Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Преподобниот Наум Охридски е македонска гордост, со која нашиот народ се радува и весели. Тој е нашиот патеводител во нашите животи полни со бури и неприлики. Тој е нашиот светилник кој стои поред разбрануваното море на животот, та осветлувајќи ни го патот, сигнализирајќи ни го правецот, ние полека, но сигурно, пловиме по водата на искушенијата и директно пресекувајќи ги високите бранови на животното море, со негова помош, ја гледаме неговата светлост која сигурно и полека нè води низ темнината на животот до тивкото пристаниште, до брегот на светлината. Ние се гордееме што го имаме за наш пример, во кого се препознаваме дека сме негови чеда и дека сме христијани.
Светиот Наум е охридски бисер во македонската земја. Охридскиот бисер кој е прекрасен и славен, присутен и единствен само во охридското езеро, е потполно симболично поврзан и со прекрасниот наш светител Наум. И тој е единствен и славен во целиот свет, препознатлив единствено во македонската историја, живеејќи трудољубиво во охридскиот крај. Прекрасниот наш Охрид, кој ја сведочи својата славна историја на христијанската култура и традиција, го мериме и поистоветуваме со прекрасниот град, центарот на христијанството, а тоа е преславниот град Ерусалим.
Нашиот христијански и балкански Ерусалим е нашиот до небо славен Охрид, кој ги сведочи сите наши прекрасни светители. Светиот Наум Охридски е репрезентот на македонскиот црковен живот од времето во кое тој живеел. Како прекрасна рајска птица, со својот рамноангелски живот, со своето просветителско дело, светиот Наум го украсува нашиот македонски Ерусалим, но заедно и со другите велики светители кои се подвизувале и живееле во тој крај; заедно ја прославуваат целата наша македонска и христијанска култура.
Свети Наум е основоположник на неговиот прекрасен манастир. Манастирот на свети Наум е центар на црковниот и духовниот живот од самиот почеток на неговото формирање, затоа што тој го формира, се грижи за него и трудољубиво делува. Тој самиот е славниот и велик ктитор, столб на црквата Божја, темел на духовноста во нашата историја. Манастирот заедно со неговиот игумен, бил духовна кошница на медоносните пчели. Пчели кои нашироко мисионереле и ја обработувале нивата Божја, ги облагородувале цветовите на земјата Божја, со својата духовна проповед, но и сведочејќи ја својата пчела матица, во својата славна кошница.
Во духовната кошница, медот е пресладок и прекрасен, затоа што блажината на тој духовен мед е добиена од благодатта Божја. Молитвите кои се превознесуваат во манастирот, заедно со телесниот подвиг, се принесуваат на дар Божји, поради здобивање на Божјата утеха и убавина. Бог го наградил светонаумовиот манастир со славна историја и со прекрасна духовна убавина. Секако дека и неговата архитектура и надворешниот изглед се прекрасни и го оставаат секој човек без зборови. Но благодатта Божја која се излива во светонаумовиот манастир е таа која го шири рајското благоухание со кое се исполнува славната обител на светиот Наум.
Светиот манастир е небоземна, духовна, рајска градина, во која се посадени прекрасни и разнобојни цвеќиња; плеада прекрасни монаси во својата долга историја на постоењето. Сите монаси претставуваат прекрасни рајски цвеќиња со кои се украсува оваа духовна оаза, но секако дека, нај прекрасното духовно цвеќе е самиот прекрасен игумен и основател, светиот славен, преподобен Наум Охридски. Тој е сохранет, посаден во својот манастир како рајско цвеќе, и тука постојано расте и понатака неговиот небоземен труд, кој се сведочи преку неговиот осветен и обожен живот. Прославувајќи го Христос нашиот Бог, собирајќи ги монасите околу себе, помагајќи и тешејќи ги луѓето кои доаѓаат на молитва и бараат помош, тој ја сведочи и понатака својата грижа и ден денес. И денеска манастирот како жив монашки центар, ја сведочи својата долга, прекрасна и славна историја.
Светиот Наум е роден 830. година и се упокоил 910. година. За него е познато дека потекнувал од богати и побожни родители, та поради љубовта кон Бог тој се замонашил и го оставил зад себе светскиот живот. Тој бил средновековен научник, писател и учител, и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.
Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј, учествувајќи во нивното дело на просветителството насекаде каде што тоа било потребно. Учествувал со светите браќа и во Моравската мисија, во Панонија, Девол, Илирик и на разни други места. Учествувал и во работата на Преславската книжевна школа во Велики Преслав.
Светонаумовиот манастир, посветен на светиот Архангел Михаил, постанал книжевна школа и центар за мисионерство. Свети Наум се занимавал со литературна дејност, и ја раководел Охридската школа. Преподобниот Наум ги подучувал словенските народи на нивниот роден јазик, описменувајќи ги и воцрковувајќи ги. Неуморно ги распространувал богослужбените книги кои ги превеле светите Кирил и Методиј, преведени од старогрчки на словенски јазик.
Во 868. година, во Рим, папата Адриан II, го ракоположил светиот Наум за ѓакон, а потоа го примил и чинот презвитер. Папата Адриан II го признал како богоугодно делото на Словенските учители, ги осветил словенските богослужбени книги, и благословил да се служи света Литургија на словенски јазик.
Но во својот живот, свети Наум имал и тешки искушенија, кога ѓаволот ја подигнал својата борба против светиот учител и кога му правел разни проблеми. Тој бил фрлен во темница, прикован во окови, подложен на мачење. Но по молитвите на светиот Наум и на другите ученици на светите браќа солунски просветители, настанал силен земјотрес, ѕидовите од затворот паднале и оковите се скинале. Во своето мисионерење, тој странствувал во разни места и земји, храбро просветувајќи ги народите. Светиот Наум и додека бил жив чинел големи чуда. Та и сега после толку векови, чудата се постојани на неговиот гроб, на неговото прекрасно место, каде што е сохранет. Тој и денеска ги вчудоневидува и воодушевува верниците со неговото молитвено застапништво пред Господ и со неговата голема чудотворна моќ, која ја здобива од создателот на животот Господ, на кого тој му служи во вечноста.
Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 1740 година, се вели дека чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото.
Свети преподобен Науме, оче наш духовен, ти благодариме што си постојано со нас во нашиот живот. Ти благодариме што нѐ не оставаш во нашите тешки животи. Ти благодариме што ја сведочиш нашата тешка и долга историја и што не тешиш во нашите земски и историски времиња. Времињата се постојано тешки, со својот земски дух, дух кои е оддалечен од Божјата заедница. Но ти си тука со нас, нè крепиш и тешиш за да можеме спокојно и сигурно да одиме кон Бог. Ти си нашиот сведок за Божјата милост, та моли го Бог да биде и кон нас милостив. Твојот гроб е местото на нашата духовна радост. Твојот гроб е извор на Благодатта. Биди милостив кон нас грешните и никогаш немој да нè оставиш. И кога грешиме, биди трпелив кон нас, та помогни ни да се покаеме. Помогни ни да се сетиме дека, покајанието е нашето средство кон спасението.
Ти благодариме свети Науме за сè досега, и биди со нас и понатаму. Застапувај се за нашата татковина Македонија и за сите нас кои го величаме твоето дело, делото на пожртвованоста и трудот во ширењето на љубовта Божја.
За многу години празникот.
