Свети Јоаким Крчовски

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Денеска светата Македонска Црква, Охридска Архиепископија, и Јустинијана Прима, го прославува денот на светиот Јоаким Крчовски. Тој бил учител, просветител, и апостол во првата половина на 19. век.

Свети Јоаким Крчовски, е прекрасен македонски син, македонска гордост, со која нашата историја се гордее. Ние го величаме неговиот спомен, постојано спомнувајќи си за неговото неизбришливо дело, трудољубиво дело на неговата искрена вера и љубов кон Господа, која ја рефлектирал директно и кон својот народ. Неговиот труд е несебичен и бесплатен, сведочејќи се себеси постојано како неуморен учител, неуморен проповедник, мисионер, апостол. Го просветувал својот напатен народ, кој трпел ропство, очекувајќи ја својата слобода. Свети Јоаким, му проповедал на својот народ слобода во православната вера, слобода во душата, вистинска слобода во Богочовекот Исус Христос.

Светител Божји, кој ја здобил бесплатно Благодатта Божја и не ја сокрил во себе, само за себе, туку, ја делел и ширел љубовта Божја околу себе. Љубовта Божја е вечна сила Божја, која постојано е жива, не е апстрактна категорија, љубовта Божја е всушност самиот Бог, личноста Божја е љубов. Господ не ја поседува љубовта како некаква имагинарна надворешна Негова категорија, или некаква паралелна сила, или некаква нужност сама по себе, впрочем, Бог е љубов, љубовта е Бог, Бог е личност, и Божјата личност им се подарува Себеси на светителите Божји, Бог се подарува во душите на луѓето.

Богочовекот Исус Христос, постанува човек, љубовта се отелотворува, та на тој начин љубовта се дарува во името на Богочовекот Исус Христос, и секој еден светител, ја има во себе прекрасната Божја љубов и таа како жива и бесконечна енергија, постојано се излева бескрајно, и никогаш не се смалува, нити потрошува. Свети Јоаким, охристовен, обожен, себе се дарувал неуморно, поради љубовта која владеела во него, та и денеска, како жител на рајот, од небесните висини, ја дарува својата бесконечна радост и на нас.

Свети Јоаким Крчовски е прекрасна лековита света билка, рајска билка, која ја има бесконечната Божја сила, да ги лечи сите наши болки и болести. Но исто така, тој ни дарува духовна, небоземна радост, со која се исполнуваме молитвено пристапувајќи му. Како што човекот притекнува кон билките за телесно исцеление и за секаква природна и биолошка поддршка, така и кон прекрасниот свети Јоаким Крчовски, притекнуваме кон неговите свети мошти, за телесна и духовна поддршка. Тој навистина е богодаруван со вечната рајска сила, со која ни помага. Лековитите својства кои тој ги дарува, се Божјите лековити несоздадени енергии, кои се излеваат од Бога кон нас, а поради неговото молитвено застапништво пред Господа за сите нас.

Свети Јоаким Крчовски е прекрасно миомирисно цвеќе од македонската земја, родено од нашата прекрасна почва, израснато во прекрасна убавина. Оваа убавина е духовна убавина, убавина која не е релативна по земното согледување на нештата, туку, оваа духовна убавина е Божествена убавина, која е всушност благодатно осветување на неговата душа, која го прославувала Господа. Тој е всушност рајско цвеќе кое со својот мирис го сведочел рајот во кој тој духовно пребивал и уште додека живеел во светот. И денеска тој уште повеќе го слави Бога и мириса во светот, сведочејќи ја совршената убавината Божја. 

Свети Јоаким Крчовски е кандило небесно кое гори бесконечно во вечноста, пред Престолот Божји. Тој го запалил своето духовно кандило уште додека проповедал во Македонија, уште додека го поучувал македонскиот свој народ. Како верен апостол и просветител Божји, и сам постанал духовно, неракотворено кандило, светлејќи му на својот народ во тешките темни денови од својата ропска историја. Светлел тој самиот како сведок Божји, како светлост која го прославувала Господа и го просветлувала народот Божји. Тој самиот постанал светлозарен фенер, фенер кој го осветлувал темниот простор на ропството околу себе, фенер кој го осветлувал патот кон духовната слобода и кон спасението. Тој и денеска како вечно кандило, пред Господа, ја сведочи својата прекрасна историска мисија на своето апостолство и гори со својот пламен, соединувајќи се со Благодатниот пламен на животворната Света Троица. Кандило кое гори пред лицето Божјо, а неговата светлост се распространува со своите зраци од небото кон светот, озарувајќи ја нашата прекрасна света Македонска Црква.

