Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Денес ја прославуваме Мајката Божја. Го славиме празникот на нејзиното воведение во Храмот Божји. Нејзините свети и праведни родители Јоаким и Ана, биле побожни и кротки луѓе. Но, биле бездетни. Кај Евреите во тоа време, се сметало дека кој нема пород, тој е казнет од Бога, сигурно поради личните гревови. Затоа светите и праведни Јоаким и Ана многу пателе, поради сомнежот кој постоел за нив. Пателе поради предрасудите кои постоеле кон нив. A кулминацијата на својата тага ја доживеале, тогаш кога, светиот Јоаким отишол да принесе жртва во храмот, а првосвештеникот Исахар го одбил приносот на светиот Јоаким со образложување, дека е недостоен поради тоа што нема пород. И сите присутни луѓе, кои биле таму, во храмот поради принесување на жртва, го туркале и омаловажувале.
Кога се вратил дома, заедно со света Ана тагувале во својата душа. Многу Му се молеле на Господа за пород. Го молеле Господа да им подари чедо, кое пак доколку го добијат, ветиле дека ќе го подарат на Господа во храмот Божји, за да биде прославено во Неговата слава. Секако Господ ги благословил и ги израдувал со пород.
Кога Марија наполнила 3 години, светите родители, исполнувајќи го ветеното, ја принеле и ја подариле на Бога, да живее во Неговиот храм, заедно со другите посветени девојки кои веќе живееле таму. Света Марија, така малечка, но радосна, се искачувала по скалите кон храмот Божји. Додека, пак, горе пред вратата од храмот, првосвештеникот и пророк Захарија, ја дочекал. Свечено било тоа нејзино воведение во храмот, со една богослужбена литија. Напред оделе другите девојки кои држеле запалени свеќи, а Марија водена за рака од пророкот и првосвештеник Захарија, таткото на светиот Јован Претеча, влегле во храмот Божји. Светите нејзини родители се радувале и Го прославувале Господа Бога, заедно собрани на таа богослужба и со други роднини кои присуствувале. Родителите на Пресвета Марија ја родиле на стари години. Свети Јоаким, таткото на Марија поживеал 80 години, а мајка ѝ, света Ана, поживеала 79 години.
Пресветата Богородица е нашиот прекрасен дар. Таа се моли за сите нас со мајчински топли, заштитнички молитви. Нејзината улога во светот е бесценета. Нејзиното дело е надумно. Со нашите скромни зборови, се трудиме да ја прославуваме. Имаме свештен трепет, преку кој се инспирираме за да ја прославуваме. Со Духот Божји во нашите души, прославувајќи Го Бога, ја прославуваме и Неговата Мајка.
Да ја отвориме устата своја, да ја прославуваме нашата духовна Мајка и Богородица. Да се просветлиме од Бога, за да можеме достојно да ја возвеличиме Богородица Марија. Да го молиме Господ, да го просвети нашиот ум, за да можеме освештени, преку Благодатниот Дух Божји, да ја восфалуваме Пречистата Марија. Единствено просветени со Благодатта Божја, ќе можеме достојно да ја воспееме Мајката Божја, Пречистата Марија, Богородица.
За Мајката Божја, кога ќе говориме, кога ќе ѝ се обраќаме, преславно е кога ѝ пееме пофални песни, прославувајќи ја во нашите срца. Ние верниците ќе се трудиме, во неземната радост, да ја прославуваме Пресветата Богородица. Нашето срце пламти од радост. Нашата душа ликува во Благодатен трепет. Нашето битие се радува со неземна радост поради неа, затоа што таа е нашата драга претставница пред Господа.
Богородица Марија е посветло сонце од тварното сонце на небото. Таа е посветла ѕвезда од сите тварни и создадени ѕвезди. Таа е прекрасна ѕвезда преку која се прославува Творецот. Таа е прекрасна ѕвезда и симбол на целиот свет. Таа е претставница на целата создадена твар. Таа е возвишена, прославена, препрославена повеќе од сите земски чеда.
Марија е светотаинствен архисвештеник, таа Го принесува Небесниот Бог на земниот престол. Она е жив престол на кој се принесува живиот Бог. Таа е молитвеница за сиот свет. Таа ја исполнува службата на свештенството, светотаински и надумно, да Го принесува во себе и од себе Телото Божјо на живиот престол, и да се моли за сите, и за сѐ. Таа е воедно чудесна Мајка на чудесниот Бог, и жив Престол на Бог Седржителот. Марија е живиот олтар на кој се принесува Богочовекот Исус Христос, таа е свештеник кој се моли за сите нас пред Господа, нејзиниот Син. Таа е Мајката на Црквата Божја.
Богородица како Мајка, Го раѓа Нејзиниот Син без да познава маж, а Синот Божји, пак, се раѓа во вечноста од Отецот, без мајка. Како е ова чудесно! Надумно е, о Пречиста, кога ја согледуваме вистината за тебе. Ова е несфатливо за нас луѓето. Во нашето земско искуство, никогаш не сме поимиле, нити слушнале, нити виделе вакво нешто.
