Свети Климент Охридски, свети Седмочисленици, свети великомаченик Пантелејмон

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска го празнуваме нашиот покровител и заштитник, светиот Климент Охридски. Тој е патронот на нашата света Православна Македонска Црква. Тој е македонски симбол, симбол на православието, симбол на светоста, симбол на трудољубивоста, симбол на посветеноста во верата. Тој е небоземен претставник на својот народ, претставник на православието и доказ за нашето минато. Тој е наша икона на благочестието, прекрасен дар Божји, духовно бесценето богатство, бедем на стабилноста, гордост на историјата, радост за сите верници. Нашето минато е велико и славно, согледувајќи го токму преку светиот Климент Охридски Македонски, и преку плеада други велики светители, стожери на нашата славна и велика православна историја.

Тој е апостол на верата, тој е апостол на квалитетот, затоа што тој го здобил вечниот Божји квалитет уште додека живеел богољубиво во Охрид, во Македонија, трудејќи се во својот земен живот. Тој го сведочел Христа, проповедал за Него, та целиот охристовен и обожен, постанал жива Божја икона, која го сведочела Господа не само со своите зборови, проповедајќи, впрочем, целиот негов живот бил исполнет со вистински и несебични дела, дела на верата. Верата која во себе ја имал, ја изразувал кон сите, во една прекрасна служба; служба во која несебично се подарил кон сите, за да го подучи својот народ на кого му проповедал. Вистински пастир на словесните овци во Божјото трло, во црквата Божја.

Тој како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, го продолжил делото на светите македонски браќа, и го поучувал својот народ во верата, културата и во писменоста. Тој го проповедал Евангелието Божјо на народниот македонски јазик, на народот во Македонија, во околината на Охрид и пошироко.

Неговиот квалитет бил високо ценет како во интелектуалните сфери, така и во црквата Божја. Та затоа црквата Божја, го наградила својот трудољубец со Епископски чин. Неговите дела се безвременски. Неговиот труд во сферата на образованието е од исклучителна важност за тоа време на овие наши простори. Тој организирал висока установа, прва од таков вид во тоа време на Балканот, формирајќи ја во 886. година, на Плаошник во Охрид, имено, отвора универзитет кој бил во тоа време единствен на Балканот. Ова е навистина толку многу значајно за нашата историја со која го докажуваме потенцијалот на нашиот народ уште од древни времиња.

Секако, оваа светоклиментова установа не е важна само за Охрид, Македонија, туку за многу пошироко, за целиот Балкан, за сите народи кои живееле на овој простор, но секако и за целата Европа; овој универзитет е важен столб на писменоста, образованието, културата и верата. Оваа школа од самиот почеток ја негувала традицијата на глаголицата, на кирилометодиевата словенска азбука, но секако подоцна започнува да се применува и кирилицата од 12. век.

Во светоклиментовиот универзитет во славниот до небо Охрид, во Македонскиот Ерусалим, се наоѓала Охридската школа, извор и жариште на словенската писменост и култура. Светиот Климент, овде творел, составувал, работел, живеел, се молел. Тука се превознесувал во небесните одаи на горниот Ерусалим. Тука тој егзалтирал со својата душа, со својот ум, метафизички, духовно, во трансцедентноста Божја. Тука тој ја контемплирал мудроста Божја, која ја здобивал од Господ, Кој му ја подарувал на својот ученик, како на Свој син.

Светиот Климент Охридски, уште во својот земен живот, постанал чудотворец. Неговата искрена, чиста и љубовна молитва, била втемелена во вечната Божја вредност на пожртвованоста. Тој жртвувајќи се за својот народ, посветувајќи се, трудејќи се, го подарувал тоа што го поседувал во себе, целокупното мистично знаење, воедно предавајќи го својот живот на Бог, пожртвувано со Божји благослов му служел на својот народ.

Свети Климент е наш учител, учител и пример за сѐ. Тој нѐ подучува за смислата на нашето постоење и за суштината на вечното спасение. Тој е учител, тајновидец, исполнет со вечната мудрост, онаа мудрост која нема споредба со никаква земска, интелектуална и рационална теорија или пак философија. Мудроста Божја која тој ја здобил во себе е апсолутна, неземна, затоа неговото дело и неговиот лик, се вечни. Тој во себе ја припоил земната наука кон Божјата наука, та во својот живот, уште тогаш, ја пројавувал и објавувал тајната мудрост Божја, која ја здобивал преку наитието на Божјата Благодат во своите тајни молитвени екстази.

Земски образован, интелектуално возвишен, светотаински умудрен со тајните енергии Божји; сопричесен со Божјиот примрак на вечната светлост, светлост која извира од Божјата апсолутност, откровенски објавувана, на светиот Климент подарена, поради неговиот труд, за стекнување на вечното спознание. Господ му ја дарил Божјата мудрост на светиот Климент, за да ја шири кон секого кој ќе пристапи кон него и кој ќе ја побара.

Бог е милостив и полн со љубов, та и неговите свети луѓе како што е нашиот Свети Климент Охридски Македонски чудотворец, преземајќи ја во себе таа Благодат Божја, несебично ја подарувал околу себе. Тоа е впрочем суштината како треба да се оствариме како луѓе, да се трудиме да ја здобиеме Благодатта Божја за да се излива преку Божјиот путир кон сите други кои ја посакуваат. Секој осветен и обожен човек, како светиот Климент, ќе постане путир за Божјата медна убавина.

