Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Денеска светата Македонска Православна Црква, Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима, го празнува споменот на светиот Наум Охридски и Македонски, Чудотворец. Денеска свечено празнично, го славиме споменот на овој великан на македонската историја. Свети Наум Охридски е една од најзначајните икони на Македонската Црква. Тој е икона Божја, која Го репрезентира Господа во светот, икона која го сведочи Божјото присуство помеѓу луѓето. Светителите се Божји примери, Божји докази, Божји знаци, преку кои луѓето низ историјата на светот ја согледуваат Божјата милост и помош.
Светиот Наум Охридски е репрезент на македонската историја, репрезент на македонската вера и култура, репрезент на македонскиот потенцијал со кои ние денеска се гордееме, согледувајќи го него, како истакнат пример на светоста. Тој е учител на верата за својот народ, за својот македонски род, со него, Црквата Божја е богата поради неговата светост со која се истакнувал и додека бил телесно жив.
Денеска вечно сопрестојува во есхатонот, во небесниот Ерусалим, заедно со своите учители Кирил и Методиј, со своите сотрудници: Климент, Сава, Горазд и Ангелариј, со сите останати македонски светители, заедно со Мајката Божја и со Богочовекот Исус Христос. Тој трудољубиво вредно работел за небоземната црква Божја, црква Христова, прегрнувајќи ја. Та денеска прославен и на небесата, вечно молитвено се застапува за нас пред престолот Божји. Како и во минатото трудејќи се и просветувајќи ги луѓето, така и денеска од вечноста, и понатаму постојано нè просветува.
Свети Наум е бесценета вредност за Македонија. Тој како еден од основоположниците на книжевната школа во Македонија, се истакнува со својата научна дејност, оставајќи неизбришлив траг во историјата на Европа, во историјата на квалитетот. Тој исполнет со Бога во себе, го застапувал вечниот квалитет кој го посадил во Македонија, како благословено семе кое ќе расте и ќе се развива. Тој е нашата чест, со која ние денеска се фалиме и се гордееме. Бил неуморен наставник и учител заедно со светите браќа Кирил и Методиј, Солунците, во ширењето на словенската азбука и писменост во Европа. Секако најголемо придонес за Црквата и за Македонската историја во постојаната своја дејност, ја остварил во охридскиот крај, во Македонија.
Како и свети Наум, така и свети Климент Охридски, свети Теофилакт Охридски, свети Еразмо Охридски и уште многу други светители, го прославиле и истакнале прекрасниот град Охрид, кој се истакнувал со својата местоположба и со својата исклучителна култура на народот кој таму живеел. Охрид со своите прекрасни, древни цркви и манастири, се истакнува во историјата со својата улога на Балканот и во Европа. Писменоста, културата и верата на Балканот и во Европа, се формирани со силна улога на книжевната охридска школа, и со огромното влијание на светоклиментовиот универзитет на Плаошник, прв од таков вид, и еден од нај старите во светот.
Важноста и славата на прекрасниот град Охрид, со својата околина, се вознесува во висините небесни, и светли во историјата на светот како прекрасен пример за квалитетот на македонскиот народ.
Прекрасниот Македонски Ерусалим, до небо славниот Охрид, блеска во историјата на светот, со своето историско влијание, така и денеска, со пиетет ги согледуваме сите тие факти кои сведочат за таа прекрасна и славна историја.
Свети Наум е исклучителна личност, која остава и денеска свој специфичен печат во времето, со кој се истакнува како семакедонска гордост. Никогаш не смееме да го заборавиме своето наследство, своето богатство, својот капацитет, својот идентитет, својот претставник пред престолот Божји. Свети Наум е наш небесен покровител, наш заштитник, наш чувар, наша надеж, наша утеха, наша радост, наша молитва, наша светост, наша светлост. Тој со својот свет манастир на охридското езеро, им светли на луѓето кои пловат по разбрануваното и длабоко езеро на животот, полно со разни непредвидливи искушенија поради разните атмосферски влијанија, како светилник ги наведува кон себе, кон пристаништето на верата, на мирот, на љубовта.
Светонаумовскиот манастир, изграден од свети Наум во 900 – 905 година, посветен на светиот архангел Михаил, изграден на крајбрежјето на Охридското езеро, подигнат над прекрасните и бистри води на самото езеро, со прекрасна глетка, величенствено поставен да ја сведочи традицијата, молитвата, верата, монаштвото, покрај изворите на реката Дрим, во прекрасните пејсажи, во прекрасната околна природа, се истакнува со разни добри атрибути. Свети Наум, како пчела-матица, пламено молејќи се на Господа Исуса Христа, собрал многу монаси околу себе, и го наполнил манастирот како кошница за пчели со Божествен мед. Божјата благодат се изливала врз светителот и врз неговите браќа монаси, та уште тогаш, светиот Наум бил чудотворец.
И денеска свети Наум, прави разни чуда на оние кои со вера и молитва му пристапуваат. Од разни страни на светот доаѓаат на свето поклонение, за благослов и за спасение. Благодатта Божја и денеска се чувствува на неговиот гроб во самата црква, каде што тој почива.
Браќа и сестри, да му се помолиме на свети Наум во срцата наши, во душите наши, за да се застапува за нас пред Господа. Секој кој го призива името на свети Наум, ќе биде благословен од самиот светител, ќе биде молитвено прегрнат со Божјата утеха. И денеска луѓето ја сведочат силата на светиот Наум, откако му пристапуваат со големо почитување и голема љубов.
Нека биде честит празникот на светиот Чудотворец Наум Охридски и Македонски, на православните верници; нека биде честит празникот на Македонската Црква, на нашиот Македонски народ и на нашата татковина Македонија.
