Собор на Пресвета Богородица

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Христос се роди! Навистина се роди!

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

И денеска го славиме великото име Божјо, името на Синот Божји, името на Господа Исуса Христа, името на нашиот Спасител. И денеска сме во великата радост Божја, поради откриената вечна Божја тајна, која се остварува за нас грешните луѓе, поради нашето спасение. Божјиот Домострој на спасението е откриен со рождеството Божјо во светот. Христос се раѓа во светот, се отелотворува, постанува материја, ја зема на Себе неслиено несовршената природа, не за да се усоврши, туку ја додава во Себе, да заедно со Божјата натсуштествена природа, да сопостојат и двете паралелно во Неговата личност. Создадената природа беше несовршена, минлива, пропадлива, смртна, но сега веќе, со Неговото отелотворување, раѓање во таа природа, Тој ја усоврши истата природа.

За да се оствари потполно Божјиот план за спасението на светот, потребно е и човекот со својата лична и слободна волја да учествува во тоа. Бог исчекува од човекот, тој слободно да ја прифати Божјата волја, и Бог прв го започнува процесот. Додека пак, човекот треба да го прифати тој процес и да одговори позитивно на Божјата покана.

Во целокупниот Божји план на спасението, една човечка личност е единствен вечен симбол на остварувањето на Божјиот план во којшто, секако, како што рековме, учествува и земната природа слободно со својата волја. Таа човечка личност, која е алката на спасението, која е симболот на спасението, која е човечката радост, која е врата преку која светот се спасува, која е скала преку која се поврзува небото со земјата, која ја претставува небоземната бесценета, бескрајна и цврста нитка на спасението; таа личност е Пресветата Богородица, Приснодева Марија.

Пресвета Богородица Марија, е најголемата човечка рожба, преку која се спасува светот. Пресвета Марија пак, самостојно, слободно, смирено, кротко и непоколебливо, ја изразува својата лична волја, да пристапи кон остварувањето на Божјиот план. Кога светиот архангел Гаврил, разговара со Пресвета Марија, во олтарот на храмот, во Скинијата, кога и објаснува што ќе се случува понатаму откако тој лично ја благословува и ја прославува, таа му вели дека ја прифаќа таа тајна Божја и смирено ќе се труди да ја оствари.

„Марија, пак, рече: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 38).

Пресвета Богородица Марија, се остварува како Мајка Божја, во нејзиното исклучително смирение, со кое таа се одликувала. Таа постојано го читала писмото Божјо, таа постојано ги читала пророците и нивните пророштва кои го најавувале раѓањето на Месијата, на Спасителот. Таа во себе, често размислувала за Божјиот план на спасението и доаѓањето на тоа Божјо спасение. Таа кога читала во пророштвото на пророкот Исаија дека девојка ќе го роди Спасителот, таа самата копнеела да ја види таа девојка и да биде блиску до неа и да ѝ послужи во нејзиниот свет и благословен живот. Но никако не знаела нити себе се доживувала во таа улога.

Пресвета Богородица е воздигната на вечниот пиедестал, како ниту една друга човечка личност родена во светот. Таа е поставена во вечниот есхатон на Божјото постоење, да седи поред својот син, кого таа го родила во светот. Бог ја наградил за нејзината улога, со највисоко достоинство, да биде на совршениот пиедестал, поред Света Троица. Нејзината човечка улога е бескрајна, бесценета, совршена, вечна, Божествена, затоа што таа човек, а го раѓа вечниот бескраен Господ.

Денеска го славиме соборот нејзин, го славиме нејзиното дело, го славиме нејзиниот лик, ја славиме нејзината улога, сè нејзино славиме, поради неизмерната улога која таа ја има. Таа слободно го прифати Божјиот благослов, не за да добие само таа единствено вечен бенефит, таа не го прифаќа себично Божјиот благослов, таа не го остварува раѓањето Божјо само поради себе, туку таа, Мајка Божја, постанува мајка на светот, постанува наша духовна мајка.

Таа е мајката на целокупната создадена природа, затоа што преку неа, целокупната природа се принесува во Царството Божјо. Господ Исус Христос, го зема Своето Тело, од телото на Својата Мајка, расте и се развива во утробата на Својата Мајка, почитувајќи ги создадените физички граници на Неговата несовршена творба, та преку Неговата лична волја, Тој ја чува, штити и пази несовршеноста за да не ја уништи, туку напротив, преку почитувањето на Својата бесконечна добра волја, да ја сочува и усоврши, од несовршена во совршена. Во Него, преку Него, да ја воздигне истата природа, да коегзистира со Света Троица во вечноста. Богочовекот Исус Христос, ја Воскреснува Својата Мајка и со Него ја воздигнува во трансцедентноста на мистичноста Божја.

Денеска втор ден од Рождеството Господово, се собираме и ја славиме Мајката Божја, како најважна личност за нас, после Господа. Не случајно се празнува денеска Богородица, туку, поради нејзиниот придонес, ние ја воздигнуваме и ја прославуваме со нашите молитви, кои ѝ ги принесуваме со голема слобода, за да нè спаси. Единствено на неа се молиме на таков начин, повикувајќи ја да нè спаси. Ниту на еден друг светител, човек, ниту на ангелите, не му се обраќаме со таква слободна и конкретна молитва, да нè спаси.

Но, таа е Мајката на Спасителот, таа е нашето спасение, таа ја има мајчинската слобода пред Господа, да има влијание и слобода, да може да учествува во спасението. Колку е големо нејзиното достоинството, да биде воздигната на висината на Божествениот Престол, за да може да биде испочитувана и како директен човечки претставник. Тоа е бескрајно и бесконечно дело на љубовта Божја.

Пресвета Богородица е поширока од небесата, таа е „Ширшаја“ која се насликува во олтарот на храмот Божји, во апсидата, над светата Литургија, и го претставува преминот од земјата кон небото, од смртноста кон бесмртноста. Таа е Божјиот неракотворен престол на славата Божја. Таа е смртна жена, а постанува бесмртна Мајка Божја. Со своето смирение и со својот свет живот, се удостоила да постане небесен свод на светот.

Секогаш да се собираме и да ја прославуваме Мајката Божја, затоа што таа е милостива и човекољубива, затоа што, Господ Исус Христос ѝ дозволил и подарил на Својата Мајка, големо дерзновение, света смелост пред лицето Божјо, слободно да се обрати, со мајчинска љубов, да го моли Својот Син за нашето спасение. Како човек се воздигнала на Небесата во славата Божја, затоа што навистина е Преблагословена и Пренепорочна.

Браќа и сестри, да се заблагодариме на Мајката Божја за нејзината постојана грижа за нас, за нејзината несебична и вечна молитва за нас грешните. Да ја воспеваме во песните и вечно да ѝ благодариме. Да се молиме на нашата духовна мајка, да не ги гледа нашите прегрешенија, да не ги гледа нашите лоши дела и постапки, туку, да ни помага да се подигаме од калта на гревот и со нејзините молитви, да ни помага да постанеме добри луѓе. Се надеваме во нејзината мајчинска молитва и љубов, дека ќе биде милостива кон нас грешните. А ние да ветиме, дека ќе се трудиме да бидеме по добри луѓе, со нејзината помош.

Нека биде честит празникот на нашата Македонска Црква, Богородица нека биде топла молитвеница за нашиот македонски народ, и нека ја штити секогаш и нашата татковина Македонија.

Пресвета Богородице, спаси нè. Амин.