Вознесение Христово – Спасовден

„И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото“
(Лука 24: 51)

Луѓето со голем ум и срце низ сите векови ја сфатиле животната вистина дека човечката душа е одсјај на вечната светлина, со која таа по воскресението пов­торно ќе се соедини, за вечно да свети во царството на славата и бла­жен­ство­то, како и тоа дека природата и целата вселена се дело на мудроста, доб­ри­на­та и семожноста на Бог Творец.

Бог нам ни се открива секогаш и насекаде.  Преку нашата совест го слу­ша­ме Неговиот глас, низ целокупниот живот на природата јасно ја гледаме Не­го­вата сила и слава, а прославувањето на Неговото свето име и принесувањето мо­литви, претставува ехо на тој сеопшт и свет глас, а исполнувањето на Не­го­ва­та волја е најпрекрасен дар, кој човештвото е способно да го принесе.

За време на Својата божествена мисија, Спа­си­те­лот чес­топати ја посетувал Елеонската Гора, или како што уште е нарекувана, „го­ра­та од три светлини“. Кога и да доаѓал во Ерусалим, секогаш со своите уче­ни­ци доа­ѓал тука, па во самотија се молел на Својот Отец. На Елеонската Гора ги на­учил Своите ученици како да се молат, тука ги леел горчливите солзи за теш­ките де­нови кои треба да надојдат врз Ерусалим и неговите жители, тука ги ис­кажал Своите пророштва дека ќе дојдат лажни пророци кои многумина ќе из­ла­жат…

Во четириесеттиот ден по Своето славно Воскресение, Господ им се ја­вил на учениците, утешувајќи ги со ветувањето дека ќе им го испрати од Отецот Духот Утешител, дека Он Ќе биде со нив до крајот на светот, потоа ги одвел на Еле­онската Гора, „ги подигна рацете, ги благослови; и кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост“ (Лука 24: 50-52).

Колку прекрасна и радосна вест! Ако човекот во темнината на својот морален пад можел да ја наѕре светлината од божественото Сон­це, кое се раѓало на Исток, сепак, сенката на сомнежот непрестано ја од­вра­ќа­ла душата од божествената Вистина. Но денес, кога го славиме Христовото Воз­несение, воплотениот Единец, Кој страдаше, беше распнат на крст, во сту­ден гроб положен, а потоа во третиот ден воскресна, и Кој во четириесеттиот ден славно се вознесе на небо и седна од десната страна на Бог Отец, денес ја рас­кина завесата на сомнежот и го разурна мрачниот столб, кој ја засенил еван­гел­ската светлина.

А, денес се радува и ликува Елеонската Гора, зашто токму од неа Спасителот се издигна над сите облаци. Замина во величественото боженствено цар­с­тво, откаде и понатаму нè благословува и откаде повторно ќе дојде со ангелите со силата на својата слава, да им суди на живите и мртвите. Се вознесе за да ги от­­­вори небесните двери, пред кои со радост ќе ги дочека своите добри и верни слу­ги, со кои ќе влезе во радоста на Отецот Небесен.

Колку е прекрасна и величенствена Елеонската Гора! Таа се удостоила за светиот евангелски чин, со кој Господ ни го покажа патот по кој треба да го насочиме нашиот живот. Горе, во небесните височини, каде што е престолот на Ца­рот на вселената, Царот над царевите, таму треба да ги подигнеме своите очи, таму треба да бидат вперени нашите мисли и желби. Голема милост е из­леана на Елеонската Гора, зашто таа била последно видливо подножје за пре­чис­тите нозе од нашиот Благодетел и Човекољубец – Господ Исус Христос, кој те­лесно нè остави, за да ни приготви непроценливо богатство, кое молец не го гри­зе и р’ѓа на го расипува, и кое се стекнува само со вера и исполнување на не­го­виот свет евангелски закон.

