Вознесение на Господ Исус Христос

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денешниот ден е Спасовден! Денеска нашиот Господ Исус Христос, се одвојува од апостолите, од светот, и се вознесува во вечноста, во духовниот свет, и седнува од десната страна на Бог Отецот. Тој не го остава светот, Тој не нè оставил, и сега е со нас, и секогаш ќе биде со нас во секое време и на секое место. Денеска Богочовекот го исполнува целиот домострој на Божјото спасение, остварувајќи ја вечната Божја идеја. Бог Отецот е началото и во Него е вечната идеја за создавањето на сè видливо, и за спасението на видливиот свет. Отецот благоизволел, а Синот Божји Исус Христос, ја прифатил татковската прекрасна идеа, така што пристапил кон остварувањето, и Светиот Дух содејствувал и соработувал во совршена троедина, љубовна, меѓусебна заедница на Света Троица, кон конечната цел на целокупното исполнување.

Исус Христос постојано е во Својата Божја и совршена полнота, пребивајќи постојано во ист момент и на Небесата во заедницата со Отецот и Светиот Дух, а исто така и живеејќи на земјата во светот, пребивајќи со луѓето. Исус Христос бил телесно во адот, со душата како Бог, во Рајот со разбојникот и во исто време и на Престолот со Отецот и Светиот Дух, сè исполнувајќи, неограничено. За Господ сè е возможно, па така Неговото присуство е во секој момент насекаде; присуствувајќи потполно и во духовниот свет и во телесниот свет, и Неговото присуство е безгранично по Неговата волја. Неговата семоќ е бескрајна и тоа ја подразбира беспрекорната Негова моќност.

Денеска Богочовекот Исус Христос, ја принесува создадената природа, материјалниот свет преку Себе, во вечноста. Видливиот свет и невидливата трансцедентност се соединуваат во Синот Божји. Господ ја создава видливата материја со единствената преднамена, за да биде обожена, и охристовена, за да биде соединета со Господ. Соединувајќи се со Господ, материјата ќе биде приброена во полнотата Божја. Материјата нема да биде соединета и слеана со Божјата суштина, туку, сопричесна, во заедница и во кохезија, ќе биде сопостоечка во Бог. Целокупната создадена природа директно учествува во Телото на Богочовекот Исус Христос, преку Неговата слободна волја, пристапува во остварувањето на позитивниот и спасителен сојуз со Господ.

Секој човек кој ја поима својата суштина и своето постоење како единствено и реално вечно постоење, во Богочовекот Исус Христос, ќе биде спасен. Секој човек самостојно не може да ја достигне вечноста. Луѓето се грешни и смртни и нема човек кои може самостојно да ја достигне вечноста. Ниту, пак, може вечноста да се достигне со знаењето, со разумот. Вечноста се постигнува единствено преку верата во Богочовекот Исус Христос и преку причестувањето со Неговите Пресвети Тело и Крв. Светите Дарови се подаруваат на свети луѓе, та секој кој се причестува со Богочовекот ќе биде спасен. Човекот посакува, а Господ како последна инстанца, одговара и го дарува спасението како конечна цел.

Адам погреши, и не ја исполни волјата Божја. Адам ја искористи својата лична слобода, и направи погрешен избор. Тој грешен избор ја промаши целта и последицата беше страшна. Смртта е последица на лошиот Адамов избор, затоа што Адам направи грев кон Господ. Се посомнева во Бог, во Неговата вистина, во Неговата света волја, во Неговата безгрешност, во Неговата совршеност. Затоа гревот кои слободно го направи, му донесе ропство. Гревот му донесе смрт и робување на ѓаволот.

Гревот е навидум едноставен, сладок и пријатен, но последицата е вечна смрт. Гревот не е вистинска слобода, како што обезбожените луѓе сметаат. Помислата во грешната слобода кај човекот, ја убедува свеста дека човекот е слободен тогаш кога ја остварува експлицитната крајност, со која реализира дијагонално спротивно дело од делото на послушноста кон Творецот. Но, тогаш кога грешиш, ти се оддалечуваш од Божјата егзистенција и го губиш изворот на вечното постоење, изворот на твоето постоење, и го напушташ својот Создател. Без Бога вечноста е бесмислена и нема живот. Гревот ти донесува ропство во вечна бесмисла, во вечна тага, вечен очај, вечна мака, вечен неживот. Гревот те поробува во пеколот.