Светите Јоаким и Ана, со ветувањето Божјо, ја родија својата ќерка Марија, и денес со слава и чест ја воведуваат во храмот Божји. А, пак, светиот првосвештеник Захарија ја прима малата Марија и ја внесува во храмот. Тој ја внесува малата Марија – светата над светите, во Светињата над светињите. Ја воведува Марија во олтарот Божји, каде што никој не смеел да влезе, освен првосвештеникот Божји. Малата Марија, од денес се подготвува да биде Божја Мајка. Од денес таа се спрема да постане Прв човек, обожен и осветен, по планот на Божјиот домострој на спасението. Да стане носителка на Божјиот Син. Да биде колевка на Великиот Бог, Кој ќе се роди како Мало Бебе, како „Мал Бог“, Кој ние во светот го нарекуваме умилно Боже.
Пророците ја воспеваа Мајката Божја. Давид ја воспеваше и предвидуваше. Пророкот Мојсеј ја виде Богородица во несогорливата капина. Пророкот Јаков ја виде како лествица која ги спојува небото и земјата. Пророкот и првосвештеник Захарија ја воведе во духовна обземеност, во Светињата над светињите. Богородица е надежта на пророците, таа е радоста на светителите, честа на девојките, утехата на луѓето, спасение на природата. Сите да ја величаме и воспеваме Пречистата Мајка Богородица.
Денеска се огледа Божјата милост, денеска започнува човечкото спасение. Пресвета Марија Дева, таинствено влегува во Божјиот олтар во Скинијата. Светиот Дух ја воведува Пресветата во Храмот Божји, да биде сопричесница на тајната Божја. Таа е млада девојка, смирена и кротка, полна со добрина и милост, се принесува во олтарот Божји, спремна за да го наследи ветувањето Божјо.
Света Троица, ја облагодатува Пресветата Богородица, ѝ ја испраќа Својата нетварна светлина, за да сјае, како свеќник на земјата. Марија е единствениот свеќник, кој светли и ја покажува Божјата света волја да го спаси светот. Преку Марија, светот ќе биде принесен во наднебесниот жртвеник. Да се радуваме со Марија, мајката наша. Да се радуваме со Марија, што станала единствена првина во спасението. Да се радуваме со Марија, што ја одбра Господ. Да се радуваме со Марија, заедно со Ангелите и со сите светители.
Денес се принесува Марија, како мала чиста девојка, спремна за да стане Божја свештена скинија, да стане Божји духовен Ковчег, во кого ќе биде сместено спасението на светот. Некогаш десетте Божји заповеди беа сместени во ковчегот на Стариот Завет, спасението беше во старозаветниот ковчег. Денеска пак, Марија се подготвува, да постане телесен, жив, светотаински, освештен, новозаветен ковчег, во кого ќе биде сместен Самиот Бог.
Денеска Марија станува духовен храм на славата Божја, на славата на нашиот Господ Исус Христос. Таа како духовен храм, се воведува во старозаветниот Законски храм, во олтарот Божји. Преку неа сите луѓе се смируваат. Таа е смирена жена, смирен човек. Но сите се смирија поради радоста и остварувањето на Божјото ветување. Сите ќе се спасиме, преку Марија. Ја прославуваме и ѝ благодариме за нејзината улога во светот. Ѝ благодариме за нејзината волја да постане Мајка Божја. Ѝ благодариме што се трудела Марија во нејзиниот добродетелен живот. Таа е Мајка на сите мајки. Човек препрославен над сите луѓе.
Марија ја хранеа Ангелите во Скинијата. Марија биваше постојано осветувана од Господа Бога, Света Троица, во храмот Божји. Марија се просветуваше и подучуваше од Светиот Дух. Со Марија разговараа Ангелите. Марија се грижеше за земската Светиња над светињите. Се вознесуваше Марија духовно, секојдневно, со својот дух во тајните висини на небесната мудрост. Пречиста Марија, Господ те одбра да бидеш нашето спасение.
Младите девојки носеа свеќи во рацете свои, и ја предводеа свечената литија, додека пак пророкот Захарија свечено ја воведе во храмот. А Марија, самата била свеќник и свеќа која гори. Таа самата горела и светлела, со неземна светлост, осветлувајќи го светот, со неземната Божја слава. Таа ја покажа славата Божја, како девица. Таа го покажала своето смирение на светот. Нејзината мајка, Ана, му рекла на Захарија да ја прими радосно и восхитено, онаа која е пророкувана од пророците, за да стане палата Божја. Неа ја воведоа во храмот Божји, за тамо да се воспитува, за да ја воспитуваат Ангелите Божји.
Господ му заповедал на Мојсеј да ја подигне земната Скинија, земниот старозаветен храм, и го поучил што сè треба да содржи тој храм. И пророкот Мојсеј направил сè по благословот Божји. Тогаш облак ја покрил скинијата со славата Господова. Господ не му дозволил на Мојсеј да влезе во скинијата. Славата Божја го засенувала и не можел повеќе да ја види скинијата. А Марија е единствениот човек која постојано била присутна во старозаветната скинија. Таа пребивала во славата Божја уште како мало дете. На жените им било забрането да влегуваат во олтарот Божји. Марија е единствената жена која влегла во скинијата Божја, во нејзиниот олтар. Но сепак Марија, самата е жив олтар Божји, она е самата Тајна над тајните. Таа е чудо Божјо.
