Свети апостоли Петар и Павле – Петровден

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Нека ни е честито и благословено Светото Причестување со нашиот Господ Исус Христос на денешниот празник Петровден. Сѐ што правиме во нашиот живот, треба да го правиме со благодарност кон Господа и во слава Божја, со радост дека ќе ја достигнеме целта, а целта е присоединувањето со нашиот Творец. Тоа е нашиот копнеж, се надеваме и исчекуваме да се соединиме со Богочовекот Исус Христос. Постевме до сега, но, ќе постиме и понатаму од сите лоши дела, од гревот, од омразата, од злото, од страстите, од бесчувствителноста и од сѐ она што го негира богодаруваниот живот.

Денеска завршува периодот на петровденскиот пост, и тоа значи дека од денеска можеме да ја консумираме и блажната храна. Но, браќа и сестри, тажно е ако се радуваме дека поминал периодот на постот од блажната храна и со тоа ни поминал единствениот наш придонес во верата кон Господ. Браќа и сестри, нашата вера не е во диетата, затоа што диетата нема никаква духовна вредност пред Господ, доколку не биде вклучен, умниот и душевниот пост. Постот само како телесна диета е формална практика која нема никаква духовна вредност во верата кон Господ. Формалноста – воздржувањето во храната, не смее да биде наш приоритет, а на гревот воопшто да не обраќаме внимание.

Нашиот приоритет е воздржувањето од гревот! И во постот и надвор од постот, ние внимаваме да не грешиме, трудејќи се постојано да бидеме соединети со Господа во личната молитва и на Светата Литургија. Доколку во претходниот период единствено сме се воздржувале од храната и од ништо повеќе, тоа нема да ни донесе никаков вечен бенефит. Храната не е зло сама по себе, но секако дека во одредени и определени периоди, целокупното широко и општо воздржување во многу аспекти, ќе нѐ води кон онтолошкото спознание за нашата вистинска улога и суштина. 

Нашиот живот е вечна Божја идеја и има вечен квалитет кои го препознаваме и остваруваме во постот, во воздржувањето. Човекот како чедо Божјо постојано ќе биде во пост од гревот, пост од сите негативни принципи, пост од смртните и минливи философии, пост од бесчувствителноста, пост од лицемерството, пост од омразата, пост од секакво богопротивно и не совршено дејствување. Воздржувањето секогаш го принесуваме со молитва кон Бог, учествувајќи активно во Светата Литургија. Воздржувањето како форма на ментално перципирање го изразува нашиот систем преку кој ние се остваруваме како личности. 

Божјиот благослов да постиме е прекрасен. Прифаќајќи ја таа Божја заповед, ние слободно се самоопределуваме за нашата вечна иднина. Божјиот благослов е за нас закон преку кој ќе се спасиме. Овој закон на благословениот пост, е поттик за изразување на нашата волја, за докажување на нашата слободна љубов кон Него. Доколку Бог поради Својата љубов нѐ создал, поради Својата љубов ни благословил пост, тогаш и ние сме должни на дело да ја докажеме и покажеме нашата слободна волја со која потполно слободно ќе ја манифестираме на дело нашата благодарност кон Творецот, изразувајќи ја слободно нашата љубов кон Него, прифаќајќи го воодушевено Божјиот благослов.

Возљубени, постојано воздржувајќи се, ние постојано се подготвуваме за причестување со Богочовекот Исус Христос. Дај Боже секогаш да постиме од злото и да се храниме со доброто, за да ни биде Светото Причестување на спасение. И кога ќе заврши периодот од постот на блажната храна, ние постиме и понатаму од блажната храна секоја среда и секој петок во седмицата. Постојано постејќи од лошите дела, внимавајќи и понатаму во одредените денови на пост од блажната храна, ние трудољубиво живееме, постојано творејќи добродетели во нашиот живот, спремни за Светото Причестување на Светата Литургија.

Возљубени, денеска ги празнуваме и величаме двете големи имиња на христијанството. Денеска ги славиме врховните и славни апостоли Петар и Павле. Двете славни имиња кои го прославија Христовото име на сите страни во светот, заедно со сите други апостоли и учители.

Првото име на светиот апостол Павле е Савле, тоа е еднакво на Еврејското име Саул или Шаул, што значи: жедлив или копнежлив. Савле бил многу образован јудејски учител, тој жеднеел и вистински копнеел за Бога. Неговото име сведочело за вистинската негова потреба за поврзување со вечниот Бог. Тој бил искрен верник и вистински имал потреба од животворната Божја роса која го напојува светот кој е создаден. Тој го барал Господ во својата душа, талкал во својата јудејска вера во која преовладувал формализмот. 

