Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Денеска е голем празник. Денеска е празникот на радоста. Но, можеби некој би прашал, како тоа може да биде радосен ден, кога го празнуваме упокојувањето? Возљубени браќа и сестри, Пресветата и Преблагословена наша Владичица Богородица Марија, денеска се преселува со својата душа во Божјата радост. Но, не само што се преселува со својата душа во вечната радост кај нејзиниот Син, и Божјиот Син, туку, таа воскреснува и со своето тело, та потполно како и пред нејзината смрт, таа заспивајќи и будејќи се, преминува потполно и со своето тело во новиот живот, не губејќи ништо од претходното свое битисување во светот. Та ние не го прославуваме упокојувањето, туку, го прославуваме успението, нејзиното преселување од земниот свет, во небесниот.

Денеска нејзиниот Син и Господ наш Исус Христос, доаѓа од небото, за да ја дочека Својата мајка во Својата прегратка. Ова нејзино успение е само премин од земниот свет, во небесниот свет. Ние денеска секако повеќе го прославуваме нејзиното воскресение, кое се случило после нејзиното погребение. Нејзиното тело не останало во нејзиниот гроб да пропаѓа во земјата. Впрочем, нејзиното тело е тело на нашиот Господ Исус Христос, та затоа Синот Божји, и Синот на Марија, ја воскреснува Својата преславна мајка и ја вознесува на небото да престојува заедно со Него во вечноста.

Во денешниот празник се сеќаваме на прекрасната слава со која се здобила мајката Божја. Господ Исус Христос, не дозволил телото на Својата мајка да пропадне во природата. Туку исто како и Своето Тело, го воскреснува. Марија е царица Божја. Марија е таа која го спојува небото со земјата. Марија е поширока од небесата. Марија е нашата духовна мајка. Та затоа и овој празник го празнуваме со восхит, со радост и трепет.

Какво чудо, родилката на Богочовекот, се погребува денеска во гроб. Во Гетсиманија е положено телото на Марија. Ангелите се вчудоневидени и ја опкружуваат Мајката Божја. Благодатната денеска со душата во прегратката Божја лета кон небото. А своето тело го остава во гробот. Таа која беше престол Божји на земјата, денеска се упокојува и ја полагаат во гроб. Сите ангелски чинови на небесата ја слават Пречистата. Сите плачат на земјата поради нејзиното упокојување, но воедно бива радост на небесата за нејзиното пристигнување во рајот. Сите ја прославуваат Мајката наша духовна.

Денеска царицата Богородица, застанува од десната страна на својот Син, облечена во преукрасена, прекрасна небеска облека. Денеска Богородица вкусува телесна смрт, но пак после тридневниот престој во гробот, Марија бива воскресната и вознесена на небото со силата на Седржителот Господ Кој постана Нејзин Син. Ти која Го роди Животот и Створителот на вселената, денеска умираш, но после три дена, преславно воскреснуваш. Ангелите слават, луѓето се веселат. Ти си таа која им даваш духовна радост и поткрепа на верниците. Слава на твоето вознесение, милостива мајко Божја.

Ние верниците, сеќавајќи се на твоето преславно Успение, Мајко Божја, ќе те прославуваме преку песнопенија, величајќи те, славејќи те, радувајќи се. Ќе те воспеваме и фалиме, како и сите до сега, кои те возвеличувале и ти составувале песнопенија, пророштва, акатисти, стихири, тропари, молитви. Сите тие величанија, за нас се пример и мотив, да те прославиме и ние денеска, радувајќи се и произнесувајќи ги чудесата со кои си била прославувана и пред да се родиш од своите родители Јоаким и Ана.

Та затоа ќе ти пееме…

Кога те полагаа во гроб мајко Божја, целата творба плачеше и жалеше за твоето преселување, но твојот Син дојде и ги пружи Неговите раце и го прими твојот дух во Својата прегратка. Синот Божји и твој Син, дојде заедно со војските ангелски да те дочека во духовниот свет, прославувајќи те. Твоето присуство мајко Божја на земјата уште во твоето тело, беше радост за верните, затоа што во тебе Го гледаа Господа твојот Син.

Апостолите и учениците Христови плачеа мајко Божја, а со нив плачеше целата вселена од тагата дека ти заминуваш. Ти која беше утеха на луѓето, ти која беше потпора на луѓето, денеска заминуваш од овој свет. Ти умираш, како човечка творба која ја доживува смртта како задолжителен закон во природата. Апостолите те повиваат мајко Божја во смртниот повој и го полагаат твоето тело во смртниот ужасен гроб. Каква трагедија и иронија на смртта.

