Воскресителот на македонското монаштво

Беседа на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана г.г. Стефан, изговорена на Божествената Литургија отслужена во Лесновскиот манастир на 28 јуни 2026 година, на денот на споменот на светиот Гаврил Велички Светогорец.

Една од најголемите вистини што ја исповедаме во Символот на верата е тоа дека Црквата е света. Кога велиме дека веруваме „во една, света, соборна и апостолска Црква“, ние не говориме за човечка установа која со свои сили достигнала совршенство. Напротив, светоста на Црквата извира од Богочовекот, од Синот Божји – Господ Исус Христос, Кој се предаде Себеси за неа, како што им пишува на Евреите светиот апостол Павле, и Кој Црквата ја направи место на Божјото присуство во светот.

Светоста, сепак, не останува само како дар којшто е положен во темелите на Црквата. Таа се открива и преку човечките срца што Му се предале на Бога. Имено, низ вековите, од старозаветните праведници, преку апостолите па сè до денес, постоеле личности кои толку многу Го возљубиле Христа, што нивниот живот станал сведоштво за Неговото присуство.

Светиот апостол Павле вели: Угледајте се на мене, како што јас на Христа. Токму тоа го прават светителите. Тие не привлекуваат кон себе, туку кон Господа Спасителот. Секогаш кога доаѓаме во допир со нив, чувствуваме дека Христос е жив, дека Неговата љубов сè уште ги преобразува човечки души, дека Неговата светлина сè уште ја осветлува темнината.

Ние честопати знаеме да помислиме дека светоста припаѓа само на некое далечно време, па кога ги читаме житијата на старозаветните богоугодници, на древните маченици, на пустиножителите, на големите подвижници, умееме  да кажеме: тоа било некогаш, во други прилики, во поинаков свет и во време во кое можеле да се раѓаат светители.

Но таквото мислење е погрешно. Имено, Црквата не постоела и не светела само во далечното минато и не живее само од спомените. Господ Исус Христос не е минато! Тој е ист вчера, денес, и довека, како што вели светиот апостол Павле. Затоа и светителите не се само историски личности. Светоста продолжува во секое време, кај секој народ, на секое место каде што човечките души и срца Му се отвораат на Бога.

Така било и во нашата македонска земја, која е натопена со молитвите и подвизите на многу Божји угодници. Од древните маченици, преку светите Климент и Наум, па од средновековните пустиножители, преку црковните водачи од времето на преродбата, па сè до нашите дни, нашата Татковина Македонија и Мајката Македонска Црква постојано раѓале луѓе кои станувале живи сведоци на Божјата благодат.

Меѓу тие Божји угодници особено свети ликот на свети Гаврил Велички, големиот наш светогорец. Во неговата личност гледаме човек од нашето време, човек којшто беше роден точно пред 100 години, човек којшто чекорел по истите улици по кои и ние чекориме, но и човек којшто ги чувствувал слабостите и борбите на современиот свет, а, притоа, сепак успеал целиот свој живот да го принесе како дар на Бога.

Свети Гаврил се одликуваше со видлива строгост кон себеси, но и со уште позабележителна благост кон другите. Тоа е еден од најретките дарови! Многу е лесно човек да биде строг кон другите луѓе, а попустлив кон своите слабости, како што тоа, за жал, честопати и бива. Но кај светителите се случува обратното: тие водат беспоштедна борба со сопствената гордост, со своето самољубие, со својата суета, а кон другите луѓе пристапуваат со милост и разбирање. А така, пак, пристапуваат затоа што живеат вистински живот во Христа.

Во Светото Евангелие Господ Исус Христос вели: поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце. И токму кротоста и смирението беа украсот на свети Гаврил, за што говорам не од теорија и не од книга, ниту, пак, од кажување на други, туку од личното познавање што го имав со него, меѓу другото и како негов надлежен архијереј, во времето во кое јас бев Митрополит на оваа Брегалничка епархија, а тој ја населуваше оваа света обител. И многу добро се сеќавам и затоа можам слободно да сведочам дека тој беше личност која немаше никаква потреба од себеистакнување, никаква желба да владее, да биде меѓу силните на денот. Целото негово битие беше свртено кон Бога, со целата негова личност и монашки подвиг, по примерот на псалмопејачот царот Давид, Го благословуваше Господа и Неговото свето име. И затоа секогаш и насекаде присуството на свети Гаврил внесуваше мир во душите на народот. Тој беше жив доказ дека величината на човекот се открива во смирението, односно дека колку повеќе човек Му се приближува на Бога, толку повеќе богатее со милосрдие кон ближните. Свети Гаврил беше токму таков!

Можеби помладите поколенија не знаат, но, за жал, поради општествено-политичките прилики, во втората половина на 20-от век, ние, речиси, и немавме домородно монаштво. А свети Гаврил оствари огромен придонес во обновата на ангело-подобниот живот. Тој, всушност, е и воскресителот на македонското монаштво! Имено, во времињата кога многу манастирски порти беа затворени, и многу манастирски кандила беа згаснати, кога нашите древни светилишта чекаа повторно да оживеат, тој вложи многу подвизи, труд и љубов за да се обноват и да засветат монашките огништа. И благодарение нему – Матка, Марковиот манастир, Ѓуриште, Лесново и други свети места повторно станаа молитвени домови и места на монашка аскеза и монашко славословие.

Инаку, интересно е што свети Гаврил по образование беше скулптор, за што сведочеа и сведочат повеќе негови дела поставени на разни места во Штип. Тој со неговите раце умееше да ја обликува материјата, а, пак, благодатта Божја постепено го обликуваше неговото срце. Благодарение на своето богословско образование и на својот монашки и светогорски подвиг, тој израсна во вистински богоугодник, во монах, свештенослужител, молитвеник и епископ чијашто вера беше жива и длабока, со постојано богољубие и човекољубие. Затоа Бог и го украси со светителски ореол!

Познато е дека кога човек ќе се сретне со богоугодник и светител, тогаш Христовите зборови престануваат да изгледаат недостижни. Гледајќи ги светителите, разбираме дека Божјата благодат може да го преобрази човечкото срце. Впрочем, затоа и Црквата ги прославува светителите: за преку нив да ја видиме силата на Божјата љубов. Па така, денес, додека го славиме свети Гаврил Велички, да се запрашаме: што значи светоста за нас? И да си одговориме дека таа не претставува повик само за избрани луѓе. Светоста почнува таму каде што човекот искрено Му ги отвора своето срце и душа на Бога. Почнува со покајание, со молитва, со милосрдие, со простување, со борба против сопствената гордост… Светителите не се родиле совршени, но биле и се такви, зашто дозволиле Божјата благодат да дејствува врз нив.

Затоа, пораката Христова: Вие сте светлината на светот, е упатена кон сите нас и кон сите луѓе и во сите времиња. Во ова наше време, пак, полно со поделби, и со сѐ поголема духовна глад и жед, светоста останува најсилното сведоштво на Црквата, таа е она преку кое другите можат да ја почувствуваат близината на Бога.

А свети Гаврил, светителот од нашиот род и од нашето време е навистина тоа. Тој и за време на својот живот беше показ за добрината и убавината на Евангелието, и тоа продолжува да биде и за сите нас, коишто молитвено му се обраќаме, просејќи го неговото застапништво.

По неговите молитви и сега Го молиме Бога да нè укрепи и нас на патот кон спасението, да ни дарува смирение и љубов, та нашите срца да станат место во кое ќе пребива Неговата незаодна светлина! Амин