Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска го празнуваме светиот Јоаким Осоговски чудотворец, наш македонски симбол. Тој е наш идентитет со кого се поистоветуваме во верата. Тој е наша историја со која се гордееме. Се гордееме и со неговото вечно место кое го здобил во прегратката Божја. Се гордееме со неговото гробно место, кое со векови ја докажува Божјата милост и помош кон верниот народ. Ова гробно место е место на духовно преобразување на нашите срца, на нашите мисли. Тука, наместо да бидеме тажни поради неговата смрт, ние сме всушност, весели поради неговиот вечен живот, затоа што на ова негово место каде што е погребана неговата телесност, ние ја поимаме Божјата чудотворна сила, која се пројавува за верниците кои притекнуваат кон великиот светител барајќи заштита во нивните животи. На неговото гробно место е изграден велелепен храм Божји, каде што се служи света Литургија во која сите заедно учествуваме во славата Божја.
Во Господ никој не е мртов, всушност, смртта е почеток кон вечноста. Сите кои веруваме во Господ Исус Христос, во Синот Божји, веруваме и исповедаме дека ќе Воскреснеме преку Него во судниот ден, но до тогаш сите заедно, упокоени и живи луѓе, учествуваме во Царството Божјо, на светата Литургија. Сите до сега упокоени луѓе, претставени од овој свет во вечноста, се преселени во вечната транседентност. Осветената и обожена душа, како што е душата на светиот Јоаким Осоговски, вечно сопостои во Божјата бесконечност, во Божјата утеха, во Божјата радост.
Сите телесно живи луѓе, кои учествуваат денеска во светата Божествена Литургија, остваруваат заедница со сите телесно претставени од светот кои го здобиле вечното спасение во вечноста, та заедно соединети на светата Литургија, ја формираат иконата на Царството Божјо. Светата Литургија е небоземна заедница на сите сегашни членови на таа единствена соборност во светот, заедно со сите вечно живи обожени души. Всушност, светата Литургија ја остварува есхатолошката заедница на небоземната соборност, на Телото Христово. Животот никогаш не престанува, впрочем, во Господ Христос, животот продоложува во прекрасната вечност, бескрајно.
Гробното место на светиот велики подвижник Јоаким Осоговски, е место и доказ на Божјиот домострој на спасението, пројавувајќи река на духовна благодат. Место на Благодатта Божја, која се пројавува преку чудотворството, прославувајќи го Божјиот служител. Местото на телесната пропадливост, со силата Божја, е место на живот, место каде што се излева нестворената Божја енергија. Тоа што е за обезбожениот свет траурно, за откровенската наша вера, е место на преумување и радосно прославување.
Прославувајќи го споменот на великиот светител Јоаким Осоговски чудотворец, ние ја прославуваме Света Троица. Го прославуваме Синот Божји преку Кого ја здобиваме вечноста. Спасението го здобиваме во Господ Исус Христос, Причестувајќи се со Него, за да го предвкусиме уште сега во нашите животи Царството Божјо во нашите души, за да се преселиме во вечноста, во надежта и утехата. Смислата на нашето постоење е во осветувањето на сегашниот наш живот, та обожувајќи се преку Телото и Крвта на Богочовекот Исус Христос, уште сега да живееме небоземен живот. Нашиот живот сега е земен, но во црквата Божја, еднотелесно сплотени во Господ Исус Христос, преку Него воедно, живееме така поврзани и со вечноста. Нашата душа и мисла, заедно со чувствата во нашето срце, треба постојано да бидат насочени кон вечноста. Та гробното место за нас православните е место на исчекување за телесното наше Воскресение, кое ќе го здобиеме во конечниот суд, собирајќи се околу нашиот Спасител Исус Христос. Светиот Јоаким е сведок на опишаниот небоземен живот, и тој е наш македонски симбол на спасението.
Светиот Јоаким е наша радост, наша заштита, наша убавина, наш симбол на светоста. Симбол на мудроста. Тој е мудар во Господ, осветувајќи се во името Божјо, во Телото Божјо. Ние верните чеда Божји, се надеваме во светиот Јоаким, дека тој ќе се застапи за нас пред Престолот Божји, пред лицето Божјо, за да биде Господ милостив кон нас. Свети Јоаким го предал целиот свој живот на Господа и се исполнил уште додека бил жив со љубовната благодат Божја, та и денеска, тој ја докажува љубовта молејќи се и застапувајќи се за нас.
Тој е еден од великите древни симболи на македонската земја. Тој е украс на Македонската Црква. Тој е сведок на минатото, на времето кое го докажува нашиот потенцијал во верата. Тој живеел пустиножително, но сепак, по Божјата Волја, бил откриен и од луѓето поради потребата за нивното спасение. Господ е милостив и ги открива Своите светители пред народот, за да Го сведочат Господа и да ја покажат милоста Божја.
