Средба со Јов

Автор: Здравко Пено

„Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, зашто Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јак. 5, 11)

Личноста на Јов е исклучително ретка личност меѓу библиските ликови, пред сѐ сложена, секогаш таинствена, секогаш привлечна за истражувачкиот дух. Јов е личност на која многумина се сопнале или издигнале, бидејќи кон Јов човекот не може да остане рамнодушен: или ќе се обиде да го доживее, да се поистовети со него, а тоа значи да се провери самиот себе по примерот на неговите страдања, или, пак, според својата малодушност, ќе го негира како измислена и неверојатна личност. Првата слика за Јов ќе зависи од духовната и психичката реална состојба на оној кој се среќава со богатата личност на Јов. Подлабокото интересирање за Јов воведува во драма над која не може да се остане како ладен набљудувач, драма, која таинствено е присутна во секој човек, кој не ги заборавил корените на своето битие. А многувековното искуство на Црквата ни говори за Јов како за поучен пример како треба да се поднесува страдањето, пример на кој се потврдиле генерации и генерации на маченици и новомаченици. Свети Максим Исповедник говори за Јов, кој е посетен од сатаната и лишен од сите земни радости, дека е „предаден да биде искушуван според можностите, за да можат рамноангелните луѓе да го изиграат демонот со Божја помош“.

Јов го стигнуваат неволји од кои многумина би потклекнале, би дигнале раце од Бога, би се откажале од Него. Но, Јов „ја раскина горната облека, ја истрижа главата своја, и падна на земја, па се поклони и рече: Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам, Господ даде, Господ зеде… Нека е благословено името Господово“ (Јов 1, 21). „И му рече неговата жена: Зар уште си цврст во добротата своја? Навреди Го Бога и умри!“ (2, 9). Јов ја насетува разурнувачката моќ на женските зборови, па иако немоќен, ѝ застанува на пат со зборовите: „Говориш како безумна…“ (2: 10). Јов ѝ го вели на својата жена она што Адам не ѝ го рекол на Ева при искушувањето со забранетиот плод пред падот, пред да започне војната меѓу половите, пред да постане жената „женско“ – инструмент за раѓање со кој „управува“ човекот. А Јов остана праведен и голем во очите на Бог Авраамов.

И веднаш: Кој згреши: Јов или неговите ближни? Одговорот го наоѓаме во Евангелието според Јован, кога Христос го исцелува човекот, кој е слеп од неговото раѓање, а Неговите ученици Го прашуваат: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови… Исус им одговори: Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него“ (Јован 9, 2-3). Проверувајќи ја својата верност, Јов внимателно се преиспитува дали некогаш згрешил пред Бога, дали некогаш заборавил да принесе жртва, или, пак, да даде милостиња и сѐ друго што наредува законот. Но, сфаќа дека е праведен и ја бара правдата и бара Бог да му суди според неговите дела.

Но, Бог како да се отстранил од Него, како да го оставил на милост и немилост на клеветникот и неговите слуги. А кај сатаната нема милост! Сатаната нема да ја пропушти приликата што му се укажува – уште повеќе го клевети Јов со цел да го придобие за себе, со што покажува дека е узурпатор на правата кои единствено Бог ги поседува кон Своите творби. Неговите зборови се клеветнички. Тие се искажани за да нѐ потсетат дека почетокот на злото е во клеветењето, но и неговиот крај, бидејќи злото претставува ограничување, како и неговиот творец – сатаната, иако постои извесно усовршување во злото. Сите сатански беспаќа се обвиткани во темнина, а началник на темнината е гордиот Луцифер, кој своите следбеници прво ги воведува во лажна светлина, а потоа, како вистински мачител, ги префрла од помала темнина во поголема. Лагата и илузијата се водачи низ темнината. А кога одат по патот на приклонување на својата волја на сатаната, која секогаш е во крајна линија на слободен избор меѓу божественото Добро и демонското зло, и додека сѐ уште не ја донеле конечната одлука за присоединување со злото, милостивиот Бог постојано ги повикува кон Себе Своите загубени деца, но ако премногу се закоравени и заслепени во злото, им допушта да одат по оној, кој им се претставува како татко на лагата. Некои од заведените човечки синови на Божјиот повик ќе се засрамат, па ќе принесат покајна жртва, а други, кои длабоко се повлечени од гордоста и самоизмамата, иако во маки, остануваат приврзани кон лажливецот.

