Рождество на свети Јован Крстител – Иванден

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Човекот не само денеска, туку од секогаш во својата историја на постоењето, често е збунет и конфузен во своето поимање на реалноста. Иако човекот смета дека многу нешта научил и логично ги вклопил во своето ментално перципирање, сепак често тој и понатаму се сомнева во многу нешта. Радикалниот сомнежот е главната мисла кај човекот. Живееме живот со длабоко вкоренет и вгнезден сомнеж кон сè околу нас, а ова нè доведува до самоуништување. Загрозено ни е фундаменталното постоење, со животната егзистенција како битија, поради тој радикален сомнеж, кој на крајот врши деструкција со дела на самоуништување.

Не смееме апатично до го согледуваме уништувањето на животот во светот, како некаква неважна и далечна појава за нас, појава која нас лично не нè засега. Ваквиот апатичен став го доведува свесното разумско битие во искривена положба, во една обезвреднета смисла. Словесното битие, во себе секогаш го истакнува душеното и емоционално множество на полнотата со која сме дарувани, па следствено, доколку изразуваме некаква недоследност од самата основна форма на намената, тогаш ние постануваме, бездушни битија и можеме тогаш да паднеме уште пониско на скалата и од самите други живи битија кои немаат разум.

За нас човечките битија, како комплексни созданија, емоционалната интелигенција е пресудна ставка за да бидеме вистински луѓе. Сите заедно, поврзани сме во потполно истата природа. Целиот свет во кој живееме е едно заедничко ткиво, една и иста материја, една и иста природа, та уништувањето на едно мало нешто, ма колку и да е мало, претставува мој дел, дел на секого од нас. Доколку пак ова не го согледуваме на ваков вистински начин, тогаш ние сме потполно конфузни и неприсебни, потполно обезвреднети.

Бог го создава светот и Божјата креативност и хармонија во огромната композиција, навистина се согледува иманентно во сè, во целокупната твар. Животот во светот иманентно Го велича својот Креатор. Но и понатаму, слободата на волјата во разумниот човек го искушува да се сомнева и да негира. Па така, тој преку сомнежот сè определува да ѝ служи на деструкцијата, исто така како слободна форма на изразување и поништување на сè околу себе, што не е создадено по неговата личната волја. Животот како дар Божји, слободно свесно се негира и уништува во духот на богоспротивноста.

Чудата пак кои се случуваат во светот со Божјото посредство, кај радикалните негатори, се доживуваат како проста случајност или пак за жал, како некаква аномалија која причинува револт и негативност. Па така и кон Божјото чудо, негаторот слободно свесно се бори против Бог. Чудата во верата се безбројни и ние секако немаме потреба да ги опишуваме и набројуваме, затоа што за нас кои веруваме, не ни се потребни за докажување пред сомнежот, туку, тие се за наша радост и утеха; втемелување во она во што веќе веруваме.

Чудата во нашата вера се потполно вообичаени, поради тоа што нашата вера е откровенска вера, вера која се открива со икономијата Божја за спасението на тварта. Нашата вера е жива вера, поврзана со вечниот Бог Кој е постојано присутен во светот, објавувајќи ни се, правејќи чуда. За нас, православните, самиот живот кој се создава и раѓа, е неискажливо чудо, преку кое го величаме својот Креатор. Затоа, секој верник го велича животот како дар кои го добиваме бесплатно и тоа не од нас самите, туку, од вечниот трансцедентен Бог.

Во ваков прекрасен теолошки концепт, го согледуваме и денешниот празник. Денеска кога го празнуваме зачнувањето на светиот Јован, се сеќаваме на ова зачнување кое е чудесно и славно, објавено преку ангелот, и пројавено преку сет други натприродни и чудесни случувања. Тоа што било невозможно за луѓето, Бог докажал дека е возможно. И кога се појавил сомнежот кај светиот пророк Захариј, Бог го укорил и експлицитно му докажал да верува во Божјата семоќ, казнувајќи го. Но, казнувајќи го педагошки, не за вечна смрт, туку за преумување. Исто така, староста на родителите Елисавета и Захарија не дозволувала да биде реално согледана возможноста за раѓање на дете, затоа што биолошкото време за пород кај Елисавета, било веќе во одмината возможна фаза. Но секако, како што говориме од самиот почеток, за Бог ништо не е не возможно.

