Светата причест

Протојереј Златко Ангелески

„Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе“ (Јован 6: 53).

„Кој јаде од Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6: 56).

Со овие зборови Господ укажал на совршената неопходност за сите христијани, за учеството во тајната Евхаристија. Самата тајна била востановена од Господа на Тајната Вечера. „И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: ‘Земете, јадете, ова е Моето тело’. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ‘Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите“ (Матеј 26: 26-28).

Како што учи светата Црква, христијанинот, примајќи ја светата Причест, таинствено се соединува со Христа, зашто во секоја честичка од раздробениот Агнец се содржи целиот Христос.

Неизмерното значење на тајната Евхаристија е сфаќање кое го надминува нашиот разум. Тоа ја разгорува во нас Христовата љубов, го вознесува нашето срце кон Бога, ги поттикнува во него добродетелите, ги запира нападите врз нас од страна на темните сили, ни дарува сила против искушенијата, ги оживува душата и телото, ги лекува, им дава сила, ги обновува добродетелите, ја воспоставува во нас онаа чистота на душата, која била во првородниот Адам, до неговото паѓање во грев.

Во размислувањата за божествената Литургија кај епископот Серафим Звездински се наоѓа еден опис на едно видение од еден старец-подвижник, кое јасно го карактеризира значењето од причестувањето со светите Тајни за христијаните. Подвижникот видел: „Разгорено море, брановите се издигнувале и вриеле, создавајќи страшна глетка. На спротивниот брег се наоѓал еден прекрасен сад. Оттука доаѓало пеење на птици и се разнесувал благопријатен мирис на цвеќиња.

Подвижникот слушнал глас: „Премини преку ова море“. Но, да се помине било невозможно. Тој долго време стоел во недоумица како да премине, и повторно слушнал глас: „Земи ги двете крила, кои ги дава божествената Евхаристија: едното крило е – божествената Христова Плот, а второто крило – Неговата Животворна Крв. Без нив, колку и да е голем подвигот, неможно е да се достигне Царството Небесно“.

Еднаш, старецот Партениј Киевски, во чувство исполнето со благоговение (стравопочит кон Бога) и пламена љубов Кон Господа долго ја повторувал во себе молитвата: „Господи Исусе, живеј во мене и мене дај ми да живеам во Тебе“, и слушнал тивок, сладок глас: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“.

Во некои духовни болести тајната Причест се јавува како најдобар и вистински лек: така, на пример, при напад врз човекот од таканаречените „хулни мисли“, духовните отци препорачуваат да се бориме против нив со почесто соединување со светите Тајни.

Светиот праведен Јован Кронштатски за значењето на тајната Евхаристија во борбите со силните искушенија пишува: „Ако почувствуваш тешкотија во борбата и почувствуваш дека наеднаш не можеш да се спротивставиш на злото, трчај кон својот духовен отец и моли го него да те соедини со светите Тајни. Тоа е најголемото и најсилно оружје во борбата“. За еден душевноболен човек, светиот Јован препорачал, како средство за излекување, да поживее дома и почесто да се соединува со светите Тајни.

Според праксата на Црквата, тајните покајание (исповед) и причестување следуваат непосредно една по друга. Преподобниот Серафим вели дека, преродбата на душата се извршува преку две тајни: „преку покајанието и совршеното очистување од секаква гревовна скверност со Пречистите и Животворни Тајни на Христовото Тело и Крв“.

Не е доволно само едно покајание за зачувување на чистотата на нашето срце и за зацврстување на нашиот дух во благочестието и добродетелите. Господ рекол: „Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокој; и не наоѓајќи вели: ‘Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов’. Па, штом дојде, го наоѓа изметен и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата“ (Лука 11: 24-26).

И така, ако покајанието нè очистува од скверноста на нашата душа, тогаш причестувањето со Телото и Крвта Господови нè напојува со благодат и го попречува враќањето на лукавиот дух во нашата душа, кој е прогонет преку покајанието.

Истовремено, колку и да е неопходно за нас причестувањето со телото и Крвта Христови, тоа не може да има место во нас, ако не му претходи покајанието.

Апостолот Павле пишува: „…оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа.
Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.
Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.
Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат“ 
(1. Кор. 11: 27-30).

Како што читаме, според зборовите на светиот апостол Павле, тајната на причестувањето ќе биде делотворна само со потребна подготовка кон неа, со претходна самопроверка и покајание за гревовите. А ако последново не се случило, тогаш човекот самиот се осудува на немоќ, болест, па дури и смрт.

Што би можело да ни послужи нам како показател за тоа, дали ние правилно сме подготвени да пристапиме кон тајната Причест. По овој повод ќе го посочиме мислењето на преподобниот Симеон Нов Богослов: „Еднаш, кога ги читавме боговдахновените слова на светиот отец наш Симеон Студиски – ‘брате, никогаш не се причестувај без солзи’, – тогаш слушателите, откако го слушнаа тоа, а помеѓу нив беа не само мирјани, туку и монаси прочуени и славни по своите добродетели, се восхитија на ова слово, и погледнувајќи се еден кон друг, се насмевнаа и еднодушно, во еден глас, рекоа: ’Значи, ние никогаш нема да се причестиме, туку должни сме засекогаш да останеме непричестени“.

Понатаму, преподобниот Симеон ги разјаснува цртите на активниот духовен живот, исполнет со труд на покајание, дека оние кои живеат таков живот, ќе стекнат нежно чувствително срце и умилност, па кај нив солзите секогаш ќе го придружуваат причестувањето. Оние, кои го поминуваат животот во самоугодување, мрзливост, неработење, не каејќи се и не смирувајќи се, тие постојано остануваат со тврдо, жестоко срце и никогаш нема да дознаат што претставуваат солзите при причестувањето.

Како што пишува архиепископот Арсениј Чудовској„Величенствено дело претставува да се примаат светите Тајни и големи се плодовите од тоа: обновување на нашето срце преку Светиот Дух, блажено расположение на духот. И колку е величенствено тоа дело, толку грижливост, совесност и подготовки тоа бара од нас. А ако сакаш од светата Причест да примиш Божја благодат – труди се на сите можни начини да го исправуваш своето срце“. Сепак, овде треба да ги спомнеме и зборовите од светиот Теофан Затворник: „Дејството на тајната Причест не секогаш се одразува во чувствата, туку понекогаш се одразува и скриено од нас“.