Царот Соломон, откако го заврши старозаветниот храм Божји, заедно со старешините Израилеви, свештениците и народот Божји, се собраа за да го подготват за богослужба. Свештениците го дигнаа ковчегот на Заветот во кој беа сместени двете плочи на кои беа испишани Божјите заповеди. Бог ги напиша со својот огнен прст, заповедите Негови, кои ги подари на луѓето, за да ги запомнат и остваруваат, и на тој начин да го остварат потполно сојузот со Него. Свештениците го воведоа Ковчегот на Заветот и го поставија во Свјатаја Свјатих, под златните, излиени, херувимски крилја. И кога свештениците излегоа од олтарот, облак го исполни домот Господов. А сега Марија, постојано е внатре во олтарот, слободно, контемплирајќи ја Божјата слава и мудрост. Сите други се изгонувани од Господа, после краткото пребивање во олтарот Божји. Додека таа постојано присуствува. Постојано закрилувана под Ангелските неземни, нетварни крилја.
Небото се радува и земјата се весели. Целата Црква Божја, небоземната Божја заедница се восхитува на Господа. Пророкот Езекил, во своето пророчко, духовно, видение, говори во својата старозаветна книга што видел. Господ го повел да го види детално храмот Божји. Таму ја видел и источната врата која била затворена, и Господ му наредил дека не смее никој да ја отвара. Преку таа врата не смеело ниту еден човек да помине. Таа врата била наменета единствено за Кнезот кој ќе поминува преку нејзе. Вратата била за израилевиот Бог Кој единствено ќе влегува низ неа. Богородица е таа врата, преку која ќе влезе Господ во храмот. Марија е преславна тајна сокриена и за пророците. Марија е таа која ја чекаа пророците. Таа е остварувањето на пророчките визии и претскажувања.
Денес е преславниот ден Божји. Денеска е преславниот празник на земјата. Денеска се воведува Марија, која го посветува својот живот на Господа. Таа е девица украсена со прекрасни, наднебесни, вечни, преславни ѕвезди со кои ја сведочат нејзината девственост, пред зачнувањето, после зачнувањето и после раѓањето на нејзиниот Син. Таа го раѓа надумно својот син, Господ и Син Божји. Таа го раѓа својот син на чудесен начин, и никој не смеел да го види тоа таинствено раѓање. Пресветата Марија е преблагословена, Благодатна Мајка. Украсена со три прекрасни ѕвезди, а впрочем таа е единствена прекрасна ѕвезда над ѕвездите. Таа е вечна, надземна ѕвезда која светли во вечноста. Пречистата е симболот на космосот. Материјалниот космос во Пресветата се принесува во вечноста.
Марија се принесува во храмот, за да стане жив храм. Марија е молитвена застапница за сите луѓе. Таа е милостива Мајка на милостивиот Бог. Таа се застапува пред Господа за сите луѓе. Марија е вистински свештеник – молитвеник пред Господа. Таа ја исполнува свештеничката служба во себе. Таа се принесува со своето смирение, за сите да го добијат спасението. Во нејзиното прекрасно, надумно, вечно дело, се осветува природата на материјата и првенствено таа се застапува за сите како првосвештеник, молејќи се пред Господа за нас. Таа е најголемиот човек во историјата на човештвото. Таа го раѓа Вечниот на земјата, Неродениот во вечноста. Од вечноста, доаѓа Господ, се раѓа на земјата, преку неа која станува нова Ева, нова Мајка на земјата, Мајка на Животот.
Праотецот Захарија се чуди што се случило тогаш, за да биде обземен од Духот Божји, да ја воведе малата Марија во олтарот Божји. Тоа дело кое што го направил Захарија, требало единствено да биде со директното Божјо влијание, за да биде остварено. Затоа што, самиот Захарија како човек, немало да го оствари, поради правилата кои важеле во Божјиот храм. Но и сите присутни свештенослужители, биле изненадени, од таа Захариина постапка, кога ја вовел Пречистата во олтарот Божји.
Пресветата Марија денеска, се подготвува да стане Царица на сите. Царица над цариците, која ќе стане палата и живеалиште на Царот над царевите. Таа е Владичица на Црквата Божја. Таа е Мајка на Црквата Божја. Во неа е благодатта Божја. Таа е путир на благодатта Божја. Таа е Мајка на Телото Божјо. Таа е тело на Телото Божјо. Преку неа ни се отвори вратата на спасението. Преку неа, ни се отвори Рајот. Марија е благомирисен темјан Божји. Таа е прекрасно Рајско Ангелско мирисно миро. Таа е прекрасно Рајско дрво. Таа е прекрасно земско дрво, дрво на животот вечен, кое го раѓа плодот на вечноста.
Пресвета Богородице спаси нѐ.