Свети Кирил и свети Методиј Солунски

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Денеска светата Македонска Православна Црква, го празнува споменот на светите Кирил и Методиј, ден на македонските и сесловенските просветители и учители. Во 9. век, постануваат мисионери на христијанството помеѓу Словените, започнувајќи од Македонија кон Велика Моравија до Панонија. Ја добиле титулата апостоли на Словените, заслужни за изумување на словенското писмо. Нашата пофалба за нив е голема и вдахновена со славословија.

Светите браќа Кирил и Методиј се два бели гулаби на македонскиот род. Тие се прекрасни рајски птици, птици кои летаат во висините небесни, летаат како прекрасни гласници на благодатта Божја, гласници на спасението, гласници на мирот и љубовта. Два бели гулаби, кои го красат нашиот македонски род со своите прекрасни дела, дела на писменоста, дела на културата, дела на верата, дела на пожртвованоста, дела на љубовта кон Господа, и секако и дело на љубовта кон народите. Два бели гулаби кои носат маслинови гранчиња на просветата. Нивната пожртвувана просветителска мисија е дело на нивната духовна чистота, дело на нивниот квалитет, а преку нивниот капацитет и квалитет, и ние денеска себе се согледуваме и се гордееме за тоа што ги имаме во својата историја, затоа што тие свети браќа, се наши браќа по род и по вера.

Светите Кирил и Методиј, се две пчели матици, две пчели медоносни, но нивниот мед е благодатен и благословен мед со силата на Светиот Дух. Тие се трудољубиви пчели кои својот живот не го штеделе за описменувањето на народите. Нивната мисија била тешка, исто како што е и животот на пчелата постојано трудољубив, насочен кон изградувањето на саќето и создавање на медот. Тие го излевале својот рајски мед кон сите словенски народи, кои биле гладни и жедни за таа прекрасна рајска блажина, блажина на достоинството со кое светите браќа ги наградиле. Достоинство поради описменувањето и славословувањето Божјо на еден заеднички словенски јазик. Тие го воздигнале словенскиот јазик на рајскиот пиедестал, затоа тие се прекрасни даровити светители. Тие двајцата, трудољубиво, монахољубиво, собрале околу себе и даровити свои ученици, даровити пчели кои им помагале во нивната просветителска мисија. Тие како прекрасни две матици, исполнети со благодатта на Светиот Дух, собирале околу себе само квалитетни и облагодатени пчели ученици. Неуморно работејќи, ја достигнале својата слава кај многу народи во светот. Тие се наши пчели од нашата македонска кошница. 

Светите браќа Солунци, горат како свеќници пред Престолот Божји, блескаат со своите пламени на прекрасната Божја светлост. Тие се бесконечни светлоносци на Благодатта Божја, и преку нив, словенските народи добиле благослов Божји. Светите браќа, и денеска бдеат над нас, осветлувајќи ни ја историјата, за да можеме да се поучиме од нивната прекрасна мисија. И денеска нивната светлост блеска и ни ја осветлува совеста дека тие несебично трудољубиво, молитвено, Му служеа на Господа, а преку светото служење на Господа, ја променија историјата на народите. Нивната светлост се рефлектира од светлоста Божја, Која ги просветлува, и со нивните пламени, тие ни го осветлуваат патот кон иднината.

Тие двајцата се два свети столба на историјата на македонската земја. Овие два столба се темел на нашата култура, просвета, на нашето достоинство. Тие двајцата, просветени од Бога, го формирале благословениот книжевен словенски јазик за црковна и просветна употреба, и на овој начин докажаа дека Бог ги подарува јазиците, како Негов благодатен дар. Господ не сака унификација, не сака насилна асимилација од други народи, тоа го гледаме во старозаветниот пример на Вавилон, каде што јасно се гледа дека не подржува задолжителна употреба на туѓи јазици и култури, на други народи, туку, Господ го љуби секој еден народ со сите неговите лични идентитетски карактеристики, во кои спаѓа и јазикот. Па така тие, светите браќа, врз основа на словенските говори од солунскиот крај, ја создале словенската писменост и го кодифицирале старословенскиот книжевен јазик. Нивното дело израснало од словенската јазична традиција на солунско – македонскиот простор. Тие се вистински стожери на православната култура.

Тие се Божји ангели на добрата волја, ангели на Божјата љубов кон народите. Тие се ангели на добрата и блага вест која ја проповедале на Словените, на многу народи. Нивната ангелска мисија родила прекрасни плодови кои се ширеле и украсувале уште повеќе низ вековите. Тие проповедале и на разни други народи, не само на Словените, многу други народи ја примиле православната вера поради благословениот нивни труд.

Солун е впрочем темелот на писменоста, од каде што го започнуваат своето просветителство, затоа се слави и како духовен и културен центар. Македонскиот Солун е платформата на нивната научна дејност, тие се Солунци и тука го стекнуваат своето образование.

Македонскиот Охрид, постанува потоа наследник на Солун, како нов духовен центар на светите браќа и на нивните славни ученици. Охрид го превзема духовното црковно наследство и постанува новиот центар на Балканот. Во Охрид се основа книжевната школа од светиот Климент Охридски, се основа и светоклиментовиот универзитет, нај старото и славно сеучилиште од 886. година, единствено на Балканот во тоа време. Во Охрид се преминува на поедноставување на азбуката, од глаголица во кирилица.

Охрид постанува македонски Ерусалим, центар на светителите кои ја промениле историјата на Европа. Охрид постанува престолнина на Самуиловото Царство и седиште на славната Охридска Архиепископија. Древниот славен храм на света Софија во Охрид, кој и денеска гордо ја сведочи својата прекрасна историја, бил соборен храм на Охридските Архиепископи. Светоклиментовиот универзитет со прекрасната црква посветена на светиот Пантелејмон, и денеска е сведоштво за прекрасната историја.

Браќа и сестри, да ги славиме оние кои нè просветија, да ги величаме оние кои ни помогнаа да го пронајдеме вистинскиот пат. Тие нè просветија и просветлија за да бидеме добри и квалитетни луѓе. Тие ни дадоа возможност, да постанеме еднакви со другите народи кои претходно биле просветени од Бога. Тие нè описменија и нè подигнаа во нов статус, дарувајќи ни ја возможноста да бидеме достоинствени и горди.

Нека биде честит сесловенскиот празник на светите браќа Кирил и Методиј, празник на евангелизацијата, писменоста и културата. Нека биде честит празникот на Македонската Православна Црква, и на македонскиот народ. Нека биде честит празникот на нашата татковина Македонија.

За многу години.