Свети Фотиј Цариградски

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Светиот Фотиј Патријархот Цариградски, роден е 820. година во Цариград. Тој бил исклучителна личност, а неговата исклучителност не е само поради неговиот највисок степен на архијерејското служење, туку поради низа на квалитети кои ги поседувал во себе. Тој се одликувал со исклучително богато образование. Толку бил многу образован, што му немало рамен во тоа време. Неговото сестрано образование било исклучително високо, со коешто тој се истакнувал во државата. Тој бил поставен на висока државничка функција додека бил уште цивил, постанал државен секретар во сенатот. А во таа служба, тој бил почитуван од различни луѓе и чинители на општественото уредување во тоа време. Неговиот личносен однос кон Црквата Божја се одликувал со исклучително смирение и послушание. Поради неговиот искрен однос кон Црквата, со многу прекрасни манири, со голема почит кон сите архијереи и клирици, целата Црква го почитувала.

Во 857. година, царот Михаил го променил актуелниот цариградски Патријарх Игнатиј, та во таа промена, се појавила голема бура и несогласие во Црквата Божја, кој да го наследи престолот на Цариградскиот Патријарх. Се појавиле две струи во црквата, кои никако не можеле да се сложат околу изборот за патријарх. Но во еден момент, и двете струи се сложиле да постане патријарх, почитуваниот државен секретар Фотиј. Фотиј, пак, бил млад неоженет цивил, кој водел добар и чист живот, внимавајќи на својата душа. Сите архијереи, познавајќи го одлично подвигот на Фотиј и неговата теолошка елокветност, но и смирение, го посочиле да биде наследник на сменетиот патријарх Игнатиј и да стане нов патријарх на Цариградската Црква. Тоа му го предложиле и на самиот цар, кој воодушевено го прифатил предлогот.

Свети Фотиј во своето смирение, се обидувал, да ги убеди сите дека тој не е достоен за такво високо достоинство. Ги молел сите со солзи и скрушено да изберат друг претставник. Но неговите молитви не биле испочитувани, сите го посакувале него како избор, затоа што во него гледале помирител на сите спротивставени струи во Црквата и во општеството. Никој за него немал никаква замерка, впрочем, тој додека ја вршел својата државничка функција, се докажал со својот исклучителен мирен и харизматичен однос кон сите.

Соборот на Цариградската Црква, го поставува свети Фотиј за Патријарх, во рок од шест дена, ракополагајќи го во сите свештенички чинови, започнувајќи од монашкиот чин и се до епископскиот чин. Додека на самиот ден на Рождеството Христово, бил назначен и поставен за Патријарх Цариградски.

Светиот Фотиј е наречен и Велики и Рамноапостолен, поради благословот кој го дава на светите браќа Кирил и Методиј. Тие од него земаат благослов, за да ја остварат мисијата за покрстување на Словените. Свети Фотиј ја одигрува важната улога на просветителството кон Словените и сите други народи на Балканот, и со таа улога, Балканот припаѓа под духовната јурисдикција на источната Православна Црква.

Искушенијата и проблемите кои ги создава ѓаволот во животот на луѓето, не го одминале светиот Фотиј, па така во еден историски момент, помеѓу двете крила на Христијанската Црква, помеѓу источното крило и западното крило, се создава конфликт. Римската црква претендира да го оствари политичкото и правното првенство со власт над целата Римска империја, вклучително и над истокот, додека пак Константинополската црква како прв претставник по чест на истокот, сметала дека тоа е неприфатливо по еклисиолошкиот концепт. Несогласувањата на двата центра кон согледувањата на еклисиолошките начела и правните статуси помеѓу двете крила на тогашната христијанска Црква, толку многу се заостриле, што се создал неочекуван и тежок проблем. Тој проблем прераснал во тежок конфликт со жестоки меѓусебни обвинувања. Рим, меѓу другото, го обвинувал Константинопол за кршење на вековните канони, конкретно со поставувањето на светиот Фотиј во тронот на патријарсите, и тоа во рок од шест дена. Но, кога започнале меѓусебните обвинувања, тогаш замерките се нижеле и за уште многу друго. А исто така и Константинопол му замерувал на Рим за многу недоследности и неправилности во канонскиот поредок на Црквата. На крајот тој конфликт го пројавил и моментот на меѓусебните анатемисувања и меѓусебното раздвојување на двете христијански крила.