Павле го проучувал Законот Божји и ги поучувал и другите во тој закон. Бил ревносен верник кон Господ, бил силен ревнител во јудејското учење и во исполнувањето на сите подробности од Мојсеевиот Закон. Овој закон за Јудејците претставувал света форма во која тие се остварувале. Но, во овој закон, како што напоменавме, сувопарниот формализам се истакнувал како единствен начин преку кој човекот се изразувал во строгата вера. Исто така и принесувањето на животинските жртви претставувало една сувопарна практика, исполнувајќи некаква обврска преку која човекот формално, надворешно ја докажувал својата вера кон Господ.

Савле во својата слепа, формална верност кон Господ, исклучувајќи ја емоцијата и сочувството кон животот, бил бездушен и кон светиот Стефан и кон сите Христови следбеници. Но сепак, Господ ги гледа и најсокриените наши тајни мисли, та препознавајќи ја искрената Савлова посветеност, откривајќи го сокриениот квалитет и вредноста во неговата душа, благоизволил да го воздигне од земен и формален човек, во небоземен тајноводител и учител на целата вселена.

Генерално, срцето на Јудејците било тврдо и ладно. Тврдо како камен, ладно како санта мраз која не може да се стопи. Затоа и често Господ Исус Христос ги укорува и разобличува Јудејците велејќи им дека се лажни верници. Ги укорува поради нивната бесчувствителност која е основен предуслов за вистинската вера во Господ. Бог е Личност и со Него остваруваме личносен однос во искрена душевна врска во која ги покажуваме сите свои чувства кои нѐ образуваат како луѓе. На Господ не му биле потребни жртвите од животни кои ги принесувале Јудејците формално без молитва и без љубов кон Него и без емпатија кон луѓето. 

Впрочем, верата во човекот треба да биде индивидуална, интуитивна, душевна, емотивна и лична пројава. Она во што веруваме, ние ќе го манифестираме и надворешно, изразувајќи го околу нас, сведочејќи го како наше длабоко, душевно чувство. Тоа каде што припаѓаме, тоа ќе биде и нашиот целокупен израз. Доколку припаѓаме во вистинската љубовна заедница со Господ, тогаш и нашата вера ќе биде љубовна вера. Тогаш нашето надворешно изразување кон сѐ и кон сите ќе биде љубовно, полно со прекрасни, чисти и свети чувства кон тварта.

Доколку, пак, формално ја изразуваме верата, тогаш нашата бесчувствителност ќе биде основна особина на надворешното исполнување на личната религиозност. Религијата која единствено разумски и надворешно практично ќе ја изразуваме спекулативно и ритуално, ќе постане некаков философски закон или наука. Ќе постане формален систем на празно ритуално, окултно практикување. 

Доколку се случува во личноста таква подвоеност, каде што човекот формално и празно остварува правила и принципи, додека во срцето има егоистични и самољубиви чувства спротивни од принципот на религијата, тоа е лицемерство. Манипулацијата има двојни стандарди, секако дека бесчувствителеноста и егоизмот ќе бидат внатрешни принципи. Човекот треба секогаш искрено да се запраша во себе дали е искрен или манипулативен, дали изразува двојни стандарди; дали пројавува еден стандард во Црквата кога формално ќе пристапи во неа, и друг начин како се однесува надвор од Црквата во светот.

Савле се трудел прецизно во јудејството, но едно нешто му фалело и тоа е она најважното. Му фалела љубовта, му фалела емоцијата. Тој жеднеел и копнеел за Господ, тој бил жеден за онаа мистичност која не можел да ја осознае со својот разум. Тој бил многу образован, и бил познат и признат учител во тоа време, во јудејската синагога, но сепак, тој чувствувал дека му фали квасецот на вистината преку кој ќе го осознае она што му е потребно. А тоа што му било потребно било Божјото Откровение и просветление на умот и на целото тело, впрочем просветление на целото битие. 

Господ нѐ поучува во Евангелието дека треба окото да ни биде чисто, за да ни биде и целото наше тело чисто. Окото за кое говори Господ е нашиот ум. Доколку биде светлост во умот и целото битие ќе биде светло. Господ не говори за тварната светлост во светот која е својство на создаденото сонце, туку, Божјата светлост е нашата вистина преку која ќе го просветлиме своето битие. Копнеејќи за Бог, жеднеејќи за Божјата светлина, ние го чекаме Божјото Откровение. Божјата благодат нѐ осветува и осветлува да бидеме живи икони Божји, охристовени во Богочовекот Исус Христос.