Апостолите кои беа распрснати насекаде по светот да проповедаат, во твојот смртен час, сите беа чудесно пренесени од ангелите и донесени покрај тебе. Земните те испраќаат мајко Божја, за да бидеш дочекана во вечноста. Земните ја испраќаат својата царица, за да стигне царицата на вселената во рајот. А пак таму да ја дочекаат војските ангелски заедно со нејзиниот Син, Кој ја носи на Своите Божји раце и ја внесува во вечноста. Пресвета Троица ја дочекува душата на мајката Божја. После три дена, доаѓа во рајот заедно со обоженото свое тело мајката Божја, која воскреснува и се вознесува, да седи оддесно до Бога својот син.

Кој ум може да те прослави, Пречиста. Ти си мајка на Светлината. Мајка на вечното незалазно Сонце. Мајка на Вечноста. Мајка на Совршеноста. Мајка на Седржителот. Мајка на Животот. Мајка на Творецот. Мајка на Спасителот. Мајка на Љубовта. Мајка на Светоста. Ти си мајка на природата. Мајка на творбата. Мајка на луѓето. Мајка на утехата. Мајка на радоста. Мајка на добродетелите. Мајка на Телото Христово. Мајка на Црквата.

О преславна, преблагословена, пречиста, благодатна Дево, Богородице Марија, ти си наше спасение. Ти си радост наша. Ти си радост на своите преславни родители Јоаким и Ана. Тие ќе те дочекаат на небото заедно со сите славни пророци, учители и светители. Тебе денеска ќе те дочека и пророкот Давид кој се радува што се исполнило пророштвото Божјо, дека неговото семе ќе го спаси светот.

Пророкот Јаков денеска те дочекува, сеќавајќи се на сонот кој го виде во Харан. Тој Тебе те виде како праслика, во тајновита претстава Божја, како скала која стои на земјата, а со врвот свој допира до небото. Ангелите Божји слегуваа по таа скала и се качуваа. А на таа скала стоеше и самиот Господ Кој му зборуваше на пророкот и праотецот Јаков. Ти Богородице ја симболизираше таа скала преку која се споени земјата и небото. Затоа во секој храм Божји тебе те иконизираме во апсидата на олтарот, над Светата Литургија, како Ширшаја – поширока од небесата. Ти си мостот по кој што минуваат земните, на небото. Ти си топла молитвеница пред твојот Син и Господ за сите луѓе. Ти си таа која Го молеше Господа Исуса на свадбата во Кана Галилејска, кога се потроши виното. Ти си заштитница на монасите и нивно си спасение.

Ти си прасликана во чудото на Сион, каде што Мојсеј гледаше во тебе и се чудеше. Капината гореше, но не согоруваше. Такво нешто никој нема видено. Но ти беше таквиот пример. Ти ја прими во себе Божјата сила, Божјата семоќ. Го прими во својата утроба Самиот Бог, Кој како семоќен Седржител, не те изгоре со апсолутноста. Гореше и не согоруваше. Твоето тело е преблагословено и пречисто со Божјата благодат која престојува во тебе. Законот на природата, тебе не те оштети.

Ти си, мајко Божја, првиот неракотворен храм Божји во светот. Ти си, мајко Божја, првиот неракотворен олтар Божји во светот. Ти си, мајко Божја, материјален украс на природата, Ти си творба од творбата, ти си првиот престол Божји на земјата. Твојата моќ, е Божја моќ. Твојата сила, е Божјата сила. Твојата благодат е Божја енергија. Твојата рожба е Твој Син, човечки Син, но Син Божји, второто лице на Света Троица, Предвечен Бог, Логосот Божји преку Кого постана светот.

Сите да заплескаме и заиграме, затоа што Богородица Марија се вознесе на небесата. Со нејзиното упокоение и вознесение, светот се вознесе. Да ја воспееме царицата Божја, да ја воспееме невестата Божја, да ја воспееме најголемата жена која е и најголема човечка рожба. Таа нè спаси. Нејзиното семе го спаси човечкиот род. Сите го чекавме тоа семе кое ѝ го вети Господ на Ева, кога ги протеруваше Адам и Ева од Рајот. Ева погреши, поради неа отпаднавме, но сега Марија го исполни потребното за повторно да бидеме примени назад во рајот. Со Марија, земјата се поврзува со рајот.

Сите те почитуваа, Мајко наша Богородице, додека беше во светот. Евреите се плашеа од мајката Божја. Но те почитуваа поради Твојот беспрекорен мирен и кроток живот. Со никого никогаш не си влегла во расправија, нити пак некого си навредила. Не си се смеела, нити гласно зборувала. Не си се веселела како и сите други во младоста. Сè си трпела и смирено благодатно си живеела. Додека си престојувала во својата куќа, огнен столб бил секогаш над тебе, мајко Божја. Така сите знаеле каде е мајката Божја.

