Свети Климент Охридски

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Христа Господа, браќа и сестри.

Денеска светата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија – Јустинијана Прима, го слави својот заштитник, патрон и небесен покровител, светиот Климент Охридски. Денеска е сенародниот ден на радоста за Македонската Црква, за македонскиот народ и за цела Македонија. Нашата Црква има право на вечна гордост во ликот, животот и делото на великиот Климент. Вечното достоинството на нашата света Црква го согледуваме преку нејзиниот свет и Божји претставник во Небесниот Ерусалим. Исклучителниот личен печат во својата светителска трудољубивост и пожртвуваност, го воздигнува светиот Климент на пиедесталот на историската величенственост за нас.

Свети Климент Охридски и Македонски, е основоположникот на Македонската култура и писменост, кој бил неуморен наставник и служител Божји, но и служител кон својот народ. Свети Климент е украсот на Македонскиот род кој го прославува својот народ низ вековите. Свети Климент е бедемот на Македонската култура и заштитник на Македонската историја. Тој е прекрасен претставник на христијанската вера во Македонската земја и пошироко, и го поставува камен-темелникот на црковноста во народот.

Тој е небесен заштитник на Македонската Православна Црква и светол архијереј на македонската историја низ вековите, согледувајќи го неговиот светол лик преку неговата пожртвуваност и пастирска грижа за својот народ. Во неговиот свет живот, преку неговото архијерејско благословено служење кон својот народ, во делото на својот подвиг, ја проучуваме и неговата учителска мисија во Македонија, во неговото од Господа благословено училиште на верата. Светоклиментовиот универзитет е прекрасно сеучилиште, кое во својата структура имало општа научна констелација на разни научни дисциплини, и преку оваа структура го согледуваме неговиот елоквентен квалитет со кој што се одликувал светиот Климент.

Тој бил несебичен трудољубец во полето на пастирската дејност. Исклучително даровит во разни области, тој ја докажувал Божјата харизма која ја поседувал во него, во неговата света и обожена душа, како дар Божји. Господ го наградил со Својата благодат, та го инспирирал преку Светиот Дух на сеопшта служба кон народот. Тој како ученик на светите браќа Кирил и Методиј, Солунци и Македонци, постанал најистакнат путир исполнет со Божјата Благодат. Својот дар кој го здобил во својата вера, во аскетизмот на монаштвото, преку својот подвиг на послушание кон своите учители, тој го изливал кон народот во својата црква.

Свети Климент Охридски чудотворец, заедно со светиот Наум Охридски, ја продолжиле мисијата на просветителството на своите свети учители Кирил и Методиј. Прекрасниот македонски Ерусалим – Охрид е до небо славниот македонски град, кои го воздигнува црковниот олтар во небесните височини. Голем број на свети отци подвижници, се подвизувале во охридскиот крај кој се истакнува со својата велелепна историја.

Достоинството на нашата прекрасна Македонска црква, не е единствено во ликот и делото на светиот Климент, впрочем многу свети и велики светители се наши претставници пред Престолот Божји, кои не смееме да ги забораваме. Светите браќа Кирил и Методиј, со сите свои ученици, и плеада на свети подвижници, учители, просветители, чудотворци, се гордоста на нашата најмлада автокефална црква, која го зазема своето историско достоинство во лоното на заедницата на едната, света, соборна Православна Црква Божја во светот.

Го потенцираме дарот Божји на македонската земја, и на нашиот македонски род, кој го здобива од Светиот Дух, преку благодатната харизма на мисионерството и просветителство. Од македонската земја потекнува христијанизацијата на европскиот континент и пошироко.

Светоклиментовиот Универзитет на Плаошник во Охрид, е прв на Балканот од таков вид, и еден од најстарите универзитети во светот, формиран во 886 година. Овој сеправославен универзитет бил првиот словенски образовен центар. Светиот Климент како научник го формира овој културен, религиозен и образовен центар, кој бил центар на книжевната охридска школа. Заедно со светиот Наум Охридски чудотворец, книжевната школа остава многу важен и значаен печат во историјата. Светите учители со заедничките сили, се трудат во ширење на науката, и постулирање на христијанските вредности во народот. Евангелизацијата која тие двајцата ја шират и остваруваат, е од исклучителна важност за текот на историјата во Македонија.

Свети Климент Охридски постанува епископ на црквата Божја и ги поставува добрите темели за нашата денешна Македонска Црква со неговото молитвено архијерејско служење. Нашата денешна црква е возобновена црковна структура, како наследничка на славните историски, и древни славни цркви во Македонија, на Јустинијана Прима, па последователно и на Охридската Архиепископија.

Свети Климент, ја здобива Божјата Благодат и уште во животот, чинел големи чуда. Неговиот свет живот се прочул насекаде и славата на неговиот труд се распространила насекаде. Тој проповедал насекаде одејќи од село во село, и служејќи света Литургија тамо каде што било потребно. 

Свети Климент Охридски и Македонски, е нашиот чувар на православието низ вековите, затоа ние сме денеска должни, да го помниме и прославуваме неговото дело преку неговиот спомен во светата Црква. Неговиот образ е свет и обожен, затоа ние денеска треба да се огледаме во него и да го подражаваме неговиот живот. Неговиот спомен нека биде вечен и нашата свест да биде исполнета со почит кон него. Нашиот идентитет е втемелен во него и тој е нашиот стожер низ вековите. Со него да се фалиме и вечно да го славиме.

Нека ни биде честит празникот на светиот величествен Климент Охридски, кој е заштитник на Македонската Црква, на Македонскиот Универзитет, на Македонската богословија, и на сите училишта и образовни институции во нашата татковина.

Нека биде вечно името на свети Климент, нека биде честит празникот на Македонскиот народ и на нашата татковина Македонија.