Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Денеска го празнуваме светиот Стефан, првомаченик и архиѓакон. Неговата вера била исклучителна, храбра, стабилна, и цврста, а сето тоа тој го докажал во својата смртна агонија, умирајќи од рацете на луѓето, од рацете на неговите сограѓани, со кои тој го делел истиот животен простор во Ерусалим. Го убиле луѓето кои за себе сметале дека се Божји гласници, Божји војници, кои во својот антагонизам кон кротките, незаштитените, мирните, незлобивите, ја изразувале својата брутална компулсивна психопатија. Го каменувале светиот Стефан, убивајќи го на толку громорозен начин, тие кои себеси се сметале за чеда Божји. Каков апсурд на лудилото!
Да се сметаш за чедо Божјо, а при тоа да чиниш убиство од било кој вид кон светот, тоа е лицемерие. И денеска, како и тогаш, сè повеќе среќаваме луѓе кои себеси се сметаат за доборољубци, а при тоа го загрозуваат светот со својата брутална нетолеранција, ароганција, индиферентност, себељубивост, негирање… сите овие појави се ужасни состојби на шизофренијата во која потпаѓаат болните души.
Човекот со своето психопатско лудило, сака себеси да се заштити и оправда пред светот, и пред Бога, па во тоа свое оправдување, тој посочува некаков имагинарен виновник, мотив или причина кои постојано го активираат човечкиот бес. Заборава човекот дека никогаш нема оправдување за неделото и за гревот, затоа што тие нешта остануваат да бидат лични дела, дела на нечовекот, затоа и се нарекуваат недела. Така и психопатот кој убива некого физички или психички, прави зло дело, прави грев, прави недело, и никогаш нема да биде оправдан пред Бога за својата малициозност кон светот.
Импликациите кои ќе ги почувствува нечовекот, ќе се остварат во вечноста, во неживотот, во антиживотот. Хипокризијата на човештвото во своето изопачено лудило, постојано во историјата се пројавува како страшна агонија на болеста, а таа болест е гревот кој го оттргнува човекот од Бога и создава човечко чудовиште.
Светиот Стефан, во својата цврста вера, доживува откровение Божјо, доживува просветување на својот ум гледајќи го отворено небото, согледувајќи ја Небесата со духовните очи, егзалтирајќи со својата душа, мистично превознесувајќи се од земното искуство, во Небесното Царство Божјо. Тој го сведочи тоа што го доживува и тоа што во моментот го согледува, тоа го пренесува пред слушателите кои во својот анимозитет кон него, инфламативно се разгоруваат од бесот; та во својата демонизација, под плаштот на верата, животински, не трезвеноумно, туку бесвесно, бездушно, го убиваат светителот во некаква еуфорична радост. Та нели е ова навистина лудило!?
И денеска, многу често, насекаде во религиозноста, постојат латентни примери на психопатија кои се сокриени бомби на злото. Постојано ваквите примери на прикриени „добри“ верници, имаат потреба да контрираат, да критикуваат, да се „борат“ ревносно за својата вера. Постојано сме опкружени со нервозни и бесни луѓе, кои постојано „оправдано“ имаат потреба да малтретираат сè околу себе. А оние кои се навистина кротки и незлобни и денеска го трпат гневот и злото на овие човечки монструми, кои пронаоѓаат причина за агресивноста, сметајќи ја за „дар Божји“, или за совест на правдата. Ова се тешки состојби на болните души. Болна е таа душа која смета дека во некаков контекст може да оправда насилство.
Светиот Стефан е првомаченик, оној кој прв се здобил со велика слава Божја, поради умирањето за името Христово, за името Божјо. Мачеништвото е столб на светата Божја Црква. Мачеништвото е платформа на Божјото спасение. Мачеништвото е пиедестал на љубовта кон Бога. Страдањето за Бога е животворно искуство на љубовта. Љубовта кога е вистинска и права, таа се жртвува. Љубовта сè дава, сè допушта, сè простува! Љубовта има исцелителна моќ, љубовта ја преобразува душата, го загрева срцето.
Љубовта е Бог. Вечната љубов се раѓа во овој свет, живее во светот, ја шири и докажува Својата Божја совршена љубов кон страдалниците, напатените, и ги воскреснува умрените. Љубовта пострада за овој свет, умре и Воскресна од гробот. Луѓето сакаа да ја повредат вечната љубов, сакаа да ја поништат вечната љубов поради која постои сè видливо и невидливо. Луѓето ја избркаа вечната љубов од светот, за да живеат во обезбожен свет, во безљубовт, бесмисла, за да можат да постанат монструми.
