Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Свети Јоаким Крчовски е роден во селото Осломеј, Кичевско, околу 1750. година и починал во 1820. година, во Крива Паланка. Тој е македонски просветител во турското ропство, кој исклучително се трудел во својата мисија да му помага на својот народ во тешкото ропство, со ширењето на христијанскиот морал, запазувајќи го од исламизација.
Свети Јоаким има отпечатено пет книги на македонски народен јазик, во периодот од 1814. год. до 1819. год. Овие книги се од исклучителна важност за македонската историја и идентитет поради фактот дека се напишани на македонски јазик, на кратовско-паланечки говор. Неговите дела имаат голема улога во верската и моралната просвета. Тој е светилник на брегот на разбрануваното и бурно море на животот. Светлел како прекрасна небеска ѕвезда на луѓето и им давал секаква поука, за да можат да го видат патот по кој треба да одат, во времето на темнината од ропството во кое западнала Македонија.
Светиот Јоаким Крчовски е македонски прекрасен бесценет камен. Тој е прекрасно духовно богатство кое е нашиот вечен залог во вечноста. Тој е дел од виновата лоза во нивата Божја. Тој е гранка на Христовиот лоза, гранка кој израснала со многу богат принос, со слатко и прекрасно грозје од кое вкусува македонската култура и писменост. Прекрасен плод на благословеното и благодатно ширење на Христовата Евангелска порака на мирот и љубовта. Неговата трудољубивост во добродетелноста останува незаборавен факт во македонската историја на мисионерството и просветителството.
Свети Јоаким е плодна смоква која раѓа добар и сладок плод; тој е рајско дрво, кое раѓа прекрасни слатки, преслатки и преблагословени плодови. Својот корен го втемелил во Христа, во вечниот извор и вечната храна; во цврстиот и стабилен темел на вечната квалитетна вредност. Таа вредност постанува принцип на секој кој ја признава и кој јаде од плодовите на прекрасното рајско дрво.
Прекрасната, бесценета, вечна, духовна убавина е на небесата, во вечниот есхатон на неминливоста, таму светиот Јоаким Крчовски, заедно со сите други македонски светители, стојат пред Престолот Божји, коегзистирајќи со Света Троица, пребивајќи во љубовта Божја, сведочејќи ја преку себе и посветеноста во верата на сите нас верните чеда Божји, кои ги почитуваме сите свои претставници од нашиот род.
Светиот Јоаким бил монах и игумен во светиот Осоговски манастир. Овој манастир ја сведочи својата историја со ваквите свети примери на вечниот квалитет, примери на просветителството кое е рамно на апостолството. Традицијата во историскиот континуитет на своето постоење, манастирот ја испишува со имињата на светителите, кои живееле во него и кои се запишани во вечната книга на животот.
Светиот Јоаким бил учител во своето време, но и сега е тој безвременски учител и сведок на пожртвуваната мисија која ја остварувал за својот народ. Учејќи и проповедајќи на македонски јазик, тој го сведочел македонскиот идентитет и ја изградувал православната култура во својот поробен народ. Неуморно одел од место во место, безрезервно, трудољубиво проповедајќи го Христовото Евангелие.
Крчовски трезвеноумно, мудро го конципирал образованието и воспитувањето, креирајќи го на евангелскиот темел. Христос е нашиот вечен темел и совршен вредносен систем, преку кого треба да го изградуваме меѓусебниот човечки соживот. Нашето секојдневно однесување треба да биде постулирано на темелот на личноста Божја, на Богочовекот Исус Христос, на Неговиот живот во светот кој претставува прав и единствен пример по којшто ние треба да се остваруваме. Светиот Јоаким Крчовски во својата вера, просветлен со благодатта Божја, обожен и охристовен, како жива икона Божја, вдахновен со Божјата благодат, го образува и обликува својот народ, проповедајќи го вечниот морал.
Светиот Јоаким Крчовски е македонски прекрасен бисер на нашата историја. Тој е благоухан темјан на Божјиот рај, кој нè кади и осветува. Тој е прекрасна благоухана свеќа која вечно гори, и не согорува, сведочејќи го своето добро дело. Светиот Јоаким е македонска бесценета икона на Македонската православна црква. Тој е прекрасен неувенлив цвет на македонската земја, затоа што во неа се роди и во неа израсна. Таа македонска почва е натопена со благодатта Божја и од неа се родиле и други прекрасни цветови, кои се претвориле и во столбови на православието. Столбови кои влијаеле на целата европска култура. Тие православни столбови на просветителството се облагодатени Божји прекрасни темели за создавањето на христијанската култура на европскиот континент.
