Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Денеска во оваа прва недела после Велигден, се сеќаваме на Томиното неверие, на Томиното сомневање, на Томиното човечко колебање. Сите ние имаме ист начин на согледување на нештата во стварноста, исто како и светиот апостол Тома, кој денеска го споменуваме. Сите ние можеме да се поистоветиме со светиот апостол Тома, затоа што постојано се сомневаме во верата. Се сомневаме дури и во сето она што нè опкружува, а сепак сето тоа го гледаме и го доживуваме со нашите сетила. Толку многу сме колебливи, та дури и она што го доживуваме секојдневно со нашите сетила, и тоа е за нас често несфатливо.
Сомнежот кој владее со нас, во нашата слобода на личноста, толку многу е силен, што постојано нè искушува во нашата свест. Првородниот грев кој го имаме во себе е наследство од нашите прародители Адам и Ева, а впрочем тоа е сомнежот. Сомнежот е појава во нашата слободна волја, со која ние постојано се бориме, дали ќе го прифатиме или не. Доколку не се бориме со оваа слободна ригидна појава во нашата свест, тогаш, ќе постанеме робови на неверието. Неверието ќе завладее со нас, и ќе нè уништи, така што ќе нè одвои од вистината и од суштината на постоењето.
Некои философи сметале дека доколку сомнежот го користиме за да ја филтрираме нашата свест, и преку него да ја пронаоѓаме вистината, тогаш тоа и можеме до некаде да го оправдаме, но само доколку добро и квалитетно анализираме, стоејќи на стабилна платформа која ќе биде постулирана на вечната и непроменлива вистина. Но доколку, и таа платформа започнеме да ја филтрираме и анализираме преку сомнежот, тогаш нашата свест ќе се загуби во невистината, во бесконечното ништо, во бесмислата. Трагајќи и скитајќи, изгубени во ништото, ќе се обезличиме и ќе се сомневаме во вистината на животот, а тогаш директно ќе се конфонтираме со изворот на апсолутната непроменливост.
Пред сè, и над сè, како основен почеток треба да си ги поставиме во себе темелите на непроменливата вечна вистина; да го постулираме вечниот и бесконечен квалитет; да ја втемелиме во себе совршената догма, и кога ќе бидеме вкоренети во апсолутната, совршена, вечна вистина, која е сама по себе чиста вистина, вечна апсолутна идеја, и не е никако стекната со некакво земно искуство и опит; тогаш, ние ќе можеме да ги согледуваме нештата на добар начин.
Чистата вистина е Божја категорија, и таа не може да се истражува во нас со нашиот сомнеж, затоа што ние сме создадени битија. Ние како создадени битија, ограничени сме, нестабилни, варијабилни, минливи, несовршени, никогаш и никако, не можеме да ја филтрираме вечната, совршена и чиста вистина. Невозможно е ние да можеме да го појмиме она што е над нашето секојдневно согледување и доживување, само со нашата сила и свест, со нашето скромно интелектуално анализирање. Човекот со својата интелигенција, не може никогаш да се доближи до Вечниот Ум – Бог; не може никогаш човечкиот ум да го перципира Божјиот Ум со човечкото несовршено поимање.
Љубовта Божја е бесконечна категорија, и оваа бесконечна љубов, ние никако не можеме да ја спознаеме со нашите скромни анализи и категории, затоа што таа љубов е вечна Божја суштина. Ние можеме единствено да ја поимиме во тајновитоста, во мистичноста на светотаинскиот живот, осветувајќи го својот ум, преку благодатта на Светиот Дух. Единствено само Господ, доколку Тој благоизволи, може да ни открие нешто од Неговата Промисла, онолку колку што ние како луѓе можеме да примиме во себе. Тој се дарува Себе, Тој еманира во овој свет, Тој ја излева Својата благодат кон светот, додека светот ја прима во себе тајната Божја, преку Божјата икономија, преку Божјото светотаинско делување, пројавувајќи се откровенски, просветувајќи го ограничениот човечки ум.
