Собор на свети Јован Крстител

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Денеска светата Црква Божја, го слави ангелоподобниот Јован, пустиножител, анахорета, кој живеејќи во пустината, се одрекол од удобниот живот во светот, потполно предавајќи се на Божјата волја. Тој во пустината ја досегнал најдлабоката аскеза во својот живот, подвизувајќи се во тие претешки, нечовечки услови за живот. Тој телесно се трудел до крајни граници на издржливоста, јадејќи повремено, она што можел да го пронајде како храна во тие услови. Се хранел исклучиво со билки, кои ретко можел да ги пронајде, поради безживотните пустински услови.

Телесниот негов труд бил до крајни граници, поради тоа е и наречен ангел во тело. Неговиот живот се уподобил на ангелскиот, живеејќи за Господа, единствено поради Господа. Повремено, вистинските прекрасни духовни битија, ангелите, му донесувале неземна, ангелска, духовна храна, со која тој се хранел. Тој вистински го доживувал и го искусувал ангелскиот живот, на еден телесно-духовен начин; секако во еден ист момент како телесно човечко битие, но духовно и вистински, доживувајќи ја мистичната, тајновита транседентност на духовниот свет.

Во својата борба со своето тело, со својата свест, во душата своја понирал во најдлабоките места на тајновитоста, но во исто време, истражувајќи ги границите на слободната волја, возлетувајќи во највисоките граници на душата, очистувајќи се од сите телесни страсти и потреби. Трудот во подвижништвото, со прекумерното самоволно и трезвеноумно воздржување, вежбајќи се во самодисциплината, за него било основна форма во привремениот телесен живот, копнеејќи за вечниот живот. Душата која се подвизува ангелоподобно, таа жеднее за нејзината онтолошката животворна суштина. Тој Му го предавал својот живот на Господа, подарувајќи се, поклонувајќи се потполно пред Светата Божја волја. Впрочем, во тело човек, ангел во душата.

Пустината со своите безживотни услови, духовно го воздигнувала светиот Јован. Светиот пророк, духовно просветен уште од утробата на својата мајка, осветен со Благодатта на Светиот Дух, се подготвувал за своето клучно дело во спасението на светот. Светиот Јован е клучна личност која има специјална улога, подарена и определена од Бога. Имено, тој бил гласот од пустината, гласот Божји, гласот на совеста, гласот на правдата, гласот на вечноста. Духовно просветен, тој живеел за таа своја ангелска улога, за да го најави новиот живот, во нова Божја заедница.

Пустината е безживотна, но со Божјата сила и моќ, таа постанува место на кое може да постои живот, со Божјата промисла. Пустината е синоним и за пекол во кои нема услови за радост и живот. Но, во тој земен пекол, во кој бил и светиот Јован, со Божјата роса и сила, постанува место, во кое светите и храбри луѓе, живеат и не само да преживуваат во некакви претсмртни агонии, впрочем, со Божјата промисла, пеколот не може ниту малце да им наштети. Ова е потполно несфатливо за светот, но потполно возможно за Бога, Кој создал сè видливо и невидливо, не од нешто, од ништо.
Логичноста е опитна и рационална и во неа нема место за чудо, затоа што чудото е спротивно од она што е вообичаено и очекувано. Но, Господ се пројавува во нелогичноста, затоа што нелогичноста е бескрајна и во таа бескрајност, Господ неограничено делува. Божјото делување е чудесно и воедно нелогично за светот, затоа што светот е ограничен и предвидлив, а Господ е неограничен, несознаен, несфатлив…

„И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (Битие 2, 7).

Пустината ја означува и безживотната материја која била создадена од ништо. Пустинскиот песок е основата на човечкото тело, впрочем, пустинскиот песок е основата на целокупната материја на светот. Од тоа пусто и безводно место, телото ја добива својата форма, а Бог ја вселува душата во него, преку Неговата моќ и сила. Па така, Господ го создал човекот од пустата и безводна земја, но во него вметнал живот, му вметнал жива вода, му вметнал душа која ја има потребната влага, за да го напојува сувото и безводно тело, па на тој начин, Господ го создава човекот во таа симбиоза меѓу безживотна материја и животворен дух. Господ го сплотува човекот од две материи, едната смртна и другата бесмртна, подарувајќи му го животот, подарувајќи му ја душата.

Свети Јован Крстител е претставникот на Божјата сила и моќ, тој е иконата Божја на животот во пустината. Тој не доаѓа како некаква стихија, или како некаква земска моќ, тој доаѓа како глас Божји. Доаѓа од пустинската безнадежност, но не потиштено и девастирано, туку, полн со живот, доаѓа со Божја власт, за да ја најави надежта. Доаѓа викајќи од пустината, за да ја најави благодатната река која ќе започне да тече од Богочовекот Исус Христос. Свети Јован го најавува Господа како Оној Кој е посилен од него, Оној кој има вистинска сила и власт, и Кој ќе се жртвува за светот. Свети Јован излегува од Стариот Завет од пустината, најавувајќи го новиот циклус, влегувајќи во Новиот Завет. Со светиот Јован, Јудејскиот народ конечно излегува од пустината на Стариот Завет, од сенката и праобразбата, за да постане икона Божја на Царството Божјо.

Свети пророк Јован Крстител е мостот на двата Завети, клучот на Новиот Завет, и најавата на радоста. Стариот Завет останува да биде во времето и историјата, а свети Јован ја најавува новата иднина.

Свети Јован вели: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1, 29).
Свети Јован го покажува Јагнето Божјо, Кое се принесува на колење, за спасение на сите луѓе. Јагнето Божјо, Исус Христос, се раѓа во светот, за да го исполни ова пророштво, да го исполни ветувањето Божјо. Со Својата слободна волја, Господ доаѓа во светот, за да го освети светот. Исус Христос е жртвата и делото на спасението.

Браќа и сестри, свети Јован Крстител е најголем човек роден од жена, светител, ангел во тело. Тој треба да биде наш пример, наш патоказ, наша совест. Да се потрудиме во нашите молитви, да го повикаме светиот Јован и во нашите души, да дојде и да ни проповеда покајание. Да го повикаме светиот Јован во нас, да ни ја покаже патеката по која треба да одиме. Тој да повика со неговиот глас и во нас, да ни го порамни патот кој што треба да чекориме кон спасението.

По молитвите на светиот Јован пророк и Крстител, Господ нека нè спаси и нека нè помилува.