Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Господ Исус Христос нè возљуби толку многу што посака да се жртвува за нас, и не само што посака, туку и слободно пристапи кон остварување на таа саможртва за сите, и за сè. Таа Негова историска саможртва постана жртва сесовршена и вечна, жртва која се остварува за сите кои го љубат. Нашата љубов кон Господа исто така реципрочно треба да биде полна со дела, дела кои ја сведочат љубовта. Љубовта не се сведочи со зборови, не се сведочи со некаков научен пристап, преку некаква реторичка софистика, туку љубовта е дело, љубовта е постапка, љубовта е начин на позитивен и прекрасен живот.
Љубовта, пак, слободно треба да се остварува, љубовта никогаш и никако не може да биде вистинска, доколку не е слободна. Пристапување кон остварување на делото, ја подразбира слободата на личноста која учествува во делото. Па така и Пресвета Троица, во Својот меѓусебен личносен однос, ја подразбира слободата преку која учествува во вечните Божји идеи. Пристапувањето кон остварување на прекрасното дело е всушност дело на самата личносна слобода која е карактеристика за самата личност. Во овој контекст на слободното учествување, велиме дека трите личности на Света Троица, слободно учествуваат во Нивната пресвета волја, која заеднички ја имаат во Себе како единствена, слободна и љубовна, пристапувајќи – делувајќи кон остварување на идејата како конечна цел, во икономијата Божја.
Божјата вечна идеја, не е нужност или некаква имагинарна засебна самостојност, која мора автоматски да се исполни, и која се наметнува на некаков присилен начин. Божјата идеја е всушност во личната пресвета волја на Отецот Небесен, Кој е вечен и бесконечен извор на Божеството, Кој по Својата личносна слобода, вечно Го раѓа Својот бесконечен Син Божји, и Светиот Дух вечно исходи од Отецот. Додека Синот Божји вечно Го љуби Својот Отец Небесен и вечно позитивно и слободно ја остварува секоја вечна и совршена идеја на Својот Отец. А Светиот Дух, Кој вечно исходи од Отецот Небесен, позитивно и слободно пристапува и содејствува во остварувањето на совршената Божја идеја. Слободната волја на трите Божји личности на Света Троица, е втемелена во меѓусебниот слободен личносен однос.
Оттука поимаме дека Света Троица, во Својот меѓусебен личносен однос, ја има слободата на Својата волја, која е одраз на меѓусебната слободна љубов. Пресветата волја на Света Троица е заедничка не поради нужност и автоматизам, туку поради слободата на трите личности во која учествуваат. Па така значи, кога Отецот Небесен во Својата вечна идеја благоизволува да го создаде светот, Синот Божји слободно пристапува кон остварување на таа идеја, учествува слободно во тоа, така што прво ја формира идејата во Себе како прототип, а следствено, пристапува и кон остварување на таа идеја материјализирајќи ја во историјата. Светиот Дух учествува и слободно пристапува да содејствува на Синот Божји во создавањето на светот.
Слободата на изборот во личноста, ја остварува личноста како слободно личносно битие. Ништо не е автоматски и задолжително, слободата се согледува и овозможува во изборот, и конечно по слободната волја се пристапува – учествува кон остварување на делото.
Божјата икономија е историското и онтолошко дејствување на Бога, преку кое светот се води кон заедница со Него. Икономијата е љубовта Божја во дејство.
Бог толку многу нè возљубил уште во самата Негова идеја, та пристапува кон остварување и материјализирање на Својата идеја која всушност имала и конечна цел. Конечната цел на таа совршена Божја идеа е светот да биде осветен и обожен во Синот Божји, остварен во Него, во Неговата Личност. За да се оствари потполно таа идеја, потребно била слободната човечка личност, да постане дел од новото човечко Тело на самиот Син Божји, во Кого претходно и била истата таа идеја конципирана уште во вечноста. Сега веќе во времето на историјата, Логосот Божји вечно Родениот од Отецот, слегува од Небесата, доаѓа од вечноста и се отелотворува – вочовечува на надумен и таинствен начин во утробата на Својата Мајка, Секогашдева Марија Богородица. Исус Христос постанува човек, та во Себе Личноста на Синот Божји, ја превзема и човечката, материјалната природа. Оваа природа е всушност истата наша природа која е една и иста во целиот свет, во целокупноста на создадениот свет.
