Спасовден

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Денеска светата Божја Црква, го празнува прекрасниот Господов празник Вознесение на Господа Исуса Христа. Празник на нашето спасение, празник на нашето радување, празник на нашата утеха, празник на нашата прослава. Овој празник за нас има суштинско значење, поради тоа што, нашиот Господ Исус Христос, ја вознесе Својата човечка природа, воедно нашата природа, и воопшто целокупната создадена природа на Небесата. Го вознесе во Себе целиот создаден свет, целата материја постана света и обожена, прославена и воздигната, вознесена во заедницата на Света Троица, да сопостои со Света Троица на Божествениот пиедестал, во вечни векови, бескрајно.

Создадената природа нема да биде слеана, или пак втопена во Божјата природа, во Неговата суштина, туку, ќе коегзистира паралелно, подеднакво и со исто достоинство со кое постои и самата Божја суштина. Тоа е така, затоа што така благоизволува Света Троица, во Својата пресвета волја во вечноста. Отецот Небесен уште пред сите векови во вечноста, пројавува во Својата совршена и бесконечна идеа тоа да се оствари, додека пак Синот Божји, Исус Христос пристапува да ја оствари татковската пресвета волја, и го започнува процесот на остварување; та се раѓа во светот и ја превзема на Себе создадената природа, и од смртна и пропадлива, ја воздигнува и пресоздава во бесмртна и Божја. Светиот Дух, позитивно пристапува содејствувајќи во остварувањето на татковска волја и со Синот Божји, делува во кохезија кон остварувањето на вечната идеја.

Денеска е Спасовден, затоа што денеска се воздигнува светот од смртен во бесмртен, од грешен во безгрешен, од лош во добар. Денеска се вознесува светот од несовршенството и ограниченоста, во совршенството и бескрајноста. Денеска се спасува човечкиот род, денеска сите имаме прилика да се вознесеме во небесните висини и да го прославиме Господа. Денеска во светата Божја Црква, сите заедно стоиме на светата Божја Литургија и Го сведочиме Воскреснатиот Богочовек Исус Христос, гледајќи Го нашиот Спасител како се вознесува на Небесата. Денеска на светата Литургија духовно го доживуваме и нашето спасение, вознесувајќи се од историјата на светот во вечноста на новиот духовен свет, во Есхатонот Божји.

На светата Литургија исчезнува времето, исчезнува просторот и ограниченоста, исчезнува се што е смртно, и во моментот на самата Божествена Литургија се отвара Небесната врата и се остварува небоземната заедница, каде што сите ние кои сме присутни во заедницата, пристапуваме во вечноста на духовниот свет, кои се поврзува со нас. Та сите заедно, небесните и земните, се веселат, се радуваат, и пеат: Осана на висините, благословен е Синот Божји, благословен е Господ Бог на земјата и на небото! Сите заедно стоејќи еден до друг, ја гледаме славата Божја и ја гледаме нашата привилегија за вечен живот.

Денеска Господ Исус Христос, нè просветлува со Својата Божествена светлина, нè озарува со Својата неракотворена светлост, и во темнината на долината на тагата и безнадежта во светот, помрачени во гревовниот безживот, облевајќи нè со Неговата светлина, ни дарува бесплатна возможност да се воздигнеме заедно со Него во вечната светлост Lumen supernaturale. Богочовекот Исус Христос нè повикува да Го вкусиме и да прогледаме, да доживееме целокупна метаноја на умот, душата и срцето. Метаноја на целокупното наше битие, за да битисуваме на вистински начин кој нè води кон спасението.

Натприродната Божја светлина, Lumen supernaturale, ќе ја изврши во нас потполно трансформацијата на нашето грешно битисување, ќе не преуми, ќе нè реорганизира од лоши во добри. Божјата светлина на Исус Христос, ќе нè просветли и освети за да се воздигнеме од смртноста во бесмртноста. Со озарувањето на Божјата светлост во нас, ќе доживееме преумување, за да се оствари конечната цел на нашето битие, а тоа е theosis, обожување. Метанојата е прочистување на нашата душа, прочистување на нашиот духовен прозорец, а пак натприродната светлина е Божественото сонце кое продира во нашата душа преку духовниот прозорец, за да се осветли духовната внатрешност на битието.

Целокупниот живот на осветеното и обожено човечко битие, треба да биде постулиран на темелот на Евангелскиот Божествен кодекс кој ни го сведочи лично Богочовекот Исус Христос. Темелот за нашиот живот е Богочовекот Исус Христос, та подражавајќи го целокупниот Христов живот, ние ќе се промениме за да се оствариме во доброто.

Првата и основна заповед Божја која се постулира како столб и оска е љубовта. Љубовта е всушност самиот Бог, Кој се роди во светот поради истата. Живееше во светот и единствено љубовта ја сведочеше насекаде, постојано. Секако после љубовта доаѓа и страдањето преку кое се сведочи и вистински љубовта. Љубовта е вистинска само тогаш кога е жртвена, кога страда поради чистотата, поради неа самата, а не поради интересот.

Вознесението кон Бога е духовниот восторг кој ја утешува и милува душата, а секако дека после сето тоа, доаѓа и смртта која е неизбежна во светот, во материјата, во времето. Но пак, оваа смрт не е трагична и конечна и бесцелна, впрочем, ова жртвено и љубовно страдање поради совршеноста, преку смртта и Воскресението, го започнува вечниот и најпрекрасен нов живот, живот во заедницата со Бога. Живот во бесконечна радост!

Браќа и сестри, милостивиот Бог нека биде наш утешител во светот, Тој нека биде нашиот исцелител, Тој да погледне човекољубиво кон нас, за да нè охрабри во нашиот живот. Да се помолиме на Господа, да нѐ погледне од Својата небесна висина, и да се спушти во нашите души, да нè исчисти и прочисти од гревовната валканост. Ние пак, да се вознесуваме со нашите мисли кон Небесата, молитвено да довикуваме кон Господа да се смилува кон нас грешните.

Нека биде честит Господовиот празник и нека ни биде на спасение. За многу години.