Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Денеска е прекрасен ден за светата православна Божја Црква, кога ја прославуваме мајката Божја, која е и наша духовна мајка. Пресветата Богородица Марија, е воздигната на Небесата на пиедестал како никој друг од создадените луѓе. Таа како човек, е воздигната на вечниот пиедестал, сопостоејќи со својот Син, седејќи покрај својот Син, во висината на Тронот Божји. Таа е мајка Божја, а воедно и мајка наша. Богородица Марија е воздигната на вечниот пиедестал, поради својот Син, поради Богочовекот Исус Христос, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица.

Вечниот Бог Отец, во вечноста Го раѓа Својот вечен и единороден Син, впрочем, Бог Отецот единствено и самостојно Го раѓа, на чудесен, Божествен, таинствен, мистичен и свештен начин. Додека пак во историјата на светот, прекрасната Марија лично учествува во вечната Божја идеја за спасението на светот, по волјата на Бог Отецот, Кој благоизволува во вечноста, Неговиот Син да биде во определен историски момент роден, но како човек, во времето и историјата на материјалното, создадено постоење. Тој свештен, мистичен, таинствен, момент на несфатливо чудо, како чудо Божјо, како вечна и совршена одговорност пред Бог, како дар Божји, го прифаќа слободно и го остварува пресветата Богородица Марија. Откровението Божјо на раѓањето на Синот Божји, го согледуваме преку мајката Божја.

Денеска се сеќаваме на прекрасната мала Марија, идната мајка Божја, како таа самата се искачува по скалите на храмот Божји, чекорејќи храбро и одлучно, кон своето свето место, кон своето определено место, за да се спреми за определениот ден на остварувањето, во историскиот момент на долгоочекуваното, пророчки најавено, Благовештение. Денеска Марија се воведува во храмот Божји, за да се посвети на Господ, потоа и таа самата да постане жив храм Божји.

Синот Божји, роден од бестелесниот и вечен Отец, без мајка, во беспочетноста на вечноста, ќе се роди во историјата на времето во создадениот наш свет, од телесната Своја мајка Марија, која никогаш не познала маж. Таа света, чиста, непорочна, Пресвета мајка Божја, Го раѓа беспочетниот Син Божји, претходно осенувајќи ја во Благовештението Светиот Дух. Чудото Божјо е мистично откровение за нас луѓето. Но тоа откровение, се остварува преку Марија, која е најголемата и најзначајна човечка рожба во историјата на светот. Денеска, малата Марија, ита кон олтарот Божји, за да постане и самата олтар Божји, која ќе го смести својот Син во својата утроба, за да го оствари свештениот и чудесен домострој на спасението Божјо.

Пресветата Богородица Марија, е свештената личност која во себе го сублимира целокупното откровение Божјо. Богородица Марија го синтетизира во себе, целокупното теолошко и богословско мистично знаење, кое се открива преку Благодатта Божја, во тајните моменти на свештените трепети, во моментите на духовното иступление, во моментите на таинствената катарза на благодатната метаноја, во прекрасните мигови на свештената Божествена Теофанија.

Пресветата Пречиста, Преблагословена, Богородица и Дева Марија, е нашата утеха, нашата радост, нашата надеж, нашиот мир, симболот на нашето спасение. Таа денеска ита по скалите на храмот Божји, качувајќи се одлучно и храбро, иако мала, но спремна уште сега, да го заземе своето свештено место во историјата на светот. Колку е прекрасна нашата духовна мајка Марија, која во себе го соединува целокупниот свет, со своите раце уште како мала, го прегрнува целокупниот свет и го принесува пред својот син, и пред вечниот Бог. Колку е малата Марија денеска одлучна и стабилна во својата волја, да Му служи вечно на својот Господ. Таа така мала, се удостоила со чудесното и несфатливо место во Јудејскиот храм.

Марија копнеејќи за Господ, уште од таа мала возраст, го определува својот живот во постојано богослужење. Таа служи на Господа во храмот Божји, а впрочем, таа самата постанува храм Божји. Таа го сместува бесконечниот и вечен, Син Божји, во својата утроба и му го предава своето тело, со чиста и безусловна волја, на свештено служење, за спасение на светот. Нејзината чиста волја, ја прифаќа Божјата пресвета волја.

Во храмот Божји, Марија ја дочекуваат со свечена богослужба, сите други девојки кои исто така го имале посветен својот живот во служењето. Додека пак горе, на самиот врв на скалите од храмот, на самата врата на влезот од храмот, ја очекувал првосвештеникот и пророк Захарија, таткото на светиот Јован Крстител. Тој ја пречекал малата чудесна Марија и ја внел со свештена молитвена трепет во храмот Божји.

Но тоа што било чудесно, мистично, тајно, несфатливо и изненадувачко, било однесувањето на првосвештеникот Захарија, и неговите свештени постапки кои ги направил, за него самиот лично несфатливи, поради духовното тајновито, Божествено и свето иступление во кое што тој учествувал. Имено, тој требал да ја внесе малата Марија само во централниот дел на Јудејскиот храм, но тој лично на необјаснив начин, ја внел малата Марија во скинијата Божја на Јудејскиот храм, ја внел малата Марија во олтарот Божји на храмот Божји.

Светиот пророкот и првосвештеник Захарија, како свештенослужител, имал право само еднаш годишно да влезе во олтарот Божји и никако повеќе. Но овој пат, влегува несвесно во олтарот Божји, кршејќи го правилото и не само тоа, туку држејќи ја за рака пресветата Марија, тој внесува жена во олтарот, каде што било забрането. Тоа било вистинско изненадување за сите, кои го познавале светиот Захарија како Божји слуга.

Секако, Господ ја пројавил Својата волја во овој случај и сотворил чудо пред очите на сите. Господ ја покажал на суптилен и мистичен начин идната мајка Божја, ја покажал определената човечка рожба која ќе го спаси светот. Преку Марија, светот го здобива Божјото спасение, затоа што таа слободно, прифаќајќи ја волјата Божја, постанува мајка Божја и мајка на спасението.

Пресветата Пречиста Марија, е подарена Божја рожба на нејзините свети родители Јоаким и Ана, во нивните свети и искрени молитви, и од мала возраст таа веќе го посветува својот живот во мир и молитва, спремајќи се себе си, за идните Божествени Тајни Божји. Целокупната Еврејска заедница ја почитувала пресветата Марија, како дар Божји и мистичен сад на благодатта Божја.

Пресвета Богородице, мајко наша, подари ни заштита и утеха во нашите животи. Дарувај ни голема помош во сите моменти од нашиот живот. Штити нè кога сме во неволја, теши нè кога патиме, награди нè кога правиме добро, милувај нè кога имаме љубов кон сите други. Рашири ги твоите прекрасни и пречисти раце за да нè прегрнат и нас грешните. Немој да ги гледаш нашите гревови, немој да нè препознаваш по нашите лоши постапки, туку, милостиво помагај ни да се подигнеме од калта и пропаста во кој што сме западнале поради нашите гревови, и секогаш преку твојата прекрасна помош, согледувај нè во нашето покајничко и молитвено однесување, затоа што ние те љубиме и ние те величаме, и ветуваме дека ќе бидеме молитвени покајници.

Смири го човечкото нетрпение во светот, уништи ја демонската нетолеранција и омраза помеѓу луѓето. Биди топла заштитница на сите луѓе и со твојот прекрасен омофор, заштити го и нашиот македонски народ од секаква мака и искушение, и награди го милостиво со својата мајчинска љубов.