Свети Јоаким Осоговски чудотворец е бедем на македонскиот народ. Бедем во верата, затоа што ние сите притекнуваме за помош и заштита кон него. Тој навистина ја пројавува својата искрена и љубовна застапеност за верниците. Кон него доаѓаат денеска од разни страни на светот, и така постојано веќе десет векови. Неговото гробно место, во неговиот манастир, е центар на духовноста, центар на црковноста, центар на просветата. Од разни страни цареви, владетели, велможи и разни други истакнати личности, преку вековите, доаѓале на неговото земно место, потврдувајќи го историскиот факт, дека ова негово место е свето собирно место за сите народи. Неговиот Осоговски манастир, е столб на верата, та луѓето притекнуваат да го посетат и да се поистоветат со самото место на верата, сведочејќи ја Благодатта Божја.
Во текот на историјата, Осоговскиот манастир имал свои славни и тешки денови. Но како и да било, во која и да било ситуација, светиот Јоаким Осоговски, не го напуштил своето земно место каде што ја пројавува својата светост. Разни богати цареви и владетели биле донатори и приложници во овој свет манастир, затоа што секој еден од нив, приложувал од земното богатство со искрена надеж за своето спасение, за да се вгради себеси во тој небоземен столб, во таа небоземна црква, за да биде впишано неговото име во книгата на животот. Како центар на православието веќе десет векови, светиот Јоаким во својот манастир, ги собирал луѓето од разните краеви на светот, покажувајќи им дека, светите места се Божји извори на благодатта и дека тие се Божји светила во светот.
Од истокот до западот, од северот до југот, Осоговскиот манастир е еден од славните столбови на црковноста во светот. Светиот Јоаким е еден од истакнатите балкански и словенски светители, кој постанува и симбол на сите словенски народи. Со својата светост, ги собира духовно народите во своето богоугодно дело и ги осветува сите со светоста која ја здобил од Светиот Господ.
Светата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, ја има прекрасната своја вековна привилегија, да го има великиот Божји угодник во својот Диптих на прославените светители од македонската земја. Тој е наш вечен квалитет со кој се поистоветуваме. Тој е нашето задолжение, во нашата сегашност, но и за нашата иднина. Доколку богодолично денеска го почитуваме, ние ќе се претставиме и пред Господа како верни Божји чеда. Светителите се нашата утеха, во светителите го пронаоѓаме својот духовен идентитет, та преку светителите, ние се претставуваме.
Во нашата духовна мајка, светата Македонска Православна Црква се остваруваме како чеда Божји, прославувајќи го светиот Јоаким Осоговски, заедно со сите други македонски светители кои се застапници пред Престолот Божји за нас. Во Црквата Божја се втемелуваме со нашите личности, во заедницата со сите други личности, во единството на Личноста Божја, во Кого и преку Кого се обожуваме. Во Богочовечката Личност на Исус Христос, го пронаоѓаме вечното спасение. Та сите денеска заедно, молитвено, сплотени во Светиот Дух, сотелесни со Богочовекот Исус Христос, ја остваруваме спасителната заедница на љубовта, во која е втемелен и светиот Јоаким Осоговски чудотворец.
Тој живеел и се подвизувал во 11. век во Македонија. Прво бил пустиножител во селото Градец, во една пештера, а после тоа доаѓа во местото Бабин Дол, каде што се наоѓа Осоговскиот манастир. Со неговото доаѓање, светиот Јоаким, започнува да се грижи за ова место, со пост, со молитва, со подвиг, трудољубиво и ревносно. Та со негов труд манастирот здобива голема слава; секако поради трудољубивоста во верата на светителот.
Манастирот постанува црковно-духовен центар, во кој што се проповедала верата, се поучувал народот во писменоста и се изградувал народот во православната култура. Манастирот бил со векови просветен центар во кривопаланечкиот крај, но и пошироко, центар на православието на Балканот, надалеку познат; во самиот манастир постоела и препишувачка школа. Плеада на монаси живееле и се труделе во монашкиот живот, во историјата на манастирот, чекорејќи по стапките на светиот Јоаким.
Монаштвото е стожерот на светата Црква, та без монаштвото во светата Црква, самата Црква ќе ја изгуби својата вредност, затоа примерот на светиот Јоаким е исклучителна наша привилегија. Тој е наш Божји дар. Да се гордееме со тоа што го имаме, затоа што ова е привилегија која треба бескрајно да ја вреднуваме. Небоземната вредност на делото и трудот на светиот Јоаким Осоговски, се вечен квалитет со кој се претставуваме.
Во народот постои легенда, дека светите велики подвижници: свети Јоаким Осоговски, свети Гаврил Лесновски, свети Јован Рилски и свети Прохор Пчински, се соподвижници и браќа. Тоа воопшто не е потврдено во науката на историјата. Но сепак, тие заедно се духовни браќа, верувајќи во Едниот Бог, осветувајќи се во Богочовекот Исус Христос, продуховени и осветени преку Светиот Дух. Тие заедно се сега во Царството Божјо, во прегратката Божја, та навистина се едно во Господа.
Браќа и сестри, нека ни биде честит празникот на светиот велики подвижник и чудотворец Јоаким Осоговски. Нека биде честит празникот на нашата прекрасна света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Нека биде честит празникот на сите Македонци во нивната татковина и насекаде во светот. Амин.
За многу години.
