нас во активноста на нашата молитвена екстаза. Духовната енергија која се излева од Наднебесниот Божји жртвеник, се слива до нас, во молитвениот активен момент. Но, човечките телесни сили се несовршени и ограничени, затоа уморот кој нè завладува ни ја раскинува тајната врска, врската на трансцедентноста со реалноста во нашиот свет.
Кога се разбудиле, апостолите, ја виделе славата Божја и се запрепастиле. Кога пак се завршило чудото, апостолот Петар Го прашал Учителот да изградат три колиби. Една за Христа и двете за Мојсеј и Илија. Петар не знаел што зборува во бунилото. Мислел дека веќе настапил крајот на светот, та затоа Петар посакал да останат сите на тоа место. Но, слушајќи ги Петар идните маки на својот Учител, и Неговата идна маченичка смрт на крстот, тој не сакал да се случи тоа. Затоа сакал да Го заштити Учителот и да го избегне тоа ужасно дело. Претпоставуваме дека на Петар му било ужасно тешко кога го слушал претскажувањето кое требало да се случи.
Додека Петар уште говорел за тие колиби, се спуштил над нив светол облак и ги обземал. Тие биле во самиот светол облак. Се зачул гласот Божји кој велел: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“ (Лука 9, 35). Гласот Божји, на Небесниот Отец, Го сведочел Својот Единороден Син, а пророците си отишле, исчезнале, после разговорот со Христа. Исто така, Стариот Завет останува во историјата како Стар Завет. А сега се појавува љубениот Син Божји, Кој се отелотвори, очовечи, се роди од жена. Без разлика што Синот Божји станува ограничен човек, Тој никако не ја губи својата Божја природа и не ја губи Својата Божја полнота. Тој како отелотворен човек пред Воскресението е Син Човечки, што значи станал ограничен човек, но истовремено и Бог безграничен и совршен. Отецот Небесен сведочи дека сега Тој е Новиот Завет со Бога. Сега Христос е Откровението Божјо и Спасението на светот.
Бог Света Троица се Открива во својата икономија на делувањето во светот. Бог Света Троица, постојано е присутен преку Своето Откровение во светот. Домостројот на спасението Божјо за светот е идеја Божја на Великиот Совет Божји. Бог Отецот, изворот и начелото Божјо, благоволи, посакува, додека пак Синот Божји, Кој е вечно роден од Отецот, благопосакува да ја оствари Божјата идеја. Делувајќи и создавајќи, Синот Божји, позитивно одговара на татковската идеја, пристапувајќи кон остварувањето на планот. Светиот Дух, вечно исходи од Отецот, благоприфаќа и позитивно одговара на Отецот во соработката на меѓусебниот личносен однос. Светиот Дух активно соделува и учествува во создавањето на светот, заедно со Синот Божји. Целата Света Троица, во Својата вечна, совршена полнота, се открива и остварува во меѓусебната личносна соработка. Троичниот меѓусебен личносен однос се остварува единствено преку љубовта. Љубовта е совршеното својство на односот во Света Троица.
Човекот е несовршено битие чиј живот е зависен од Божјата волја. Нашето создавање не е нужно Божјо остварување, туку ние сме создадени во слободната Божја креативност. Човекот како несовршена материја нема самостојно постоење. Човекот, како и целата создадена природа, се дел на Божјото уметничко изразување. Во нашата слобода се пројавува и желбата за директен личносен однос со Создателот. Ние како телесни битија кои постојано живеат во меѓусебен човечки контакт, посакуваме да општиме и со трансцедентниот Господ. Но, општењето со Бог се случува единствено преку искуството на човечкиот контакт кој нам ни е познат, преку човечкиот начин на општење. Секако дека Господ се самоунижува и снисходи поради нас и на разни начини ни се открива.
Мојсеј го запрашал Бог: „Покажи ми ја славата Своја.“ (Исход 33, 18). А Господ му одговорил: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.“ (Исход 33, 20). Божјата сила е бесконечна и апсолутна, а тоа значи дека е за нас луѓето несфатлива. Но, несфатливо моќна која секако може да ништи се пред себе. Доколку човекот Го следи Господа тогаш тоа е правиот начин на нашето остварување. Но, доколку Господ застане, поставувајќи се со Своето лице наспроти нас, тогаш тоа е за нас погубно. Доколку ние се поставиме директно пред лицето Божјо, ние изразуваме дрскост и наша спротивставеност кон Него. Поставувањето спротивно еден со друг, е израз на „конфликт“, следствено, пак, нашата природа е минлива и смртна, тогаш конфликтот и уште нема ни да започне во мисловната идеа, а веќе човекот ќе исчезне пред апсолутната, бескрајна, моќна сила.
Секако дека благодатната Божја енергија која сега се подарува во светата Божја Црква Христова се подарува во сразмерна количина, која нè усовршува и нè надградува и не нè оштетува. Така и тогаш, на Преобразувањето Господово, Божјата енергија не ја уништила смртната природа на апостолите, туку во сразмерната количина ги осветила и обожила. Да се трудиме и ние денес, да се насочуваме кон Господа, во смирението, непоколебивата вера, во надежта и во љубовта.
Господ нека нè благослови од сега и до века.