Стожерите на православното просветителство од нашата прекрасна земја се светите браќа Македонци, светиот Кирил и светиот Методиј, двата бели гулаби на мирот и љубовта. Тие го проповедале мирот Божји, почнувајќи од македонските земји, кон целиот Балкан, движејќи се кон средиштето на европскиот континент; ја проповедаа Божјата Волја да се распространи Неговото Евангелие. Го создадоа благословениот словенски јазик, докажувајќи го својот потенцијал на квалитетот.
Благословот Божји се изливал врз нив и врз нивните облагодатени и благословени ученици кои ја продолжиле таа благословена мисија. Тие сите се гулаби на љубовта, затоа што Божјата љубов се вселила во нив и ги поттикнувала кон ширење на таа чиста љубов. Бог се подарува на луѓето бесплатно во црквата Божја, и живите икони Божји бесплатно го подаруваат Бога на сите други, кои посакуваат да го прифатат Божјиот благослов. Та и светите браќа просветители, спознавајќи го Господ Исус Христос, облагодатени и осветени со Божјиот благослов, го шират трудољубиво христијанството, преку просветителството.
Светите браќа Кирил и Методиј се благословените духоносни пчели-матици преку кои се родиле и сите други просветители во Македонија. Сите последователни учители, просветители и свети отци мисионери, го продолжуваат делото на браќата и претставуваат наследство на овие двајца големи мисионери. И светиот Јоаким Крчовски, ја продолжил таа прекрасна благословена мисија на просветителството.
Тој е прекрасно духовно богатство на небесата, кое сведочи за нас самите, за нашето постоење и за нашиот идентитет во вечноста. Тој е нашиот вечен доказ пред сите нас, дека нашиот народ има исклучителен потенцијал кои треба да го цениме.
Нашиот македонски светител е наша македонска гордост. Гордост преку која го согледуваме нашето минато, а во тоа наше минато го препознаваме и нашиот идентитет со нашата православна култура. Светиот Јоаким е македонски учител кој го подучувал народот на својот македонски јазик, и ја ширел македонската писменост. Денеска се гордееме со него затоа што тој ја сведочи нашата вера во Господа.
Во јазикот е фундаментот на нашиот идентитет, а светиот Јоаким како учител, го ширел македонскиот идентитет, проповедајќи ја верата во Господа, на својот говорен јазик во источниот дел на Македонија, та се истакнал во нашата историја со своето просветителско дело, дело кое било просветено од Благодатта Божја.
Господ ни дарува разни дарови преку кои ние треба да ја докажеме својата личност во светот и пред Господа. Секој е создаден со конкретна и конечна цел, за да постане жител на вечната радост, во Царството Божјо. Но, за да го здобиеме тој прекрасен дар, секој треба да се самоизрази во својот живот, да биде корисен во светот. Кога ја спомнуваме корисноста, секако дека ја имаме предвид бесплатната лична заложба во светот. Секој со својот благословен дар, да се самоизразува, надоградувајќи се преку трудољубивоста во добродетелноста. Дарот кој го добиваме од Господа, треба да го умножуваме за да го принесеме првенствено на корист во светот, а потоа го принесуваме на препознавање и признавање во вечноста пред Господа.
Светиот Јоаким Крчовски е исклучителна личност на нашата историја, кој несебично се трудел, умножувајќи го својот дар Божји, кој како учител бесплатно го подучувал својот македонски народ; како добар педагог го воспитувал својот народ во христијанската православна култура. Бесплатно го добил својот дар од Господа, и бесплатно го подарувал секому. Љубовта Божја е бесплатна и таа моќна и совршена Благодат Божја кога се подарува, има моќна сила на преумножување и ширење. Божјата Благодат се дарува за да се распространува во светот. Светиот Јоаким, не се штедел во своите трудови, не ја чувал себично љубовта Божја, туку, бескомпромисно во времето на ропството се покажал како вистински ревнител за верата Божја, мисионарејќи и просветувајќи.
За многу години празникот браќа и сестри, и нека светиот Јоаким Крчовски да ни биде наш патеводител денеска во нашите животи, просветувајќи нè, инспирирајќи нè, водени од неговата рака, да бидеме и ние принесени од него пред Господ, доведени пред Божјата милост и утеха. Амин.