Свети Климент постанал путир на Благодатта, постанал благоухан рајски темјан, постанал прекрасна нетварна кадилница која го кади Божјиот Престол. Постанал рајски свеќник на кого гори вечна мирисна свеќа, постанал рајски инструмент кои свири возвишено, сведочејќи ја небесната радост. Тој е наше македонско единствено цвеќе, цвеќе кое не венее. Тој е скапоцена грутка земја од нашата земја, бесценет пример на нашата историја која го сведочи своето славно минато. Тој е вечна македонска вредност во Царството Божјо.

Нашата свест за делото на светиот Климент треба да е секогаш исполнета со трепет и восхит. Не смееме никогаш да го заборавиме трудот на светиот Климент, кој службуваше вистински и несебично во својот универзитет, во својата Епархија, во црквата Божја, потполно посветен на темелот на Евангелскиот Христов пример. Христос се жртвуваше поради сите, дарувајќи им на сите возможност да бидат спасени, дарувајќи на секого вечна вистина, а таа вистина е бесконечна мудрост.

Денеска празнуваме и уште еден празник, та на денешното чествување на Светиот Климент, имаме уште едно чествување; та прекрасно е кога на радоста доаѓа и нова радост, празник на празник. Денеска се сеќаваме во истиов ден и на сите седум свети Македонски столбови на апостолството, верата, просветата, писменоста, културата. Овие седуммина се столбови на Европската цивилизација, столбови на светот. Како добри пастири, како посветени учители, тие се труделе вистински на нивата Божја. Сеќавајќи се на Светиот Климент, секогаш се сеќаваме и на другите шестмина: светите, Кирил, Методиј, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, сите Македонци, велики учители и просветители, рамноапостоли. Столбови и икони на словенските народи. Имиња кои се вечни на небото, но и вечни во земната историја. Нивните дела се неспорни, дела на општи квалитетни вредности кон општите морални начела. Начела и вредности кои се еднакви за сите во целиот свет.

Посветени луѓе, обожени, продуховени, осветени со Духот Божји, сите заедно ја промениле културата на народите. Ја промениле историјата на светот, затоа што нивното дело е дело на возвишен дар кои тие го здобиле, и го подариле на нас. Благодатта Божја се здобива бесплатно, но со слободна лична волја, секако трудољубиво, та бесплатниот дар, бесплатно се подарува. Светите седмочисленици, бесплатно му подариле на светот тоа што го здобиле во себе.

Денеска чествувањето е преполно со благодатно сеќавање на многу прекрасни светители. Имено, празнуваме уште еден светител, а тоа е светиот великомаченик Пантелејмон. Името на овој велики светител е поврзано и со името на Светиот Климент. Имено, светиот Климент, во неговиот универзитет на Плаошник, изградил црква која ја посветил на светиот великомаченик Пантелејмон, брзопомошник во сите потреби. Светата црква, во своите определени молитви за здравје, го споменува светиот Пантелејмон, како исцелител и брзопомошник. Та светиот Климент ја посветува својата црква на овој велики, брзопомошник од сите неволји, да посредува пред престолот Божји, за народот во неговата епархија и за целата славна Божја Црква.

Црквата Божја е втемелена на мачеништвото. Црквата Божја е формирана во мачеништвото, подвиг преку кој се остварува цврстата вера во Бог. Впрочем, единствениот совршен пример на мачеништвото е Христос. Христос е нашиот темел, на Неговиот маченички подвиг, е втемелена светата Негова црква. Прекрасната црква, украсена со неминливи вечни, совршени украси, стоејќи грандиозно, како ненадмината врвна убавина, невеста за која е венчан младоженецот Христос. Црквата наша е славна и преславна, затоа што нејзиниот Младенец е Богочовекот Исус Христос.

Светиот Климент, проповедајќи ја богословската наука, ја соградува својата црква и ја посветува на мачеништвото, кое е брзоутешно, поради жртвата која се подарува. Христовата жртва е жртва на љубовта, та и секоја друга жртва на сите негови светители, е жртва на љубовта кон Него. Во Христа се крстиме, во Христа се облекуваме, во Христа страдаме, во Христа умираме, во Христа ќе Воскреснеме. Крсната смрт Христова е суштина, извор на животот. Ова е парадоксално за неверниот свет, но е суштинско и реално за нашата вера. Нашата реалност е парадоксална во контекст, на нашата крстовоскресна вера, вера која оживотворува.

Браќа и сестри, возљубени во Господа. Нека ни е честит и благословен денешниот празник, нека нѝ бидат светите македонски отци учители, наши патеводители во нашите земни животи. Нека да нѐ водат по патот на искушенијата, преку трњата и препреките, за да не доведат во Царството Божјо каде што тие, заедно со сите други светители од сите други народи во светот, го слават нашиот Господ.

Нека биде честит денешниот празник на Светата Македонска Православна Црква, и нека му биде честит и благословен празникот на светиот Климент на македонскиот народ. Амин.