„Доколку човечката зла волја постанува појака, дотолку постанува појако и влијанието на ѓаволот, кој добива сѐ поголем пристап до неговата душа“ (Б. Молчанов, Антихрист, Београд, 1973, стр. 5). Секое барање на чудо или некој знак од небото, видлив знак пред кој застанува и здивот, знак со кој Јов би се оправдал пред своите пријатели, би било уште едно искушение над смирениот Јов. Во Книгата за Јов читаме како, според силата на ѓаволот, чија сила е во облаците, паѓа оган од небото и ги пали овците и овчарите од праведниот Јов. Знаејќи дека Божјите знаци не доаѓаат по ист пат по кој се појавуваат знаците на злото, Јов не ги очекува Божјите знаци на делување преку надворешни награди, туку преку изрекување на внатрешен суд над него. Надворешната сличност на знаците, кои се јавуваат над луѓето, присутна е само тогаш ако знаците се посматраат исклучиво само со телесните очи. Очигледно е дека огнот, кој паднал врз стадото и овчарите од Јов, се формирал во воздухот, како што во него се формира и молњата. Симон маѓепсникот со чуда го восхитувал заслепениот народ, во кој делувала сатанската сила, па ги признавал тие чуда за „голема Божја сила“. Така и сатаната дава знаци од небото, односно, во воздухот, каде што особено владее. Дава знаци кога измамува и одушевува, насочувајќи ги право во очите кои се застаклени и не ја забележуваат измамата, па се изложуваат на заводливи глетки и кога ги плаши со страшни привиденија и предмети несигурните срца, кога ги плаши вкочанетите, вклештени и слаби очи да се одвојат од страшната глетка, кога не се во состојба да погледаат пред и зад глетката, која таинствено е присутна.

Пријателите од Јов се наоѓаат пред една таква таинствена глетка. Немоќни да ја откријат длабоката тајна, со затворени духовни видици, всушност, многу прости видици кои се засновани на стварноста, со која, пак, се наградува послушноста кон законот, исплашени, со цврсти емоции го прекоруваат Јов. Сепак, поттикнати од страшната глетка, наклонети кон суеверие, се бранат со разумот и паѓаат во уште поголема стапица на гордоста и мудрувањето според телото. На таков начин несвесно паѓаат во послушност на сатаната. А власта на сатаната почива на измама, на лага и на насилство. Злопамтењето е негов печат, а омразата – недостаток на сомилост во срцето, отстранување од Божјиот страв, бесрамните зборови се знаци за скршнување од патот на Божјата милост и правда. Тоа се знаци кои водат директно во духовно опустошување, самоубиство и помрачување на умот во најтешките случаи.

Праведниците врз себе немаат такви знаци. Тие, едноставно, се одликуваат со бескрајно трпение, морална цврстина, безгранична милосрдност, па на таков начин го украсуваат својот лик – иконата на живиот Бог. Во својата праведност Јов се надева во севишниот Бог и очекува избавување од маките кои го снашле, знаејќи дека злото е привремено и дека Бог им се јавува на оние, кои вистински Го повикуваат Неговото име. Кога животот на верните навистина ќе стане тежок, тогаш тие, без оглед на својата грешност, целосно го забораваат стравот од Господовиот Суд, и не надевајќи се во човечкиот суд и пофалбите, кои се покажуваат како неточни, жедни за правда, исклучиво го повикуваат Најправедниот Бог. Јов, кој Бог го зема како белег, потиштен е заради своите пријатели и се бори со мислата дека како таков, обележан со страдање, го покрива лицето на Бог Јаковов. Затоа тој, од крајна смиреност, сака да се врати во прашината, од која е земен, чувствувајќи дека е непотребен и недостоен за Господовата грижа. Јов се моли да престане маката, која се вовлекла во неговиот живот, која го изложува за потсмев на другите, но не само него, туку и Самиот Бог, Кој е сета негова надеж. Погрешно е да се мисли дека Бог сака да го вовлече Јов во сатанските сплетки заради докажување на моќ над бедниот човек. Тоа би претставувало припишување на Бога исклучиво на човечки својства и сведување и стеснување на безграничната Божја милост и нејзино затворање во човечки рамки. Бог му подарува на Јов исклучива доверба вметнувајќи го во најнеизвесни ситуации. Водејќи го низ искушенија, Бог, всушност, го наградува со страдање, но и со трпение за таквото страдање.

Може ли здравиот да ја сознае болеста и може ли да ја разбере болеста? Овде ограниченоста на разумот доаѓа до полн израз – разумот останува ладен и неразумен, исто како кај пријателите од Јов. Низ болеста и по болеста човекот станува поздрав, отколку што бил. Многупати болеста е единствениот пат кон оздравувањето. Ако болеста и страдањето не се прифатат како пат за исцелување на душата, никогаш нема да ја почувствуваме длабоката смисла на страдањата, која честопати е скриена од болниот. Јов навистина е достоен за маките кои го снашле, но и за наградата која е скриена од маченикот Јов. Зошто Бог ја скрил од Јов смислата на страдањата? Тоа е возвишена тајна, која „не трпи испитување“. Секое разумно објаснување на оваа тајна може да нѐ одведе до пријателите од Јов, кои со него разговараат како горди надрилекари. Тие се беспоштедни во своите осуди кон Јов и по секоја цена сакаат Невидливиот да Го претворат во видлив. Сакаат да ја измерат човечката праведност! Но, со што? Во недостаток на вистинска мерка тие праведноста ја мерат со количина на земни добра. Едностраноста и слепилото со нив сѐ повеќе завладуваат, кога од такви видици сакаат да се приближат до тајната на Божјата Премудрост.