Зарем пред духовната слика на Елеонската Гора, секој искрен правосла­вен верник нема да застане и да се запраша: Застани, човеку, на современата кул­­тура и цивилизација! Застани, каде си се затрчал? Трчаш по среќата, а забо­ра­ваш дека колку повеќе трчаш, толку повеќе таа е подалеку од тебе! Денес се вос­хитуваме на напредокот на техниката и науката, а забораваме дека при­ли­чи­ме на обични дрва, чии корени се иструлени, а стеблата исушени, и дека за кусо вре­ме ќе заминеме во вечен заборав. Нашиот духовен развој не сме го поста­ви­ле на стабилна, цврста и вековита основа, туку на песок, така што и најслаб ве­тер може да го урне. Денес се издигнуваме до небеса, но не за да нацрпеме жи­во­точни сокови од изворот на вечниот живот, туку за да ги скриеме ниш­тож­ни­те богатства, кои со гордост сме ги пронашле во земјината утроба. Големиот по­­рок – себичноста, кој на развратен начин нè тера да размислуваме за личната сво­и­на, сè повеќе го суши коренот на нашето срце. Сите свои мисли и желби, на­шата душа и сето наше битие сме го предале на милост и немилост во пре­грат­ките на гревот. Затоа нашиот живот сè повеќе и повеќе е обвиткан во сом­не­жи и немири, во смрт и во страв. Идеалите на нашиот живот не одат подалеку од нашата чинија и трпеза, од задоволувањето на телесните похоти и страсти. Суе­тата и празнината од овој свет се претворија во наше духовно богатство. За жал, кон нив ние трчаме со сите сили, несвесни дека еден ден токму тие гревови ќе нè одведат во крајна темнина и вечна смрт.

Гледајќи ги тешкотиите во кои денес живееме, можеби сите нас нè опфаќа паничен страв како да го продолжиме животот понатаму. Сите ние ја чувствуваме празнината и суетата во овој живот, па можеби затоа сè потешко ги средуваме нашите мисли и ги концетрираме нашите духовни сили. Токму затоа, денес чувствуваме недостиг на моќ за да го одбраниме нашето најскапоцено богатство – душата, зашто нашите духовни сили се при крајот на својата издржливост, потиснати од сопствените гревови и страсти. И во сета оваа тешка ситуација потребно е да го насочиме нашиот поглед кон небото, па да ја здогледаме можноста за спасение, која ни се нуди. Зарем Спасителот, при Своето Вознесение не ни вети дека ќе биде со нас до крајот на светот? Он и сега и секогаш ќе биде во наша близина! Да го повикаме Неговото свето име и да го побараме Неговото присуство, и Он милостиво ќе нè чуе и ќе се одѕвие. Сесрдно да го прифатиме светото Евангелие; да не бидеме живи само за овој свет, туку, пред сè, да живееме за Господа. Да го бараме она, кое е горе при Христа, Кој седи од десната страна на Бога, и само на таков начин ќе биде жива нашата душа. Да ги свртиме своите уши и да ги затвориме своите очи пред лажните пророци и учители, кои под маската на братољубие, слога и разбирање го пустошат нашиот живот и нашето семејство. Низ нивниот милозвучен глас се крие злобата, најгрубата себичност и сета сатанска нечистотија. Во лебот, кој му го даваат на сиромашните и гладните, тие ја скриле таблетата со најстрашен отров.

Од нас, па до врвот на Елеонската Гора, каде што се вознесе Спасителот, има само едно скалило од нашето заедничко из­диг­ну­ва­ње и вознесение, но за да стигнеме и за да се вознесеме пред Престолот на Се­виш­­ниот, има многу скалила. Да се потрудиме да се издигнеме макар за едно ска­лило нагоре, и веднаш ќе почувствуваме како Божјата помош пристигнува, со цел да нè поткрепи и зајакни во нашите намери. Веднаш ќе почувствуваме ка­ко нашите несигурни нозе постануваат стабилни, искачувајќи се и вознесувај­ќи се по светите скалила на нашето морално оживување и духовно извишување.

Протојереј Златко Ангелески