Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Христос Воскресна од мртвите,
со смртта смртта ја победи,
и на оние во гробовите живот им подари.
Денеска е Велик ден. Денеска е најголем ден. Денеска е најрадосен ден; денеска е нов ден; денеска е есхатолошки ден; денеска е почеток на осмиот ден; денеска е ден на спасението. Господ Исус Христос воскресна и го оствари она поради што дојде во светот, го оствари денеска Своето ветување дека ќе воскресне од мртвите. Господ го направи овој ден, ден на Неговата слава, и ден за нашата слава, која ја прославуваме секојдневно, и постојано, во светата Црква Божја.
Богочовекот Исус Христос му сведочеше на Својот народ, дека доколку го сруши израилскиот храм, истиот ќе го подигне за три дена. Тоа беше камен на сопнување и соблазна за луѓето во Ерусалим, кои беа злобни лицемерни противници Божји, та потценувајќи Го, се озлобуваа во своите срца против Него, поради тоа што тие Христови зборови, за нив беа неприфатливи и невозможни.
Господ Исус Христос, го исполни тоа Свое сведоштво кое го зборуваше. Тој го воскресна човекот, ја воскресна човечката природа, ја воскресна целокупната материја во Него, го воскресна потполно целокупниот свет во Него. Човекот е неракотворениот храм Божји и во Господа Исуса Христа, телото умре, но оживеа после три дена, воскресна, и се преобрази од смртно и минливо, во бесмртно и вечно. Од минлив и смртен земен храм, човекот постана вечен, бескраен, прекрасен, нов храм Божји.
Секој еден од нас, кој ќе се обожи и освети во Исуса Христа, охристовени во Исуса Христа, постанувајќи дел од Неговото Пресвето Тело, заедно со Него, ќе воскреснеме во славата Божја. Тој е нашиот извор на љубовта и поради таа Негова бескрајна љубов, Тој несебично и безусловно ќе нè награди, посакувајќи и исчекувајќи да нè спаси, и да нè прослави.
Денеска е со нас Светлоста, таа е Бог, Бог е бескрајната и неземна светлост, која ги озарува душите на секој од нас. Светлоста е со нас во светот, затоа што Господ Исус Христос нè озарува. Светлоста ќе биде и во нас, затоа што Господ Исус Христос ќе се всели во нас. Ние ќе постанеме блескави факели на сведоштвото, дека Господ е со нас, и дека светот е осветлен со Христовата светлина.
Од Христовиот гроб блеска светлината која се пројавува од незалезната Светлина, од бескрајниот Господ Исус Христос. Гробот Христов постанува извор на животот. Гробот Господов, постанува живот за светот, та на гробот, ја пронаоѓаме вистината, а таа вистина е Господ Исус Христос. Животворната светлина светли во Воскресението Господово, и го прославува и осветлува и Небесниот Ерусалим.
Бескрајната убавина е со нас, затоа што Господ е таа несогледлива убавина. Господ Исус Христос е нашата прекрасна убавина, која ја погребавме, за да ја дочекаме да Воскресне. Неговиот Гроб постана најпрекрасна убавина во светот, затоа што Господ ја покажа нестворената убавина. Божјата убавина е со нас, затоа што Господ Исус Христос е со нас, и ни ја покажува таа Божествена убавина во Неговиот живот на земјата, и во Неговиот гроб. Убавината во светот, за светот е релативна, но оваа Христова убавина е животворна и бесконечна убавина, беспрекорна и идеална убавина, совршенство во убавината, тоа е нашиот Господ, прекрасниот, величенствениот, беспрекорниот…
Воскресението Христово е историски настан кој е вечен и бесконечен. Овој настан ни создава врвен просперитет, извонредна вредност, совршен бенефит, Божествен квалитет. Овој настан е врв на совршенството, олицетворение на убавината, возвишено совршенство, Божествена возвишеност, ова е дело „par excellence“, вистинско Божествено совршенство. Овој настан ни ја отвара перспективата за спасение и обожение, и преку него ќе постанеме жители на царството Божјо.
Денеска светот се радува, затоа што светот во Светот (во Бог), постанува бесконечен. Денеска земниот свет, создадениот свет, несовршениот свет, во Личноста на Синот Божји, постанува совршен, бескраен, Божествен. Бог е бескрајниот свет, Кој Го подига паднатиот и смртниот свет, од гробот, во живот. Денеска земниот Ерусалим, се подигнува од гревот и несовршеноста, во името на Господ Исус Христос, и постанува нова бесконечна димензија, постанува нов Ерусалим, Небесен Ерусалим, есхатолошки Ерусалим, транседентен Ерусалим.
Денеска зборуваме за идниот, конечниот, небесниот Ерусалим, градот на Божјото царство во последните, вечните времиња. Денеска Небесниот Ерусалим постанува небесна реалност за нас земните. Денеска се исполнува спасението и совршената заедница меѓу Бог и луѓето. Во бесконечниот свет на есхатолошкиот Ерусалим, логосот (човекот) и тропосот (начинот на бивствувањето) се совршено совпаднати, во есхатолошката Личност на Богочовекот Исус Христос.
Логосот Божји се вочовечи, живееше со нас во светот, умре за нас во светот, и Воскресна за нас. Ние денеска, преку тропосот, преку начинот на својот живот, онтолошки поврзани во Воскреснатиот Господ Исус Христос, егзистенцијално животворно, се втемелуваме во Воскресението Господово. Од денеска, со Воскресението Господово, тропосот конечно и целосно го изразува логосот во себе. Од денеска, во Воскресението Божјо, логосот и тропосот се сублимираат, нема повеќе разделба помеѓу нив, затоа што во Господа Исуса Христа, се соединуваме, оживуваме, се преобразуваме, и конечно се остваруваме како икони Божји.
Возљубени во Господа Воскреснатиот, браќа и сестри.
Бидете радосни, затоа што Бог е со нас. Бидете весели затоа што Бог е со нас. Ликувајте и пејте му на Господа, затоа што Тој е со нас. Господ вистински нè возљубил и тоа го докажува денеска со Неговото Воскресение, затоа што Тој го воскреснува мртвиот свет. Смртта веќе нема власт над нас, ѓаволот е поразен од Богочовекот Исус Христос, а гревот е опростен во крстомаченичката смрт Господова. Од денеска мирот Божји е со нас, и Царството Божјо е во нас.
Бидете благословени од Господа!
Христос Воскресна!
Навистина Воскресна!