Страдалничкото трпение на Јов, како тајна со која е исполнета целата книга, без сомневање, е подарок за Јов, и тоа подарок чии плодови најтешко можат да се вкусат. Но, затоа нивната сладост, кога барем еднаш ќе помине низ човекот кој е соединет со Бога, и кога вистински ќе се доживее како грижа на Творецот заради лекување на паднатата човечка природа, останува залог за награда која ги очекува сите праведници, кои страдалните неволји ги поднесуваат без ропот. Јов храбро ги поднесува уништувањата на сите негови земни радости. Носејќи ја сета тежина на несреќата која го снашла, тој насетува празнина во остатокот од животот и бара милост да му се скусат преостанатите денови. За Јововите пријатели Бог како да е предобар и како да треба над Јов да се излие чашата на гневот (11, 6). Трпејќи ја нивната надуеност, Јов говори за премудроста со која дише сѐ што е создадено и за секој човек кој е со Бога, лекарот на човечките души, чии тајни за човекот се недостижни.

Бог е праведен, но не и правичен. Неразликувањето на овие два поима внесува забуна и поистоветување на Божјата праведност и правичност. Во Бога нема никаква противречност, па ни тогаш кога е во прашање Божјата праведност. Противречни се човечките патишта до Бога, бидејќи се преоптоварени со премногу грижи и претерани трудови за надворешноста и за богатството од овој свет. Луѓето отстапуваат од убавините на полските кринови во ливадите и детската безгрижност, зашто самите така сакаат. Кога лицата веќе ќе се безобрат (како кај Адам кој го оплакува загубениот рај) и кога грижите ќе го соборат човекот до најниските степени на неговата бесловесност, тогаш вината „неможно е да се признае“, па затоа таа постојано се прилепува и се остава на некој друг. Тоа претставува отстапување од слободата, која единствено е остварлива во Бога, но и продавање на слободата за потреба. Оваа лесномислена, или уште полошо, пресметана трговија, всушност, е најскапа трговија, бидејќи човекот преку неа своето единствено непотрошливо богатство – својата душа, ја продава за минливи богатства од овој свет. „Но, каков откуп ќе даде човекот за својата душа“. Секој обид човекот да им служи и на Бога и на богатството е бесмислен и неостварлив. Затоа е погрешно секакво споредување на човечката праведност со богатството. Токму на тоа искушение паѓаат пријателите од Јов.

Јов потоа минува низ тешки искушенија – лице набобрено од солзи, под смртна сенка, нападнат со струпје од кои кожата му испукала, а телото се претворило во живеалиште на црви. Тогаш Јов пред себе го гледа отворен гробот. Јов се нурнува до самото дно на непостоењето и таму наоѓа ништожност, поточно, уште полошо од тоа, стравот од ништожноста и бесмислата од безнадежноста. Јов се ослободува од стравот кога говори за тоа како Бог го исплашил. Исчистувајќи го срцето се приближува до Бога, за Кого се затворени сите патишта, освен патеката на чистото човечко срце, кое Он најдобро го познава.

Кога е во страв човекот е немоќен да признае дека е во таква состојба и невешто се брани, како да е појак од стравот, но стравот е појак од него. Всушност, стравот го фатил него, а не тој стравот! Кога го признава стравот тој, всушност, се ослободува и го здогледува вистинското лице на стравот, кое е привидение и форма на страв и сите стравови во него се влеваат и од него извираат. Тој може да се одложува, но никако и да се одложи. Тој секогаш е подготвен како потсвесна реакција на зачувување на целовитоста на човечкото битие, и никогаш не може да биде прогонет, бидејќи е составен дел од тоа битие. Затоа стравот никогаш не затајува. Со постојаното сеќавање на смртта и постепеното соочување со смртната сенка, од светлината на воскресението човекот добива сила да го победи и тој последен непријател на целовитоста на човечкото битие. Јов, чија слава е во прашината, добива моќ да се соочи со кобното прашање на смртта и токму тука ја покажува ширината на духот, па со жива и горешта надеж, преку возвишено умување, говори: „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога“ (19, 25-26).

Во епилогот се разведрува небото над Јов: Бог се јавува во виорот, а од прашината и пепелот Јов се подига и се кае. Божјиот говор од виорот не треба да се сфати како некаква презафатеност на Бога со Себе, туку како укажување на длабоката Божја тајна, со која е исткаен светот, и прекорување на човечката површност и лажна грижливост. Зошто лажна грижливост? Затоа што човекот честопати е загрижен, а не знае дали тоа е за добро или зло. И затоа човекот, според слабоста на огревовената волја, не може да биде соперник на Бога и да се грижи за нешта кои не можат да се испитаат. Тоа се знаци на гордост, па затоа Јов ја става раката на својата уста.


Преведено од Златко Ангелески, според изворникот: Здравко Пено, Сусрет с Јовом, Гласник – службени лист Српске Православне Цркве, бр. 11, Београд, 1986, стр. 269-272.