Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска е ден на радосна тага. Оваа контрадикторна кратка дефиниција има во себе противречие, кое е конфликтно, доколку не ја сфатиме суштината. Секако дека самиот празник е прекрасен, со сето тоа што се случува денеска го согледуваме во иконата на самиот празник: свечено прославување од Еврејскиот народ на Исус Христос како Месија и препознавањето на Неговата личност со големо признание од Израилскиот народ. Овој празник е всушност почеток, влез, капија кон Христовото страдање. Колку е тоа навистина контрадикторно, доколку го согледуваме Неговото свесно исполнување на идното страдање со една приземна димензија, без да ја појмиме вистински, светотаински, мистично Божјата спасителна икономија во светот.
Денеска е, согледувајќи го моментот на свеченоста, еуфоричен ден за народот Божји, кој го дочекува својот Спасител прославувајќи Го како свој цар, воскликнувајќи му и пеејќи му свечено доксологија (Славословие). Исус Христос како вистински цар, влегува официјално и признато од Израилскиот народ преку капијата на градот во Ерусалим седејќи на магаре. Народо,т пак, ги постила своите облеки пред Него, и фрла палмови гранки, еуфорично пеејќи едногласно, дека доаѓа Царот Израилски, Благословен е Тој Кој доаѓа во името Господово! Народот Го славел Бога преку Неговиот Помазаник, кој влегува во градот Ерусалим, на ист начин како и земските цареви, кога биваат прославувани од својот народ, седејќи на коњи и кочии, поради некакви победи и други свечени причини.
Во Еврејскиот народ, во целата нивна вера, во целиот нивен закон, во целиот Стар Завет, се говорело и исчекувало доаѓањето на Помазаникот Божји, на Спасителот. И ете денеска, се исполнува пророштвото на сите пророци кои пророкуваат за доаѓањето на Месијата. Евреите, целата своја вера ја темелат на откривањето и пројавувањето на Месијата во светот. Нивниот Закон го најавува доаѓањето на Оној Кој ќе го спаси избраниот народ Божји. Тие се месијанска вера, која суштински Го исчекува нивниот Спасител.
Секако дека треба да ги согледаме и општите факти кои ни укажуваат на времето, околностите и приликите, во кои што се пројавува Богочовекот Исус Христос. Имено, во тоа историско време Римјаните го завладеале тој регион, владеејќи со сите други народи на тој простор, кои биле под нивно ропство. Евреите исто така, со векови во ропство и во разни неприлики, исчекувајќи го својот ветен од Бога Спасител, копнеејќи за Него, Го препознаваат потенцијалот во Исус Христос. Но, не само некаков неодреден потенцијал, или некаква возможност, впрочем, Евреите се вчудоневидени и избезумени од сите чуда кои ги сотворил Исус Христос, но сепак, последното Христово чудо, било експлицитно и Божествено, откриено пред голем број луѓе, пред многу луѓе.
Имено, Лазаревото воскресение е експлицитното Божествено чудо, кое ја скршило логиката на физичкиот свет, на сето тоа што е вообичаено, непроменливо и невозможно во овој свет. Согледувајќи ја нереалната промена во вообичаеноста на светот, промената на природниот закон, промената на логичноста, промената на непроменливоста; сите овие согледувања го докажуваат конкретно, Божественото и натприродно чудо „par excellence“.
Свети Лазар бил четири дена во својот гроб, а тоа значи, по природата на нештата, телото го започнува процесот на распаѓање, и тоа е природен и непроменлив закон. Овој вообичаен, непроменлив закон, со воскреснувањето на светиот Лазар е променет, скршен, искривен, избришан… Но всушност, Господ е бесконечна активна совршеност, бесконечен совршен потенцијал, Господ е апсолутна бесконечна моќ, во Него е Животот, Тој е Животот, Тој е Господарот на сè!
Лазаревото воскресение е чин на Божјата слободна Волја, чин на Христовата моќ над несовршената создадена и смртна природа. Свет чин на Благодатта Божја.