Нашата слободна волја, со нашиот личен избор во остварувањето на послушноста кон Господ, ќе ни донесе вечен бенефит во Божјата заедница на радоста. Послушноста и чистотата на душата, ќе ни донесат вечна перспектива во прегратката Божја. Та затоа вистинската и права слобода е кога внимаваме да не грешиме, за да ја оствариме својата лична волја во сојузот на Новиот Завет со Богочовекот Исус Христос, та преку Него, со Света Троица.

Вистинската слобода која ќе ја здобиеме од Господ е во Него, во Неговата вечна љубов, коегзистирајќи со Него засекогаш. Ништо нема поважно и поубаво, од вечната Божја љубов, преку која сме создадени, та повторно да се вратиме кон неа, испочитувани повеќе и од ангелите, да бидеме во прегратката Божја. Ништо не може да се мери со вечната заедница која треба да ја оствариме со Господ, Кој ни дарува совршена слободна вечност. Тој е сè и во ова сè е содржана совршената позитивност, во Него слободата е вечна бескрајност на радоста, во апсолутноста.

Секако дека човекот, за да го здобие спасението, потребно е да верува во Синот Божји, да има добродетелен живот, трудољубиво внимателно постојано да се моли, да биде во постојано искрено покајание. На овој начин треба да пристапуваме кон причестувањето со Синот Божји, на светата Литургија. Делата на трудот во верата се пресудни, за да можеме да се докажеме пред својот Отец Небесен.

Нашите мисли со нашата волја, треба да бидат насочени кон небото. Господ се вознесува, та и ние треба да ги вознесуваме своите желби кон небото. Нашиот живот е земен, со земни грижи и потреби, но сепак, треба да го оставиме светскиот начин на живот и да ја насочиме нашата потреба кон единствената вечна егзистенција. Господ е нашата животна егзистенција, која ни е потребна. Господ е нашиот извор, Тој е нашиот почеток, но и нашиот бескраен крај. Затоа нашите души треба да бидат постојано исполнети со славословие кон Господ. Да ги вознесуваме своите мисли кон Господ, богосозерцавајќи постојано. Трудољубиво да ги подигаме своите очи кон небото, гледајќи го чистото небо, посакувајќи да се вивнеме полетувајќи како птици, духовно да се оттргнеме од земниот свет во кој живееме како робови во материјализмот преку грешните избори.

Сите наши чувства да ги насочиме кон небескиот Есхатон, трудејќи се да ги преодолееме земните искушенија, да се промениме од земни во небесни. Да се подвизуваме во борбата со страстите, за да ги прочистуваме своите чувства, та да го принесеме своето чисто битие пред престолот Божји. Умот свој да го прочистиме од секакви земни потреби и согледувања, за да ги поимаме нештата на добар и чист начин.

Стариот Адам погреши и својата лична слобода ја искористи на погрешен начин, та затоа беше истеран заедно со Ева од Рајот. Но, Новиот Адам, Исус Христос слободно ја изрази својата послушност кон Отецот Небесен, послушност која ја подразбираше личната телесна смрт. Та преку послушноста, грешната смртна природа ја преобрази и воздигна во вечна совршена природа, осветена во Својата личност.

Да се трудиме браќа и сестри во добриот подвиг, да се трудиме во благочестивоста. Да бидеме во Црквата Божја сплотени помеѓу себе, но не само спекулативно, туку навистина, преку личните дела да ја докажеме својата искрена и права вера кон Господ. Да не стоиме еден поред друг во соборноста само формално, затоа што некој нема каде самостојно да застане на некое одвоено место. Заедницата на соборноста не е формална, впрочем, заедницата треба да биде реална во Духот Божји. Сите заедно треба да бидеме во едномислие, во еднобитие, впрочем само така ќе можеме да ја примиме Благодатта Божја, само преку личносниот љубовен однос кон сите во заедницата.

Примете ја вистината дека Господ ги љуби сите луѓе, без исклучок. Тој ги создава луѓето поради љубовта, и се вознел на Небесата за да ја создаде зможноста да бидат спасени сите кои слободно ќе посакаат. Но како што нагласивме многу пати, не е доволна само желбата, туку делата се поважни. Преку делата ќе ја докажеме посветеноста и довербата. Кој верува во Бога, тој ќе ја изразува својата вера во љубовта кон секого.