На великиот архангел Гаврил мирно и тивко си му рекла: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 38). Ангелите се воодушевуваат од тебе преблагословена. Твоето смирение било единствено и неповторливо. Со ангелите си разговарала во скинијата, во храмот Божји. Ангелите те хранеле со небеска Божја храна. Уште како мала те воведе пророкот Захарија во олтарот каде што не смее жена да влезе. Но по Божја промисла и сила, тој тебе те внесе. Ти си од малечка пример на Божјата промисла. Ти си навистина прекрасна икона Божја. Ти си рожба и плод од молитва. Ти си прекрасна света жена.

Ти си почесна од херувимите и по славна од серафимите, Ти си Божествена жена, светлоносно чедо Божјо, а Мајка Божја. Ти си невеста неневесна, девојка мајка Господарка. Тебе ти прилегаат безброј прекрасни зборови, тебе ти прилегаат безброј прекрасни песни. Ти си наша заштитничка. Тебе денеска ти пееме, тебе денеска те славиме. Пресвета Богородице заштити нè, и спаси нè.

И светиот апостол Павле беше дојден на твоето погребение, Пречиста, и тој беше меѓу апостолите и учениците. И тој се удостои да присуствува на славното упокоение на мајката Божја. Славно Успение, и славно погребение поради чудата кои се случуваа.

„Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Фил. 4, 4). Светиот апостол Павле ни говори во своите посланија да се радуваме во Господа. Никогаш да не бидеме тажни. Тагата не е од Бога, таа е својство на лукавиот. Чистата, светата радост е единствено во Господа и од Него ја здобиваме. Нема како да бидеме духовно радосни, доколку се радуваме поради материјализмот. Само непроменливата вечна радост е секогаш иста и постојана, Господ е нашата радост.

„Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу!“ (Фил. 4, 5). Кротоста е добродетел која нè успокојува. Која нè преумува да бидеме добри за да го исполнуваме законот Божји во мир. Но секоја добродетел е Божји дар, па затоа да се молиме да ја здобиеме оваа добродетел. Царството Божјо го здобиваат оние кои се кротки и мирни. Миротворците ќе ја здобијат благодатта Божја.

Во денешното свето Евангелие, Господ ни кажува што е најважно. Кога го посетил домот на Марта и Марија, многу народ исто така дошол со него. Во куќата сите Го слушале Господа Исуса Христа како ги поучува во Законот Божји. Но пред сè, Тој го толкувал Законот преку Својата милост. Во една голема гужва на луѓе, Марта, сестрата на Марија и на Лазара, се вознемирила служејќи ги луѓето. Сакала да ги испочитува сите гости. Но сепак ѝ било многу тешко, па Го замолила Исуса да ѝ каже на сестра си да стане да ѝ помогне. Сестра ѝ, пак, Марија, седела покрај нозете Господови и го слушала словото Божјо.

Исус Христос ја поучил Марта, та и сите нас кои ќе го читаме ова Евангелие. Господ ја укорува Марта да не се грижи за она што не е битно. Уште говори и дека Марија го избрала подобриот дел. Марија Го слушала Господа, додека Марта се грижела за послужувањето и за телесните работи. И ние треба повеќе да се насочиме кон слушањето на словото Божјо и кон молитвата. А другите потреби да не ни бидат камен за сопнување. Секако дека другите потреби не треба да ги занемариме, туку да не ги поставуваме како приоритет, туку како второстепена потреба.

Денеска обезбожениот свет нурнал во материјализмот. Тој толку многу завладеал со човекот, та човекот потполно се поклонил на неговото искушение. Во светот постои само она што е видливо, и материјално, та она духовното не постои. За обезбожениот човек материјализмот е единствената смисла на постоењето. Навистина е трагично кога го посветуваме својот живот само со материјалните вредности. Впрочем, сè е минливо во светот. Па така и ние заедно, во еден момент, со целиот свет ќе го искусиме заедничкиот непроменет принцип, преминот од светот во вечноста. Сè што има свој почеток, има и свој крај. Единствено Бог е беспочетен и бескраен.

Впрочем, после крајот, постои нов почеток. Сепак, почетокот во новиот живот ќе зависи единствено од нас, од нашиот личносен однос кон сѐ во претходниот живот.

По молитвите на пресветата наша владичица Богородица да ја видиме убавината на новиот живот во рајот. Амин.