Рождество на Господ Исус Христос – Божик

( Тропар ) Раѓањето Твое, Христе Боже наш,
го озари светот со светлината на знаењето; во неа пак,
оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа
Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата,
и да Те познаат Тебе,
Исток на вистините,
Господи, Слава Ти.

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Денеска е прекрасен и величествен ден на светата црква Божја. Денеска црквата Божја го слави раѓањето на својот Спасител, раѓањето на Синот Божји во тело. Црквата Божја го слави денот на својот Закрилник, денот на својот вечен Архијереј, денот кога се раѓа Оној Кој ги принесува Своите дарови и Кој Себеси се принесува во наднебесниот Свој жртвеник.

Денеска е ден на радоста! Денеска е ден на славата! Денеска е ден на утеха, на надеж, на милост, на оствареното ветување Божјо. Денеска е ден на чудото, ден на мистичноста Божја, денот на откровението Божјо. Денеска се објавува, се покажува, се открива, се пројавува Бог во тело. Великиот, совршен, бесконечен, семоќен, безграничен, апсолутен Бог, се раѓа како „мал човек“. Денеска е велики ден за луѓето, ден кога се раѓа „малиот“ Бог.

Господ од Својата бескрајна величина, се самоунижува, се самосмирува, се сведува, се самоодрекува, остварува кеносис, та на таков начин, Тој се раѓа како човек. Господ го создал човекот како Своја идеја, како Своја креација која е смртна и не е совршена. Човечкиот мал статус како креација Божја, никако и никогаш не може да се спореди со великиот Господ, и таа споредба претставува невозможна, несогледива, бескрајна, недогледна разлика. Но сепак, споредувајќи го во една имагинарна и хипотетичка форма, единствено може да се согледа како несфатлива тајна Божја. Човечкиот минорен статус од аспект на Божјото величие, и бесконечната разликата помеѓу Бог и човекот, впрочем, единствено се совладува, во Божјата Волја да се роди Синот Божји. За Бога сè е возможно!

Синот Божји, по благоволението на Својот Отец Небесен, со содејството на Светиот Дух, постанува човек. Господ толку многу го возљубил Своето создание, та го определил уште во вечноста, во вечната Негова идеја, да постане дел од Својот Возљубен Син. Природата која ја создал, Тој благоизволил да постане и Негова лична природа, но не единствена, не да ја промени со претходната, со Божествената, или пак да биде слиена – впиена во Него, туку, достоинствено исто, да сопостои во Него, заедно и еднакво да коегзистира, неслиено во личноста на Својот Возљубен Син. Тоа е за нас тајна велика, тоа е Божја промисла, која ја согледуваме единствено во прекрасното остварување на целокупната идеја Божја, со која Бог нè удостојува со вечна чест.

Великиот Бог, нема потреба за усовршување и самодополнување, да се пресоздаде во подобро Битие. Не никако! Тој е сесовршен, беспрекорен, апсолутен, и како таков, Тој може сè што ќе посака, но никогаш и никако нема да посака некаква негација, или пак некаква контрадикторност во однос на тоа што е добро и совршено. Да нагласиме дека совршеноста, никогаш не ја подразбира во себе спротивноста. Тој единствено, само поради Својата бесконечна љубов, благоизволува, да ја обожи и освети творбата Која Тој ја создал како добра.

„И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (Битие 1, 31).

Ние луѓето, секогаш и единствено тајните Божји можеме да ги согледуваме во откровението Божјо, во мистичноста на чудесното остварување. Секако дека веќе уште денеска го поимаме остварувањето на Новиот Завет во светотаинската црква Божја, и последователно како конечна цел во Царството Божјо на есхатонот, ја согледуваме волјата Божја и Неговиот прекрасен дар за нас, со кој нè воздигнал во честа да постанеме синови Божји, по благодатта Божја. Беспочетниот Син Божји се раѓа како човек, за да нè усоврши и воздигне.

Исус Христос е новиот Адам, затоа што стариот погреши и не ја исполни волјата Божја, да се оствари како позитивно разумско битие, без грев. Првиот Адам во гревот се обезбожи, и отпадна од вечното достоинство, го упропасти вечниот углед и ја изгуби прекрасната чест со која беше награден автоматски, всушност, по создавањето веднаш да живее во рајот. Сега веќе денеска, Самиот Бог се раѓа вочовечувајќи се, и постанува ново создание, постанува првина во сè. Тој се раѓа во светот, за да се оствари Божјата волја, светот да биде обожен, поточно, вохристовен.

Светот е за Христа и Христос постанува дел од светот. Светот е конципиран како идеја, формиран како идеја, уште во вечноста, во Личноста на Синот Божји. Та Логосот Божји го создава светот, со идејата и вечната желба, светот да постане и реално дел од Бога.

Но оваа вечна идеја Божја, не е нужност за светот, тоа значи, дека светот не е создаден за да биде автоматски, или задолжително остварен во Бога. Впрочем, и од слободата на човекот зависи спасението. Претходно споменавме, дека првиот Адам погреши, тоа значи дека, неговата слободна човечка волја погрешила, го променила правецот, го изгубила достоинството поради гревот кој потполно слободно тој го направил. Имено, човечката слобода е секако пресудна во спасението. Господ посакува, исчекува, љуби, но и човекот треба исто така најпозитивно да одговори на Божјата Волја.

Ништо не е автоматски, сè е во слободата, која е основата на постоењето. Бог како Битие, постои во Својата личност, и личноста е столбот, носителот на Неговата Божественост, а тоа значи дека слободата во Неговата личност, прави Бог да биде тоа што е. Па на ист начин Господ го создал и човекот, дарувајќи му да биде слободен, и слободно да се изразува како разумско битие, како личност.

Логосот Божји е нашата суштина, Тој нè создава како логосни создадени битија, како Негова творба. Сите ние луѓето, како мали созданија во однос на Неговата бескрајна величина, сме мали логоси, имајќи го потенцијалот во себе, да се оствариме како богови по благодат. Луѓето имаат капацитет да го здобијат од Бог на дар тоа прекрасно достоинство, но, единствено во слободниот сојуз кој ќе го остварат со Бог, во Црквата Божја, во спасителната заедница.

Тропарот кој го пееме денеска за овој величествен Божји празник, ја дефинира суштината на Божјиот концепт. Исус Христос е светлината, Тој е сонцето на правдата. Со Неговото раѓање, ние ја здобиваме можноста, да ја откриеме тајната Божја, да ја видиме и искусиме конечно тајната Божја, а тоа е воплотувањето на Синот Божји. Сите народи имаат прилика да ја согледаат Божјата вистина, да го согледаат своето спасение.

Браќа и сестри, денеска да се радуваме, денеска да заборавиме на сета своја тага, на сета своја мака, на сите земни и минливи потреби, кои немаат вечна суштина. Господ се раѓа и Тој е нашата суштина. Ова е неземна радост со која денеска се исполнуваат нашите срца и нашите души. Нашите личности од денеска, треба да се преумат со оваа тајна Божја. Нашиот ум да се воздигне од земното искуство, и во црковниот светотаински молитвен момент на оваа тајна Божја, да ја искусиме благодатта Божја, во тајниот Божји примрак на духовната катарза.

Нека биде честит празникот на рождеството Божјо, да ни биде за многу години.

Христос се роди! Навистина се роди!