Савле, трагајќи кон вистината, на патот кон Дамаск, го здобил Откровението Божјо, та Господ Исус Христос со Својата Божја светлина го обземал Савле. Господ го посетил Својот ревносен син и го преобразил во душата, од грешен, застранет, ладен и формален, во просветлен тајновид, мистичен учител. Претходно бил учител на формализмот, на ладниот закон, на бесчувствието, а сега веќе, обожен, охристовен, осветен, просветлен со вечната светлина, умудрен. Претходно боготражител, сега веќе путир на мудроста, на духовното спознание. 

Савле веќе престанува да постои, останува во историјата, се раѓа новиот продуховен, осветен и обожен апостол Павле. Апостол на мудроста кои постанува прв теолог, и богослов на Христовата наука и вера. Со Божјото просветување и просветлување на неговата личност, постанува тајноводител во Црквата Божја. На самиот почеток од историјата на Црквата Божја во светот, тој ги постулира темелните вредности во христијанската еклисиологија, ги поставува и основните догматски вистини на нашата вера во неговите прекрасни посланија кои ги пишува поради пастирска грижа кон Црквите кои ги создава по светот. Тој постанува мудар педагог во црквата Божја, кој се грижи за спасението на луѓето. Со Божјата инспирација, преку Светиот Дух, тој ја здобива харизмата Божја, та постанува учител на новата наука, науката на Новиот Завет. Стариот Завет заврши во историјата заедно со стариот човек Савле, та сега се оствари Новиот Завет и се роди новиот човек Павле. 

Браќа и сестри, светиот Апостол Петар е наречен и со името Симон. Господ Исус Христос му го дава името Кифа, и така го нарекува и апостол Павле (Гал. 1,18; 1Кор. 1,12;15), што на арамејски, како и на грчки, има исто значење: Петар – камен, карпа. 

Господ лично го повикува Петар, му вели да го остави рибарењето и да тргне со Него и ќе го направи ловец на луѓе. Ова значи дека Господ му благословува на апостол Петар да проповеда и да се труди да здобие што повеќе следбеници во нивната заедница насекаде во светот. Свети апостол Петар ќе постане мисионер на љубовта, Господ е љубов и Петар ќе ја проповеда љубовната спасителна, Божја наука. Така тој некогаш неук и рибар, постанува осветен и мудар, грижлив проповедник кој ќе се труди за спасението на луѓето. Од неук со Божјата Благодат, постанува мудар тајноводител.

Свети апостол Петар ќе постане прекрасен ловец – спасувач на луѓето од тешкото и разбранувано море на животот. Поточно ќе постане прекрасна ѕвезда која светли на небото и на луѓето им го покажува патот на спасението исто како што витлеемската ѕвезда им го покажуваше патот и спасението на мудреците од истокот, водејќи ги од напознанието, темнината и лагата, кон спознанието, светлината и вистината, кон Синот Божји.

Свети Петар е прв од учениците кој јасно ја изразил верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Мт. 16, 16). Ова експлицитно сведоштво ја покажува енергичноста во верата на светиот Петар, првенство во сведочењето. Секако Господ им вели на апостолите во еден момент: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него!“ (Мт. 11, 11). Господ нѐ поучува да бидеме смиреноумни и кротки, да не се превознесуваме и да не бидеме како лицемерите кои се истакнуваат и се гордеат. Првенството наше треба да биде во одлучното смирено служење во црквата Божја. 

Господ вели: „А кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“ (Мт. 20, 26-27-28). Нашата служба е преку служењето кон другите, во мир, спокој и љубов. Кој ќе се истакне со овие добродетели, тој ќе се нарече син Божји и ќе го наследи Царството Небесно.

Свети Петар бил храбар и енергичен. Тој имал чисто срце исполнето со искрена вера во Господ. Господ ја видел длабоката и чиста вера во срцето на Петар и го повикал да го следи. Петар слободно, без размислување тргнува по стапките Христови. И подоцна ја докажува својата храброст и енергичност како апостол. Проповедал на разни страни во светот и бил велик педагог и учител на црквата Божја. 

Петар длабоко во себе го согледал своето одрекување од Исус и горко се каел преку целиот свој живот. Со искреното и горко покајание, прочистен со благодатта Божја, се преобразил од уплашен и тажен, подоцна во храбар столб на верата. Трудот на светиот Петар бил исклучителен во Црквата Божја со неговите посланија кон црковните заедници во светот. Тој заедно со апостолот Павле се големите пастири и учители на христијанството кои ги поставувале и првите презвитери и епископи на светата Христова и апостолска вера.

Нека ни биде честит празникот браќа и сестри и нека нѐ благослови Господ Бог од сега и до века.