Господ Исус Христос во Себе има две природи, едната нематеријална, надумна и несфатлива, и другата создадена материјална. Во Неговата Богочовечка Личност е Божјата природа, Божја usia – Божја суштина, и човечката материјална природа; и двете природи, во Личноста Божја, паралелно се почитувани со еднаква чест, коегзистирајќи со еднакво достоинство, достојно таинствено во Личноста на Богочовекот Исус Христос. Личноста на Логосот Божји, во Себе паралелно ги почитува двете Свои природи без слевање една во друга, не постанувајќи истоветни или идентични, туку во суштина потполно различни една од друга, сепак со еднаква почит достоинствено.
Природата на човеко,т пак, целокупната материја во светот, не е сама по себе вечна и бесмртна, таа е создадена и минлива, и никогаш не може да биде еднаква и истоветна по суштина со Божјата вечна природа, и достоинството за кое зборуваме, не е по суштина, туку по чест.
Човекот ќе се обожи преку Христа, во Телото Христово, и ќе постане едно со Телото Божјо, но не по суштина, туку по благодат Божја. Човекот со својата слободна волја, учествувајќи во светотаинскиот живот во црквата Божја, ќе се освети и обожи и ќе постане син Божји, но не по суштина, туку по благодат.
Природата во светот, не може сама по себе да постои и вечно да учествува во заедницата со Бога, доколку не биде принесена преку слободната човечка личност во заедницата на спасението. Ова пак значи дека, човекот како круна на Божјото создавање, го добил Божјиот благослов да постане жива икона Божја преку слободното и позитивно изразување и пристапување кон остварувањето на таа Божја идеја. Оттука, пак, можеме да кажеме дека, човечката личност, ја има одговорноста во себе и само за себе, да се принесе себеси во заедницата со Бога, а со Него и секако да го принесе своето целокупно битие во кое спаѓа и телесната негова природа. Ете со каква чест и со какво вечно достоинство, Господ ја возљубил природата која Самиот Тој ја создал, да има прилика истата природа преку личниот слободен и позитивен избор на човекот и таа да биде учесник во заедницата со Бога, во радоста Божја.
Во Црквата Божја, во Телото Христово, на светата Божја Литургија, сите ние постануваме едно со Богочовекот Исус Христос, светотаински еднотелесни по чест и достоинство, учествувајќи во бесконечната заедница со Господа, постанувајќи чеда Божји и синови Божји, не по суштина, туку по благодат.
Бог вели во Своето Евангелие, во Својата усрдна молитва поучувајќи ги Своите апостоли и сите кои го слушаа: „Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои“ (Јован 17, 9). „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние едно. Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сè едно, и да дознае светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби“ (Јован 17, 21-23).
Господ Исус Христос се моли на Отецот Небесен за Неговите апостоли, за сите Негови следбеници, впрочем, сите ние денеска во новозаветната Црква Божја сме Негови чеда, но всушност Исус Христос вели дека сме и чеда на Отецот Небесен, а тоа го потврдуваме во нашата молитва Оче Наш, која Тој лично ни ја остави. Сите ние верниците во Црквата Божја со Божји благослов, по Пресветата Волја на Света Троица, постануваме едно со Бог. Но тоа никако не подразбира едно и истоветно, едно по суштина, туку едно по чест и достоинство.
Мајката Божја е воздигната на Божјиот пиедестал, да биде поред Својот Син, да биде поред Света Троица, но не како четврто Божјо лице, туку по чест и достоинство да биде мајка Божја, мајка на светот, и мајка на Црквата Божја. И кога се молиме и ѝ велиме на Пресвета Богородица во нашите молитви таа да нè спаси, тоа го велиме со потполна слобода, поради честа со која е таа возљубена и наградена од Бога, да има Божја слобода и дерзновение, да може да биде директна застапница, молитвеница за луѓето пред Бога, да може да учествува слободно и усрдно кон Господа.
Денеска го славиме прекрасниот Божји празник Педесетница, а со Божјото излевање на Светиот Дух врз главите на апостолите, се комплетира потполно целокупниот Домострој на спасението Божјо за нас, за светот. Денеска благодатта на Светиот Дух нè осветува и обожува, во нашата онтолошка заедницата со Света Троица, преку светотаинското слободно учество во Телото Божјо на Исус Христос, Синот Божји. Денеска ни се дарува радост и утеха, дека и создадената природа учествува во тајните Божји. Денеска е моментот на осветувањето на светата небоземна заедница, формирањето и осветувањето на светата Црква. Сите ние во црквата Божја сме чеда Божји, повикани на учество во вечноста, во Царството Божјо, да живееме бесконечно во Бога, во Љубовта. Денеска се излива таинствената Божја енергија во светот, за светот да биде обожен и осветен.
Господ толку многу нè возљубил, та нè посинил и примил во Неговата радост, во Неговата прегратка.
За многу години.
