Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска се празнува надежта и радоста. Радоста е прекрасна затоа што се раѓа Марија и со неа надежта за нашето спасение се остварува. Најголемата човечка рожба денеска се раѓа, таа е нашето спасение. Таа го спасува светот, таа го спасува човекот. Таа е нашиот симбол на утехата. Таа е нашиот пример на однесување. Во неа се спојува времето и вечноста. Таа е симболот на Божјото остварување. Таа е Царицата на светот. Таа е украсот на девствените. Таа е украсот на монасите. Таа е украсот на верните. Таа е нашата духовна Мајка. Таа е Божјата Мајка.

Светите праотци Јоаким и Ана денеска се радуваат во вечноста, затоа што ја родија Марија која е почеток на спасението. Денеска се веселиме и празнуваме со праотците поради раѓањето на блажената Пречиста Дева Марија. Од светата Ана денеска изникнува прекрасниот цвет на природата. Да ја воспееме малата Марија која се роди како благословено дете во староста на своите родители. Неплодната Ана, постана благословена за да ја роди најголемата човечка рожба. Света Ана неплодна, но со Божјата милост постана плодна која и во староста своја, ја хранеше својата рожба со своето млеко. Марија е вистинска ќерка Божја, потоа и Мајка Божја, а следствено и наша духовна мајка.

Ангелите на небото се радуваа поради раѓањето на Марија, како благословена Божја рожба. Мајката Божја, денеска го започнува својот живот во светот. Се радуваат Јоаким и Ана и Го благословуваат Господа. И ние со нив да се радуваме и веселиме во Господа. Тие свети родители се наша поткрепа, тие се наша утеха.

Денеска се раѓа храмот Божји, од стара и претходно неплодна жена Ана. Какво е ова чудо? Како е возможно? Но секако дека сè е возможно за нашиот Творец, Кој го создаде светот од ништото. Од ништо, создаде нешто и единствено само со Божјата помош, создаденото постои. Па така и неплодната света Ана во човечката старост, со Негова сила, постанува плодна и ја раѓа благословената Марија. Бог е семоќен!

Господ Саваот, вечен Седржител, кој надумно постои, денеска го подготвува својот престол на земјата. Го создава Својот нов храм, во кој што ќе пребива. Денеска го подготвува земниот олтар. Денеска ја подготвува материјата за да се всели вечноста во неа. Тој човекољубиво погледнува на созданието за да го сочини од неплодно во плодно. Тој ја подготвува Својата Мајка.

Овој ден е Божји ден, затоа што Бог се прославува во него. Се раѓа палатата на Светлината. Се раѓа вратата на Спасението. Се раѓа микрокосмосот подготвувајќи се да го смести во себе трансцедентниот Апсолут. О, каква несфатливо чудо? Како да го поимиме ова чудо? Единствено треба да го прифатиме ова чудо со вера и доверба кон Господ! Слава Ти Господе!

Многу жени биле неплодни во историјата, но света Ана се удостои со најголемиот благослов. Таа постана плодна мајка, мајка на Божјата мајка. Света Ана се удостои со Благодат на Благодат. Раѓа не само нејзино чедо, туку го раѓа чедото кое ќе постане и духовна Мајка на светот. Ана го раѓа чедото Божјо воедно и Мајката Божја. Истокот доаѓа, Сонцето на Правдата доаѓа, подготвувајќи се преку раѓањето на Марија. Таа е вратата на вселената преку која влегува во космосот нашиот Бог.

Марија е симболот на прекрасните, неземни чуда. Таа е симболот на сите чуда. Преку неа доаѓа вечниот Бог, таа е вратата, преку која влегува Исус, но која сепак останува затворена и после минувањето низ неа. Такво чудо во природата не сме виделе никогаш. Да биде Пресвета Марија трипати благословена. Да биде секогаш Дева; пред зачнувањето, после зачнувањето, и после раѓањето на Синот Божји. Затоа, секогаш Марија Богородица ја иконизираме со три прекрасни, небесни и вечни ѕвезди, една на челото и две на рамената. Тоа што го раѓа Марија е Свето и Велико. Таа ја симболизира природата во облагодатената форма. Таа им дава на сите луѓе спасение.