Архангелот Гаврил му се јавил на пророкот и првосвештеник Захарија додека богослужел, и му го објавил чудесното зачнување и раѓање на неговиот син. Но поради неговото неверување, ангелот го онемува пророкот, па така чудото постанува уште повеќе значајно. Старицата Елисавета зачнува и со тоа се променува биолошкиот природен поредок, но и Захарија од здрав човек, кој богослужи и говори, онемува, за повторно да прозбори после девет месеци, кога му го дава името Јован на својот роден син. Бог ја пројавува Својата волја експлицитно и чудесно необјасниво за луѓето. Бог делува по Својата света волја, некогаш експлицитно и воочливо, а некогаш суптилно, мирно и незабележливо.

Свети Јован Крстител се исполнил со благодатта на Светиот Дух уште во утробата на својата мајка, тогаш кога доаѓа Пресвета Марија кај Елисавета, малиот Јован во утробата на својата мајка Елисавета заигрува од радост, затоа што кај него доаѓа Марија Мајката на светиот Господ. Свети Јован е ангелоподобен човек кој постанал жител во пустината од детството свое, живеел тежок пустински живот, но постојано бил поврзан со Небеското Божјо царство. Живеејќи на земјата, во пустината на смртта поради смртните услови кои владеат во неа, тој докажал дека човекот може да ја преживее секоја не прилика која го загрозува со смртта, затоа што човекот поврзан со Бог ја има Божјата помош да преживее во секаква невозможна средина, во било каква ситуација.

Светиот Јован бил хранет уште како мал од ангелите Божји, тие го крепеле и го поддржувале во неговиот исклучително тежок телесен подвиг. Тој живеел анахоретски начин на живот, тоа го подразбира пустиножителството, самотијата, отшелништвото, аскетизмот и секаков духовно-телесен труд.

Тој побегнал од светот, од светкиот дух на светот, од светскиот принцип на живеење во општествата, со сите правила, закони и принципи. Но секако, тој не можел да побегне реално од светот во кој живее како човек, тој е дел на истата земна материја со светот, присутен во истата природа. Но сепак, живеејќи во безживотната пустина, во екстремната земна област, во безводната и сува пустина, од каде што и самиот човек потекнува, од истиот тој земен, сув прав. Тоа е една суптилна симболика, затоа што човекот е истоветен по својата телесна материја како и тој пустински песок, исто како што е истоветен со било која друга земја која преку екстремните услови под сонцето, таа постанува тврда, безживотна, пуста и сува.

Но тој докажал со себе, дека иако таа безводна пустина е невозможна за живот со своите смртни услови, сепак со помошта Божја, во таа пустина е возможно да се преживее. Човекот кој е создаден од земниот прав, од земјата, од песокот, од пустината, со животворниот Божји Дух, со оросувањето и влажноста која ја подарува Бог, она што е не живо, ќе постане живо и силно. Силно поради силата Божја. Од земниот прав е создаден човекот, та Господ му вдахнува животворен Дух и таа мртва природа оживува. Сепак Господ го создава светот и во етапното создавање, кога го одвојува копното од водата, за да се случи живот, Господ рече: „Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе (според својот род и вид)! И стана така“ (Битие 1, 11). Господ е дародавецот на животот, та нема автоматски живот и ништо не се подразбира само по себе, додека конкретно Бог не го дарува. Од ништо постанува нешто и тоа по Божјата Пресвета Волја.

Бог оживотворува и дава смисла на постоењето. Животот на светиот пустиножител Јован, осветен, обожен, оживотворен, силен и храбар, хранет од ангелите, хранејќи се и тој самиот со дивите треви во самата пустина, бил воден од раката Божја. На еден симболичен начин, преку светиот Јован можеме да го толкуваме и согледуваме Божјото создавање на светот, самата Божја икономија, но и Божјото Откровение кое секогаш се пројавува чудесно и таму каде што нема логика, тешко и нетипично за нашето поимање. Па така, во сувата пустина со смртните екстремности за неживот, со Божјата Волја, сила и моќ, животот е возможен. Но не само релативен живот кој предизвикува сомнеж, туку живот кој е силен, крепок, храбар, да постане глас Божји, да постане свет пророк Божји.

Здрав и крепок, силен во духот, силен во зборот, просветен, постанува пророк Божји, постанува претставник кој ќе биде гласот Божји кој доаѓа од пустината, од местото на нелогичноста. Тој ќе биде ангелот Божји во тело, кој ќе го порамни патот за Неговиот Син, ќе биде претеча кој ќе го најави доаѓањето Божјо, доаѓањето на Месијата Спасителот.

Нека ни биде честит денешниот празник, та по молитвите на светиот пророк, Претеча и Крстител Јован, да бидеме благословени.