Светиот Фотиј бил ревносен заштитник на Православната Црква. Исклучителен теолог и апологет, кој ги толкувал светите канони и го штител догматскиот и правниот поредок на самата Црква. Неговите теолошки спорови со Рим и со неговите противници, се од непроценлива важност и денеска за светата Православна Црква. Неговиот придонес во црквата е неизмерлив.

Но, искушенијата за Светиот Фотиј не завршиле. Па така, во еден момент, поради прсврт во империјата, откако се поставува нов император, свети Фотиј е насилно тргнат од тронот како патријарх, осуден и затворен и прогонет седум години. А на неговиот трон повторно е поставен, претходниот Патријарх Игнатиј. Но откако умира Патријархот Игнатиј, во 879. година, бил свикан Собор на кој повторно бил признат свети Фотиј за Патријарх Цариградски. Овој Собор за многу отци на светата Црква, го претставува Осмиот вселенски собор, а на него е отфрлено кривото учење на западната Римска Црква, кое е познато како filioque. Ова учење е прогласено за ерес. Свети Фотиј, активно придонесува во светата Црква, токму на овој Собор, со своето теолошко согледување, да го осуети ова криво учење за Светата Троица.

Свети Фотиј после некое време, повторно е обвинет пред царот Лав IV Мудри, та поради таа клевета, повторно го отстрануваат од катедрата во 886. година. Тој ги поминал последните денови на неправедно прогонство во Армонијскиот манастир, и се упокоил во 891. година.

Во денешното свето Евангелие, на денешната света Литургија слушнавме дека се прославува Синот Божји. Тој вели за Себеси, дека е добриот Пастир. И навистина Тој е Пастирот на словесното стадо. Ние луѓето сме словесните овци кои ги чува Синот Божји. Тој е словото Божјо, Логосот Божји, та ние сме сите создадени за да се преобразиме во Него; Тој е нашиот Творец и Праобраз Кој е нашиот Пример, Кого треба да Го здобиеме во своите души и тела. Преку Богочовекот Христос, во Него, треба да се осветиме, за да го наследиме Царството Божјо. Него Го препознаваме како наш Бог; како наш Пастир; како наше Спасение. Тој ја докажува Својата Божја љубов кон нас, преку Неговата искрена жртва да нè штити и да внимава на нас, во нашите животи. Затоа што добриот Пастир секогаш внимава на своите словесни овци, поради својата неизмерна и вистинска љубов.

Секој светител го втемелува својот живот во Христа, обожувајќи се со Христа, постанувајќи вистинска икона Божја. Постанува икона на Добриот пастир, кој ги штити оние кои ги љуби. Христос слободно пристапува кон луѓето и ги осветува со Својата Божја Благодат.

Светиот Фотиј, како архијереј, претставува икона Христова во Црквата Божја. И секој архијереј е икона Христова на светата Литургија. Архијерејот е Христос кој бдее над своето Богодарувано паство и се грижи за духовноста во својата епархија. Тој е домаќинот на својата епархија, која му е доверена од Господа, за да ја управува исто така, по примерот на добриот Пастир, по Христовиот пример. Сите ние собрани околу својот архијереј, секој со својата служба и функција во Црквата Божја, ја остваруваме иконата Божја на Царството Божјо.

Возљубени во Господа браќа и сестри, по молитвите на светиот Фотиј, Господ да ни дари големо смирение и трпение, за да живееме по лесно во животот кој е полн со искушенија. По неговите свети молитви, да се здобиеме со спасение. Амин.