Во пројавувањето на чудесната експлицитност, го согледуваме и денешниот свечен празник, кој е впрочем, прославување на Оној Кој прави Божествени чуда, а Тој е всушност долгоочекуваниот Божји избраник. Народот го прославува Бога во Неговите дивни и чудесни дела, дела кои се надумни. Во својата радосна еуфорија, народот го исчекува своето спасение од постојаното робување. Еврејскиот народ исчекувал и копнеел за остварувањето на својата ветена држава, и за ветениот благословен живот, а тоа пак за да се оствари, народот жеднеел за доаѓањето на човекот, кој ќе ја има силата Божја да го оствари Божјото ветување. Во ваков контекст, во такви историски неприлики, народот воодушевено денеска се радува. Но…
Тагата на овој празник е во пројавата на злото во светот на верните, пројавата на бездушноста од создадените Божји души. Истиот тој народ, од таа воодушевена еуфоричност, потпаѓа и пропаѓа во гревот, губејќи ја првобитната Благодат Божја, се обезличува, постанува бездушен, демонизирајќи се. Истиот тој еуфоричен народ, за неколку дена потоа, Го мрази својот Спасител, и бездушно го предава на смрт, соработувајќи со истата ропска власт.
Каде е логиката? Каде е човекот? Каде се верниците? Каде е нормалноста?
Божјата Пресвета Премудрост, вечно ја познава оваа историска реалност, која пак секако треба да се исполни, како најголем Благослов, за да биде спасен светот. Богочовекот Исус Христос, иде на доброволна смрт, за да постане суштина за сите, и за сè! Божјата слободна волја е непоколеблива и постојана, а делува единствено во совршената и постојано непроменлива љубов. Бог ни ја докажува Својата совршена, вечна љубов, најдиректно и експлицитно, преку Своето доброволно и бескомпромисно страдање за смрт на крст. Богочовекот Исус Христос постанува Јагне Божјо, Кое доброволно Себеси се дарува на жртвување, за спасение на светот.
Евреите, сепак, не ја сфатиле тајната Божја за спасението на светот, затоа што тие очекувале моќен човек цар, кој би завладеал со сила и слава во нивната држава, и сите тие, би живееле во благосостојба. За нив човечкото спасение било материјалистички концепт во земниот живот. Кога пак, сфатиле дека Исус Христос нема владарски амбиции да постане нивен цар, водач и државник, тогаш тие разочарани, се откажуваат од Него и го предаваат на смрт.
Денеска, сите ние верниците во Црквата Божја, влегуваме свечено кон Небесниот Ерусалим, кон Небесната држава Божја. Нашата мисла е да ја здобиеме прегратката Божја, и да живееме во небесната ветена држава Божја. Денеска, и нашата волја, во покајничкото трудољубие, влегува во Ерусалим заедно со Господ Исус Христос, сораспнувајќи ја сопствената грешна волја, исповедајќи го Божјото страдање, но и Божјото Воскресение. Денеска сите заедно, да влеземе во светиот Ерусалим, за да го започнеме седмичниот период на сострадањето со Богочовекот Исус Христос, за да се подготвиме достојно. Прочистувајќи ги страстите, умирајќи со стариот човек, да ни дари Господ потенцијал да воскреснеме и да се возобновиме заедно со Него, остварувајќи се како „нови луѓе“.
Нашата грешна волја, умртвена волја, доликува на бесловесното животно, на магарето, та затоа слободно, и своеволно, смиреноумно, трудољубиво, да се потчиниме на совршената Божја волја, за да биде Божјата волја над нашата, да нè освети и просвети, преуми и обожи. Да му дозволиме на Господа, да нè оседла, за да нè принесе кон олтарот на спасението. Та носејќи Го Христа на својот грб, да ја прифатиме и носиме Неговата Света волја, прифаќајќи ги Неговите свети тајни, светите Тело и Крв.
На Голгота се остварува човечкото прочистување од гревот, ѓаволот и смртта, таму е олтарот на остварената Божествена жртва. И ние да се принесеме слободно, своеволно, на олтарот на умствената духовна жртва, за да нè прочисти Господ Исус Христос од трите деструктивни факти.
Господ Исус Христос, денеска влегува во Ерусалим, за да ги создаде новите темели на новиот Небесен град Ерусалим. А ние, браќа и сестри, да ја отвориме портата на нашата душа, и да Го дочекаме Богочовекот Исус Христос, да нè преобрази, освети и обожи. Да посакаме да биде воскресната и нашата умртвена волја. Господ е милостив и човекољубив, и ќе ни дари покајание и спасение.
Нека ни биде честит денешниот Господов празник, да се радуваме и веселиме, затоа што се приближило Царството Божјо. Амин.