Денеска благодатта пројавена во светот го раѓа плодот на утехата. Денеска и природата се радува. Убавината во природа се усовршува. Целата природа постанува прекрасна со доаѓањето на Благодатта Божја. Сè се радува во творбата. Творбата игра и пее поради видливата милост Божја.  Бог не е пасивен набљудувач, туку делатен, активен чинител кој љуби да биде и конечна финална причина на светот. Господ прави сè за да ја оствари финалната цел на светот, но секако преку Неговото слободно делување и нашето слободно пристапување.

Господ Саваот Кој почива на ангелските престоли, денеска го подготвува Својот нов Престол на славата. Мудроста Божја прекрасно го уредува светот. Тој е вечната смисла и идеа. Од денеска луѓето навистина постануваат преблагословени во името на Марија. Таа која беше претскажувана од древните времиња на старите пророци, денеска се раѓа мирно и спокојно од својата стара мајка. Од света Ана, денеска се раѓа и никнува прекрасното дрво на животот, Марија постанува дрво на животот. Нејзината крошна од гранките на благодатната милост, ќе го штитат светот. Плодовите на тоа дрво се најпрекрасните плодови. Плодот на тоа дрво е неземниот Плод на Вечноста. Плод Кој ја оживотворува создадената природа, вкусувајќи Го. Творбата Го раѓа вечниот Плод. Какво чудо над чудата! Во творбата не постои вечноста, но за Бога, сè е возможно, како што и ни докажува. Минливата творба, постанува место за вечниот Бог.

Адам и Ева се радуваат. Светиот пророк и Претеча се радува. Сите пророци, светители, преподобни отци, се веселат. Целиот рај се весели. Ева која некогаш погреши, денеска се радува. Евиниот плод денеска е почетокот на спасението. Плодот на жената е човечкото спасение. Плодот на жената е Плод на Вечноста. Навистина колку се вчудовидени и прекрасни сите овие зборови со кои што го прославуваме овој благословен ден. Колку прекрасни епитети и придавки ќе додадеме за да ја возвеличиме нашата Мајка Марија. Но колку и да се трудиме со нашите скромни зборови, не можеме да ја опишеме навистина небесната слава на Марија. Дури и со нашето суперлативно изразување, немаме навистина таква длабочина на значењето на зборовите, со кои што можеме достојно и прецизно да ја опишеме улогата на Марија. Но во нашата радост ние сакаме и се трудиме да пишуваме, поради радоста во која престојуваме.

Родителите Јоаким и Ана торжествено и таинствено радувајќи се им говорат на Адам и Ева да се радуваат заедно. Зашто во она време тие погрешија и го затворија рајот, но со Марија денеска се припрема отворањето на Рајот. Блажената Марија се раѓа во скромноста на својот дом. Во скромноста и побожноста на своите родители. Трубите на небесната радост трубат, пророкот Давид се радува поради долгоочекуваното Божјо ветување. Неговото семе денеска се раѓа, за да се оствари Божјиот план. Целиот народ Израилски се радува, затоа што го дочека ветувањето, затоа што ја видоа Тајната Божја. Затоа што претскажаната несогорлива капина, денеска се роди. Таа ќе биде факелот на несогорливиот огин, факелот на вечниот оган. Ќе гори Марија од неземната Благодат, но нема да согорува. Нема воопшто да и наштети бесконечната Божја моќ. Таа е иконата на секој прекрасен Благодатен пример на Божјата моќ. Таа е симболот на Божјата севозможност.

Марија е Црквата Божја. Марија е олтарот на Црквата Божја. Таа се раѓа за да Го смести во себе Спасителот Кој се принесува за сите и за сè. Во нејзината утроба ќе биде сместен за првпат во светот Вечниот Бог, отелотворен и подарен како дар за вечен живот на сите кои ќе Го посакаат. Таа е првиот свештенослужител кој Го принесува, во себе и преку себе, Дарот над сите Дарови. Нејзиното тело ќе биде Телото на Црквата Божја, Телото Божјо. Од нејзиното тело, се раѓа Богочовекот Исус Христос. Таа се подготвува за да се здобие со неземната, совршена, светотаинска енергија Божја. Света Троица, ја подготвува Марија за великото раѓање и вочовечување на Ангелот на Великот Совет.

 Целокупната богословска мисла, полнотата на богосозерцувањето се согледува во иконата на свештената личност на Пресветата Богородица Марија. Таа е личноста која го спасува светот, таа го раѓа Предвечниот Бог. Таа слободно со својата волја, ја прифаќа и остварува предвечната Божја идеа за човечкото спасение.

Пресвета Богородице спаси нѐ.

За многу години празникот.