Господ се жртвуваше за светот, и мачеништвото е основниот фундамент на спасението. Исус Христос е пример на страдањето и пример на мачеништво, а по Него прв од сите е светиот Стефан кој храбро ја докажа својата љубов кон Господа. Дефицитот од Божјата љубов во светот, го преобликува истиот свет во монструозен систем на искривени вредности, кој тежнее кон девастирање на сопствениот живот.
Светителите Божји се совеста на светот, па следствено, поради самата обезбоженост и демонизираност на обезбожените луѓе, светителите постануваат „проблем“ кој причинува општа индигнација во општата хипокризија на лажната моралност. Секако пак тоа е една друга тема, доколку зборуваме за моралноста.
Во денешното свето Евангелие по Матеј, кое го прочитавме на светата Литургија, Исус Христос им кажува на насобраните луѓе парабола за немилосрдните лозари. Преку оваа парабола, Господ им говори за создадениот свет и за луѓето кои живеат во светот. Поточно, Господ Исус Христос преку параболата за лозјето ги мотивира луѓето, преку верата своја, да ја откријат самата суштина. Суштината ќе му се открие на оној кој ја бара, преку молитва, богосозерцување, поточно, преку богомислието.
Имено, овој создаден свет е впрочем тоа насадено лозје, а Господ е домаќинот Кој го формирал, украсил, средил и Кој им го предал овој свет на луѓето, на лозарите, одговорно да го чуваат, да бидат добри и мудри. Луѓето треба да ја докажат својата благодарност кон Господарот, треба да го обработуваат лозјето со мудрост и да го изразат својот талент, сè додека повторно не дојде Господарот за берба.
Како што веќе напомнавме, лозарите се синоним за луѓето во светот; откако си отишол Господарот од Своето лозје, тие го присвоиле она што не е нивно, тоа што воопшто тие не го создале. Со својата извитоперена човечност, поточно нечовечност, во својата лудост, го експлоатирале Господовото добро, мислејќи дека имаат власт и моќ, тоа да го направат. Но како што напоменавме, во својата лудост, човекот се изопачува. Кога, пак, Господ праќа Свои слуги, пророци и светители во лозјето, во светот, тогаш обезбожените противници Господови, ги фаќаат пророците и светителите ги тепаат, и убиваат. Ете тоа се случува постојано во светот, Господ ги праќа Своите светители во тоа што е Негово, а луѓето во својата злоба, се бунат против Господа и ги уништуваат Неговите светители. И колку повеќе Господ благословува светители во светот, кој ќе светлат со својата доброта, толку повеќе и злото се умножува, се засилува против Божјата промисла.
Во еден момент, Господ Го праќа и Својот возљубен Син во светот, за да се засрамат од Син Му. Но бесот е демонизираност и во својата психопатија, луѓето Го убија и Синот Божји. На тој начин мислеа дека засекогаш ќе Го изгонат Бог од „нивниот“ свет, па да го скројат Божјиот свет во систем и агонија на своето лудило. Наместо да бидат вечните Божји вредности постулат во светот, луѓето создаваат свои демонски системи, кои се постојано нестабилни, поточно, втемелени се во интересот на поединците, кои се презентираат за земни богови. Та наместо луѓето да Му служат и да веруваат во вечниот Бог, тие веруваат и им се поклонуваат идолатриски на смртните земни луѓе, како на богови.
Секако дека крајот на оваа парабола е со страшен исход, но страшен за оние кои се грешни и лоши. Страшниот Суд Божји, навистина ќе биде страшен и ужасен за злото. Крајот на историјата ќе биде во Божјиот беспрекорно, праведен Суд, пред кој ќе застанат сите луѓе кои постоеле во историјата на светот, за да бидат судени и осудени за злото, или оправдани за доброто. Од човекот зависи, дали ќе допринесе за своето спасение, или ќе влијае по личната своја волја, да добие вечна мака, вечна смрт во бесмислата и ужасот.
Браќа и сестри, да Го прославиме Господа за Неговата богата милост, за Неговите добрини кои секојдневно ги прави за нас, и да бидеме благодарни за тоа што Господ го прави постојано за нас. Да Му благодариме во секој момент од нашиот живот и да ги прославуваме светителите како наши застапници пред Господ. Свети Стефан нека биде наш закрилник и нека нè охрабри во нашите животи. Амин.