Постојаниот ригиден сомнеж во луѓето, ги дели луѓето, пројавува пизма, и во таа омраза и зло, сепаративно се групираат, сегрегациски раздвојувајќи се во заедницата, го разоруваат ткивото на заедничката природа. Негирајќи се помеѓу себе, луѓето прифаќаат во себе индигнација како природна појава и како нормално средство во ткивото на заедницата. За да се претпазиме од сопствените слободни несовршени начини на анализа, како што претходно рековме, треба да ја формираме во себе Божествената непроменлива догма, и да ѝ се предадеме на верата во апсолутната вистина. Апсолутната вистина е Богочовекот Исус Христос со Неговото тридневно Воскресение, кое нам ни се дарува за наше спасение. Христовото воскресение е надумно, несфатливо, чудодејствено, секако дека не е логично и не е вообичаено за светот.
Светиот апостол Тома, кого денеска го прославуваме, е нашиот пример и нашиот мотив за длабоко анализирање на нашата свест, во која постојано грешиме. Впрочем, честото сомневање кое го имаме за сè околу себе, ја девастира целокупната перцепција околу нас, та треба да се бориме против таквиот начин на согледување, и не смееме да потпаѓаме во таквиот дух на постојаниот сомнеж, туку треба, бескомпромисно да веруваме во Богочовекот Исус Христос, и постојано да опстојуваме свесно во таа Божествена радост и духовна веселба. Господ воскресна и тоа е за нас вечна победа. Христос е Победник, и ние во Него сме победници. Нема тага, нема сомнеж, туку, имаме радост и веселба, затоа што тоа е нашата победничка вера.
Светиот апостол Тома како човек, потпаднал во неверие, во малодушност, во сомнеж. Ние пак, да ја имаме свесноста дека треба да внимаваме, дека треба да веруваме не со сомнеж, туку силно и безрезервно. Верата не е вера, доколку се сомневаме. Верата е длабока сигурност во Господа, та затоа и својот живот го предаваме на Господа и велиме да биде Неговата света волја со нас.
Но, доколку Тома не се посомневал, ние денеска немаше да имаме свидетелство и знаење за Воскреснатиот Господ. Можеби некој, во историјата се сомнева во телесното Христово воскресение, а со Томиното неверување впрочем, се открива последователно она во што ние веруваме. Веруваме дека Исус Христос телесно воскресна и целокупната материја преку Телото Божјо, ќе биде спасена. Ние денеска се причестуваме со воскреснатото Тело Христово, и преку Тоа воскреснато Тело Божјо, ние директно се спасуваме. Тома пак, посведочил со своето сетило на допир дека Господ Исус Христос воскреснал реално, а не е само привидно, и уште поважно, Тома ги посведочил Христовите прекрасни, спасителни, целебни – лековити рани, преку кои ние се спасуваме.
Тома силно верувал во Синот Божји, и тоа го гледаме во светото Евангелие, затоа што бил постојано со својот Учител насекаде. Светиот апостол Тома, најдалеку од сите други апостоли, отишол да Го проповеда Богочовекот Исус Христос дури до Кина и Индија. Тој се трудел во апостолството, и тоа впрочем е доказ за неговата искрена и вистинска вера во Богочовекот Исус Христос. Пострадал, и бил убиен за Христа посведочувајќи ја својата вера до смрт.
Браќа и сестри, да се трудиме постојано, да внимаваме на себе постојано, да живееме добродетелно постојано. Да имаме смиреноумие, да имаме богоугодни мисли и да се бориме со сопствените лаги и измами. Да не дозволуваме да живееме во светот во злобниот и лукав дух на лагата и сомнежот, туку, со вистинската вера, да ги победуваме лукавите замки и стапици. Во некој момент, секако дека секој од нас, потребно е да се избори со својот сомнеж и да го победи. Да се трудиме во љубовта кон другите и љубовта никогаш да не ја смалуваме кон никого, затоа што ниту Господ Исус Христос, не ја смали Својата Божја љубов кон никого. Не смее никогаш да има во нашите души помала љубов за некого, поради некакви причини, не никако. Ние православните треба постојано исто да љубиме, затоа што и Богочовекот Исус Христос, постојано исто љуби безусловно и без компромисно.
По молитвите на светиот апостол Тома, наречен Близнак, да го победиме својот сомнеж и своето неверие, и да ни помогне свети Тома, да ја зголемиме својата вера кон Господа. Амин.