Свети Јоаким Крчовски, е ѕвезда на македонското небо, ѕвезда која ни ја сведочи македонската историја во вечноста, гледајќи ја на прекрасното рајско небо, во заедница со сите други прекрасни ѕвезди кои чинат да светот биде прекрасен. Тој е прекрасно небесно светило, кое ни ја сведочи совршената убавина Божја, која ја здобил поради својот неуморен трудољубив живот. Тој ни ја сведочи вечно својата вистинска и искрена грижа кон својот народ, просветувајќи го во тешките времиња на историските неприлики. Тој е ѕвезда водилка која ни го сведочи патот по кој треба и ние да чекориме, со подигната глава и со големо чувство на чест, затоа што го имаме него во својот род.

Светиот Јоаким Крчовски, се замонашил во прекрасниот манастир на свети Јоаким Осоговоски, во Крива Паланка. Тука тој се подвизувал во своите монашки трудови и пламено се вознесувал со својата душа, во олтарот на овој древен и славен манастир. Тој го носи името на славниот пустиножител и учител на монасите, светиот Јоаким Осоговски. Крчовски, го втемелува својот живот, во животот на светиот Јоаким Осоговски и го подражава неговиот свет Божји труд. Во овој славен манастир, свети Јоаким го подучува народот, кој бил жеден за квалитетното знаење, кое тој му го предавал. Во својот игуменски конак, тој го формирал ќелијното училиште, а исто така, во истиот конак тој ја формирал и манастирската библиотека.

Навистина, свети Јоаким Крчовски е еден прекрасен работник на нивата Господова, кој несебично го пренесувал знаењето кое го здобивал во душата, преку благодатната инспирација на Светиот Дух. Тој има огромно значење за кривопаланечкиот крај затоа што во тоа историско време, претставувал светол момент. Тој има огромно значење за развојот на македонската писменост и културна самосвест. Тој е значаен духовен и книжевен деец, кој пишува на народен македонски јазик, истакнувајќи го фактот за живото сведоштво на народното битие. Делото на свети Јоаким претставува живо сведоштво за духовниот и културниот идентитет на македонскиот народ. Тој е еден од темелите на македонската преродба. Неговата слава, неговиот подвиг, бил и нашироко познат и признат и надвор од сегашните граници на нашата татковина Македонија.

Неговиот свет небесен орел, ја просветлува и денес целокупната македонска историја. Тој со својата светост, светли од небото прославувајќи го капацитетот на својот народ, а во светот, во својот Осоговски манастир, каде што му почиваат неговите свети мошти, тој ја сведочи светоста Божја. Тој како молитвен застапник пред Господа, денеска молитвено, кротко, милостиво како и секогаш, се застапува за верниот народ, кој му пристапува барајќи му помош и утеха. И денеска, на неговиот светол празник, стои пред Престолот Божји и служи света Литургија, заедно со сите нас на земјата, затоа што, светата Литургија го остварува небоземниот момент, ја отвара вратата на Небесата, и Господ со Својата мајка Богородица, заедно со сите светители, со светиот Јоаким Осоговски, и со светиот Јоаким Крчовски, се соединуваат со сите нас во Едното Тело Божјо, во светата Божја Црква.

Свети Јоаким Крчовски е духовен наследник на светите учители и стожери на словенската писменост, на светите браќа Македонци, светите Кирил и Методиј. Духовните горостаси кои го променија нај првин македонскиот народ, та и сите други словенски народи на Балканскиот полуостров, но и подалеку северно, ја променија културата на Европа и последователно и на Русија. Од стожерите на мисионерството, изникнаа и другите нивни директни ученици, но и подоцна сите други свети ученици меѓу кои и светиот Јоаким Крчовски.

Браќа и сестри, нека биде честит празникот на овој македонски великан; нека биде честит празникот на Македонската Православна Црква која во себе го има како свет небоземен украс своето чедо, светиот Јоаким Крчовски. Нека биде честит празникот на нашата татковина Македонија, која има со кого да се гордее и со кого да се фали во својата историја, воедно, светиот Јоаким Крчовски, како учител и просветител, претставува и гордост на македонската културна просветителска дејност, а секако тој денеска претставува светол историски пример во аналите на историјата на учителството, претставувајќи исклучителен столб и украс на македонскиот универзитет.